Почетна страница Контакти Маркетинг Инфо
дома home avtomobili kola koli нови автомобили avtomobil kola koli половни avtomobil kola koli тестови avtomobil kola koli видеа avtomobil kola koli фотографии avtomobil kola koli форум avtomobil kola koli
  ПРОНАЈДИ НОВ АВТОМОБИЛ        НАЈНОВИ МОДЕЛИ        НАЈПОПУЛАРНИ       ТЕСТ       ПРЕМИЕРА        ВОЗЕВМЕ       СПОРЕДБИ       САЕМИ        ИДНИ МОДЕЛИ
Насловна > Новости > Тест > Тест - Skoda Yeti 1.4 TSI 4x2
 
Spodeli
07 септември 2010, 17:46


Тест - Skoda Yeti 1.4 TSI 4x2 Škoda Yeti Тест - Skoda Yeti 1.4 TSI 4x2
Со Yeti, Skoda влегува во сегмент во кој досега не била присутна и каде царуваат големите играчи. Користејќи Volkswagen технологија, на доработена платформа на Golf, Yeti настапува храбро, со вистински адути и со дрско ниска цена...
fotografii фотографии Види фотографии komentari коментари Напиши коментар

Тестиравме Skoda Yeti со погон на предните тркала со 1.4 TSI бензински мотор со 122 КС, (истиот мотор кој годинава (2010-та)  ја освои наградата за најдобар мотор во класата од 1.0 до 1.4 литри).

Поделени се мислењата за Skoda. Велат, за добар имиџ е потребно многу време. Но, само 3 дена со Yeti беа доволни, барем за нас од koli.com.mk да заклучиме дека ова не е Skoda од порано. Тотално имавме чувство дека возиме некој VW. Вистински комплетен и квалитетен автомобил. Вреди за секое Евро.

Затоа, Yeti опасно се заканува, a веќе зема значаен дел од колачот во класата на помали SUV возила, како Nissan Qashqai и Mitsubishi ASX, но и на поголемите, како RAV4, Tiguan и Kuga.

Изглед

Најблиску до теренец од конкурентите

Иако формата е кутиеста и на прв поглед класична или досадна, Yeti зрачи со силен визуелен идентитет и недвосмислено се издвојува од конкурентите. Yeti ги наследува линиите на концептниот модел и, секако потсетува дека потекнува од семејството на Roomster и Fabia, нагласувајќи го Skoda идентитетот на новото време. Она што особено е за позитивна критика е фактот дека Yeti ја поседува онаа убавина која трае – колку повеќе ја гледате, толку повеќе ви се допаѓа.

Странично гледано, автомобилот е перфектно складен, формата на предните стакла е како кај купе автомобилите, па заедно со црните предни носачи, оформуваат истовремено убав и различен автомобил. Со оглед на класата во која се наоѓа и функционалноста која се бара од него, дизајнот на автомобилот е многу блиску до тоа како треба да биде. А, кружните фарови на предната маска имаат за цел да се потенцира и оф-роуд намерата на Yeti, и секако придонесуваат за робусен изглед, сличен како кај теренците, дополнително давајќи и доза на одважност.

Од сите урбани теренци, Чехот со германска крв, најмногу се доближува до она што сите ние го нарекуваме Џип.


Внатре – класично, во стил на вистински Volkswagen

Дизајнерски гледано, внатрешноста на Yeti не донесува ништо ново и невидено досега. Веднаш се забележува под чија капа е конструиран автомобилот.

Исто како да сте влегле во внатрешноста на Golf - насекаде владеат чисти и малку досадни линии... Но, она што е за пофалба е дека дизајнерите се обиделе и успеале да ја разбијат монотонијата, пред се благодарение на различни сиви тонови и хромирани детали, низ целата внатрешност, и секако користењето на квалитетни материјали. Пластиката е гумирана и е многу мека на допир, а завршната обработка е на највисоко ниво. За перцепцијата на висок квалитет, придонесува и убавото бело осветлување на инструмент таблата, и секако Bolero touch-screen радиото, слично на премиум моделите од некоја класа погоре.

Ергономија – солидно, но со некои ситни недостатоци

Класичниот дизајн на предната конзола ветува и високо ниво на ергономија. Првиот впечаток е таков - сите команди се на дофат на раката, копчињата се големи, а екранот на допир е исклучително лесен за користење кога автомобилот стои во место, но... Првото посегнување по рачната кочница кажува дека таа е многу недостапна и не е баш лесна за користење, посебно доколку  потпирачот за рака е турнат малку понапред.

Малку нелогично е и тоа што нема команди на управувачот (за автомобил за кој плаќате 15 илјади евра и чија намена е практичност), особено што моделот беше опремен со екран на допир, кој е малку и нефункционален кога сте во движење, бидејќи бара дефокус на вниманието на возачот, од патот, кон радиото... Токму заради ова најмногу недостасуваат команди на управувачот.

Практичност / Функционалност – задната клупа се лизга, но внатре нема многу отвори за ситници

Она што вистински не изненади и е главен недостаток кај Yeti е забелешката дека нема многу места за одлагање на ситници, а и тие што ги има, се со многу мал волумен. Фиоката пред совозачот е една од најмалите што сме ги виделе досега! Ова и немаше да биде толку голем недостаток, но Yeti сепак ќе го купуваат пред се фамилиите, оние кои бараат токму такви функционални и големи прегради...

Лизгачката задна клупа е вистинското решение за оние кои бараат практичност од својот автомобил. Сопственикот може да избере меѓу простор на задната клупа, или повеќе простор во багажникот. За повеќе товар, седиштата лесно се склопуваат, со што се добива целосно рамен простор.

Комфор

Цврст, но никако неудобен

Yeti се движи како вистински германски автомобил. Преку дупки поминува суверено - цврсто, но никако неудобно. Eдноставно, се чувствува патот, но се нуди високо ниво на рафинираност. Дури и поголемите дупки не пренесуваат вибрации или некакви звуци во внатрешноста, што кажува за високата солидност на шасијата и придонесува за пријатно возење! Можеби Yeti не плива по патот како некои од најмеките конкуренти, но затоа нуди одличен баланс помеѓу удобноста и спортско-возната динамика.

Звучна изолација – само звук од ветерот при повисоки брзини

И звучната изолација е на високо ниво. Бензинскиот 1.4 TSI мотор од VW е одлично придушен, а многу малку звук продира и од гумите. Класично за SUV возилата, а посебно оние со повисока каросерија - се слуша малку повеќе звук од ветерот при повисоки брзини, но тоа е во ракмите на класата во која се наоѓа Yeti. И кај конкурентите продира звук од ветерот.

Прегледност – одлична напред, послаба позади

Класичната форма на каросеријата овозможува одлична прегледност во предниот дел, а делумно и во задниот. Позади видикот е ограничен поради малото задно стакло и широките С носачи. Мала забелешка е и дека ретровизорите не се толку големи како кај некои од конкурентите, што секако не оди во прилог на високо ниво на прегледност.

Простор

Напред – можат да се сместат и повисоки патници
Седењето во Yeti е прилично високо. На предните седишта, не само што има многу простор во сите правци, туку и чувството на простор е зголемено благодарение на големите стаклени површини и високиот покрив.

Назад – импресивно многу простор
Задната клупа, посебно кога е турната во крајната задна положба, делува уште поимпресивно. Простор за колената има на претек, а на главата може да се стави и капа од магионичар и пак да не се допре покривот. Секако, и позади се чувствуваат придобивките од кутиестата форма и големите стаклени површини кои дополнително придонесуваат за чувство за простор.

Багажник – заостанува зад конкурентите
Се чини дека, за да извадат што повеќе простор во патничката кабина, инженерите скратиле на багажникот. Кога задните седишта се во задната крајна положба, тој брои само 310 литри, што е резултат кој одговара на автомобил од ниската класа (Skoda Fabia).

Големината на багажникот расте на 415 литри доколку задните седишта се турнат понапред, но и натаму волуменот на багажникот не импресионира, посебно ако се погледнат конкурентите. Од друга страна, со спуштањето на седиштата, се добива простор од извонредни 1.760 литри!

Возни својства

Недоволно прецизно и директно управување

Иако доволно лесно на пониски брзини, управувањето кај Yeti станува непрецизно и недоволно директно на повисоки брзини. Заклучок е дека е идеално за низ град, но на отворено, управувањето при повисоки брзини, бара повеќе внимание и посветеност од возачот.

Солидна динамика на возење и високо ниво на стабилност

Она што не изненади кај Yeti, е динамиката во возењето – тој вози слично на модел од компактната класа. Брзите промени на правецот не го изместуваат од место и е лесен за контролирање дури и во граничните услови, пред се благодарение на цврстината на шасијата. И покрај високата каросерија, Yeti во кривини се однесува сосема солидно. Се навалува изненадувачки малку, што придонесува за висока стабилност, дури и при повисоки брзини. Поголемата маса во однос на компактните автомобили се чувствува единствено при кочење, а се јавува и мала подуправливост која потсетува дека се работи за автомобил со повисока каросерија, и кој е прилично подигнат од земја.



Терен?


Со оглед на тоа што моделот што го имавме на тест беше само со погон на предните тркала, возните својства на терен и не беа најсјајни. Сепак, она што радува е големата оддалеченост на каросеријата од подот, што ветува преодност и на некои повисоки препреки, што е голема предност за Yeti во однос на конкурентите. Комбинацијата на 4x4 погон со вака подигнат автомобил, сигурно носат задоволителни теренски возни својства.

Перформанси

Модерниот 1,4 литарски бензинец, опремен со директно впрскување на горивото и турбо полнач, e еден од најдобрите мали бензинци денес. Извонредно е еластичен, повлекува од ниски вртежи, што го прави идеален за низ град, а не се буни ниту да биде завртен малку повисоко, за поспортско возење, придружено со пријатен, резок звук.

Малиот, 1,4  TSI развива респектабилни 122 КС при 5.000 врт/мин, односно одлични 200 Nm вртежен момент, достапен од 1.500 до 4.000 вртежи во минута. Токму високиот момент, овозможува возењето да биде течно и лесно, и моторот да има сила за повлекување во секој режим на работа. Возењето е лесно и во повисоките степени, бидејќи и тогаш моторот е во зона на максимален вртежен момент и нема проблем да потегне напред.

Најзначајно, бројките велат дека постигнува мошне респектабилни перформанси – забрзување до стотка за 10,5 секунди и максимална брзина од 185 km/h. Сосема доволно, со оглед на намената на автомобилот.

Фантастичен менувач

Шест-степениот менувач, кој исто така потекнува од Volkswagen, е извонредно прецизен и со многу мали одови – работата со него е вистинско уживање. Дефинитивно еден од најдобрите во моментов!

Вредност

Цена/Опрема – опасен напад на конкурентите

Моделот кој го имавме на тест, со 1.4 TSI мотор со 122 КС и Ambition ниво на опрема, чини 15.430 евра. Опремата, вклучува полуавтоматски клима уред Climatic, целосна електрика, греење на ретровизори, аудио систем со CD+MP3 и екран на допир, странични воздушни перничиња, 16 инчни алуминиумски тркала, цел сет контроли на стабилноста: ABS со ASR + MSR + EBV, кровни носачи, затемнети стакла, кожен пакет (управувач, рачка на менувач и рачна кочница), хромирани внатрешни рачки, светла за магла, мрежа во багажникот, фиока под совозачкото седиште...

Со оглед на опремата и одличниот мотор, цената е опасно конкурентна, посебно ако се знае дека целосната технологија е од Volkswagen. Дури и посилно опремениот модел Experience, кој има и би-ксенон фарови, темпомат, автоматски двозонски клима уред и поголеми алуминиумски тркала, чини целосно прифатливи 16.960 евра!
Повеќе за цените на моделските изведби и нивоата на опрема, можете да погледнете тука.

Потрошувачка

Според фабричките податоци, Yeti во просек троши 6,8 литри бензин на 100 km, односно 8,9 во град и 5,9 на отворено. Реално, на тестот ние потрошивме околу 10 литри во град со нормално возење, и нешто под 7 литри на отворено, што е некаде 8-8,5 литри во просек. Ветените  8,9 литри потрошувачка во град може да се постигнат само при максимално дефанзивно возење. Посилното притискање на педалот за гас може да ја покачи потрошувачката и за дополнителни 10%. Со оглед на тежината на Yeti и неговата послаба аеродинамика (0,37 Cw) ова е многу респектабилен резултат и е еден од најдобрите во класата и кај SUV-ата со слични димензии.

Безбедност

На најновите, построги тестирања на EuroNCAP, Yeti освои чисти пет ѕвездички. Од опремата за безбедноста, во основното ниво на опрема се нудат две воздушни перничиња (во тест моделот + странични) и ABS со ASR + MSR + EBV. Контрола на стабилноста ESP се добива кај моделот со погон на сите четири тркала.



За кого е овој автомобил?

Yeti е за сите оние кои сакаат квалитетен, комфорен, удобен, практичен и доверлив автомобил, и секако за оние кои имаат џеб да ја издржат реалната потрошувачка од околу 10-тина литри низ град. Задната клупа што лесно се склопува и се лизга, високата безбедност и економичниот и еластичен мотор, целат пред се на фамилијарните купувачи, кои сакаат голем, комфорен и удобен транспорт, и низ град, а и за семејно патување. Yeti не е само конкурент на автомобилите од SUV сегментот - за Yeti слободно нека размислуваат и оние кои досега ја таргетираа класата на Golf.

Сепак, и покрај изгледот, Yeti секако не е претерано погоден за на терен. Главните негативни критики кај Yeti се однесуваат пред се на поситни работи, како помалиот број на места за одлагање за ситници во внатрешноста или неколкуте ергономски недостатоци. Но, онаму каде најмногу се брои, Yeti е еден чекор пред другите во класата. Постигнат е извонреден баланс меѓу возните својства и удобноста, возењето е тивко и рафинирано, моторот постигнува респектабилни перформанси, менувачот е исклучително прецизен... Скоро во секој механички дел, Yeti добива висока оценка!

Дали сево ова го носи на врвот од класата? Во Топ 3 сигурно – најдобар автомобил и не постои, секој е со своите предности и недостатоци. Но, она што Yeti го прави исклучително конкурентен е ниската цена и вистинските квалитети пред се во механичкиот дел. Затоа не треба да изненадуваат и високите бројки на продажба. Најдобар автомобил и не постои, но постојат автомобили кои се вистински погодок. Овој Yeti, со овој 1.4 TSI мотор е сигурен избор. Помал мотор од ова, се чини би било недоволно.

Предности
-    Интересен, карактеристичен дизајн
-    Исклучително пространа внатрешност и напред и назад, посебно за колената и главата
-    Задната клупа се лизга и лесно се склопува
-    Одличен баланс меѓу возните својства и удобноста
-    Одлична звучна изолација
-    Прецизен менувач со краток од
-    Квалитетни материјали и високо ниво на завршна обработка во внатрешноста
-    Еластичен мотор
-    Ниска цена

Недостатоци:
-    Недоволно голем број на места за одлагање ситници, а и оние што ги има се со мала големина (фиоката пред совозачот)
-    Багажникот не импресионира со големината 
-    Неколку ергономски недостатоци – рачната е тешко достапна, а воланот во некои конфигурации го попречува погледот кон инструмент таблата
-    Помалку прецизно и недоволно директно управување
-    Во ова ниво на опрема, добро би било ако има и команди на воланот


Škoda Yeti
 Цени и нивоа на опрема
 Дополнителна опрема (*. Pdf)
 Краток опис
 Фотогалерија
 Видео




Стари коментари
СЕ ЧЕШКО САМО МОТОРОТ Е ОД Volkswagen
Напишан од САМО МОТОРОТ Е ОД Volkswagen  пред  околу 78 месеци
СЕ ЧЕШКО САМО МОТОРОТ Е ОД Volkswagen
Напишан од САМО МОТОРОТ Е ОД Volkswagen  пред  околу 78 месеци
СЕ ЧЕШКО САМО МОТОРОТ Е ОД Volkswagen
Напишан од САМО МОТОРОТ Е ОД Volkswagen  пред  околу 78 месеци
СЕ ЧЕШКО САМО МОТОРОТ Е ОД Volkswagen
Напишан од САМО МОТОРОТ Е ОД Volkswagen  пред  околу 78 месеци
СЕ ЧЕШКО САМО МОТОРОТ Е ОД Volkswagen
Напишан од САМО МОТОРОТ Е ОД Volkswagen  пред  околу 78 месеци
   
КОМЕНТАРИ - СТРАНА  1 од 12
 



Нашата редакција остро се противи на верски, расистички и национални коментари. Сите непристојни коментари ќе бидат отстранети.

Целосна архива на текстови од Тест



 
 
 
 





Suzuki Swift


Одберете нов автомобил