Почетна страница Контакти Маркетинг Инфо
дома home avtomobili kola koli нови автомобили avtomobil kola koli половни avtomobil kola koli тестови avtomobil kola koli видеа avtomobil kola koli фотографии avtomobil kola koli форум avtomobil kola koli
  ПРОНАЈДИ НОВ АВТОМОБИЛ        НАЈНОВИ МОДЕЛИ        НАЈПОПУЛАРНИ       ТЕСТ       ПРЕМИЕРА        ВОЗЕВМЕ       СПОРЕДБИ       САЕМИ        ИДНИ МОДЕЛИ
Насловна > Новости > Тест > Кога електроните и октаните ќе заиграат танго
 
Spodeli
26 јули 2010, 14:41


Кога електроните и октаните ќе заиграат танго Toyota Prius Кога електроните и октаните ќе заиграат танго
Можеби ќе звучи претенциозно, но Prius ќе направи име како Corolla или Golf. Во не толку далечната иднина, кога скоро сите возила ќе бидат хибриди, еден автомобил секогаш ќе биде пред сите – Toyota Prius...
fotografii фотографии Види фотографии komentari коментари Напиши коментар

.Првиот сериски хибриден автомобил во светот, влегува веќе во својата трета генерација, претставувајќи најнапреден погон досега, комбиниран со висока, луксузна технологија и извонредно ниски бројки за потрошувачката и емисијата на издувни гасови... Сето тоа спакувано во одличен универзален семеен автомобил.

Изглед

Надвор – нов, поспортски изглед

И покрај тоа што е задржана формата на претходникот, дизајнерите успеале на Prius да му дадат подинамичен и поспортски изглед. Импресионира предниот дел со забележителните светла, и страничната линија, која продолжува од хаубата кон ветробранското стакло без никаков прекин но, задниот дел е изведен со помалку имагинација, па иако делумно е задржан е модерниот стил, благодарение на двојното стакло и LED стоп светлата, се чини силуетата е загубена.



Иако карактеристичен, со дизајнот Prius нема да освои некои награди. Сепак, формата ја следи функцијата – сите линии се изведени да прават што помал отпор на воздухот. Оттаму и резултатот за отпор од само 0,25 Cd, кој е најдобар меѓу сериските возила.

Внатре – футуристички настап, но со многу вкус и без претерување


Футуристичкиот дизајн отсекогаш бил “коцка” – или ќе успее или не. И покрај тоа што внатрешноста на Prius изгледа необично и модерно, во голема мера дизајнерите успеале во намерата да биде истовремено убаво и практично.
Внатрешноста е изведена со многу вкус и изгледа како да е префрлена од класа автомобил повисоко. Целата предна конзола ја карактеризираат чисти флуидни линии, од онаа која ја заокружува инструмент таблата, до хромираната која ги дели отворите за вентилација. И управувачот одлично се вклопува во целината, визуелно продолжувајќи го дизајнот на предната конзола.

Очигледно големо внимание е посветено и на деталите – рачката за менувачот е изведена како џоистик во сина боја, одлично надополнувајќи ги богатите дисплеи за инструментите, навигацијата и аудио уредот. Мноштвото копчиња и команди, дополнително го збогатуваат ентериерот, а издигнатата средна конзола изгледа како да лебди во воздухот. Се на се, одлична целина и вистинско освежување од карактеристичните ентериери на „обичните“ возила.

Врвна ергономија

Ако дизајнот на ентериерот е за пофалба, тогаш ергономијата е за највисока оценка. Ова се забележува уште кога ќе се седне за прв пат зад управувачот. Воланот лесно може да се намести да легне во рацете, средната конзола е секогаш достапна на допир, а десната рака природно паѓа на средниот потпирач.

Не збунуваат ниту многуте копчиња – командите за климата се визуелно поделени од тие за аудио системот, па времето на нивно навикнување е инстантно.

Дополнително на тоа, тест моделот беше опремен со дисплеј на допир, кој е многу интуитивен, а од страната има и стандардни копчиња за брзо префрлување до поважните системи, како навигацијата или аудио системот.



За разлика од другите автоматски менувачи, за да се избере паркинг, треба да се притисне само едно копче, кое е поставено лево од менувачот, а не треба да се работи со самиот менувач. Замислете, низ градските „тргни – застани“ гужви, можете само со потпрена десна рака и со движење на показалецот, да изберете дали автомобилот ќе се движи или ќе стои во место. Нема потреба од целосно движење на раката, ниту пак од мачење на мускулите на ногата за да се држи некоја од педалите!

Згора на сето тоа, управувачот е опремен со речиси сите контроли за системите низ автомобилот. А дека е внимавано и на најситните детали, доказ е „допир“ системот. Се работи за сензори, кои чувствуваат кое копче од управувачот е допрено и истото графички го претставуваат на инструмент таблата. На тој начин, возачот не мора да погледнува во воланот за да знае кое копче ќе го притисне, туку гледа само во горниот дисплеј!

А, за погледот секогаш да остане на патот, Prius ги проектира најважните информации на предното ветробранско стакло (пр. брзината на движење)! Холограмскиот ефект доаѓа во основното ниво на опрема!

Солидна практичност


Како и кај скоро секоја Toyota, Prius има неколку интересни решенија во внатрешноста. Пред совозачот има две фиоки, под средната конзола има голем простор за оставање и на поголеми предмети, во вратите може да се остават и шишиња... Целосно гледано, извадено е максимум од просторот во внатрешноста, кога се во прашање местата за одлагање ситници.

Од друга страна, задната клупа е делива во сооднос 60:40, а со нејзиното спуштање се ослободува простор од 1.120 литри, што не е импресивен резултат, но не е за потценување, со оглед на намената на автомобилот.

Комфор

Високо ниво на удобност

Самата намена на возилото, кажува се. Prius нема намера да биде спортски автомобил, и затоа е исклучително удобен. И покрај напорите да се направи позабавен за возење, популарниот хибрид остана мек, лесно впивајќи ги дупките на патиштата. За разлика од претходната генерација, сега за пофалба е и цврстата шасија, која ги намалува ситните вибрации и возењето го прави уште поудобно.

Звучна изолација – пссссссст...

Во Prius, како и што се очекува, е многу тивко. Можеби при силни забрзувања, бензинскиот мотор продира во кабината (а во која кола и не продира?), но ако се вози без посилни забрзувања, кабината останува исклучително тивка. Ова е посебно забележително кога се вози само со електричниот мотор, на пример во град, кога повеќе пречи бучавата однадвор, отколку онаа што ја создава самиот Prius.

Зелениот Јапонец останува тивок и на отворен пат, благодарение на извонредно аеродинамична каросерија и одличната звучна изолација – звук од ветерот и гумите речиси и да нема.

Прегледност

Ако карактеристичниот дизајн на Prius донесува подобра аеродинамика, тоа секако ја расипува прегледноста. Напред, и покрај тоа што не се гледа предницата, може барем да се навикне, но задниот дел е исклучително непрегледен, дури и кога се гледа во ретровизорот. Затоа, за да се избегне проблем со паркирањето, препорака се паркинг сензори или системот кој полуавтоматски ја паркира колата (возачот само притиска на педалите, а управувачот врти сам) опремен со камера за гледање назад, а се добива во Sol нивото на опрема.

Квалитет на материјали

И покрај тоа што еколошката пластика не е мека на допир, кабината на Prius изгледа квалитетно, пред се благодарение на одличната завршна обработка и текстурите на скоро секој материјал.

Простор

Напред
Тука Prius е простран како возилата од компактната класа, со забелешка дека широката централна конзола малку го ограничува просторот во ширина за совозачот.

Назад
Иако дизајнерите го подигнаа покривот во задниот дел во однос на претходната генерација, во делот за просторот за глава, Prius не може да конкурира на моделите од средната класа. Од друга страна, простор во ширина и должина има на претек, а речиси рамниот под овозможува комфорно сместување и на трет патник.

Багажник
Како директна последица на батериите кои се поставени во долниот дел, позади, Prius има долг, но плиток багажник. Сепак, не може да се замижи на зафатнината – 446 литри е подобар резултат од компактната класа, дури и ако тука ставиме некои од компактните седани (на пример Corolla има багажник од 450 литри).

Возни својства

Од Toyota, на големо најавуваа повеќе стабилност во однос на претходникот. Тоа е постигнато во целост, со напомена дека Prius се уште не може да конкурира на компактите или моделите од средната класа во делот на динамични возни својства.

Недоволно прецизно управување


Дека сепак се работи за хибрид, кажува самото управување, кое не е доволно прецизно и не враќа доволно повратни информации од подлогата. Едноставно, тоа е наменето за да му ја олесни работата на возачот, за тој што помалку да биде внесен во возењето, што од друга страна прави возењето на Prius да е вистински релаксирачки лесно.

Стабилност - Динамиката не е како кај „стандардните“ возила


Да, видлив е голем напредок во однос на претходникот, но Prius се уште не се снаоѓа најдобро при брзи промени на правецот. Малку порано доаѓа до подуправливост, која ја корегираат системите за стабилност. Prius, едноставно, не е наменет за спортско возење по кривините, особено не при помали брзини.

И покрај послабата динамика, благодарение не добро распределената маса (поради батериите во задниот дел), Prius одлично се држи при поголеми брзини, лесно одржува правец и добро ги поднесува долгите кривини. При повисоки брзини, заради тежината, впечаток е како да возите удобен автомобил од средната класа, како на пример Citroen C5 или Honda Accord.

Од друга страна, пофалба за кочењето – патот на застанување е многу краток и е на ниво на најдобрите.

Изненадувачки добри перформанси за зелен автомобил


Prius јасно става на знаење дека за да се биде “зелен”, не мора да се скрати на брзината. Новиот 1,8 литарски бензинец со 99 КС спарен со посилниот електричен мотор со 60 kW, многу подобро потегнува во однос на стариот модел.
Максималната сила на погонскиот склоп изнесува 136 КС, кои се доволни за забрзување до стотка за 10,4 секунди и максимална брзина од 180 km/h.

Реално, забрзувањата се како кај 1,6 литарски бензинец од компактната класа, со чувство на константно потегнување, благодарение на континуираниот менувач, што особено ни се допадна. Високиот вртежен момент од 207 Nm кој го испорачува електричниот мотор, помага и при качувањето нагорнини, односно во моменти кога треба да се престигне. Добрата работа кај Prius e што секогаш има сила за престигнување. Нема интервали кога е силен или не моторот. Сила има секогаш.

Се на се, перформансите се задоволителни. Ако ги споредиме со главниот конкурент, Honda Insight, Prius има многу подобри забрзувања. Сепак, максималната брзина изнесува не толку импресивни 180 km/h, веројатно за да се намалат оптоварувањата во хибридниот систем.

Континуиран менувач


За ваквиот тип на менувач веќе пишувавме во тестот за Insight. Се работи за менувач, кој континуирано ги менува степените на пренос, држејќи го моторот во оптималниот регион на работа. Менувачот во Prius работи скоро совршено, секогаш погодувајќи ги желбите на возачот – при мало притискање на педалата за гас, го држи моторот на ниски вртежи и обратно, при посилно притискање на педалот, го држи моторот на високи вртежи.

Каков е за возење?


Чувството е како да се вози автомобил од некој научно-фантастичен филм. Со помош на “key less entry” системот, влегувате без потреба да го извадите клучот од џебот. Моторот се стартува на копче, а менувачот е само еден мал џојстик со околу 5 сантиметри должина. Ставате во Drive, притискате на педалата за гас, и тргнувате, а се уште е тишина... Prius тргнува само со електричниот мотор, тивко и незабележливо. Бензинскиот се вклучува подоцна, но многу неосетно и тивко. Континуираниот менувач при нормално возење се грижи да се овозможи оптимален распоред на силата, па возењето е извонредно удобно. Тука мора да споменеме и дека новиот CVT, делува некако поприродно од стариот, или од тој кај Insight, бидејќи не ги држи долго време константно вртежите на високо ниво, правејќи непријатна бука.

Вакво е возењето во Normal модот на работа на хибридниот систем, односно кога не е избран еден од трите модови, кои за прв пат се појавуваат во оваа генерација на Prius. Најинтересен е EV (Electric Vehicle) модот. Кога ќе се избере овој мод на работа, Prius се движи само со помош на струја. Батериите имаат доволно капацитет за возење до 2 km, со брзини не поголеми од 50 km/h. Ако е потребно, при посилно притискање на педалата за гас, овој мод автоматски се деактивира. Вториот мод е Eco модот. Самото име кажува – системот работи во мод на заштеда на гориво и ниска емисија на издувни гасови. Перформансите се значително намалени, па овој мод се препорачува пред се за градските гужви. Последен е Power модот, кој овозможува најдобри забрзувања и инстантен одговор на педалата за гас.

Иако вака на хартија можеби делува сложено, Prius е извонредно лесен автомобил за возење. Треба само да се стави менувачот во Drive и да се тргне, а технологијата решава кој мотор ќе го движи возилото. Ако споредиме со било кој друг автомобил на пазарот, заклучок е дека Prius е еден од најлесните автомобили за управување!

Вредност

Цена/Опрема

Цената на основниот Prius, со Luna ниво на опрема, изнесува 26.490 евра. Опремата е богата и вклучува цел сет контроли на стабилноста и системи за активна безбедност, 7 воздушни перничиња, автоматски клима уред, 17 инчни алуминиумски тркала, дисплеј на ветробранското стакло, целосна електроника, радио со CD+MP3 со 6 звучници и команди на волан, темпомат, интелигентен систем за влегување и стартување, кожен волан подесив по висина и длабочина, тонирани стакла...

Тестираното возило, со Sol ниво на опрема, имаше плус предно ветробранско стакло на кое не се задржува вода, LED предни и задни фарови, специјален мултимедијален систем со хард диск од 40 GB, екран на допир со големина од 7 инчи и 8 звучници, сензор за дожд, електрохроматски ретровизор, камера за возење назад и систем за полесно паркирање... Овој модел чини 29.490 евра.
На крај, за зависниците од највисоката технологија, достапен е и пакетот Sol Plus, во кој доаѓаат помали, специјални 15 инчни тркала за помала потрошувачка (луда работа, повеќе пари, за помали тркала!!!), сончев кров со соларен дел кој ја напојува вентилацијата дури и кога автомобилот е паркиран и клима-уред која може да се вклучи однадвор со далечински управувач. Овие новитети ги гледаме за прв пат меѓу автомобилите, а кај Prius како доплата чинат 1.000 евра.

Повеќе за цените и нивоата на опрема, тука.

Импресивно ниска потрошувачка


Според фабричките податоци, Prius е најекономичниот фамилијарен автомобил. Просечната потрошувачка изнесува 3,9 литри, исто и во град, односно 3,7 на отворено.

Реално, со нормално возење, во град потрошувачката расте до, се уште извонредно ниски 5,5 литри (!), што за автомобил со оваа големина и такви перформанси е и повеќе од импресивно! На отворено, успеавме да спуштиме под 5 литри – на пример, на 70 km/h потрошувачката изнесува околу 4,5 литри. Ако се вози побрзо, на 120 km/h потрошувачката расте на 6,3 литри, односно на 8,6 при брзина од 160 km/h.

За споредба, имате автомобили на пазарот како Peugeot 207, Polo или Yaris, кои во своите дизел изведби, на отворено лесно постигнуваат потрошувачка од 4,5 литри дизел гориво. Но, Prius, според димензијата, а и според се останато, e речиси две класи над овие возила, задржувајќи ја истата потрошувачка. А што е интересно, тој троши помалку гориво од нив во градски услови!

Сепак, со различен начин на возење, возачите на новиот Prius низ светот, не ретко се фалат и со потрошувачка пониска од фабричката! Советите гласат вака – забрзувањата секогаш да бидат нежни, за подолго да се искористи електричниот мотор, да се кочи што порано, за подолго да се полнат батериите и да се вози во Eco модот. На тој начин, потрошувачката може да падне и до 3,5 литри на 100 km! И тоа во градски услови! Со внимателно возење, ние успеавме просечно да возиме со 3,9 литри, независно од условите (отворен пат или град)!

Ако на ниската потрошувачка, ја надополниме и емисијата на CO2 од само 89 g/km, станува јасно зошто Prius е омилен кај еколошки свесните возачи. Убедливо најмал потрошувач е на гориво во својот сегмент (му конкурираат само некои компактни дизели, со помала сила), а тоа уште повеќе важи за заштитата на околината.

Повратна вредност

Prius, во светот, како редок модел, добро ја држи цената на пазарите за стари автомобили, подобро од автомобилите со конвенционален погон.

Трошоци за одржување


И покрај „чаршиските“ муабети дека напредната технологија во Prius значи и скапо одржување, во принцип, ситуацијата е обратна. На пример, поради помалите оптоварувања во бензинскиот мотор (добива помош од електричниот), тој ќе трае повеќе отколку кај конвенционален автомобил! Или, плочките за кочниците, се менуваат на подолг временски интервал, бидејќи почесто се користи регенеративното кочење со генератор! А Toyota ветува и дека батериите ќе траат колку што ќе трае возилото.

Технологија

Prius е вистински храм на модерната технологија. Секако, тука прв на памет паѓа погонот – Prius е првиот и се уште единствен фул хибрид. Тоа значи дека може да се движи и само на струја, за разлика од конкурентите кои електричниот мотор го користат за помош на бензинскиот.

Системот е целосно усовршен во оваа генерација и овозможува исклучително лесно управување. Двата мотори можат да работат одделно или заедно и тоа погонувајќи ја предната оска. Ова го овозможува системот Hybrid Synergy Drive, кој простор кажано, го зема вртежниот момент од двата мотори и го носи до тркалата.
И покрај тоа што се очекуваше овој модел да користи Li-ion батерии, Toyota остана на постарите Ni-mh. Причината е делумно поради пониската цена, но и поради повисоката безбедност при евентуален судир. Батериите се полнат или преку бензинскиот мотор или преку регенеративното кочење. На пример, ако се вози по надолнина, батериите цело време се полнат. Тогаш Prius не само што не троши енергија, туку и добива благодарение на Земјината гравитација!

Сепак, во Prius не е само погонот напреден. Инженерите се потрудиле преку вградувањето на дополнителна опрема, да ја зголемат не само ефикасноста, но и комфорот. Прв на памет тука паѓа сончевиот покрив со соларни панели, кој ја погонува вентилацијата, кога автомобилот е паркиран на сонце. Така, температурата во кабината се задржува на пониско ниво, па помала е потребата од клима уредот, што ја намалува потрошувачката на енергија.

Потоа, Prius е меѓу првите автомобили што добива LED предни светла, кои даваат посилна светлина од ксенон светлата, трошат помалку енергија и се многу потрајни... А дека е одено до најситните детали, доказ е и ветробранското стакло на кое не се задржува вода – за да не се пуштаат премногу бришачите и да се троши дополнителна енергија – перверзно нели?

Безбедност

Чисти пет ѕвездички по новите тестирања на Euro NCAP за Prius во сите категории. Зелениот Јапонец е опремен со исклучително богата опрема за безбедноста која вклучува цел сет контроли на стабилноста и тракцијата (ABS+EBD+BA, EPS+TRC+VSC) и седум воздушни перничиња.



За кого е овој автомобил


Со претходниот модел беше лесно – го купуваа пред се екологистите, или оние кои сакаа да ги нарекуваат “зелени” (на пример, многу холивудски ѕвезди).
Сепак, новиот модел нуди многу повеќе од стариот во секој поглед. Има подобри перформанси, троши уште помалку гориво, исклучително е удобен, доволно е практичен и е технолошки многу понапреден.

Не, Prius не е веќе само знак дека сопственикот се грижи за околината. Новиот модел донесува едно ново, тивко и смирено возачко доживување, со технологија досега невидена ниту во еден друг автомобил (вентилацијата работи кога автомобилот е паркиран на сонце и ја одржува ладна кабината!). За вљубениците во новитетите и последниот крик на технологијата, Prius е вистинска препорака – за истите пари не може да се добие ниту еден друг, технолошки толку напреден автомобил.

Убавината во целата работа е што Prius одлично ќе ја заврши работата и за оние кои сакаат семеен автомобил – удобен е, комфорен, троши многу малку гориво... Нормално, ќе треба да се замижи на малку повисоката цена – за тие пари може да се купи добро опремен автомобил од средната класа! Но, во ниту еден модел од таа класа, нема да може да се доживее извонредно лесното управување, тишината и футуристичката технологија.

Предности


-    Извонредно ниска потрошувачка
-    Удобно и максимално тивко возење
-    Леснотија при управувањето
-    Високо ниво на ергономија
-    Солидни перформанси
-    Пространа кабина
-    Солиден багажник
-    Богата опрема
-    Висока технологија, достапна само во Prius

Недостатоци

-    Висока цена – со оглед на понудените перформанси
-    Слаба прегледност, посебно позади
-    Се уште не е динамичен и агилен како конвенционалните конкуренти
-    Простор за глава на задната клупа
-    Дизајнот на задниот дел не ја завршува најдобро динамичната линија


Toyota Prius
 Цени и нивоа на опрема
 Дополнителна опрема (*. Pdf)
 Краток опис
 Фотогалерија
 Видео




Стари коментари
Bravo za Toyota. The best
Напишан од Pepi  пред  околу 74 месеци
odlicno vozilo, da mi treba nova kola, seriozno bi razmislil za prius
Напишан од gigo  пред  околу 77 месеци
I jas go probav priusot. stvarno e fantazija.Bravo
Напишан од Petar  пред  околу 77 месеци
Go imam vozeno Priusot i mozam da kazam deka cuvstvoto e nezaboravno. Ne go sporeduvajte so bilo koe drugo vozilo tuku odete vo Toyota da go probate ako nisto drugo ke vidite sto ke vozite za 10 godini.Enterier so vakov dizaj i odlicna ergonomija do sega nemam sretnato.Hybridniot pogon me iznenadi. Najvazno Toyota ova vozilo seriski go proizveduva veke 12 god a da ja razvijat tehnologijata potrebni im se uste moze okolu 5-6 godini. Znaci 20 god se pred konkurencijata. Hondata Inside ne e full hy
Напишан од Vasko  пред  околу 80 месеци
Idninata e vo avtomobilite na električen pogon, tapčovci!!! za 5-6 god vo ponuda ke iamate kaj sekoj brend da birate sto sakate!
Напишан од macor  пред  околу 80 месеци
   
КОМЕНТАРИ - СТРАНА  1 од 6
 



Нашата редакција остро се противи на верски, расистички и национални коментари. Сите непристојни коментари ќе бидат отстранети.

Целосна архива на текстови од Тест



 
 
 
 






Одберете нов автомобил