Секој ден сме се' поблиску до иднината во која роботите би го имале главниот збор.
Компанијата Tesla Motors вчера (четврток) на Twitter објави видео од прототип на чудна роботска рака дизајнирана за напојување на електричниот Model S.
Видеото, кое исто така беше споделено и на YouTube каналот на Tesla, има за цел да покаже алтернативни, попаметни решенија за полнење на електричните автомобили.
Илон Маск го најави концептот на Twitter уште во декември 2014-та година, навестувајќи дека компанијата работи на полнач кој изгледа како метална змија. Сепак ова се први материјали што ни овозможуваат увид на прототипот, кој рака на срце, е почуден од она што го замислувавме.
Видеото во голема мера е иронично, со оглед на тоа што Маск е познат по неговата загриженост за доминацијата на вештачката интелигенција. Минатата година извршниот директор на Tesla Motors изјави дека роботите би можеле да станат опасни за човештвото во следните пет до десет години.
Сепак, засега, полначот останува само прототип, а во моментов нема поконкретни информации за негово производство.
Неодамна, Telsa Motors исто така објави дека во план е ажурирање на софтвер за автономна функција во автомобилите, кој ќе вклучува самостојно вртење и паралелно паркирање на автомобилите од овој производител.
|