Почетна страница Контакти Маркетинг Инфо
дома home avtomobili kola koli нови автомобили avtomobil kola koli половни avtomobil kola koli тестови avtomobil kola koli видеа avtomobil kola koli фотографии avtomobil kola koli форум avtomobil kola koli
  ПРОНАЈДИ НОВ АВТОМОБИЛ        НАЈНОВИ МОДЕЛИ        НАЈПОПУЛАРНИ       ТЕСТ       ПРЕМИЕРА       ВОЗЕВМЕ       СПОРЕДБИ       САЕМИ        ИДНИ МОДЕЛИ
Насловна > Новости > Возевме > Возевме: Ford Transit прв со новите супер економични, моќни и тивки EcoBlue дизел мотори
 
Spodeli
15 јуни 2016, 13:37


Возевме: Ford Transit прв со новите супер економични, моќни и тивки EcoBlue дизел мотори Ford Transit Connect Возевме: Ford Transit прв со новите супер економични, моќни и тивки EcoBlue дизел мотори
Кога било кој од нас ќе помисли на комерцијални возила, едно од имињата кое секогаш паѓа на памет е Ford Transit. Моделите кои се буквално неизбежни на патиштата низ Стариот Континент добија освежување со целосно нови EcoBlue дизел мотори, нов автоматски менувач и нова задна пневматска суспензија...
fotografii фотографии Види фотографии komentari коментари Напиши коментар

Новата моделска линија на Transit имавме можност да ја пробаме во околината на Минхен на официјалната промоција на новитетите, а благодарение на официјалниот увозник на Ford возилата за нашата земја Mi-Da Grand Motors.

Ford Transit инаку веќе е најуспешниот бренд за комерцијални возила во Европа – уделот на пазарот изнесува исклучително високи 12,6%, додека годинава во Април е постигнат раст на продажбата од 18,9% во однос на истиот месец минатата година. Всушност, Април оваа година е најуспешен месец за Transit после далечната 1993 година! Од компанијата нагласуваат и дека нивниот пикап Ranger исто така е најпродаван во својот сегмент во Европа, што само ја дополнува успешната приказна на комерцијални и товарни возила на Ford.



Ова секако не значи дека инженерите од Ford се потпираат на досегашните успеси – според нив само развојот и иновациите можат да ги задржат нивните модели на врвот на пазарот. Оваа година Transit одбележува и 50 години од првиот модел, што е само причина повеќе за целосно и длабоко освежување на актуелната гама на возила.

Новиот Transit ветува многу пониски трошоци за одржување, подобри перформанси и помала емисија на штетни гасови благодарение на новите EcoBlue дизел мотори, но и потивка и поудобна кабина, зголемена безбедност и сето тоа со задржување на легендарната издржливост и доверливост.

EcoBlue дизел мотори – подобрени перформанси и одзив на педалата за гас, многу потивка работа
Целосно новите EcoBlue дизел мотори со зафатнина од 2,0 литри ги заменуваат досегашните 2,2 литарски агрегати и ја делат технологијата со EcoBoost бензинците. Оттаму и очекувањата кои ги имавме за нив беа многу високи. Уште при првите неколку километри забележавме дека моторите се исклучително тивки, дури потивки и од многу патнички автомобили. Сето ова е надополнето и со многу малку вибрации при работата – со овие агрегати веќе апсолутно нема да се чувствувате дека возите товарен автомобил.



Агрегатите се инаку целосно развиени во Германија и Велика Британија и се наменети исклучиво за европскиот пазар. Се работи за изведби со сила од 100 до 240 КС и зафатнини од 1.5 и 2.0 литри, кои наскоро ќе ја опфатат целата гама на возилата на Ford. Во Transit ќе бидат достапни изведби со 105, 130 и 170 КС и зафатнина од 2.0 литри. Ние имавме можност да ги пробаме моделите со 105 и 130 КС во четири различни изведби на Transit, со натовареност од 400-800 kg.

Импресиите беа одлични – моторите сега потегнуваат уште на првото притискање на педалата на гас (20% повеќе вртежен момент на 1.250 врт/мин и 20% побрз одзив на педалата за гас во однос на претходникот), односно ја нема онаа карактеристична мрзеливост, додека одлично е прикриена и турбо дупката, за што се заслужни новите турбо полначи со променлива геометрија кои сега имаат покомпактен дизајн, помала инерција и многу повисоки брзини на операција од 240.000 врт/мин. Всушност, во толку натоварен автомобил дури и бевме изненадени од одличните перформанси кои ги понудија – автомобилите во ниту еден момент не делуваа бавни или како да им фали здив.



Сето ова е постигнато со неколку подобрувања кај моторите, како екс-центар коленесто вратило, оптимизирани лежишта, погонски ремен подмачкан со масло кој не треба да се менува, иновативен “mirror swirl” дизајн во цилиндарот и оптимизирани доводен и издувен систем, кои овозможуваат исклучително ефикасен процес на согорување. Подобрен е и Common Rail системот за впрскување на гориво, кој сега оперира под притисок од 2.000 bar, има прскалки со 8 пиезо инјектори и може да впрска гориво до 6 пати во еден такт за подобра контрола на смесата на гориво – воздух.

Намалена потрошувачка и помали трошоци за одржување
Сите овие подобрувања имаат и голем импакт на намалување на потрошувачката – EcoBlue се најекономичните дизели на Ford досега. Според Ford, потрошувачката е пониска за 13% во однос на претходниците, односно целосните трошоци за гориво до 130.000 km се намалени до 1.600 евра! Сето ова е надополнето и со многу помали трошоци за одржување – сервисните интервали кај повеќето модели сега се на 2 години или 60.000 поминати километри, што е постигнато благодарение на преку 5,5 милиони километри тестирање пред автомобилот да пристигне на пазарот.



Иако немавме можност да ја детално измериме потрошувачката како што тоа го правиме на нашите тест возења, на неколкуте мешани рути борд компјутерот покажуваше и под 7 литри на 100 km, што за натоварени комбиња со преку 400 kg товар е навистина одличен резултат. Благодарение на AdBlue резервоарот кој може да се добие со доплата, а во кој има вештачка „урина“, драматично е намалена и емисијата на азотни оксиди, покрај намалувањето на емисијата на CO2 на самиот агрегат. Резервоарот има капацитет од 21 литар и трае околу 10.000 километри со едно полнење.

Кабината е функционална како подвижна канцеларија
Во кабината на Transit сега има многу места за одлагање ситници. Всушност, секој дел од предната маска до покривот е добро искористен, што е и нормално – возачите тука ќе го поминуваат целото работно време. Простор има на претек на предните седишта и без проблем можат да седнат тројца патници, додека на просторот на задните седишта (онаму каде ги има) не би се побунил ниту Перо Антиќ.



Особено ни се допадна тоа што Ford отсега ќе го вградува својот Sync мултимедијален систем и во Transit, кој се оперира преку дисплејот на допир и кој е лесен и интуитивен за користење. Секако, бидејќи возевме на непознати патишта, можеме да потврдиме и дека вградената навигација во автомобилот функционира без грешка.

Нови системи за стабилизација и активна безбедност
Ford Transit отсега доаѓа со иновативен ESC систем за стабилизација, кој се активира на брзини преку 80 km/h и кој го анулира страничниот ветер, помагајќи му на возачот лесно да го задржи возилото во лента, нешто во кое се уверивме на ветровитите автопатишта околу Минхен.

Редизајнираните амортизери пак овозможуваат драматично подобрена удобност дури и на празно возило, подобра контрола на вертикалните движења и подобрена управливост – Transit дури и на кривулести патишта се однесуваше како нормален автомобил, нешто што е секако за почит. Подоцна во Transit Custom Combi ќе биде достапна и пневматска (воздушна) суспензија за задниот дел, која дополнително ќе ги подобри овие својства и која е прва во вакво возило во светот. Како и секогаш, Transit ќе биде достапен со погон на предните, на задните и на сите четири тркала.



Transit отсега е опремен и со сите безбедносни системи за помагање кои веќе ги запознавме во другите модели на Ford, како помош за задржување во лентата на движење, автоматско кочење доколку возачот не ја забележи препреката во град, адаптивен темпомат кој сам го следи автомобилот напред и следствено на тоа ја нивелира брзината, камери кои ги препознаваат сообраќајните знаци и систем кој препознава замор кај возачот.

Ова се први вакви системи во класата на комерцијални возила и тука имаат особено многу смисла, односно би можеле да им бидат од голема помош на професионалните возачи кои поминуваат многу километри.

Нов автоматски менувач со 6 степени
Во новиот Transit ќе биде достапен и нов автоматски менувач со 6 степени, кој има специјални сензори кои знаат кога автомобилот е натоварен и/или вози по нагорнина и според тоа го избира степенот на пренос. Специјални алгоритми овозможуваат менувачот да ги учи и навиките на возачот, притоа правејќи специјален план на менување на брзините кој ќе одговара на секој возач посебно.



Самото менување на брзините сега е многу помеко, порафинирано и побрзо, а автоматскиот менувач доаѓа и со Auto-Stop-Start систем кој го гаси моторот при застанување. Менувачот има и мануелен мод на работа – брзините можат да се менуваат и преку +/- копчињата на рачката за уште подобра контрола на влечната сила.

Кога ќе биде достапен новиот Transit кај нас?
Новите Ford Transit модели со EcoBlue дизелски мотори треба наскоро да стигнат и на нашиот пазар. Од Mi-Da Grand Motors ни потврдија дека наредната пратка на возила ќе биде опремена со овие агрегати.

Ford повторно поставува нови стандарди кај моторите, исто како што направи и со EcoBoost
Иако EcoBlue дизелските мотори својата премиера ја доживуваат во Transit, тие наскоро ќе бидат достапни и во патничките возила на Ford. Со оглед на сите позитивни импресии кои ги имавме од еднодневното дружење со нив, со право сме возбудени и нетрпеливо очекуваме да ги пробаме и во останатите модели на производителот.



А бидејќи EcoBlue агрегатите се базираат директно на технологиите од EcoBoost бензинските мотори, не би било неочекувано наредниве неколку години и тие да ја земат наградата за „Мотор на годината“, која EcoBoost ја освојува веќе петта година по ред. Всушност, после се што научивме за нив и после супериорните карактеристики кои ги покажаа во возењето, дури и би се обложиле на тоа.


Ford Transit Connect
 Цени и нивоа на опрема
 Дополнителна опрема (*. Pdf)
 Фотогалерија
 Видео




Стари коментари
   
КОМЕНТАРИ - СТРАНА  1 од 1
 



Нашата редакција остро се противи на верски, расистички и национални коментари. Сите непристојни коментари ќе бидат отстранети.

Целосна архива на текстови од Возевме



 
 
 
 





Suzuki Swift


Одберете нов автомобил