System.ArgumentOutOfRangeException: Length cannot be less than zero. Parameter name: length at System.String.Substring(Int32 startIndex, Int32 length) at novosti_vnatresna.Ispolni() in c:\HostingSpaces\koli\app.koli.com.mk\wwwroot\novosti_vnatresna.aspx.cs:line 398 koli.com.mk - Toyota C-HR - Тест: Toyota C-HR Hybrid е фенси урбан SUV со висока технологија
Почетна страница Контакти Маркетинг Инфо
дома home avtomobili kola koli нови автомобили avtomobil kola koli половни avtomobil kola koli тестови avtomobil kola koli видеа avtomobil kola koli фотографии avtomobil kola koli форум avtomobil kola koli
 
Насловна > Новости > Тест > Тест: Toyota C-HR Hybrid е фенси урбан SUV со висока технологија
 
Spodeli
01 August 2017, 20:03


Тест: Toyota C-HR Hybrid е фенси урбан SUV со висока технологија Toyota C-HR  Тест: Toyota C-HR Hybrid е фенси урбан SUV со висока технологија
Toyota и порано знаела да изненади со дизајн на некој свој автомобил, но C-HR ги качува работите на едно друго ниво – најмалиот SUV на Toyota потсетува неодоливо на концептот на кој е базиран и е вистинско освежување во класата...
fotografii фотографии Види фотографии komentari коментари Напиши коментар

Но, тоа не е единствениот адут на C-HR. Неодамна, Toyota претстави целосно нова платформа на која ќе ги прави сите свои нови возила, наречена TNGA, која е пред се насочена кон висока забава во возењето, односно агилноста и динамичноста. C-HR е вториот автомобил на оваа платформа, после Prius и првиот SUV во гамата на компанијата.
 
Ветувањата на Toyota за повисока динамичност во кривините и поголема забава во возењето веќе ги имаме слушнато неколку пати по доаѓањето на Акио Тојода на чело на компанијата и иако кај неколку од освежените модели е постигнат напредок, во сите класи каде конкурира Toyota други автомобили се лидери кога е динамиката во прашање (освен GT 86 секако). 
 
Затоа, најавите дека новата TNGA платформа ќе донесе огромен напредок во овој дел ја земавме со доза на претпазливост и задршка. И не само тоа – дали фокусот кон забавата во возењето ќе ги расипе останатите традиционални квалитети на една Toyota, како удобноста, рафинираноста и комфорот? Прочитајте подолу за да дознаете.
 
 
Дизајн
На многумина кратенката C-HR може да им помине незабележано и некои веројатно ќе помислат дека на Toyota и снемало имагинација при креирањето на ново име (а прилично се добри во тоа). Сепак, кратенката има смисла – таа значи Coupe – High Rider, што во превод на наш јазик значи „купе високо поставено од земјата“. Поточно, купе – SUV модел, слично како BMW X6 и X4.
 
Да бидеме искрени, сите вакви комбинации на автомобили досега и не биле особено успешни. Да, BMW X6 е автомобил на кој многумина воздивнуваат, но неговиот дизајн не е ништо особено и дури и делува чудно од многу агли. Ваков автомобил се обиде да направи и Mercedes-Benz со GLE Coupe, исто така дискутабилно успешно.
 
Иако се работи за автомобил кој се натпреварува во неколку класи подолу, според нас C-HR има најдопадлив дизајн од сите купе SUV автомобили лансирани на пазарот досега. Всушност, не само што спојот на тие две категории на возила е успешен, туку C-HR е веројатно и најубавиот автомобил во класата на компактни SUV автомобили. Делува спортски и агресивно, со доволна доза на робусност и цврстина и голем кул фактор кој го издвојува од помалку досадната конкуренција.
 
 
Ентериерот е уште една глава во успешната приказна наречена привлечен дизајн. За разлика од скоро сите модели на јапонскиот производител досега, средната конзола е свртена кон возачот, што оддава спортски дух, а изборот на материјали и бои само ја дополнува целосната свежина. Некарактеристично за Toyota, огромен печат е даден и на деталите, во овој случај на дијамантот, кој може да се најде на покривот, на седиштата, на пластиката отстрана итн. 
 
Токму овој фокус на дизајнерите јасно покажува дека Toyota вистински се потрудила да му даде душа на C-HR и да го направи автомобил кој нема да биде само доверливо превозно средство, туку кој вистински ќе ги разбуди чувствата на возачот и патниците.
 
На пат
 
Перформанси
На тест ја имавме хибридната изведба на C-HR, во која се вградува истиот погонски склоп од Auris Hybrid и од Prius. Хибридниот погон е составен од 1,8 литарски бензинец со 98 КС, кој работи по ефикасниот Аткинсон циклус и дополнителен електричен мотор со моќност од 53 KW и многу поважно 163 Nm. Крајниот резултат од овој погонски склоп е забрзување до стотка за 11 секуни и максимална брзина од 170 km/h.
 
Ова не се бројки кои ќе го подигнат нивото на адреналин кај кој и да било вљубеник во автомобилите, но тие не ја кажуваат целата приказна. Да, C-HR не е автомобил кој ќе можете да го бркате по автопат, но во град е и тоа како „стартен“. Всушност, до 60 km/h скоро и да нема автомобил кој ќе ве победи од семафор до семафор, а благодарение на високиот вртежен момент и e-CVT безстепениот менувач кој секогаш е во „вистинската брзина“, престигнувањето на нагорнините е многу лесно.
 
Toyota C-HR се нуди и како модел само со бензински погон и тоа со новиот 1,2 литарски турбо на Toyota со 116 КС. Овој модел има скоро исто забрзување (10,9 секунди), но многу повисока максимална брзина од 190 km/h и веројатно ќе биде пофлексибилен во различни ситуации на возење, секако со повисока потрошувачка. Доколку сакате пак модел со погон на сите тркала, тој е достапен само со 1,2 литарскиот турбо мотор, додека дизел мотор воопшто не е достапен – иднината за Toyota е во хибридите, па оттаму и слоганот „Хибриднина“.
 
Управливост/Удобност
Ова е делот каде новата TNGA платформа на Toyota треба да засјае во најсилно светло, бидејќи според производителот донесува најниско тежиште за патнички автомобили во класите каде се натпреварува Toyota и исклучително висока цврстина на каросеријата, карактеристики кои се рецепт за добри возни својства.
 
И навистина, за прв пат откако тестираме Toyota автомобили, слободно можеме да кажеме дека C-HR е автомобилот со најдобри возни својства во класата. Возењето со него е исклучително флуидно – високите брзини лесно се задржуваат низ кривините, без големи навалувања или пролизгување на предниот дел од возилото, а воланот изненадувачки многу ја комуницира површината на патот и е доволно директен за амбициозните возачи.
 
Всушност, C-HR е толку добар во кривините, што иако повисоко поставен од земјата, може да им конкурира и на многу компактни автомобили. На пример, вози подобро од Auris, иако е многу повисоко поставен од земјата, а тука слободно може да нанижите уште цела плејада на автомобили од компактната класа.
 
Најдоброто од се е што сето ова не е на сметка на удобноста. Напротив, суспензијата е меко подесена и одлично ги впива честите нерамнини и дупки на нашите патишта, додека цврстата каросерија се грижи и да не се пренесуваат многу од вибрациите од патот на вашето тело, иако моделот кој го тестиравме има гуми со прилично низок профил.
 
Рафинираност
После неколку извозени хибридни модели на Toyota, можеме слободно да кажеме дека хибридниот погон е најрафинирано и тивко решение за градските услови. За ова пред се е заслужен e-CVT менувачот кој континуирано без никакво сецкање ги менува брзините, како и електричниот мотор кој скоро ексклузивно го задвижува возилото при пониски брзини.
 
Сепак, веројатно поради тоа што е малку потежок од Auris и Prius, кои го имаат целосно истиот погон, C-HR е малку побучен на повисоки брзини и тоа пред се важи за бензинскиот мотор, кој малку повеќе се одгласува при силните забрзувања.
 
 
Во кабината
 
Простор/Практичност
Иако однадвор делува многу компактно, Toyota C-HR е 4,36 метри долг автомобил, со респектабилно меѓуоскино растојание од 2,64 метри. Благодарение на ова, кабината е доволно комфорна за четири возрасни патници, со простор во сите правци. 
 
Сепак, проблемот кај C-HR не е во просторот, туку во перцепцијата на простор, а тоа особено важи на задните седишта, каде малите стакла го ограничуваат погледот надвор и прават патниците да се чувствуваат малку „клаустрофобично“. Некои го сакаат ова чувство – вака е во сите купеа, но за да видите дали ќе ви пречи и вас, препорачуваме да седнете во автомобилот и сами да донесете заклучок.
 
Багажникот исто така не е особено силна страна, со 377 литри зафатнина, кои се помали од тие на конкурентите во класата. За многу купувачи и овој багажник ќе биде доволен, но факт е дека ако сакате автомобил кој ќе проголта многу товар, C-HR нема да биде најдобриот избор во класата.
 
Ергономија
Иако кабината на C-HR има футуристички дизајн, тука сепак се работи за Toyota, каде ергономијата отсекогаш била на прво место. Зад воланот скоро секој возач ќе ја најде идеалната позиција, додека командите на централната конзола се секогаш на дофат на раката и се читливи и добро распоредени. Мултимедијалниот систем со екран на допир е исто така многу интуитивен и лесен за манипулирање, иако ќе беше супер ако командите за гласноста не беа на допир, туку со стариот добар вртлив потенциометар. И ова не важи само за Toyota, туку за многу други производители.
 
Она што може да претставува малку поголем проблем е прегледноста во задниот дел, бидејќи “C” столбовите се премногу големи и го ограничуваат видикот. Големите ретровизори и камерата за возење назад помагаат, но има многу случаи кога нема да можете буквално ништо да видите низ задните стакла, што е уште еден недостаток на купе формата на каросеријата.
 
Опрема
Како автомобил наменет за помладата популација, C-HR е богато опремен уште во почетниот модел наречен CITY, кој се нуди во комбинација само со 1,2 литарскиот турбо бензинец. Ова ниво вклучува 17 инчни стилизирани челични тркала, клима уред со филтер за полен, волан со команди, централна со далечинско, електрични прозори напред и назад, електрична рачна сопирачка, возачко седиште подесиво по височина, аудио систем со четири звучници, CD/MP3/WMA/USB/AUX и Bluetooth, приклучок за полнење на телефон, кожен менувач итн.
 
Почетното ниво на опрема за хибридниот модел е CENTER, кое донесува 17 инчни алуминиумски тркала, кожен волан, 4,2 инчен колор дисплеј кај инструмент таблата, двозонска автоматска клима, електрохроматски ретровизор, Toyota Touch 2 мултимедијален систем со 8 инчен дисплеј на допир и поврзување со смартфон, систем за автоматско стартување на возилото итн. Според тоа што го нуди овој модел, токму тој е и нашиот избор за најдобар сооднос на вложено – добиено. C-HR се нуди и во четири дополнителни нивоа на опрема (Cult, Cult LED, Classy, Classy LED), кои премногу ја качуваат цената на моделот.
 
 
Финансии
 
Трошоци за купување и одржување, потрошувачка
Toyota C-HR кај нас почнува од 21.990 евра за моделот со 1,2 литарски турбо бензинец, 6 степен мануелен менувач и прилично богато City ниво на опрема. Основниот хибрид чини 24.890 евра, но со побогатото Center ниво на опрема. На тест ние го имавме моделот со Classy ниво на опрема, кој чини 28.890 евра и кој доаѓа со луксузен ентериер со кафена кожа.
 
Според тоа, ова се прилично високи цени за еден компактен SUV, особено кога ќе се спореди со некои модели од класата. Сепак, хибридот може да биде исплатлив на подолг рок и затоа тоа е нашиот избор во понудата, иако се сомневаме дека турбо бензинецот со мануелен менувач ќе биде малку позабавен за возење. Од друга страна, оние кои сакаат погон на сите четири тркала, ќе мора да се одлучат за турбо бензинецот со CVT автоматски менувач - мануелен менувач и хибриден погон не можат да се испорачаат во комбинација со погон на сите тркала.
 
Оние кои ќе се одлучат за препорачаниот хибрид, можеме да потврдиме дека ќе бидат импресионирани од ниската потрошувачка на гориво, особено во градски услови. Тука, дури и во најголемите гужви може лесно да се вози со под 6 литри на 100 km, што е импресивна бројка за еден SUV автомобил. Интересно, на автопат потрошувачката е иста, се додека возите до 120 km/h - над тоа пораснува на околу 6,5 литри, што и натаму не е премногу, но е малку повеќе од дизел конкурентите.
 
Хибридниот погон треба да е и поевтин за одржување од дизел конкуренцијата - стандарден сервис на C-HR со промена на масло и филтри изнесува 5.810 денари, а од поголемите трошоци кај хибридните возила има помал трошок на плочки за кочници (бидејќи почесто се кочи со генераторот) отколку кај стандардните возила.
 
Квалитет, доверливост и повратна вредност
Toyota C-HR има гаранција од 6 години или 200.000 километри, што е доволен показател за доверливоста на моделите на јапонскиот бренд. Исто така, хибридниот погон е веќе развиван преку 20 години и според истражувањата за доверливост е на самиот врв.
 
Покрај механичкиот квалитет, Toyota има големо внимание посветено и на квалитетот на кабината (за разлика од порано), која сега не само што е издржлива, туку и делува пофино и полуксузно. Изборот на материјали е одличен и сите места каде допираат патниците се обложени со помека пластика, што е за поздрав. 
 
Бидејќи се работи за јапонски модел, цената на пазарот на половни возила треба да има помал пад од француската конкуренција, односно рамо до рамо со германската. Во овој дел многу може да помогне и долгата гаранција, која ја задржува цената на возилото на повисоко ниво.
 
Безбедност
Уште во почетниот модел, C-HR е опремен со целосна опрема за безбедноста, која вклучува цел сет на контроли на стабилноста (ABS+TRC+VSC+EBS+TWPS), 7 воздушни перничиња и Isofix. Засега C-HR кај нас не се нуди со системи како радар или систем за задржување во лентата, но од Toyota велат дека тоа треба да се случи наскоро. C-HR инаку заработи чисти пет ѕвездички на тестирањата на EuroNCAP.
 
Заклучок
Динамичен дизајн на кој не може да се одолее, спакуван во SUV автомобил кој ќе ги задоволи и спортските возачи. Ваква реченица никогаш не сме употребиле за некој автомобил на Toyota, што е огромно освежување во помалку конзервативната гама на јапонскиот производител. 
 
Да, поради ова јапонскиот модел малку загуби на функционалноста - има помал багажник од конкурентите и задната клупа има мали „клаустрофобични“ стакла (иако е пространа), но ова чиниме нема да им пречи на помладите возачи, на кои им е поважен стилот.
 
Според тоа, особено поради огромниот напредок во динамиката на возењето и целосната рафинираност на која тешко конкурираат и премиум моделите, C-HR слободно може да го ставиме при самиот врв на класата на урбани SUV автомобили. 
 
Предности:
  • Исклучително динамично возење
  • Прецизно управување
  • Одлична удобност и рафинираност
  • Квалитетна кабина со модерен дизајн
  • Ниска потрошувачка на хибридот, особено во град
  • Долга гаранција
 
Недостатоци:
  • Висока цена
  • Мал багажник
  • Прегледност во задниот дел
 




Стари коментари
   
КОМЕНТАРИ - СТРАНА  1 од 1
 



Нашата редакција остро се противи на верски, расистички и национални коментари. Сите непристојни коментари ќе бидат отстранети.

Целосна архива на текстови од Тест



 
 
 
 




Најпопуларни
 


Повеќе >
 
Архива - Тест


Одберете нов автомобил