Според името, најголемиот SUV на Mercedes треба да е SUV изведба на S Class, но за да го постигне тоа, ќе и требаат многу квалитети, кои за жал не ги поседува. Па, ако не е S Class во теренско пакување, тогаш што е овој титан на четири тркала?
Внатрешноста има многу простор, во сите правци
GLS е огромен автомобил по димензии и за среќа, сето тоа се пренесува и во внатрешноста. Тука има кралски комфор на предните и задните седишта, а и третата клупа е една од најпространите од сите SUV модели со 7 седишта. Тука, патниците ќе се чувствуваат буквално како да се во автобус.
Багажникот пак има 680 литри со спуштена трета клупа, што е и повеќе од доволно за една фамилија, но задната клупа се спушта само во сооднос 60:40, што е знак за застареноста на овој модел, кој скоро цела деценија е на пазарот. Во поглед на флексибилноста и функционалноста, помодерните конкуренти како Audi Q7 и Volvo XC90 се подобри. Како и да е, задната клупа се лизга напред/назад, а има и наслони кои се спуштаат за максимален комфор на подолги патувања. Воедно, низ кабината има многу места за одлагање ситници – тука патниците нема да имаат забелешки.
Возачката позиција е супер комфорна, но квалитетот на ентериерот не остава најдобар впечаток
Внатрешниот дизајн на GLS има дизајн кој Mercedes го користеше во своите модели пред 6-7 години – не новиот од S Class. Поради ова, тој не изгледа толку луксузно како што изгледа оној во S или E Class, особено во долниот дел на кабината, која е изработена со помалку квалитетни материјали. Audi Q7 и Volvo XC90 делуваат посвежно и поквалитетно внатре, а чинат и помалку пари.
На возачката позиција пак нема забелешки – супер комфорна е и овозможува удобно сместување и на подолги патувања, а и командите се читливи и лесни за користење. Воедно, прегледноста е одлична во сите правци, а достапна е и камера со 360 степени визија наоколу. Како и да е, застарениот мултимедијален систем не е лесен за користење и бара премногу оттргнување на внимание од патот. Секој конкурент е подобар тука.
Исклучително удобен, но не го брзајте во кривините
Mercedes GLS е очигледно остаток од едно друго време, во кое „теренците“ не беа особено добри за возење на асфалт. GLS се однесува безбедно и држи контакт со подлогата, но не го брзајте во кривините – се навалува премногу и границите на пролизгување се прилично близу. Ако сакате брзо возење, подобро ќе поминете со скоро секој конкурент со 7 седишта.
Од друга страна, удобноста е на исклучително високо ниво. Секој модел е опремен со воздушна суспензија, благодарение на која овој модел буквално лебди над патот. Оваа суспензија има и пет модови на работа, од кои Sport ја прави непотребно тврда и ние би го избегнале. Рафинираноста на целата механика е исто така на високо ниво, но не очекувајте да биде на нивото на S Class.
Од двата достапни мотори, нашиот избор паѓа на V6 дизелот, од едноставна причина што бензинецот троши премногу гориво. Како и да е, споредено со помодерните конкуренти и дизелот не е особено штедлив: троши преку 14 литри во град и околу 10 на отворено.
Превисока цена со оглед на тоа што нуди
Во времето кога беше лансиран, GLS беше реткост – голем луксузен SUV со седум седишта. Сепак, во меѓувреме конкуренцијата лансираше свои SUV автомобили со толку седишта, кои се за само некој сантиметар помали, но многу поважно, драматично поевтини. Воедно, GLS не е подобар од нив во скоро ниту една категорија, а полош во многу од нив, како динамиката во возењето, квалитетот на ентериерот и особено потрошувачката и емисијата на штетни гасови.
Во изолација, GLS е добар луксузен SUV, кој е особено успешен во делот на комфорот и удобноста, но конкуренцијата е едноставно помодерна и поевтина. Препорачуваме да купите Audi Q7, Volvo XC90 или Range Rover и да заштедите некој денар. Или пак почекајте додека Mercedes не го лансира наследникот.