Почетна страница Контакти Маркетинг Инфо
дома home avtomobili kola koli нови автомобили avtomobil kola koli половни avtomobil kola koli тестови avtomobil kola koli видеа avtomobil kola koli фотографии avtomobil kola koli форум avtomobil kola koli
  ПРОНАЈДИ НОВ АВТОМОБИЛ        НАЈНОВИ МОДЕЛИ        НАЈПОПУЛАРНИ       ТЕСТ       ПРЕМИЕРА        ВОЗЕВМЕ       СПОРЕДБИ       САЕМИ        ИДНИ МОДЕЛИ
Насловна > Новости > Тест > Тест: Toyota Avensis 2.0 D4-D – повеќе од фејслифт
 
Spodeli
10 јуни 2016, 16:35


Тест: Toyota Avensis 2.0 D4-D – повеќе од фејслифт Toyota Avensis Тест: Toyota Avensis 2.0 D4-D – повеќе од фејслифт
Јапонскиот производител веќе втор пат го освежува својот модел од средната класа, но како што можевме да откриеме, овој пат се работи за нешто повеќе од само фејслифт – Avensis стана вистински подобар автомобил...
fotografii фотографии Види фотографии komentari коментари Напиши коментар

Но, зошто Toyota се одлучи на освежување на постоечкиот модел, а не на целосно нов автомобил? Причината е едноставна – продажбата на седан автомобилите од средната класа во Европа опаѓа, на сметка на SUV моделите, кои од ден на ден стануваат се попопуларни, па профитот од возилата од оваа класа е се помал.



Што е ново кај овој Avensis?

Прва најзначајна промена се новите дизел мотори од BMW со зафатнина од 1.6 и 2.0 литри, кои ги заменуваат застарените дизели на Toyota со зафатнина од 2.0 и 2.2 литри. Новите агрегати носат намалена потрошувачка и емисија на штетни гасови – ние на тест го имавме 2.0 литарскиот турбо дизел, кој навистина се покажа како исклучително економичен.

Големи промени има и во подвозјето, а особено во подесеноста на суспензијата, која според Toyota сега донесува поудобно и подинамично возење – ова второто и не беше најсилна страна на моделот пред ова освежување. Целосно е променета и внатрешноста, каде предната конзола доби нов изглед и поквалитетни материјали и финиши, додека Јапонците нагласуваат дека големо внимание е посветено на целосната звучна изолација.

Дизајн
Промените кај новиот Avensis се лесно забележливи и однадвор – предната маска има целосно нов изглед, кој многу подобро се сложува со оној на другите модели од гамата, додека задните светла се делумно поголеми и имаат поубава 3D графика. Отстрана линијата сепак остана иста – делува прилично елегантно, со блага купе форма и големи страници.

Предната маска секако дека го освежи Avensis и ќе се дрзнеме да кажеме дека однапред изгледа навистина модерно и агресивно, но останатиот дел од автомобилот е веќе застарен – севкупно гледано, има поубави автомобили во класата. Но, дизајнот на Toyota возилата од средната класа никогаш не бил главна одлика и тоа не е случај ниту со овој автомобил.




На пат

Перформанси
На тест го имавме 2.0 турбо дизел моторот со 143 КС при 4.000 врт/мин и 320 Nm од 1.750-2.250 врт/мин. Агрегатот веќе ни е добро познат од BMW и се работи за прилично еластичен мотор, кој добро потегнува и од пониските вртежи. Според нас, перформансите се перфектно погодени на карактерот на возилото – моторот секогаш има сила да потегне и добро влече и во повисоките брзини на пренос.

Самиот менувач со 6 степени исто така има одлично избалансиран пренос – првите четири брзини се пократки за брзо стигнување до високи брзински просеци, додека 5-тата и 6-тата се брзина се подолги и драстично ги симнуваат вртежите на моторот на автопат, притоа намалувајќи ја потрошувачката.

Бројките велат дека забрзувањето до стотка трае 9,5 секунди, додека максималната брзина изнесува 200 km/h.

Управливост/Удобност
Една од најголемите промени кај новиот Avensis според инженерите е кај суспензијата. И навистина, разлика има – автомобилот е сега подинамичен и поагилен, но останува фактот дека заостанува зад најдобрите во класата од овој аспект. Едноставно, му фали повеќе прецизност во управувањето и помало навалување на каросеријата за да може да ги загрози Mazda 6, Passat и Mondeo.

Од друга страна и така добра удобност кај претходникот, сега е качена на уште повисоко ниво. Суспензијата одлично се справува и на отворен пат на помазен асфалт и на искршен асфалт со многу дупки. Кабината е скоро целосно исклучена од нерамнините на патот – нема ниту звук ниту вибрации дури и од најголемите дупки, нешто што многу модели не успеваат добро да го направат и што е најчесто проблематично да се постигне при подесувањето на суспензијата.  Ова е дефинитивно еден од најудобните автомобили во класата, независно од патните услови.



Рафинираност
Дизел агрегатот на BMW кој се вградува во Avensis е „непопуларен“ по неговата бучност и нерафинираност. Јапонците дефинитивно се обиделе да го стишат, но останува фактот дека при забрзувања и особено при пониски степени на пренос и возење во град, моторот е побучен и работи со малку повеќе вибрации од вообичаеното.

Од друга страна, драматично подобрената звучна изолација во однос на моделот пред фејслитот (повеќеслојни стакла) најдобро се чувствува на повисоки брзини – сега скоро и да нема звук од тркалата и ветерот, додека моторот целосно се стишува благодарение на високиот 6-ти степен на пренос. Во сето ова се придружува и суспензијата, која тивко поминува дури и преку најголемите дупки. Тука ќе отидеме дотаму што ќе кажеме дека сега Avensis е еден од најтивките автомобили на отворен пат во класата!


Во кабината

Простор/Практичност
Кога излезе, Avensis беше веројатно најпространиот автомобил во класата и иако останатите модели пораснаа, немаме забелешки на просторот ниту на предните ниту на задните седишта. Назад, како скоро сите модели на Toyota, нема централно поставен тунел на подот, што значи дека удобно ќе му биде и на петтиот патник.

Багажникот од 509 литри е веројатно доволен за багажот на целата фамилија кога ќе одите на одмор, но ова веќе не е резултат кој е водечки во класата. Напротив, поновата конкуренција има поголеми багажни простори. Во кабината пак има доволно места за одлагање на ситници и фиоката пред совозачот и под централниот потпирач се навистина големи.

Сепак, имаме забелешки на отворите на средната конзола – има само еден држач за пијалаци и нема место каде можете да го оставите вашиот паметен телефон, кој ќе мора да го ставите во големата фиока под потпирачот за рака. Ова секако не е идеално решение – сите ние денес сакаме паметните телефони да ни бидат на дофат на раката, макар и да можеме да контролираме дел од нивните функции на централно поставениот дисплеј.



Ергономија
Возилата на Toyota отсекогаш биле дизајнирани со цел да бидат полесни и интуитивни за возење. Новиот ентериер на Avensis не е исклучок од ова – возачот може лесно да ја најде идеалната позиција и сите команди се достапни на рацете и лесно читливи. Едноставно, уште во првите неколку километри ќе имате чувство дека го познавате овој автомобил одамна.

Централно поставениот екран на допир со големина од 8 инчи е исто така лесен за користење, пред се благодарение на брзите опции поставени надвор од него, иако гиковите би посакале да имаше малку подобра резолуција и да беше побрз во реакциите. Прилично информативен и читлив е дисплејот поставен во инструмент таблата, кој може да прикажува најразлични информации, како на пример потрошувачката, просечната брзина, дирекции од навигацијата, мултимедијални информации итн. На воланот има мноштво копчиња, кои се исто така брзи за навикнување и кои можат да ги контролираат поголемиот број од функциите во автомобилот.

Прегледноста кај Avensis е солидна – напред скоро и да нема мртви агли, додека задниот дел е лесно да се процени, а тука особено помага камерата за возење назад со која беше опремен тестираниот модел.



Опрема
Основниот Avensis со ниво на опрема Business  е прилично добро опремен – има мануелен клима уред, аудио уред со CD, MP3 и USB, монохроматски дисплеј во инструмент таблата со големина од 4,2 инчи, контроли на управувачот, возачко седиште кое се регулира во 6 насоки, електрични прозори напред, централен и заден потпирач за рака, делива задна клупа 60:40, централна со далечинско и целосна опрема за безбедноста која вклучува 7 воздушни перничиња, ABS+EBD+BA и TRC+VSC Plus контроли на стабилноста.

Ние на тест го имавме моделот Executive, кој според нас е подобар избор. Оваа изведба вклучува централно поставен 8 инчен Toyota Touch дисплеј со аудио систем со 6 звучници (без CD), Bluetooth и задна камера за паркирање, 17 инчни алуминиумски тркала, двозонска автоматска клима, сензор за дожд, темпомат, електрика на задни прозори, електрични ретровизори, магленки, седишта делумно обвиени во алкантара, лумбална поддршка на возачко седиште, кожен управувач и менувач и електрохроматски внатрешен ретровизор.


Финансии

Трошоци за купување и одржување, потрошувачка
Avensis почнува од 19.990 евра за моделот со 1.6 бензинец со 136 КС и Business ниво на опрема, што е прилично конкурентна цена. Најевтиниот дизел 1,6 со 112 КС е 21.990 евра со истата опрема, додека моделот кој го имавме на тест со 2.0 дизел со 143 КС и Executive ниво на опрема чини 27.490 евра. Како и секоја Toyota и Avensis доаѓа со одлична гаранција од 6 години или 200.000 поминати километри. Во поглед на одржувањето, Avensis би требало да нема поголеми проблеми – дури и моторот на BMW кој го имавме на тест важи за доверлив.

Новиот дизел има и доста пониска потрошувачка од претходникот – во град лесно се поминува со 7 литри потрошувачка доколку сте полесни на педалата за гас, додека во екстремни гужви и со понервозно возење се качува до 8 литри. На отворено потрошувачката паѓа на 5 литри, односно на 5,5 литри на автопат. Просечната потрошувачка изнесува околу 6 литри, што е одличен резултат.



Квалитет и доверливост
Веќе многу пати е опеан целосниот квалитет на возилата на Toyota и овој Avensis не е исклучок. Кабината сега е уште поквалитетна од таа на претходникот. Всушност, благодарение на одличниот избор на материјали и прецизната изработка, кабината на Avensis се искачи неколку нивоа во класата и сега конкурира на најдобрите.

Доверливоста на Toyota исто така отсекогаш била силна страна, па од Avensis може да се очекува долговечност. Вљубениците во брендот секако ќе биде загрижени дека дизел моторот е на BMW, но досега за него не се јавени поголеми проблеми.

Безбедност
Освежениот Avensis повторно беше тестиран од EuroNCAP, на нови, построги тестови и повторно доби 5 ѕвездички. Сепак, моделот кој се продава кај нас се нуди без адаптивен темпомат и автоматско кочење во град, што според Toyota е поради состојбата на патиштата, иако други производители веќе нудат такви системи. Останатата безбедносна опрема е инаку супер богата и во основниот модел – 7 воздушни перничиња и цела плејада контроли за стабилноста ABS+EBD+BA и TRC+VSC Plus.

Заклучок

Оваа генерација на Avensis е веќе 7-ма година на пазарот и ова е второто „фејслифт“ освежување. Сепак, промените се поголеми отколку кај стандардно освежување и се навистина забележливи. Внатрешноста сега е многу поквалитетна и има подобар дизајн, кабината е потивка, додека суспензијата е многу подобро подесена.

Од Avensis повторно не треба да очекувате којзнае колку возлив или динамичен автомобил. Подобар е од порано, но се уште не може да се мери со најдобрите во класата. Затоа, од друга страна, удобноста е на многу високо ниво – Јапонецот добро ги пегла дупките на скоро сите патишта. Одлична е и звучната изолација – на отворен пат кабината останува исклучително тивка. Сепак, дизел моторот кој го имавме на тест е забележително бучен и нерафиниран при забрзувањата на пониски брзини и во град – конкурентите како Volkswagen, Ford, Peugeot и Citroen имаат порафинирани дизел мотори.



Според тоа, Avensis би го препорачале на сите кои сакаат исклучително удобен автомобил за подолги патувања. На автопат оваа Toyota вози како автомобил од повисоките класи, со многу малку бучава и вибрации и удари од подлогата. Кабината е исто така прилично пространа, а багажникот би требал да ги задоволи и фамилијарните купувачи. За во град пак, препорака е хибриден модел, кој ќе понуди многу подобра рафинираност на пониски брзини, а Toyota има веќе цела плејада на такви возила во понудата.

Предности:
• Исклучително удобно возење
• Тивка и рафинирана кабина при повисоки брзини
• Пространа внатрешност
• Солидна возачка позиција и лесен за управување мултимедијален систем
• Ниска потрошувачка
• Гаранција од 6 години или 200.000 km

Недостатоци:
• Нерафиниран дизел мотор
• Само еден отвор за пијалак во средната конзола и нема место за телефон
• Малку послаба динамика и агилност во однос на конкурентите


Toyota Avensis
 Цени и нивоа на опрема
 Дополнителна опрема (*. Pdf)
 Краток опис
 Фотогалерија
 Видео




Стари коментари
   
КОМЕНТАРИ - СТРАНА  1 од 1
 



Нашата редакција остро се противи на верски, расистички и национални коментари. Сите непристојни коментари ќе бидат отстранети.

Целосна архива на текстови од Тест



 
 
 
 






Одберете нов автомобил