Почетна страница Контакти Маркетинг Инфо
дома home avtomobili kola koli нови автомобили avtomobil kola koli половни avtomobil kola koli тестови avtomobil kola koli видеа avtomobil kola koli фотографии avtomobil kola koli форум avtomobil kola koli
  ПРОНАЈДИ НОВ АВТОМОБИЛ        НАЈНОВИ МОДЕЛИ        НАЈПОПУЛАРНИ       ТЕСТ       ПРЕМИЕРА        ВОЗЕВМЕ       СПОРЕДБИ       САЕМИ        ИДНИ МОДЕЛИ
Насловна > Новости > Тест > Трн во окото на Германците - Volvo S90 - Тест
 
Spodeli
06 ноември 2016, 12:45


Трн во окото на Германците - Volvo S90 - Тест Volvo S90 Трн во окото на Германците - Volvo S90 - Тест
Volvo S90 е најновиот модел од бизнис класата на шведската компанија, кој ветува дека ќе ги наследи сите квалитети на поголемиот XC90, во уште едно минималистички дизајнирано луксузно пакување...
fotografii фотографии Види фотографии komentari коментари Напиши коментар

Ова е инаку вториот модел на новата модуларна платформа на Volvo, на која од наредната година ќе видиме неколку нови модели, вклучувајќи ги и XC60 и S60. S90 е знаменосецот на компанијата, барем кога се работи за бизнис седаните и во него тие имаат вклучено се што имаат откриено досега, особено во областа на безбедноста.



Она што Швеѓаните се обиделе да го постигнат тука е да ги стават патниците во срцето на сета таа технологија и напреден дизајн, со цел да им го направат животот полесен. Токму оваа визија, која ги става луѓето на прво место, го прави Volvo S90 посебен, специјален автомобил. Автомобил кој комбинира луксуз и Скандинавски дизајн на ниво на кое Германците не можат ни да му се доближат.

Всушност, откако ќе седнете во S90, германските конкуренти стануваат буквално брутални. Тука, дизајнот и грижливо избраните детали и материјали се клучот кон „добробитието“ на патниците. Чувството во новата S90-ка веројатно подобро би можело да се опише како префинето, отколку како луксузно, што е многу силен епитет за секој автомобил.


Дизајн
Однадвор, S90 го следи минималистичкиот дизајн на XC90, кој се чини уште подобро прилега на ниската, долга и широка каросерија. Едноставниот дизајн е вистински празник за очите – тука нема ниту една линија која е одвишок, што само додава на префинетоста која ја споменавме погоре. И никако не го оценувајте задниот дел според фотографиите – изгледа многу подобро во живо и одлично го заокружува целиот дизајн.



Ентериерот пак е посебна приказна за себе. Тука најдобро може да се види зошто Швеѓаните се број еден во светот кога е во прашање дизајн на домашни ентериери. Верувајте, фотографиите не можат ни одблизу да доловат каков е амбиентот во Volvo S90 и како прави да се чувствувате. Едноставно, кога ќе влезете во вашиот ум како да почнува да свири класична музика – дизајнот има бистрина и хармонија на кои можете да им оддадете само воздишки. И ова особено важи за моделот со бела крем внатрешност, кој уште толку го нагласува извонредниот дизајн. Тука Volvo дефинитивно има победник.


На пат

Перформанси
На тестот го имавме помоќниот D5 дизел мотор, кој има зафатнина од 2,0 литри, турбо полнач и посебен дел каде моторот складира компресиран воздух, со цел тој да се искористи за намалување на турбо дупката. Агрегатот развива 235 КС и масивни 480 Nm вртежен момент.

Она што особено импресионира кај овој агрегат е колку брзо одговара на педалата за гас, нешто што не е карактеристика кај скоро ниту еден друг дизел мотор. За ова е заслужен компресираниот воздух, кој се складира во посебен резервоар и кој ја завртува турбината при пониски вртежи на моторот. Благодарение на ова, моторот делува како да е бензинец – повлекува уште при првото притискање на педалата.



Моторот инаку беше опремен со автоматски менувач со 8 степени, кој не е претерано брз во менувањето на степените, но барем не пренесува потреси и вибрации во внатрешноста додека го прави тоа.

Според бројките, Volvo S90 забрзува до стотка за 7 секунди и постигнува максимална брзина од 240 km/h, што е и повеќе од доволно за еден бизнис автомобил, особено за автомобил опремен со 2,0 литарски турбо дизел мотор.

Управливост/Удобност
Уште со XC90, Volvo најави дека нивните модели ќе направат голем исчекор напред во возната динамика. S90 не е исклучок и навистина, делува подинамично и поагилно од S80-ката претходно. Но, во оваа класа никогаш и не беше репер S80-ката – тука владее BMW Серија 5. И покрај подобрувањата, S90 не успева да го симне BMW од тронот во оваа класа, барем кога е во прашање возната динамика.



Поточно, S90-ката повеќе делува како Audi A6 во начинот на кој вози – инженерите се обиделе да го доловат спортското чувство, но не на сметка на удобноста и рафинираноста. Моделот кој го тестиравме беше опремен со погон на сите четири тркала, кој одлично го држи автомобилот на зададената линија, дури и доколку се претера, но останува чувството дека возачот нема да може дима забава како што би имал во 5-ката – едноставно, командите не се доволно директни и автомобилот не реагира толку спремно на нив, дури и ако се избере режимот Dynamic.

Од друга страна, удобноста е на највисоко ниво, а тоа особено важи за оваа верзија, која беше опремена со воздушна суспензија. Дури и со големите 20-инчни тркала со гуми со многу низок профил, таа без проблем ги пегла скоро сите нерамнини на нашите патишта и особено добро се однесува на отворен пат, каде овозможува исклучително мазно возење. Воздушната суспензија носи и други придобивки, како намалено навалување на каросеријата во свиоците, што овозможува удобност и на кривулести патишта.

Рафинираност
Во koli.com.mk сме обично противници на дизел мотор во бизнис седан од оваа класа, веројатно поучени од гласните дизели на BMW и Mercedes-Benz кои ама воопшто не оддаваат луксузно чувство. Сепак, агрегатот во S90 целосно го менува тоа размислување – работи скоро без вибрации и во кабината скоро и да не се слуша, дури и при повисоките вртежи. Многумина дури и ќе го згрешат за бензински мотор – D5 дизел агрегатот е навистина тивок и мазен во работата.

На сето ова се придружува и одличната изолација од звукот од ветерот и од гумите, како и автоматскиот менувач, кој е пред сѐ подесен за комфорно, наместо спортско менување на степените. Навистина, ако сакате супериорно удобен, тивок и рафиниран автомобил, S90 е на самиот врв во класата.


Во кабината

Простор/Практичност
Во бизнис класата секој автомобил нуди доволно простор и на предните и на задните седишта, но Volvo S90 се чини е за милиметар подобар од конкуренцијата во сите правци. Седењето е комфорно и напред и назад, дури и за повисоките патници, освен веројатно за петтиот патник кој би седел во средината, а поради големиот централен тунел. Но, со овој проблем се соочуваат сите модели од оваа класа.

Она што особено импресионира кај S90 е практичноста. Багажникот е малку помал од тој на главните конкуренти – брои „само“ 500 литри, но затоа задните седишта се спуштаат со само едно копче (сооднос 60:40) и прават целосно рамен под, додека отворот на багажникот е доволно голем и за поголеми предмети. Низ кабината има и мноштво добро смислени места за одлагање ситници и напитоци, кои само додаваат на целосната функционалност на кабината.



Ергономија
Се што важи за ентериерот на XC90, важи и тука. Со цел да ја направат внатрешноста што почиста, Volvo ги имаат исфрлено (скоро) сите хардверски копчиња и сите контроли се наоѓаат на централниот дисплеј на допир со големина од 9 инчи. Иако делува чудно на прв поглед, ова е најдобриот систем за допир од сите автомобили што ги имаме пробано досега, пред сѐ поради брзината на работа на софтверот и респонзивноста. Системот може да се поврзе и со Apple iPhone (треба да имате iOS 9) и Android смартфоните преку Apple CarPlay и Android Auto и да ги прикажува апликациите на големиот дисплеј, што е многу корисно за оние кои често сакаат да ги проверуваат нотификациите.

Ако навлегуваме во детали, би сакале Volvo да вградеше барем команди за климата надвор од дисплејот на допир и можеби да ги направеше некои од иконите малку поголеми, но сигурни сме дека тоа ќе биде решено во наредната генерација. Како и да е, системот е најдобро сами да го пробате, бидејќи не секој е спремен да чепка по голем дисплеј на допир додека автомобилот е во движење, особено што тој е реално далеку од видното поле на возачот (иако голем дел од информациите се прикажуваат на дигиталната инструмент табла).

Самото сместување зад воланот пак е перфектно. Седиштата се апсолутно најкомфорни во класата и секој возач ќе може да ја најде идеалната позиција, бидејќи тие се подесуваат во сите правци. Прегледноста е солидна напред, но големите “C” столбови ја ограничуваат прегледноста назад, што не е голем проблем, бидејќи сите модели се опремени со сензори за паркирање, а поскапите модели можат и сами да се паркираат.



Опрема
За разлика од германските конкуренти, Volvo S90 е богато опремен уште во основниот модел, кој вклучува двозонска клима, систем за квалитет на воздухот AQS, млазници за перење на ветробранското стакло вградени во бришачите, далечинско централно заклучување, дигитална инструмент табла 8’’, кожен управувач, внатрешен ретровизор со автоматско затемнување, светли украсни лајсни на страничните прозори, сензор за дожд, напреден систем за информирање на возачот, аудио систем High Performance со контроли на управувач, AUX, USB и Bluetooth, гласовни команд, динамична шасија, алуминиумски тркала од 18 инчи и систем за контрола на притисокот во пневматиците.

Особено е импресивна опремата за безбедноста, која вклучува адаптивен темпомат со функција за полуавтоматско возење до брзина од 130 km/h, систем за избегнување судир, систем за држење на правец, помош при тргнување по нагорнина, воздушни перничиња за возач и совозач, воздушно перниче за колено за возач, воздушна перница за заштита на глава и рамена, странични воздушни перници на предните седишта, систем за заштита од повреди на вратните пршлени, ISOFIX приклучок за детско седиште, систем за информирање на сообраќајните знаци и предупредување за врзување на сигурносен појас.

Тест моделот со опрема Inscription беше опремен и со целосна електрика на седишта, дигитална инструмент табла со големина од 12,3 инчи, можност за избирање на начин на возење, 20 инчни алуминиумски тркала, амбиентално осветлување, декоративни украси Linear Walnut, двојни издуви, кожни седишта “AGNES Comfort” и Bang&Olufsen озвучување, кое е веројатно едно од најдобрите што сме ги слушнале во кој и да било автомобил досега.


Финансии

Трошоци за купување и одржување, потрошувачка
Цената на Volvo S90 започнува од 61.948 евра за моделот со турбо бензинецот со 254 КС, односно 66.906 евра за моделот со 2,0 дизелот со 190 КС. Моделот кој го имавме на тест започнува од 71.953 евра, што се чини како прилично висока цена, дури и ако се спореди со германските конкуренти. Сепак, Volvo нуди особено богата опрема уште во основниот модел, а тоа особено важи за целосната опрема за безбедноста.

Благодарение на компаративно малиот дизел мотор, S90 може да се пофали и со ниска потрошувачка, иако резултатите се далеку од она што го ветува производителот. Во град, ние измеривме околу 9,5 литри, додека на отворено околу 6,5 литри, што се одлични бројки за седан од оваа класа, кој има и прилично респектабилни перформанси.



Квалитет, доверливост и повратна вредност

Volvo отсекогаш важел за доверлив производител и нема причина зошто да не веруваме во долговечноста и сега, иако сѐ уште не знаеме доволно за новите мотори и менувач. Повратната вредност пак е подобра од онаа на германските конкуренти, кои имаат поголем пад на цената.

Најмногу сепак импресионира целиот квалитет на изработка и посветеното внимание на деталите. Ова особено се забележува во кабината, каде скоро и да нема место каде се вградени евтини материјали, дури и онаму каде не допираат вашите раце, за разлика од Германците, кои знаат да стават погруба пластика на местата каде што не можете да видите. Едноставно, тука се е подредено на луксузот и префинетоста.

Безбедност
Погоре споменатата опрема за безбедност можевме да ја испробаме на нашите автопатишта и таа делува навистина импресивно. S90 може сам да вози се додека вашите раце нежно го допираат воланот, односно може да се задржи во лента, да го следи возилото напред и да закочи во случај на препрека. Ова можеби не е целосно автономен автомобил, но благодарение на овие технологии, возачот и патниците можат да имаат многу „помирна глава“, знаејќи дека автомобилот ќе направи се да избегне судир дури и ако возачот не е свесен, односно заспие.

S90 сѐ уште не е тестиран од EuroNCAP, но Volvo е сигурен дека ќе заработи 5 ѕвездички, а нема причина ниту да не веруваме во тоа – XC90 е и натаму најбезбедниот автомобил тестиран од реномираната агенција.


Заклучок
Бизнис класата, односно како што ние ја нарекуваме „средно-високата“ класа, станува се погуст сегмент, каде BMW, Audi и Mercedes-Benz веќе ја немаат предноста која ја имаа порано. Lexus и Volvo стануваат вистински конкуренти и за голем дел на купувачи, нудат и целосно подобри автомобили.



S90 е одличен пример за тоа како треба да се направи еден бизнис автомобил. Има ентериер за кого нема доволно позитивни епитети, удобно и рафинирано возење кое буквално ги гали сите сетила и прилично моќен и штедлив дизел мотор, кој не работи грубо како кај Германците. Навистина, можеби агресивните возачи нема да бидат најсреќни со нивото на инволвираност во возењето, но да бидеме реални, во оваа класа предност секогаш има удобноста и ние сме среќни што Volvo отишле во тој правец.

Не помалку важно, Volvo S90 е исклучително безбеден автомобил, во кој ќе може без грижи да отидете и на многу долги патувања. И сета таа опрема за безбедноста е достапна уште во основниот модел – во Volvo нема простор за компромиси кога е во прашање безбедноста.

Предности:
•    Удобно возење
•    Високо ниво на рафинираност и звучна изолација
•    Префинет ентериер
•    Простор на задната клупа
•    Исклучително комфорни седишта
•    D5 дизел моторот има високи перформанси и ниска потрошувачка
•    Високо ниво на безбедност

Недостатоци:
•    Динамиката не е на нивото на најдобрите во сегментот
•    Бавен автоматски менувач
•    Дисплејот на допир бара време за навикнување и го оттргнува погледот од патот


Volvo S90
 Дополнителна опрема (*. Pdf)
 Фотогалерија




Стари коментари
   
КОМЕНТАРИ - СТРАНА  1 од 1
 



Нашата редакција остро се противи на верски, расистички и национални коментари. Сите непристојни коментари ќе бидат отстранети.

Целосна архива на текстови од Тест



 
 
 
 






Одберете нов автомобил