Почетна страница Контакти Маркетинг Инфо
дома home avtomobili kola koli нови автомобили avtomobil kola koli половни avtomobil kola koli тестови avtomobil kola koli видеа avtomobil kola koli фотографии avtomobil kola koli форум avtomobil kola koli
  ПРОНАЈДИ НОВ АВТОМОБИЛ        НАЈНОВИ МОДЕЛИ        НАЈПОПУЛАРНИ       ТЕСТ       ПРЕМИЕРА        ВОЗЕВМЕ       СПОРЕДБИ       САЕМИ        ИДНИ МОДЕЛИ
Насловна > Новости > Тест > Тест: Toyota Corolla 2016 D4-D – половина век успешна приказна
 
Spodeli
21 ноември 2016, 14:12


Тест: Toyota Corolla 2016 D4-D – половина век успешна приказна Toyota Corolla Тест: Toyota Corolla 2016 D4-D – половина век успешна приказна
Во време кога електричните и хибридните возила ги освојуваат насловните страници, еден друг автомобил ги освојува срцата на купувачите...
fotografii фотографии Види фотографии komentari коментари Напиши коментар

Toyota Corolla е најпродаваниот автомобил во светот минатата година, воедно и најпродаваниот автомобил на сите времиња. И покрај тоа, ќе слушнете многумина кои ќе кажат дека е досадна. Дека не е за помладите купувачи. Дека е претерано конзервативна.



Но, неминовен факт е дека веќе половина век таа е бестселер низ целиот свет. И факт е дека има најголемо задоволство на купувачите – оние кои еднаш купиле Corolla, се враќаат на Corolla или пак на некој друг модел на брендот.

Оваа година Corolla доживеа благ фејслифт, кој во манирите на моделот не донесува претерано големи промени. Сепак, од она што можевме да го забележиме, Toyota ги затегнала брчките на неколку места и „идеалниот“ фамилијарен автомобил го направила уште малку подобар.

На тест го имавме веројатно најинтересниот модел во гамата, со 1.4 D4-D дизел агрегатот. Мотор кој веќе го имаме пробано неколку пати и кој тврдоглаво одбива да си замине во историјата и покрај тоа што постои веќе една деценија. А има и причина за тоа.


Дизајн
Новата Corolla има освежена предна маска, која делува многу поостро и повеќе наликува на останатите модели од гамата, како Avensis и Auris. Отстрана, разликите се скоро занемарливи, додека задниот дел има светлосна група со нова графика. Генерално, би рекле дека освежувањето ја направи Corolla подопадлив автомобил, особено кога ќе ја гледате однапред. Сепак, тоа сѐ уште не е доволно за случајните минувачи да се свртат по неа или да воздивнат кога ќе ја видат. Не дека тоа е поентата на Corolla…



Во внатрешноста има уште помалку дизајнерски промени – освежени се само инструмент таблата, централниот дисплеј и командите за клима уредот. Сепак, вградени се поквалитетни материјали, како на пример кожа, кои го подигнуваат визиеулниот квалитет за едно скалило погоре, а тоа особено беше забележливо кај тест моделот, кој имаше крем внатрешност.


На пат

Перформанси
Малиот D4-D дизел агрегат со зафатнина од 1,4 литри и турбо полнач е еден од најстарите модели во својата класа. Тоа не треба да ве загрижи – Toyota скоро секоја година го освежува со нови технологии, што се покажува во возењето.

Иако на хартија е прилично слаб – има „само“ 90 КС и 205 Nm, моторот е изненадувачки еластичен и добро повлекува уште од пониските вртежи. Одлично е спарен и со менувачот со 6 степени, а има и скоро незабележлива турбо дупка.

Всушност, во реалниот свет забрзувањата делуваат како многу подобри од измерените 12,5 секунди до стотка од Toyota. Максималната брзина изнесува респектабилни 180 km/h, барем за наши услови.



Управливост/Удобност
После неколку генерации дружење со Corolla, научивме дека овој модел не бил, не ѐ и никогаш нема да биде спортски ориентиран автомобил. Додека останатите седани во класата целат кон што попрецизно и директно возење низ кривините, Corolla остана верна на своите корени и повторно ѝ во оваа изведба и е пред сѐ насочена кон поголема удобност на патниците. А во оваа класа на возила, тоа е најголем можен комплимент кој може да се даде на еден модел.

Навистина, кој фамилијарен купувач ја става динамиката во возењето пред удобноста? Веруваме никој. Ова е една од главните причини зошто купувачите толку го сакаат овој автомобил. Кога купувате Corolla, знаете дека ќе биде релаксирана за возење. Знаете дека долгите патувања ќе бидат многу поудобни и помалку напорни. Corolla не се ни обидува да биде спортска. Реално, нема ниту потреба од тоа.

Благодарение на најдолгото меѓуоскино растојание во класата од 2,7 метри, Corolla се однесува како автомобил од повисоката класа кога поминува преку секој тип на нерамнини. Меки се и вертикалните движења на целата каросерија на повисоки брзини. Едноставно, возењето во Corolla е некако флуидно и вистински го опушта возачот и сите патници.

И да, Corolla не е „забавна“ за возење, но тоа во ваков автомобил не е нималку важно. Важно е што е стабилна и безбедна и на повисоки брзини.



Рафинираност
Десетте години константно подобрување го направија малиот дизел на Toyota еден од најтивките мотори во класата. Исто така, тој работи со прилично малку вибрации и кога работи во место скоро и да не се чувствува во внатрешноста. Тивкиот дизел е надополнет и со мошне солидна изолација од звукот од ветерот и од гумите, а подвозјето пренесува мал дел од вибрациите во внатрешноста и не „треска“ кога ќе се помине преку поголемите дупки или прекршени нерамнини.


Во кабината

Простор/Практичност
Најдолгото меѓуоскино растојание кое го спомнавме погоре, покрај придобивките за удобноста, придонесува и за иклучително пространа внатрешност. Corolla овозможува кралски комфор на патниците и на предните и на задните седишта. Поточно, дизајнот на предната конзола не прави да се чувствувате клаустрофобично од многу пластика околу вас, додека назад можете без проблем и да ги прекрстите нозете. Тука комфорно ќе може да се смести и третиот патник, бидејќи подот назад е целосно рамен.



Сепак, багажникот има само 452 литри и заостанува зад главните конкуренти во класата. Реално, ова е багажник кој може да проголта многу товар, но доколку имате потреба од максимално голем товарен простор, Octavia има преку 100 литри повеќе. Исто така, бидејќи Corolla е достапна само во седан верзија, отворот за товарење е помал, што го отежнува влезот на поголеми предмети.

Од друга страна, не можеме да се пожалиме на места за одлагање ситници низ кабината – фиоката пред совозачот е прилично голема, а сите останати отвори се добро осмислени и секогаш ќе има каде да ги ставите пијалаците или вашиот смартфон.

Ергономија
Сите команди во Corolla се лесно достапни и секогаш на дофат на рацете, а особено ни се допаѓа тоа што се големи и лесно читливи. Мултимедијалниот систем е исто така лесен за користење, иако би сакале да беше малку пореспонзивен во работата и да имаше барем вртлив контролер за подесување на гласноста, наместо капацитивните копчиња на допир. Ова можеби делува како барање на игла со сено, но кога автомобилот е во движење овие команди не се најдоброто решение. Сместувањето зад воланот пак е прилично удобно и независно од висината, тука секој возач ќе може да ја најде „идеалната“ позиција. Удобни се и седиштата и одлично прилегаат на останатите квалитети на автомобилот.



Опрема
Уште основниот модел Terra е опремен со целосна опрема за безбедноста, односно 9 воздушни перничиња и ABS+VSC контроли на стабилноста, систем за помош при тргнување по нагорнина HAC, како и целосна електрика, клима уред, аудио уред со AUX+USB приклучок, греени надворешни ретровизори, централна брава со далечинско итн. Тестираниот модел Luna е дополнително опремен со двозонска автоматска клима, предни светла со хромирани детали, мултимедијален систем, камера за возење назад, Bluetooth, кожен управувач и менувач, хромирани детали во внатрешноста... Еден поголем недостаток се чини се алуминиумски тркала, како и темпомат, кој воопшто не може да се набави со дизелскиот мотор, а што сметаме е сериозен недостаток со оглед на тоа дека се работи на автомобил наменет и за подолги патувања.



Моделот кој го имавме на тест со опрема Luna доаѓа плус со светла за магла, поголеми 16 инчни челични тркала (алуминиумските се ставени дополнително), 4,2 инчен информативен дисплеј на инструмент таблата, мултимедијален систем со 7 инчен дисплеј на допир, автоматска двозонска клима, волан и рачна кочница во кожа, хромирани прстени на инструментите и вентилациските отвори, заден потпирач за раце, задна камера за помош при паркирање, задни електрични стакла и дополнителен приклучок од 12 V на задната клупа.

Она што особено многу недостасува и воопшто не може да се добие во опремата кај Corolla е темпомат. Ова го кажуваме бидејќи автомобилот е вистински добар за долги патувања и недостатокот на темпомат се чини како прилично голем недостаток кој малку ја расипува целата слика за релаксираноста при возењето.


Финансии

Трошоци за купување и одржување, потрошувачка
Моментално, во Toyota има акција за сите модели на Corolla. Оној кој го имавме на тест, со дизел моторот и Luna ниво на опрема, чини 18.290 евра (плус 450 евра за перла боја), што е попуст од 1.300 евра во однос на редовната цена од ценовникот. Со оглед на опремата и понудената гаранција од 6 години или 200.000 километри, ова е коректна цена, но кај конкурентите може да се помине и малку поевтино.

Она што особено импресионира кај Corolla и малиот 1,4 литарски дизел е исклучително ниската потрошувачка. Во нормални услови во град измеривме околу 5,7 литри, односно малку над 6 литри во гужва. На отворено потрошувачката паѓа на 4,5 литри, односно на околу 5 литри при повисоки брзини на автопат. Со оглед на големината на Corolla и прилично солидните перформанси, ова е одличен резултат.



Квалитет, доверливост и повратна вредност
Освежената Corolla има многу подобро изработена кабина, особено на местата каде допира раката. Сега, многу од пластиката е облечена во (вештачка) кожа и поголем процент од неа е мек на допир. Ова се надоврзува на прецизната изработка која секогаш го красела овој автомобил – внатре се е одлично склопено. Corolla веќе децении е и еден од најдоверливите автомобили во светот и не гледаме причина зошто тоа не би продолжило во иднина.

Безбедност
Corolla освои чисти пет ѕвездички на тестирањата на EuroNCAP. Целосната безбедносна опрема е достапна уште во основниот модел, што е одлично, но ние сепак би сакале да видиме малку понапредна опрема за активната безбедност, како на пример систем со радари кој го следи возилото напред и кој може сам да забави или целосно да застане.




Заклучок
Нова Corolla, но повторно со стариот, добар рецепт. Како и секогаш, многумина помлади возачи би забележале на недостатокот на динамика во возењето на јапонскиот седан, но фактот е дека во оваа класа тоа не е нималку важно. Всушност, доколку можат да ве задоволат 452 литри багажен простор, Corolla е одлично осмислен седан автомобил, а тоа особено важи за патиштата кои ги имаме во Македонија. Возењето е тивко удобно, кабината е многу пространа, а моторот е доволно еластичен и троши многу малку гориво.



И покрај малку повисоката цена во однос на конкурентите, уникатните квалитети на Corolla се доволни за да ја препорачаме на сите кои сакаат седан автомобил кој ќе биде одличен сопатник и на подолгите патувања, за целата фамилија. Јапонците повторно имаат победник во седан класата.

Предности:

•    Исклучително пространа кабина
•    Високо ниво на удобност
•    Одлична звучна изолација и рафинираност
•    Ергономија
•    Подобрен квалитет во кабината
•    Ниска потрошувачка на 1,4 D4-D дизел моторот

Недостатоци:

•    Багажникот е помал од тој на конкурентите
•    Нема темпомат
•    Некои контроли на мултимедијалниот систем се лошо решени


Toyota Corolla
 Цени и нивоа на опрема
 Дополнителна опрема (*. Pdf)
 Краток опис
 Фотогалерија
 Видео




Стари коментари
   
КОМЕНТАРИ - СТРАНА  1 од 1
 



Нашата редакција остро се противи на верски, расистички и национални коментари. Сите непристојни коментари ќе бидат отстранети.

Целосна архива на текстови од Тест



 
 
 
 





Suzuki Swift


Одберете нов автомобил