Почетна страница Контакти Маркетинг Инфо
дома home avtomobili kola koli нови автомобили avtomobil kola koli половни avtomobil kola koli тестови avtomobil kola koli видеа avtomobil kola koli фотографии avtomobil kola koli форум avtomobil kola koli
  ПРОНАЈДИ НОВ АВТОМОБИЛ        НАЈНОВИ МОДЕЛИ        НАЈПОПУЛАРНИ       ТЕСТ       ПРЕМИЕРА        ВОЗЕВМЕ       СПОРЕДБИ       САЕМИ        ИДНИ МОДЕЛИ
Насловна > Новости > Тест > Тест: Suzuki Baleno SHVS е најпогоден хибрид за македонскиот купувач
 
Spodeli
10 ноември 2016, 10:43


Тест: Suzuki Baleno SHVS е најпогоден хибрид за македонскиот купувач Suzuki Baleno Тест: Suzuki Baleno SHVS е најпогоден хибрид за македонскиот купувач
Најновиот модел во понудата на Suzuki сега доаѓа и во „блага“ хибридна верзија, која на хартија ветува карактеристики кои би биле перфектни за македонскиот купувач – ниска потрошувачка и евтино одржување...
fotografii фотографии Види фотографии komentari коментари Напиши коментар

Но, како и секогаш кога оценуваме некој автомобил, само намалување на трошоците не е доволно за еден автомобил да добие високи оценки. Всушност, има многу други елементи кои тој мора да ги исполни за да ги задоволи истенчените вкусови на купувачот во ниската и компактната класа.



Двете класи ги спомнуваме од една едноставна причина – Baleno е автомобил кој со димензиите се поблизу до ниската класа, но има понуда на простор како автомобил од компактната класа, дури и подобра од многу конкуренти во тој сегмент. Според тоа, Baleno е автомобил, кој е директно насочен кон македонскиот купувач, кој секогаш бара повеќе простор и пониска цена.

Каков хибриден погон има Baleno SHVS?

Baleno SHVS е хибридната изведба на новиот Suzuki, која има интегриран стартер генератор, литиум-јонска батерија која го напојува и која се полни преку преку него во случај на кочење или отпуштање на педалата за гас и секако бензински мотор со зафатнина од 1,2 литри и 90 КС, кој има висока термална ефикасност.



Suzuki го нарекува овој хибрид „благ“ бидејќи интегрираниот стартер генератор го користи при тргнување само за да го помогне бензинскиот мотор. Да, тоа значи дека Baleno SHVS не може да вози само на струја, но од друга страна целиот систем е поевтин и полесен за одржување, бидејќи нема преголеми батерии кои би биле прескапи за промена и воопшто системот е поедноставен, што значи дека има помалку делови кои би можеле да се расипат.

Според Suzuki, овој хибриден погон ја намалува потрошувачката на 1,2 бензинскиот мотор од 5,3 литри на 4,7 литри во град, што е прилично голема промена. Хибридните автомобили веќе имаат и неколку други поволности, како бесплатен паркинг во центарот на Скопје, што дополнително ги намалува трошоците за нивното користење, воедно и на Baleno SHVS.

Дизајн
Baleno е еден од оние автомобили кои изгледаат многу подобро во живо отколку на фотографии. “Liquid Flow” дизајнот кој асоцира на течност во движење му дава одредена елеганција на Baleno, која е освежување во класата каде спортските дизајни се веќе норма, но него не му недостасува ниту спортска нота, бидејќи за разлика од тесните и широки конкуренти има ниска и широка силуета.



Заедно со сината боја на тест моделот и алуминиумските тркала, Baleno изгледа модерно и свежо. Би рекле и дека овој дизајн ќе им се допадне на повеќе купувачи, бидејќи не е поларизирачки и затоа одговара и на поширок дијапазон на купувачи – и помлади и постари.

Внатрешноста е исто така освежена во однос на другите модели на Suzuki – предната табла има многу помодерен дизајн, за кој најголем придонес има централно поставениот 7 инчен дисплеј, но за тоа придонесуваат и сребрените детали и употребата на пластика со изедначени текстури низ целата кабина.


На пат



Перформанси
Според податоците од Suzuki, хибридниот модел има подеднакви перформанси како моделот со 1,2 литарскиот бензинец – забрзувањето до стотка трае 12,3 секунди, додека максималната брзина изнесува 180 km/h. Сепак, во возење ние забележавме мала разлика. Хибридниот модел потегнува малку полесно од пониските вртежи, односно благодарение на помошта од електричниот мотор (стартер генератор) бензинецот не се гуши при ниските вртежи. Разликата главно се чувствува во градски услови, додека на отворен пат перформансите се исти како кај бензинскиот модел.

Со оглед на класата во која се наоѓа пак ова се одлични перформанси – многу од конкурентите имаат помалку од 90 КС и се мачат на отворен пат и автопат, нешто што Baleno SHVS го прави многу поуспешно. Сепак, за оние кои сакаат максимум перформанси, го препорачуваме моделот со 1.0 BOOSTERJET турбо бензинецот со 112 КС кој имавме можност да го пробаме на кратко и кој буквално ќе ве залепи за седиштето при забрзување, а не застанува ни до 200 km/h.



Управливост/Удобност
Suzuki Baleno лежи на целосно нова платформа, која му овозможува на јапонскиот компактен модел маса од само 865 килограми кај најслабо опремениот модел со 1,2 мотор, до 990 килограми кај хибридот. Ова е импресивно ниска маса за модел со оваа големина, која не само што придонесува за подобрување на перформансите и возните својства, туку и за намалување на потрошувачката и емисијата на штетни гасови.

Baleno има и искллучително цврста каросерија, која им овозможила на инженерите да ја направат суспензијата помека без многу да се загуби на возните својства. Секако, од Baleno не очекувајте спортска динамика – за такви егзибиции има многу спортски насочени модели во класата, но возните својства се и натаму многу респектабилни. Автомобилот солидно држи во кривини и лесно се справува со брзи промени на правецот. Имаме само една мала забелешка на управувањето, кое не е доволно прецизно и директно, односно повеќе е насочено кон лесно управување, отколку кон хируршки прецизно совладување на кривините.

Од друга страна, удобност е на многу високо ниво, особено со оглед на тоа во која класа се наоѓа Baleno. Автомобилот одлично се справува и со помалите и со поголемите нерамнини, а не го потресуваат ниту поголемите дупки, што го прави погоден за меко возење на лошите градски патишта но и изненадувачки удобен и на подолг пат. Токму ова е и еден од факторите кој според нас треба да биде одлучувачки за фамилијарните купувачи – удобноста за нив ќе биде многу поважна од динамиката во возењето.



Рафинираност
Како и скоро секој Suzuki модел и Baleno има исклучително рафинирана механика. Особено импресионира моторот, кој работи тивко и без вибрации и не ја исполнува кабината дури ни при повисоки вртежи. Голема пофалба и за Start&Stop системот, кој е составен дел на SHVS хибридниот погон – ова е најрафинираниот и најтивкиот таков систем што го имаме пробано досега, вклучувајќи ги и автомобилите од највисоките класи. Suzuki тука завршил одлична работа – возачот и патниците нема да можат да забележат кога се пали или се гаси моторот.

Звучната изолација низ град е исто така солидна и возењето е прилично тивко, но на отворен пат се забележува заштедата во маса на возилото. Тука се слуша малку повеќе звук од ветерот и гумите отколку што би сакале, иако кабината не е бучна.


Во кабината



Простор/Практичност

Suzuki Baleno е автомобил кој е пократок од 4 метри, поточно неговата должина изнесува само 3.995 милиметри, нешто што ама воопшто нема да го забележите во кабината. Не само што е поширока од другите автомобили со толкави димензии, туку кабината може да понуди простор на кој може да позавидат автомобили од компактната класа кои се дури и 30 сантиметри подолги. Особено импресивен е просторот на задната клупа – тука лесно може да се сместат и двајца повисоки возрасни патници.

Багажникот исто така воопшто не разочарува – има 355 литри, што е многу повеќе од сите автомобили од ниската класа и рамо до рамо со најпопуларните автомобили во компактната класа. Неговиот облик е исто така правилен и има двоен под благодарение на кој кога ќе се спуштат седиштата се добива целосно рамен под. Багажникот е малку пократок, односно поголемиот дел од волуменот е длабочина, но тоа е сепак логично, бидејќи Baleno е реално прилично мал автомобил. Низ кабината има и прилично многу места за одлагање ситници со оглед на класата и воопшто на димензиите на возилото.

Сето ова е постигнато во автомобил во нормален „двоволуменски“ хечбек дизајн, а не во моноволуменски дизајн како што прават многу од конкурентите, што е уште поимпресивно. Навистина, ако барате максимум простор за парите, Baleno е еден од најдобрите автомобили во класата, ако не и најдобар.



Ергономија
Седењето во Baleno е како во возило од повисоката класа – возачот не е затворен со премногу пластика околу него како во кокпит, што дава комфорно, воздушесто чувство. Идеалната возачка позиција е прилично лесно да се најде, но би сакале дисплејот на допир да биде малку поблизу поставен, бидејќи за да го користите треба малку да го поместите телото напред.

Сепак, неговото користење е вистинско задоволство, бидејќи работи како поскапите таблети со моќни процесори. Секое влегување во менијата е брзо и со мазни анимации, што дава модерен акцент со кој не можат да се пофали ниту еден автомобил во класата, па дури и во повисоките класи. Всушност, овој мултимедијален систем е еден од најбрзите кои сме ги користеле.



Опрема
Сите автомобили во гамата на Suzuki се исклучително многу опремени. Всушност, скоро и да нема конкурент кој доаѓа со толку опрема како нивните модели, а тоа особено важи за Baleno. Тој уште во старт доаѓа со кожен серво управувач со аудио команди подесив по висина, радио со CD+MP3+USB со 6 звучници, Bluetooth, LED дневни светла, “Guide me light” светла кои остануваат запалени по гасење на возилото, автоматски светла, централна со далечинско, патен компјутер, електрични ретровизори со грејачи, електрика на предни прозори, индикатор за притисок во пневматиците, делива задна клупа 60:40, имобилизатор, филтер за полен, алуминиумски тркала со големина од 16 инчи кај BOOSTERJET моторот, спојлер на задна врата, хромирани детали напред и назад и сет за поправка на пневматици. Многу е богата и безбедносната опрема – 6 воздушни преничиња, ABS+EBD, ESP, TCS, Isofix подготовка за детско седиште и помош при изненадно сопирање.



Хибридниот модел пак доаѓа исклучиво со најбогатото ниво на опрема GLX, кое вклучува плус LCD дисплеј во инструмент таблата во боја со големина од 4,2 инчи, 7 инчен дисплеј осетлив на допир, автоматска дигитална клима, управувач кој се подесува и во длабочина, систем за влез и стартување без клуч, затемнети термоизолациони задни стакла, наслон за рака напред, хромирани надворешни и внатрешни рачки за врати, хромирани лајсни на прозори, трепкачи на ретровизори, електрика на задни прозори, старт/стоп систем и грејачи на седишта. Овој модел може да се пофали и со безбедносно ниво на опрема кое е многу повисоко од било кој друг модел во оваа класа, па дури и во компактната и средната класа – доаѓа со RBR радар со поддршка за сопирање и прилагодлив Cruise Control.


Финансии

Трошоци за купување и одржување, потрошувачка
Suzuki Baleno SHVS има промотивна цена од 13.550 евра во моментов, која уште веднаш ќе кажеме е исклучително ниска со оглед на понудената опрема, хибридниот погон и се друго што нуди овој модел.

Иако се работи за модел со „благ“ хибриден погон кој не може да вози само на струја, потрошувачката е импресивна. Во град може да се помине и со потрошувачка од само 5,2 литри, што е помалку од многу дизели во овие класи, односно на отворено со околу 4,5 литри. Потрошувачката не расте многу дури и ако понервозно го возите автомобилот, односно максимум половина литар, што е најверојатно резултат на електричниот мотор кој во тој случај го помага бензинецот.

Baleno SHVS може да се пофали и со многу мали трошоци за одржување, што е резултат на тоа што системот е многу поедноставен од останатите хибриди – батеријата чини околу 700 евра и сигурно трае 8 години, кога најверојатно би имала и пониска цена доколку треба да ја промените. Исто така, автомобилот е лесен за возење, бидејќи треба да го возите исто како и секој друг компактен автомобил со бензински мотор и мануелен менувач со пет степени, а за разлика од обичните автомобили има кочење преку стартер-генераторот, што значи дека плочките ќе ги менувате на подолг период.



Квалитет, доверливост и повратна вредност
Suzuki има постигнато голем напредок во целосната изработка на внатрешноста на Baleno и иако пластиката е тврда на допир, не можеме да се жалиме премногу бидејќи и реално нема модели во овој ценовен ранг со мека, луксузна пластика. Всушност, во оваа класа многу е поважна доверливоста отколку квалитетот на материјалите и тука Baleno не би требал да има проблеми. Бензинскиот мотор е веќе докажан и е еден од најдоверливите во сегментот, а поради едноставноста не би требало да има ниту многу проблеми со хибридниот погон.

Безбедност
Suzuki Baleno SHVS е најопремениот со безбедносна опрема модел од ниската и компактната класа – достапен е систем кој активно му асистира на возачот при возење, односно RBS (Radar Brake Support) автоматски ги детектира возилата кои се пред вас при брзини над 5 km/h и реагира со: 1) звучно предупредување за возачот; 2) зголемување на силата на кочење; 3) автоматско кочење на возилото и адаптивен темпомат кој автоматски ја одржува брзината на возилото напред. Покрај овој систем, новиот Baleno е достапен и со целосна контрола на стабилноста ESP и 6 воздушни перничиња уште во почетниот модел. На тестот на EuroNCAP Baleno заработи 4 ѕвездички според новите, построги тестирања, што е солиден резултат.




Заклучок
Baleno е импресивно дизајниран автомобил и со него Suzuki дефинитивно има победник. Неговите карактеристики особено многу одговараат на македонските купувачи – каросеријата е мала, што значи дека ќе биде полесен за паркирање низ град, но кабината е исклучително пространа и на предните и на задните седишта, а багажникот има простор и за подолгите патувања. Во возење Baleno исто така е одлично погоден за нашите патишта – суспензијата е помека и добро ги впива честите дупки и нерамнини.



Хибридниот модел е особено препорачлив поради намалената потрошувачка во градски услови, каде веруваме дека купувачите најчесто ќе го возат овој автомобил, а тој има и помали трошоци за одржување. Тој доаѓа и со многу ниска цена а е опремен како модел од повисоките класи, со особено голем акцент на опремата за безбедноста.

Baleno има импресивен спој на карактеристики кои ги нема скоро ниту еден друг автомобил од ниската или компактната класа и е високо препорачлив за сите кои размислуваат за фамилијарен хечбек.

Предности:

•    Исклучително пространа кабина
•    Голем багажник
•    Удобно возење
•    Тивок и рафиниран мотор и хибриден погон
•    Супер ниска потрошувачка во град
•    Богата опрема
•    Опрема за безбедност
•    Ниска цена

Недостатоци:
•    Малку повеќе звук од ветерот и гумите на отворен пат
•    Централниот дисплеј е малку подалеку од дофатот на раката
•    Управувањето не е доволно директно и прецизно


Suzuki Baleno
 Цени и нивоа на опрема
 Дополнителна опрема (*. Pdf)
 Краток опис
 Фотогалерија




Стари коментари
   
КОМЕНТАРИ - СТРАНА  1 од 1
 



Нашата редакција остро се противи на верски, расистички и национални коментари. Сите непристојни коментари ќе бидат отстранети.

Целосна архива на текстови од Тест



 
 
 
 






Одберете нов автомобил