Oд минатиот петок, на нашиот финансиски пазар официјално започна со работа фирмата S-Leasing, која ни нуди нови финансиски производи креирани и прилагодени според потребите на нашиот граѓанин, но и компании.
Новата лизинг - фирма има за цел да стане една од водечките компании на нашиот лизинг пазар, при што ќе инвестира 10 милиони евра во изградба на својата мрежа низ цела Македонија, што во превод значи и нови вработувања. Во своите краткорочни планови, покрај лизингот за патнички и комерцијални возила, S-Leasing ќе нуди лизинг и за опрема и машини за малите и средните компании, како поддршка во нивниот развој.
Веруваме дека на нашите читатели логото со буквата “S“ не им е непознато, но сепак да потсетиме дека фирмата е дел од познатата австриска Sparkasse – банка. Таа е присутна од поодамна во нашето соседство, односно во земјите од поранешна Југославија, каде што има преку 30.000 активни лизинг договори и каде што економските прилики се релативно слични со нашите.
- “Кога минатата година Инвестбанка стана дел од нашето семејство, најавивме и нови финансиски услуги. Сега кога S-Leasing и официјално започна со работа на македонскиот финансиски пазар, можеме да констатираме дека ова наше ветување е исполнето и дека сметаме на потенцијалите на македонскиот финансиски пазар и македонската економија воопшто“, изјави Герхард Мајер, претставник на Штаермеркише шпаркасе банката.
- “Уверени сме дека преку своето искуство на пазарите во Централна и Југоисточна Европа S-Leasing ќе понуди поволни услови за граѓаните и за компаниите. Истовремено, новата лизинг компанија ќе придонесе за развој на лизингот како еден од потенцијалните сегменти на македонскиот финансиски пазар“, изјави Владимир Ефтимоски член на Управниот одбор во Инвестбанка.
|