Почетна страница Контакти Маркетинг Инфо
дома home avtomobili kola koli нови автомобили avtomobil kola koli половни avtomobil kola koli тестови avtomobil kola koli видеа avtomobil kola koli фотографии avtomobil kola koli форум avtomobil kola koli
  ПРОНАЈДИ НОВ АВТОМОБИЛ        НАЈНОВИ МОДЕЛИ        НАЈПОПУЛАРНИ       ТЕСТ       ПРЕМИЕРА        ВОЗЕВМЕ       СПОРЕДБИ       САЕМИ        ИДНИ МОДЕЛИ
Насловна > Новости > Тест > Тест: Lexus RX450h – софистициран господин во оригами одело
 
Spodeli
03 октомври 2016, 19:53


Тест: Lexus RX450h – софистициран господин во оригами одело Lexus RX - 2016 Тест: Lexus RX450h – софистициран господин во оригами одело
Уште еден Lexus, уште еден „оригами“ стајлинг со остри, агресивни линии и уште еден хибриден погон... Дали RX450h донесува нешто што досега го немаме видено во јапонскиот луксузен бренд?...
fotografii фотографии Види фотографии komentari коментари Напиши коментар

За да прецизно го одговориме ова, треба да се запрашаме дали воопшто и конкуренцијата донесува нешто ново со секоја наредна генерација на SUV модели? Повторно дизел мотори, со по некој степен во менувачот повеќе и ветување за подобри перформанси и намалена потрошувачка. Слично е и во Lexus, само што тука освежен е хибриден погон и менувачот веќе има бесконечно многу степени на пренос.



Но, Lexus не е различен само во тоа што има хибриден погон. Новиот RX однадвор е драматично различен од својот претходник – многу повеќе отколку новата Q7-ка на Audi на пример. И покрај тоа, успева да биде препознатлив. Всушност, низ нашите улици полни со SUV-а од германското тројство, случајните минувачи веќе немаат проблем да препознаат и еден Lexus. Што за сопствениците на едно вакво возило секако е сигурно многу важно.

Главното прашање е дали Lexus RX450h се однесува во возењето исто како што изгледа? И дали воопшто купувачите на Lexus сакаат да вози како што изгледа? Бидејќи, што се однесува до самиот стајлинг, него слободно би можел да го позајми и Lamborghini доколку веќе планира да направи SUV. И тоа сигурно би бил спортски SUV, со главна ориентација кон високите перформанси. Еве го одговорот: не, овој Lexus не вози како што изгледа. Но, тоа не само што не е недостаток, туку е еден од најголемите комплименти кои можат да се дадат на овој автомобил. Зошто? Прочитајте подолу...


Дизајн
Со доаѓањето на Акио Тојода на челото на Toyota, возилата на нивниот луксузен бренд Lexus добија целосно нов изглед, со многу поостри линии и агресивна предна маска, кој не може а да не биде забележан од случајните минувачи. Ова е особено изразено кај големиот RX, кој „оригами“ дизајнот со многу агли го покажува во најдобро светло од сите Lexus-и досега. Напредниот дизајн е видлив и во деталите, како црниот дел кој го дели задниот столб и кој остава впечаток дека покривот лебди над останатиот дел од автомобилот.



Драматичниот изглед остава впечаток како ниту еден друг модел во класата – германското тројство одеднаш изгледа застарено, како нивните дизајнери да немале храброст (или одврзани раце) да направат нешто поразлично. Да, има такви на кои нема да им се допадне, но и ним, Lexus RX прв ќе им падне во очи доколку е паркиран до Audi Q7, BMW X5 или Mercedes GLE. Во моментов се чини единствено Volvo XC90 може да се носи со нападниот дизајн на Lexus и тоа со минималистички и чист изглед. Два екстреми кои моментално се дизајнерски предводници во класата.

Ентериерот е малку посмирен од надворешноста, што е и очекувано – патниците во Lexus секогаш очекуваат пријатен и смирен престој. Можеби дизајнот на кабината не остава максимален „зен“ впечаток како тој во Volvo XC90, но делумната спортска нота на предната конзола одлично се поврзува со надворешниот изглед.


На пат

Перформанси
Lexus RX450h е опремен со хибриден погон, составен од 3,5 литарски V6 мотор со 262 КС, преден електричен мотор со сила од 167 КС и заден електричен мотор со сила од 68 КС. Резултатот, како и секогаш кај хибридните погони на Toyota и Lexus не е едноставно собирање на бројките, бидејќи хибридниот систем на јапонскиот производител работи како еден единствен погон.

Заедничката сила која ја развива овој погон е 313 КС, што вака на хартија делува импресивно. Перформансите се солидни – погонот е доволно моќен за лесно да избегате од останатите возила на семафор, а автомобилот има сила и на отворен пат. Традиционалистите веднаш ќе забележат дека RX ги нема забрзувањата „во брзина“ како конкурентите, но причината за тоа е што менувачот и нема степени, односно е CVT.

Ова значи дека забрзувањето е линеарно и без прекини, односно дека автомобилот нема да ве залепи за седиштето како што би залепил автомобил со обичен менувач. Сепак, високите брзини се постигнуваат прилично брзо, иако патниците нема да го забележат тоа. Бројките велат дека забрзувањето до стотка трае 7,7 секунди, додека максималната брзина изнесува 200 km/h, што е веројатно доволно за еден голем и тежок SUV автомобил. За да имате добра претстава за тоа како забрзува Lexus RX450h, снимивме и едно видео.


Управливост/Удобност
Мекоста и префинетоста со која овој Lexus лесно забрзува до нелегални брзини е придружена и со исклучително удобно возење. Суспензијата лесно се справува дури и со најголемите дупки на нашите патишта и не пренесува вибрации во кабината ниту дозволува вертикално движење на автомобилот од кое би ви се слошило на подолг пат. Ова и беше очекувано – Lexus отсекогаш знаел да направи удобни автомобили и RX не само што не е исклучок, туку е веројатно еден од најудобните автомобили кои сме ги возеле.

Моделот кој го имавме на тест имаше адаптивна суспензија, која со активирањето на модот Sport S+ станува делумно потврда, но и натаму целосната смиреност во движењето на автомобилот не е воопшто нарушена. Кога сме веќе кај Sport S+, тоа е дефинитивно модот кој треба да го изберете ако сакате малку поагресивно да ги совладувате кривините, забрзувате и кочите. Сепак, дури ниту во Sport S+ јапонскиот SUV не станува спортски автомобил и тежината се чувствува во острите свиоци – Volvo XC90 и BMW X5 се делумно поагилни и подинамични, но разликите се мали и веројатно не премногу важни за купувачите на ваков тип на автомобил.



Достапни се уште три модови – Eco е одличен за градските гужви, бидејќи го максимизира користењето на електричниот погон, Normal е наменет за стандардно возење со средни брзински просеци, додека Sport S (без +) го подобрува одговорот на педалата за гас и го прави управувањето подиректно, но ја задржува комфорната суспензија. Има копче и за EV мод, односно движење само со помош на струја, но според нашето искуство најдобро е да го оставите автомобилот да одлучи кога треба да го користи само електричниот погон.

Како и секој SUV и Lexus RX го пробавме на полесен терен и го помина без никакви проблеми, иако не успеавме да наидеме на лизгава или каллива подлога за целосно да го испробаме погонот на четири тркала со електричен мотор назад. Сепак, ова сигурно е автомобил кој корисниците нема често да го возат на терен, можеби скоро и никогаш...

Една работа која не се спомнува толку често, но веројатно е важна за мал дел од купувачите на оваа класа на возила е можноста за влечење на приколка, каде RX е малку послаб од останатите модели во класата, веројатно поради тешките батерии. Имено, RX450h може да влече приколка од 2.000 килограми, додека конкурентите можат да влечат во просек до 50% повеќе, а Audi Q7 може да повлече дури 3.500 килограми.



Рафинираност
Секогаш кога пишуваме за рафинираноста на некој Lexus го оценуваме со највисоки оценки. Lexus RX не само што не е исклучок, туку е и еден од најрафинираните автомобили што сме ги возеле досега. Кабината е одлично изолирана од сите звуци – дури и на повисоки брзини нема премногу звук од ветерот и гумите, а скоро да недостасуваат и вибрации од погонот и подлогата.

Хибридниот погон на Lexus е особено порафиниран од конкуренцијата со дизел мотори во градски услови, каде тргнувањето е исклучително мазно, без никакви вибрации. Ова е и нормално, бидејќи автомобилот скоро секогаш тргнува на струја, но дури и да се користи бензинскиот мотор, движењето е мазно и префинето. Многумина може да забележат на константното држење на вртежите на моторот поради CVT менувачот при забрзување, но кај RX ретко ќе треба да ја притиснете педалата до крај и константно да го слушате моторот, бидејќи доволно сила има и на пониските вртежи на моторот.


Во кабината

Простор/Практичност
Најголемиот SUV на Lexus во Европа е воедно и најпространиот автомобил кој го имаат во гамата, веројатно освен големиот LS. Простор има на претек и на предните и на задните седишта, поточно, задната клупа е една од најкомфорните во класата. Супер удобните седишта само го надополнуваат целото комфорно чувство.

Сепак, Lexus RX нема трет ред на седишта, што за некои купувачи може да биде ограничување, а исто така и багажникот е помал од тој на конкурентите со зафатнина од 453 литри. Ова секако не е малку и е веројатно доволно за багажот на четири патници, но факт е дека конкуренцијата нуди поголема слобода при пакувањето, а тука особено мислиме на новите Volvo XC90 и Audi Q7, кои можат да проголтаат многу багаж.

Она што импресионира пак е колку места за одлагање на ситници има во внатрешноста, а особено како се поставени и колку се корисни. На пример, во предната конзола има и место каде можете да го оставите вашиот паметен телефон и тој да се полни преку безжично полнење. Тука инженерите и дизајнерите мислеле апсолутно на се што би можеле да понесете со вас на пат.



Ергономија
Дека седењето позади воланот на RX ќе биде исклучително комотно и дека сите команди ќе бидат на дофат на раката не се ни сомневавме. Навистина, ова е еден од најдобрите автомобили за подолги патувања – има одлични седишта кои се подесуваат во сите насоки кои може да ги замислите и команди кои се поставени точно на допирот на вашата рака.

Она што е тема на полемики во сите нови модели на Lexus е мултимедијалниот систем, кој се управува со своевиден џојстик на средната конзола. Да, можеби треба малку подолго време за навикнување на овој џојстик, кој некогаш знае да биде и преосетлив, особено при возење на поголеми нерамнини, но сигурни сме дека сите оние кои барем еднаш фатиле компјутерски маус во раката нема да имаат проблем со него.



Мега големиот дисплеј кој мери 12,3 инчи во дијагонала пак е вистински празник за очите и на него може да гледате две функционалности одеднаш, како на пример да пребарувате низ .mp3 песните во вградената меморија и истовремено да ја гледате навигацијата. Дисплејот е поставен високо, што значи нема да мора премногу да го тргнувате погледот од патот, а во овој модел беше вграден и проѕирен “Heads Up” дисплеј на стаклото, кој ја прикажува брзината на движење и навигацијата.

И мора да споменеме, особено многу ни се допадна што Lexus и натаму главните команди ги става надвор од дисплејот – музиката и клима уредот може да ги управувате преку копчиња на средната конзола, што е бесконечно многу подобро решение отколку да „буричкате“ по менија на дисплеј.



Опрема

Lexus отсекогаш важел за премиум производител кој не штеди на опрема – додека останатите производители можат да ви наплатат уште еден автомобил ако ги сакате сите можности, во RX има неколку одлично опремени пакети. На тест ние го имавме најопремениот пакет President, кој, како што кажува неговото име, буквално вклучува се што можете да замислите во еден луксузен премиум автомобил наменет за оние кои пред се сакаат луксуз (F Sport Premium моделот има иста цена, но е насочен малку повеќе кон спортски настроените возачи).

Да ја набројуваме опремата во Lexus RX ќе одземе премногу редови од овој текст, па затоа ќе издвоиме неколку поединости. Бидејќи автомобилот го тестиравме во многу топло време, на голема помош дојде вентилацијата на седиштата, која не дозволува да се испоти вашиот задник и покрај тоа што седиштата се целосно облечени во кожа. Потоа, озвучувањето Mark&Levinson е едно од најдобрите што сме ги слушнале во кој и да било автомобил досега, додека опремата за безбедноста е на највисоко ниво – автомобилот може сам да се задржи во лента, сам да го следи возилото напред и целосно да запре по потреба, а има и автоматско долго светло.


Финансии

Трошоци за купување и одржување, потрошувачка

Lexus RX почнува од 67.500 евра за моделот со Business ниво на опрема, иако ние би го препорачале подобро опремениот Luxury кој чини само 5.000 евра повеќе. Моделот кој го имавме на тест пак чини 82.500 евра, а исто толку чини и F Sport Premium. Цените можеби изгледаат многу високи, но ако го споредиме RX со дизел конкуренцијата, ќе видиме дека тој е најевтин модел во класата (веројатно и благодарение на помалите давачки за хибридни возила). Со иста опрема, конкурентите со дизел мотор со еквивалентна сила преминуваат и преку 100.000 евра и иако во овие класи попустите играат голема улога и можат драстично да ја сменат цената на возилото, Lexus RX веројатно и натаму ќе биде најевтин.

Хибридите се и делумно поевтини за одржување – возачот многу помалку ги користи механичките кочници на пример, односно моторот не е толку многу оптоварен. Lexus е исто така број еден на скоро сите тестирања за доверливост и според тоа купувачите не би требало да имаат некои поголеми проблеми со автомобилот.



Бидејќи се работи за хибрид, интересно е да се дискутира потрошувачката, а споредено со дизел конкурентите. Прво, мора да се нагласи дека како и секој друг премиум автомобил и тука фабричките податоци се многу тешко достижни, односно скоро и невозможно да се достигнат. За реални бројки веројатно ќе треба да почекаме ЕУ да го смени начинот на мерење на потрошувачката кај возилата, но за тоа во друга прилика.

Ние измеривме потрошувачка од околу 9,5 литри со нормално возење дури и во најголемите градски гужви. Всушност, најголемата предност на RX е токму возењето во тргни – застани сообраќај, каде дефинитивно троши помалку од дизел конкурентите. Сепак, на автопат потрошувачката изнесува околу 7,5-8 литри, што е повеќе од конкуренцијата, но затоа на стандарден отворен пат таа се симнува под 7 литри, бидејќи во тој случај повеќе се користи електричниот мотор и батериите се полнат преку кинетичката енергија при кочење. Ова е особено изразено на пат со кривини или со многу нагорнини и надолнини. Доколку се вози поспортски и се користат сите 313 КС, потрошувачката знае да порасне и до 12 литри, што и натаму не е премногу за голем SUV автомобил.

Квалитет на материјали и изработка

Зборовите некогаш не се доволни да се опише квалитетот на изработката и материјалите во автомобилите од највисоките класи. За RX само ќе кажеме дека работниците што ја шијат кожата во автомобилот мора да знаат да направат оригами во лик на мачка за само 90 секунди, со послабата рака. Згора на тоа, треба да имаат минимум 25 години искуство во рачна изработка. Нивното име е „Такуми“ и тие се задолжени за финишот во Lexus RX.



Благодарение на ова, RX ја има една од најпрефинетите изработки во класата, со исклучително внимание на деталите. Материјалите се на највисоко ниво – целата предна конзола е облечена во кожа, додека за дрвото на средната конзола е задолжена Yamaha, која има децении искуство со дрво за своите концертни клавири.

И во сето тоа е вклучена и висока технологија – претходно споменатото парче дрво е споено со парче алуминиум и потоа направени се линии низ дрвото со специјален ласер, со цел да се гледа алуминиумот. Дефинитивно, Јапонците отишле до најдалечните размери за да ја направат кабината на RX што полуксузна и тоа навистина се чувствува – во моментов единствено Volvo XC90 има кабината која може да конкурира во целосниот дизајн, квалитет и изработка.

Безбедност
Lexus RX заработи чисти пет ѕвездички на тестирањата на EuroNCAP и уште во почетниот модел доаѓа со целосна опрема за безбедноста, која вклучува систем за избегнување незгода, адаптивен темпомат, систем за задржување на возилото во лента, систем за читање на сообраќајните знаци, 10 воздушни перничиња и цел сет на контроли на стабилноста.




Заклучок
Со RX, Lexus повторно покажува дека не само што може да им конкурира на Германците, туку и ги надминува во многу сегменти. RX има неколку слабости, како на пример недостатокот на трет ред на седишта, малку помалиот багажник и послабата можност за влечење на тешки приколки, но скоро во секој друг дел е на самиот врв во класата. Ова и не е случајно - многумина не знаат, но токму ова е првиот голем SUV модел во премиум класата, кој со својот успех во првата генерација ги натера Германците да направат вакви автомобили.



Доколку навистина не ви треба трет ред на седишта, а сакате комфорен, удобен и исклучително луксузен SUV сопатник, со Lexus RX нема да згрешите. Јапонскиот модел има и пониска цена од таа на дизел конкуренцијата, што секако не треба да се занемари, особено што воопшто и не делува поевтино. Напротив, Германците (BMW и Mercedes-Benz пред сѐ) би можеле да научат некој трик од книгата на Јапонците за ентериерите во идната генерација на своите големи SUV модели.

Предности:
•    Луксузен ентериер
•    Исклучително пространа внатрешност
•    Удобно возење
•    Рафиниран и тивок погон
•    Одлична ергономија и посебни копчиња за аудио системот и клима уредот
•    Ниска потрошувачка во градски услови
•    Богата опрема и ниска цена

Недостатоци:
•    Помал багажник од конкуренцијата
•    Мултимедијалниот систем за некои корисници може да биде малку потежок за управување
•    Недостаток на модел со три реда на седишта


Lexus RX - 2016
 Цени и нивоа на опрема
 Дополнителна опрема (*. Pdf)
 Фотогалерија
 Видео




Стари коментари
   
КОМЕНТАРИ - СТРАНА  1 од 1
 



Нашата редакција остро се противи на верски, расистички и национални коментари. Сите непристојни коментари ќе бидат отстранети.

Целосна архива на текстови од Тест



 
 
 
 






Одберете нов автомобил