Препознатливиот надворешен дизајн, но со многу потрендовски и поспортски изглед, најавува висока динамика во возењето. И не разочарува. Лежи на платформата на SX4 S-Cross, но има различно подесена суспензија, која е малку поцврста и му овозможува на автомобилот многу подинамично возење. А заедно со погонот на сите четири тркала на Suzuki, кој е еден од најдобрите во бизнисот, Vitara е еден од најзабавните автомобили во сегментот.
Доволно прецизно е и управувањето, како и менувачите, што дополнително го подобрува возачкото искуство. И, за разлика од скоро сите конкуренти, Vitara е одлична и на терен, благодарение на ALLGRIP системот со погон на сите четири тркала, кој има четири различни модови на работа, Auto, Sport, Snow и Lock.
Удобноста е солидна, иако не е на нивото на SX4, но суспензијата е цврста и не пренесува многу вибрации во внатрешноста, што е секогаш добредојдено. Звучната изолација е солидна, иако дизелот не е меѓу најтивките и при посилните забрзувања добро се слуша во кабината. Рафинираноста е на високо ниво и вибрациите од погонот и моторите се добро пригушени.
Кабината нуди многу простор и на предните и на задните седишта, исто како кај SX4 S-Cross, со багажник од 375 литри (1120 литри со спуштена клупа), кој е во рамките на сегментот. Низ кабината има и многу места за одлагање ситници, со добра големина. Зад воланот, возачот лесно ќе ја најде идеалната позиција, со добро поставени команди, а и прегледноста е мошне добра. Еден целосно практичен и функционален автомобил!
Иако се работи за Suzuki, што значи дека со сигурност ќе биде доверлив и нема да се расипува, во кабината пластиката не е мека како кај некои од конкурентите и оддава чувство на луксуз. Сепак, спортскиот дизајн добро го сокрива тоа и прави да делува модерно, особено кај моделот со интуитивниот екран на допир, кој е еден од најдобрите моментално.
Двата мотори во понудата одлично прилегаат на карактерот на возилото, но за оние кои се по забавното возење препорака е бензинецот, додека дизелот е подобар при повисоки брзини на автопат. Кој мотор и да го одберете, потрошувачката ќе биде најниска во сегментот – бензинецот се задоволува со само 7 литри во град, односно 5,5 литри на отворено, додека дизелот троши под 6 литри во град, односно под 5 литри на отворено.
Како и секое Suzuki и новата Vitara доаѓа со многу богата опрема уште во основниот модел, а и цената е многу коректна. Ова, заедно со вистинската практичност која ја овозможува, но и високото ниво на забава во возењето и можност за персонализација, донесува нова свежина во класата, која досега беше поделена или на забавни автомобили, како Nissan Juke, или на практични, како Skoda Yeti. Кај Vitara ги има и двете карактеристики во едно и се чини денес најважно, најниската потрошувачка во класата.