Почетна страница Контакти Маркетинг Инфо
дома home avtomobili kola koli нови автомобили avtomobil kola koli половни avtomobil kola koli тестови avtomobil kola koli видеа avtomobil kola koli фотографии avtomobil kola koli форум avtomobil kola koli
  ПРОНАЈДИ НОВ АВТОМОБИЛ        НАЈНОВИ МОДЕЛИ        НАЈПОПУЛАРНИ       ТЕСТ       ПРЕМИЕРА        ВОЗЕВМЕ       СПОРЕДБИ       САЕМИ        ИДНИ МОДЕЛИ
Насловна > Новости > Тест > Тест: Toyota RAV4 Hybrid - повеќе од успешен фејслифт
 
Spodeli
10 февруари 2017, 13:07


Тест: Toyota RAV4 Hybrid - повеќе од успешен фејслифт Toyota RAV 4 - Hybrid Тест: Toyota RAV4 Hybrid - повеќе од успешен фејслифт
Првиот компактен SUV, кој во 90-тите години буквално го почна лудилото на денес најпопуларниот вид на возила на пазарот, неодамна доживеа длабок фејслифт. За прв пат, RAV4 се нуди со хибриден погон, кој е истиот од Lexus NX300h и кој ќе го носи најголемиот процент од продажбата...
fotografii фотографии Види фотографии komentari коментари Напиши коментар

Ова е воедно и првиот хибрид во неговата класа. Од она што го забележавме кога го возевме моделот пред фејслифтот, хибрид беше и тоа како потребен, бидејќи стариот дизел со 150 КС беше прилично бучен при забрзување и работеше со малку повеќе вибрации. Хибридот ветува многу порафинирано и потивко возење и компаративно слична потрошувачка.



Покрај хибридниот погон, новиот RAV4 се нуди и со 2.0 дизел од BMW, кој е исто така прилично бучен и кој доаѓа само како модел со погон на предните тркала и 2.0 Valvematic бензинец кој е достапен со погон на две и на четири тркала.

Дизајн
Освежениот модел е лесно забележлив и однадвор. Линиите се многу поостри и генерално RAV4 има многу подопадлив изглед, кој лесно се носи со поновата конкуренција. Особено добар впечаток оставаат новата предна маска, со LED светла кои продолжуваат од линиите на централната маска и графиката на задните светла, кои делуваат многу посериозно и поспортски.



Внатрешноста исто така доби неколку промени, особено во поглед на подигнувањето на визуелниот впечаток на квалитет и луксуз. Сега на сите места каде допираат рацете пластиката е мека на допир, додека дел од предната конзола е облечен во кожа и алкантара, што придонесува кабината на RAV4 да остава впечаток на премиум автомобил. Дизајнот во однос на претходникот е задржан, но тоа не е лоша работа - асиметричната конзола и натаму изгледа прилично фенси и дистинктивно.


На пат

Перформанси
Хибридниот погон кој за прв пат Toyota го вградува во RAV4 е истиот оној од популарниот премиум SUV Lexus NX300h. Се работи за погон кој комбинира 2,5 литарски бензинец со 155 КС, преден електромотор со 143 КС и заден електромотр со 68 КС. Резултатот е вкупна моќност на погонот од 197 КС, што го прави RAV4 Hybrid еден од најмоќните SUV во сегментот.

Според бројките на Toyota, забрзувањето до стотка изнесува 8,3 секунди, што и не е тешко да се поверува. Кога силно ќе ја притиснете педалата RAV4 Hybrid спремно потегнува напред и брзо стигнува до трицифрена бројка на инструмент таблата - скоро и неочекувано за хибрид со маса од скоро 1,8 тони. Сепак, максималната брзина е „само” 180 km/h, што за некои може да биде ограничување.

RAV4 е инаку опремен со e-CVT континуиран менувач, кој го држи моторот на константни вртежи при забрзување. Ова значи дека забрзувањата се меки како во електричен воз и ако не претерувате, многу тивки. Сепак, ако сакате да ги постигнете тие 8,3 секунди до стотка, бидете спремни на константен звук од моторот во кабината, нешто на што мора да се привикнете.



Управливост/Удобност
Освежениот RAV4 е прилично различен во начинот на кој се однесува на патот. Возењето сега е поудобно и тоа особено се чувствува на задната оска, додека подобрена е и агилноста во кривините. Како и да е, не очекувајте дека RAV4 Hybrid ќе биде највозлив во класата - тука има неколку подобри конкуренти. За ова дополнително „крив” е хибридниот погон, со кој немате контрола на автомобилот во кривините како што би имале со стандарден погон и менувач - едноставно, не реагира толку брзо на педалата за гас.

Од друга страна, погонот на сите четири тркала (со електричен мотор позади) функционира одлично. Кога го тестиравме автомобилот скоро и да немаше чист пат - се беше покриено со снег. Ова не беше воопшто проблем за RAV4, кој лесно ја држеше зададената линија благодарение на реакцијата на задните тркала. RAV4 се однесува и одлично на терен - во овој поглед е подобар од скоро сите конкуренти во класата.

Рафинираност
Кога го тестиравме RAV4 пред фејслифтот, забележавме на бучниот и нерафиниран 2,2 дизел. Со хибридот не само што погонот е потивок, туку при нормално возење дури и најрафиниран модел во класата. Навистина, освен ако не возите константно со максимум притискање на педалата за гас, јапонскиот SUV работи исклучително тивко и скоро без вибрации. Toyota очигледно има поработено и на звучната изолација, па сега се слуша многу помалку звук од тркалата и ветерот. Крајниот резултат е една од најтивките кабини во класата во моментов.

Во кабината


Простор/Практичност
Кабината на RAV4 исклучително комфорно место за престој, дури и на најдолгите патувања. Простор има во сите правци - задната клупа е веројатно и најпространа во класата, а удобни се и седиштата. Назад дури може и да се навали наслонот, нешто што го нуди ретко кој друг модел. Багажникот на хибридот има зафатнина од 501 литар, што е сосема доволно, но стандардните модели имаат малку подлабок багажник кој брои 547 литри. Причината за ова се секако батериите.

Практичноста кај RAV4 е многу силна страна. Багажникот има голем отвор, низок и целосно рамен под, што драматично го олеснува товарањето на поголеми и потешки предмети. Со спуштањето на задната клупа се добива и целосно рамен под, односно масивни 1.633 литри простор за големи предмети. Низ кабината има и многу места за одлагање ситници и пијалаци, кои се големи и навистина корисни.



Ергономија
Зад воланот секој возач ќе ја најде идеалната позиција, благодарение на подесувањето на седиштата и воланот во сите правци. Чисто е изведена и средната конзола, со големи и лесно читливи копчиња - тука ќе може да се снајдете дури и по првите неколку километри. Одлично поставени се и копчињата за клима уредот, кои кај многу други модели се во долниот дел и за да ги видите треба премногу да го тргнете погледот од патот. Тука се свртени нагоре и поставени скоро хоризонтално, што е добра одлука.

Опрема
Хибридната изведба на RAV4 се нуди само со подобро опремените нивоа Executive, Executive Plus и Luxury. Според тоа, доколку се одлучите за хибриден модел, може да очекувате дека уште во почетниот модел ќе има скоро се што ви е потребно, како автоматска двозонска клима, 17 инчни алуминиумски тркала, целосна електрика, Toyota Touch 2 мултимедијален систем, мек тапацир од синтетичка кожа на предната табла, вратите и централниот потпирач за раце, багажни шини, темпомат, отклучување и заклучување без клуч (треба да биде во вашиот џеб), електрична врата од багажникот со функција за паметење на висината итн.

Моделот кој го имавме на тест е со Executive Plus ниво на опрема, кое вклучува седишта со велур и кожа, спортски покрив внатре со црна ткаенина, електрично подесување на седиштето за возачот, мек тапацир од синтетички велур на инструмент таблата, вратите и централниот потпирач и потпирач за раце на задните седишта. Според тоа што го нудат сите модели, наша препорака е токму Executive Plus, кој нуди се што некогаш би посакале од еден компактен SUV, за не многу повисока цена во однос на Executive (2.000 евра). Основниот модел Comfort пак има некои недостатоци (како на пример мануелна клима), додека Luxury е премногу скап.


Финансии

Трошоци за купување и одржување, потрошувачка

Освежениот модел на RAV4 почнува со прилично висока цена од 29.990 евра за моделот со 2.0 Valvematic бензинскиот мотор со 151 КС, погон на сите четири тркала и Comfort ниво на опрема, односно 32.990 евра за моделот со Executive Ниво на опрема. Дизелот со 143 КС чини 32.990 евра за Executive моделот, но нема погон на сите тркала, што ја прави хибридната изведба најисплатлива. Да, Hybrid Executive чини 34.990 евра, но доаѓа со вграден автоматски менувач и некои компоненти во опремата кои не се достапни кај другите модели. Во превод, ако купувате RAV4, тоа треба да биде хибрид.

Сепак, кога ќе го споредиме со останатите конкуренти во класата, RAV4 е еден од најскапите модели. Некои од конкурентите од Кореја можеби ги немаат квалитетите на јапонскиот SUV, но чинат и 15-20% помалку, што не е за потценување. Сепак, доколку се спореди со етаблираната конкуренција, како на пример Tiguan, RAV4 е дури и поевтин и тоа споредено со дизелска изведба на германецот со 190 КС.



Хибридниот погон, барем на хартија, треба да донесе и многу ниска потрошувачка на гориво. Јапонците ветуваат 5,1 литар во град, 4,9 на отворено и 5 литри во просек, но тоа е реално недостижно во реалниот свет. Ние измеривме околу 9-9,5 литри на гориво во градски услови и тоа во најголемите гужви, додека на отворено потрошувачката падна на околу 6,5 литри. Доколку возите понервозно потрошувачката се качува и до 10 литри во град, но тоа е многу нормално. Иако бројките не се ветувачки, ако се земе впредвид дека се работи за голем SUV со 197 КС и погон на сите 4 тркала, бројките се реални.

Покрај придобивките во поглед на потрошувачката, хибридниот модел е поевтин за одржување, бидејќи многу од потрошните делови не се трошат како кај стандардните автомобили. На пример, плочките за кочење се користат поретко, бидејќи при поблаги забавувања се користи само генераторот кој притоа ги полни и батериите.

Квалитет, доверливост и повратна вредност
Пред фејслифтот, RAV4 имаше прилично добро изработена кабина, но некои од материјалите не беа на нивото на најдобрите во класата. Сега, Toyota има вградено многу поквалитетна пластика, а во подобро опремените модели на предната конзола има и имитација на кожа и алкантара. Резултатот е кабина која потсетува на модели од премиум класата и која е меѓу перцептивно најлуксузните во класата.

Покрај подобрениот визуелен квалитет, RAV4 отсекогаш го красела доверливост - ова е еден од најважните модели на брендот (втор најпродаван во нивната гама после Corolla). Благодарение на тоа, јапонскиот SUV и нема да има голем пад на вредноста со текот на годините.

Безбедност
Уште основниот модел на RAV4 е опремен со цела плејада на активни системи за безбедноста  со контроли на стабилноста, како и 7 воздушни перничиња и ISOFIX подготовка за детско седиште. Резултатот се чисти 5 ѕвездички на EuroNCAP тестирањата од 2013 година.




Заклучок
Многу забелешки кои ги имавме пред фејслифтот се подобрени во овој модел, а тоа особено важи за хибридот. Возењето е многу потивко и порафинирано, а на високиот комфор се надоврзуваат и исклучително пространата кабина и удобно подесената суспензија. Хибридот стандардно доаѓа и со автоматски менувач, што е уште една придобивка која ќе им се допадне на оние кои сакаат порелаксирано возење.



RAV4 сепак нема да ги задоволи агресивните возачи - хибридниот погон е можеби моќен, но не е направен за константно спортско возење бидејќи малку касно реагира на педалата за гас. Затоа пак оние кои сакаат удобен превоз за подолгите патувања, а во исто време сакаат да уживаат во квалитетна и префинета кабина, можат да бидат сигурни дека ќе бидат целосно задоволни од овој SUV.

Предности:

  • Исклучително пространа кабина
  • Голем, употреблив багажник
  • Практичност и функционалност
  • Удобен и стабилен
  • Тивок и рафиниран
  • Одлично изработена кабина


Недостатоци:

  • Хибридниот погон со e-CVT менувач не е погоден за агресивно возење по свиоците
  • Фабричките податоци за потрошувачката се нереални
  • Висока цена

Toyota RAV 4 - Hybrid
 Цени и нивоа на опрема
 Дополнителна опрема (*. Pdf)
 Краток опис
 Фотогалерија
 Видео




Стари коментари
   
КОМЕНТАРИ - СТРАНА  1 од 1
 



Нашата редакција остро се противи на верски, расистички и национални коментари. Сите непристојни коментари ќе бидат отстранети.

Целосна архива на текстови од Тест



 
 
 
 





Suzuki Swift


Одберете нов автомобил