Сето ова не значи дека X5 е лош автомобил. Напротив, тој има многу адути за да привлече голем број на купувачи, но според нас веќе не е најдобриот избор во премиум класата на големи SUV модели.
Пространа внатрешност со огромен багажник, но визуелно не остава впечаток на квалитет
Кабината на X5 има кралски комфор и на предните и на задните седишта, дури и за патници од 1,9 метри. Во овој поглед, таа е една од најдобрите во сегментот, а низ неа има и многу места за одлагање на ситници и пијалаци.
Багажникот пак брои извонредни 650 литри, што е одлична вест за оние кои носат многу товар на летните или зимските одмори. Исто така, задната клупа е делива во сооднос од 40:20:40, што значи дека во X5 може кралски да се сместат четири возрасни патници, а низ средното седиште да се стави и некој подолг багаж, како на пример скии. Како и да е, препорачуваме за се избегнат моделите со трет ред на седишта, бидејќи истиот е многу тесен за сите освен за мали деца, а во третиот ред и нема странична воздушна завеса за заштита при судир. Volvo XC90 и Audi Q7 се подобар избор доколку ви требаат 7 седишта.
Функционалноста настрана, кабината на X5 заостанува зад конкуренцијата кога е во прашање визуелниот впечаток. Дизајнот е малку застарен, а материјалите употребени во долниот дел од кабината едноставно не се на нивото на конкурентите, а особено Audi Q7, Volvo XC90 и Lexus RX, кои ќе понудат полуксузно чувство на патниците.
Динамичен за возење, но со малку послаба удобност и рафинираност
Ако максимално удобно возење и тивка кабина се на врвот на листата на вашите приоритети, препорачуваме да го избегнете X5. Баварскиот SUV не е тврд, далеку од тоа (адаптивната суспензија е помека), но конкурентите се помеки и пренесуваат помалку од нерамнините во внатрешноста. Исто така, дизел моторите се бучни при забрзување и работат со повеќе вибрации од вообичаеното, што не е случај кај Audi Q7 на пример.
Од друга страна, динамиката во возењето е извонредна. Ако вашиот SUV го замислувате и како спортски автомобил, X5 е еден од најдобрите автомобили во класата, веројатно надминат само од Porsche Cayenne. Всушност, единствената разлика во однос на Cayenne е што воланот кај X5 не е толку прецизен и директен, но тоа е веќе барање игла во сено.
Сите мотори нудат високи перформанси и се релативно економични
Дури и најмалите мотори со четири цилиндри немаат проблем да ја придвижат тешката каросерија на X5. Автоматските менувачи исто така заслужуваат висока оценка – брзо ги менуваат степените, но мазно и рафинирано. Наша препорака е дизелот со 231 КС, кој иако бучен и нерафиниран, нуди одлични забрзувања и ниска потрошувачка од просечни 8 литри на 100 km. Од бензинците, изведбата со 306 КС нуди вистински добро лепење за седиштето при забрзувањата, но троши над 11 литри во просек. Како и да е, бензинците се многу потивки и порафинирани.
Најдобар мултимедијален систем во сегментот
Возачот во X5 нема да има проблем со наоѓање на идеалната позиција – седиштето и воланот се подесуваат во сите насоки, а сите команди легнуваат природно на раката. Покрај тоа, iDrive мултимедијалниот систем е најлесниот за користење од сите возила во сегментот, благодарение на централно поставениот вртлив контролер (кај менувачот) и одлично изведениот кориснички интерфејс. Не помалку важно, X5 има и одлична прегледност надвор благодарение на високото седење.
Коректен однос меѓу опремата и цената
Во оваа класа скоро и да нема евтин автомобил и секако, за X5 ќе треба да издвоите поприлично многу пари. Сепак, опремата во основниот SE пакет е многу солидна и ја препорачуваме, со неколку мали доплати (доколку е потребно). M Sport пакетот сепак треба да биде изборот на оние кои сакаат нивниот X5 да изгледа попривлечно однадвор и однатре, но тој чини доста повеќе пари. Доплатите се стандардно скапи, но не повисоки од оние во Audi или Mercedes-Benz.
Со оглед на сето тоа, BMW X5 е повторно одличен SUV автомобил, но само во изолација. Конкуренцијата сега не само што е силна, туку во многу сегменти го надмина баварскиот модел, особено во делот на квалитетот на кабината и целосната рафинираност во возењето. Како и да е, доколку барате голем SUV кој ќе понуди високо ниво на комфор во внатрешноста и одличен сооднос меѓу возните својства и удобноста, со X5 нема да згрешите. Само, бидете сигурни дека претходно ќе ги повозите сите останати модели во класата.