Моторизацијата ја сочинуваат еден бензинец и еден дизел. И двата мотори нудат солидни перформанси, но изборот треба да падне на дизелот, пред се поради повисокиот вртежен момент и повлекувањето од пониски вртежи.
Grand Cherokee е одличен спој на удобен крстосувач, со добри возни својства, карактеристични за германските конкуренти и тоа не на сметка на теренските можности, кои се подобри од сите модели во луксузната класа на SUV-a. Исклучително мекиот менувач, спарен со добро придушениот мотор кој произведува малку вибрации, го прават возењето мазно и рафинирано, иако при повисоки брзини се слуша малку повеќе звук од ветерот.
Извонредно многу простор и на предната и на задната клупа и мега багажник од 782 литри – големиот Grand Cherokee има што да понуди во внатрешноста. Задните седишта дури и се навалуваат, онака претседателски. И возачката позиција е максимално удобна и опуштена, иако фали место да одмор на левата нога, особено поради тоа што моделот е опремен со автоматски менувач. Кабината е опремена со квалитетни материјали и има добра завршна обработка, иако германските модели и натаму се подобри во овој аспект.
Со почетна цена од 51.000 евра за солидно опремениот модел Laredo, односно 65.000 евра за тестираниот Overland, Grand Cherokee е изненадувачки конкурентен со германските и јапонските тешкаши, особено ако се погледне богатата опременост. Потрошувачката изнесува во просек околу 11 литри, што е солиден резултат (8,4 фабрички), односно 12,5 во град (10,3) и околу 9 литри на отворено (7,2).
Најголем проблем кај Grand Cherokee се веројатно освоените четири ѕвездички на EuroNCAP. Солидно, но конкурентите имаат пет ѕвездички.
Во сегментот на големи теренци и SUV возила, има два избори - јапонските и британските модели за љубителите на терен или германските модели за оние што сакаат голем и висок автомобил кој е пред се наменет за асфалт. И има Grand Cherokee - модел кој го има најдоброто од двата света, автомобил кој подеднакво добро ќе ги задоволи авантуристите и оние што сакаат простор во кабината и добри патни возни својства.