|
Информации за автомобилот
|
|
|

Директно во врвот на класата - француски удобен, германски прецизен
|
Посериозен, поспортски и попремиум, новиот 508 ќе се обиде да ги помати сметките на Германците... На нивен терен.
|
Уште на прв поглед, станува јасно дека се работи за многу посериозен автомобил. Го нема веќе ултра спортскиот, но несериозен дизајн на 407, ниту пак претераната елеганција на 607. Новата 508-ка, која ги заменува двата модели, изгледа и поелегантно и поспортски и посериозно, токму како што бараат купувачите од сегментот. А внатрешноста поставува нови стандарди кога е премиум дизајнот во прашање – изгледа километри подобро од претходниците.
Моторизацијата ја сочинуваат два бензинци и четири дизели и сите, освен основниот атмосферски бензинец, нудат задоволителни перформанси. Особено импресионираат дизелите со 140 и 163 КС, кои се супер еластични, како и одличниот 1,6 турбо бензинец со 156 КС.
И, првото изненадување – Peugeot 508 е добар за возење! Секако, не треба да се очекува инволвираност на нивото на Mondeo, но Французите овој пат ѓаволски добро си ја завршиле работата. 508 е исклучително стабилен на повисоки брзини и добро поднесува брзи промени на правецот, а и управувањето не е непрецизно како порано. Е сега, второто изненадување – 508 е потврд од Passat! Не е неудобен, но поцврсто поминува преку дупките... Замижете и за момент ќе го погрешите за германски автомобил... Од друга страна, рафинираноста и звучната изолација се на највисоко ниво.
Внатрешноста е исклучително пространа, па удобно ќе им биде и на оние на предните и на задните седишта. Багажниот брои 515 литри, што е во просекот на класата. Возачката позиција е солидна, како и распореденоста на командите, иако се чини дека седењето е малку повисоко од посакуваното, што заморува на подолги патувања.
Ентериерот сега го красат и многу поквалитетни материјали... Односно, еве ќе се осмелиме да кажеме, меѓу топ 3 во класата. Повисокиот квалитет се гледа насекаде, а Peugeot ветува и подобрена доверливост. За квалитетот на сервисот на Peugeot во нашата земја веќе имаме кажано многу позитивни критики, што дополнително ќе го олесни одржувањето. Ниска е и потрошувачката на новите мотори, особено на дизелите. На пример, најслабиот дизел ќе се задоволи со околу 5,7 литри дизел гориво во просек, додека посилниот со 140 КС со 6,3 литри во просек, што се одлични бројки. Единствено послабиот бензинец троши повеќе гориво и тоа околу 8,5 литри во просек.
Но, се си има своја цена, па 508 сега е меѓу поскапите модели во класата, раме до раме со германските конкуренти. Стандардната опрема е солидна, па се добива се од автоматска клима, преку електрика, темпомат, радио со CD+MP3 и цел сет на контроли за стабилноста и 6 воздушни перничиња. Многу за високата безбедност кажуваат и петте ѕвездички по новите тестирања на EuroNCAP.
Се на се, 508 е многу повеќе автомобил од претходниците. Вози со многу поголема самодоверба, поцврсто и генерално поквалитетно, па дефинитивно треба да влезе во потесната листа на сите кои сакаат автомобил од средната класа. Всушност, 508 е најпремиум автомобил од Peugeot што сме го пробале со години!
|
|
ПРЕДНОСТИ
|
|
|
• Пространа внатрешност | • Подобрена динамика во возењето | • Одлична рафинираност на моторите | • Добра звучна изолација | • Исклучителен квалитет на материјали и изработка | • Брзи и економични дизел мотори | • Висока безбедност |
|
|
|
НЕДОСТАТОЦИ
|
|
|
• Малку потврдо возење од очекуваното | • Повисока возачка позиција | • Основниот бензинец е слаб и троши повеќе гориво | • Цена на ниво на германските конкуренти |
|
|

Спореди со предности и недостатоци на друг модел.
|
|
КОМЕНТАРИ - СТРАНА
1 од 2
|
|
Вашето име
Коментар
Нашата редакција остро се противи на верски, расистички и национални коментари.
Сите непристојни коментари ќе бидат отстранети.
|

|