Почетна страница Контакти Маркетинг Инфо
дома home avtomobili kola koli нови автомобили avtomobil kola koli половни avtomobil kola koli тестови avtomobil kola koli видеа avtomobil kola koli фотографии avtomobil kola koli форум avtomobil kola koli
  ПРОНАЈДИ НОВ АВТОМОБИЛ        НАЈНОВИ МОДЕЛИ        НАЈПОПУЛАРНИ       ТЕСТ       ПРЕМИЕРА        ВОЗЕВМЕ       СПОРЕДБИ       САЕМИ        ИДНИ МОДЕЛИ
Насловна > Новости > Тест > Тест: BMW 730Ld – минималистички луксуз обвиен со тон напредна технологија
 
Spodeli
07 јуни 2016, 12:30


Тест: BMW 730Ld – минималистички луксуз обвиен со тон напредна технологија BMW Серија 7 Тест: BMW 730Ld – минималистички луксуз обвиен со тон напредна технологија
И после многу обиди на конкуренцијата за симнување од тронот, Mercedes-Benz S Class остана на врвот во класата – се до лансирањето на новата генерација на BMW Серија 7, која имавме можност да ја тестираме и која не воодушеви со своите можности и карактеристики...
fotografii фотографии Види фотографии komentari коментари Напиши коментар

Новата 7-ка треба да пополни доста голема дупка во гамата на Баварскиот производител, која беше направена со претходникот. Иако не беше лош автомобил, претходниот модел се обиде да внесе премногу спорт во класа каде луксузот, удобноста и рафинираноста се карактеристиките кои му се најважни на купувачот и затоа и не успеа во се погустиот сегмент, каде покрај Mercedes-Benz и Audi, има натпреварувачи и од Jaguar, Maserati и Porsche. За ова најдобро зборуваат и бројките – за секои две продадени S Class, BMW продал само една Серија 7.



Што е ново во оваа Серија 7?

Во  новата Серија 7, BMW ги вгради сите технологии кои ги има во својот арсенал, многу од нив и први во светот. Всушност, BMW Серија 7 сега е најнапредниот автомобил кој можете да го возите на патиштата, вклучувајќи ја во равенката и Mercedes-Benz S Class.

Прво, ќе започнеме со самата конструкција на возилото – ова е првиот автомобил во класата во кој е употребен карбон – фибер за изработка на самата структура, кој BMW го нарекува Carbon Core. Резултатот е најцврста шасија во класата и намалена маса до 130 килограми во однос на претходникот. Ова секако придонесува за намалена потрошувачка и подобрени перформанси, но и за подобрена динамика во возењето.

Потоа, има цела плејада системи кои можат да ви го направат животот полесен. Не можете да се одлучите дали сакате суспензијата да биде подесена на Comfort или Sport? Автомобилот може сам да го направи тоа според тоа како возите, каде возите и на каков пат возите.



Не само тоа – новата Серија 7 може и сама да се паркира дури и доколку не сте во возилото! Само излезете од автомобилот, зададете ја командата преку клучот со вграден дисплеј и оставете автомобилот да го направи тоа, додека вие веќе брзате на наредниот состанок.

Тука секако треба да се спомне и системот со контролирање со гестови со рацете, кој исто така делува импресивно и кој овозможува извршување на стандардните функции без да треба да го тргнете погледот од патот...

Но, високата технологија не значи ништо доколку автомобилот не испорачува во другите категории, а новата 7-ка скоро и да не разочарува во никој поглед. Дали е подобра од S Class и Audi A8? Прочитајте подолу за да дознаете во ексклузивниот тест на продолжената верзија на Серија 7 со турбо дизел моторот зафатнина од 3.0 литри распоредена по шест цилиндари во линија.

Дизајн
Надворешниот дизајн на новата Серија 7 може нема да предизвика забрзување на отчукувањата на срцето, но затоа одлично го опишува карактерот на автомобилот. Хармоничните пропорции и грижливо направените дизајни на површините не ја затскриваат големината на автомобилот, но сепак прават автомобилот да не изгледа нападно.



Всушност, споредено со конкурентите од класата, BMW Серија 7 е автомобилот кој е најдобро да се опише дека изгледа ексклузивно и елегантно. Да, нема да ве натера да се свртите по него како Mercedes-Benz S Class, но има голема стилистичка самодоверба која ќе ве натера да го гледате со почит кога добро ќе се загледате во него. Сето ова е зачинето и со одредена доза на динамика која е карактеристична за брендот и која најавува оптимален баланс меѓу возачкото доживување и уживањето на патниците.

Внатрешноста ја продолжува приказната за деликатниот дизајн – изобилува со софистицирани линии и грижливо одбрани и ненападни детали, со голем акцент на вградената технологија. Предната конзола зрачи со прецизност и минимализам, кои се надополнети со перфектен избор на материјали – тука нема ниту едно парче пластика. Секако, многу купувачи во овој сегмент ќе го преферираат ентериерот на S Class, кој повеќе изгледа како луксузна дневна соба, но за оние што сакаат чист и светол ентериер кој на пософистициран и технолошки понапреден начин го доловува луксузот, Серија 7 ќе биде подобар избор.

И да, BMW Серија 7 можеби не е автомобил кој ќе „вришти“ наоколу, но наше мислење е дека е перфектно дизајниран за бизнис купувачите – има аура на ексклузивно луксузен и елегантен автомобил кој ќе го задржи изгледот со текот на годините.

На пат

Перформанси
Тест возилото беше опремено со дизел моторот со 6 цилиндри во линија, зафатнина од 3.0 литри и два турбо полначи со променлива геометрија. Максималната сила на агрегатот е 265 КС, но многу поважен е масивниот вртежен момент од 620 Nm достапен од 2.000-2.500 вртежи во минута.

Иако ова е најслабиот агрегат во понудата, благодарение на пониската маса на новата 7-ка, не делува воопшто бавен. Напротив, брзо се достигнуваат високите брзини и сето тоа е исклучително линеарно и мазно, за што особен придонес има и автоматскиот менувач со 8 степени.

Според бројките, продолжената верзија која ја тестиравме спринта до стотка за 6,2 секунди (преку секунда побрзо од конкурентите со еквивалентен мотор) и постигнува ограничени 250 km/h. Да, можеби нема спортско забрзување, но верувајте и овој модел има доволно сила за добро да ве залепи за седиштето.



Управливост/Удобност
Првото нешто што паѓа на памет кога ќе се спомне автомобил од високата класа е супер удобно возење како на магичен килим. И во овој поглед новата 7-ка скоро целосно испорачува.

Благодарение на Executive Drive Pro опцијата која ја имаше возилото, а која преку специјални камери и GPS сензорот знае во секој момент на каков пат се наоѓа возилото, суспензијата може автоматски да се подеси според дадените услови и според тоа да придонесе за поудобно возење. Секако, тука помага и воздушната суспензија, која е стандардна кај BMW Серија 7.

Резултатот е скоро перфектен, се додека возите на отворен пат. Во градски услови, на нерамен и искршен асфалт BMW Серија 7 се однесува удобно, но сепак не на нивото на Mercedes S Class – има малку повеќе вертикално движење на каросеријата и повеќе вибрации и удари од суспензијата дури и ако е наместена на Comfort. Овие забелешки секако не би ги имале доколку не постоеше конкурентот од Штутгарт, но за оние кои сакаат максимален комфор, изборот останува на S Class.

Од друга страна, таа нијанса послаба удобност значи и дека 7-ката е подинамичен и позабавен автомобил за возење. Секако, не очекувајте агилност како кај Серија 3 или 5, но 7-ката се однесува исклучително динамично со оглед на класата во која се наоѓа – S Class делува како брод откако ќе се седне зад воланот на Серија 7. Но, прашањето е кој бара агилност и динамика од еден луксузен автомобил...



Рафинираност
BMW Серија 7 е еден исклучително тивок и рафиниран автомобил. Моторот скоро и да не се слуша дури и при посилни забрзувања и работи скоро без вибрации, додека во може лесно да се зборува и при брзини околу 200 km/h. Сепак, тука мора повторно да ја спомнеме S Class на Mercedes-Benz. Додека Серија 7 е тивок автомобил, S Class е супер тивок автомобил. Додека во Серија 7 може без проблем да се зборува во кабината при многу високи брзини, во S Class може да се шепоти на истите брзини... Разлики кои не се толку многу големи, но кои дефинитивно ги има...

Секако, ова не значи дека патниците во Серија 7 некогаш би имале забелешка на буката, бидејќи неа ја нема, но факт е дека за максимална удобност и тишина, S Class сѐ уште е непобедлив автомобил во оваа класа.

Во кабината


Простор/Практичност
Сигурно веќе претпоставивте – продолжената верзија на BMW Серија 7 e еден кралски простран автомобил. Опуштено и целосно луксузно се седи и на предните и на задните седишта, но за оние кои сакаат максимален комфор, тука задната клупа е онаа која ќе го овозможи. Назад се седи во претседателски комфор – ќе можете да ги прекрстите и испружите нозете без никаков проблем.

Целиот овој простор е надополнет со многу опрема која дополнително го подобрува комфорот на патниците. Задните седишта на тестираниот модел беа дел од Rear Seat Comfort пакетот и вклучуваат посебни масажери, како и таблети на предните седишта за целосно мултимедијално доживување за патниците во задниот ред.



Веројатно не треба да спомнуваме, но задните седишта добиваат посебна температура од клима уредот, што е само уште причина повеќе да сакате да го поминете долгиот пат на задните седишта. Всушност, ние од koli.com.mk, колку и да сакаме да седиме зад воланот, кај овој модел повеќе гравитиравме кон задната клупа.

Кралската внатрешност е надополнета со многу места за одлагање ситници во внатрешноста – назад дури има и посебно фрижидерче зад седиштата. Оние пак кои сакаат да носат многу товар ќе бидат делумно разочарани – багажникот има „само“ 515 литри. Сепак, никој не купува луксузен автомобил за да го товари – на бизнис патувањата често завршуваат работа и помали куфери.

Ергономија
Очигледно е дека дизајнерите на новата 7-ка посветиле огромно внимание на целосната ергономија на предните седишта. Седењето е секако кралски удобно и подолгите патувања се дури и пријатни, но особено импресионира начинот на кој е решен мултимедијалниот систем. Големиот 10,3 инчен дисплеј има извонредна графика, исклучително е брз и може да се управува преку вртливиот џојстик на средната конзола (iDrive), преку допир или пак гестови со раката во воздухот. Ние го преферираме џојстикот, со кој прецизно и без премногу оттргнување на погледот од патот може брзо да се стигне до саканите функции.



И најдобро од се е што BMW и покрај тоа што има вградено неколку начини на контролирање на функциите, ги нема преискомплицирано работите – командите за климата и радиото се во долниот дел и се секогаш достапни на раката, без потреба да се чепка низ менијата на горниот дисплеј.

Опрема
Како и секој модел од оваа класа и BMW Серија 7 доаѓа со еден тон дополнителни опции. Листата на опрема е исклучително долга и во моментов, Баварскиот производител нуди најмногу од сите модели во класата – било дали се работи за технолошки напредни или пак аксесоари за подобрување на луксузот. Веројатно доволно е да ја спомнеме опцијата за автоматски паркирање со команда надвор од автомобилот и станува јасно дека BMW ја подигнува играта на повисоко ниво.



Основната опрема е исто така исклучително богата – 18 инчни алуминиумски тркала, четири зонска автоматска клима, кожен ентериер со греење на сите седишта, целосно опремен мултимедијален систем со iDrive, Bluetooth и сателитска навигација, Smart Display Key клучот со дисплеј, целосна опрема за безбедноста со адаптивен темпомат кој ја одредува брзината според условите на патот и возилото напред итн.

Финансии


Трошоци за купување и одржување, потрошувачка
Бидејќи возилото кое го имавме на тест не ни беше овозможено од увозникот на BMW возилата во Македонија, не можевме да дојдеме до основната цена за BMW Серија 7. Исто така, увозникот не ги изложува јавно цените на своите возила, па не можеме целосно да искоментираме во овој дел.

Трошоците за одржување пак сигурно ќе бидат високи – ова е автомобил од високата класа и го носи знакот на BMW, што значи дека треба да бидете подготвени на скапи резервни делови. Но, сигурно не очекувавте дека ќе купите автомобил од трицифрена сума во евра и ќе можете бесплатно да го одржувате, нели?

Од друга страна, кај тестираниот модел особено импресионира потрошувачката на гориво – просекот изнесува околу 7,5 литри, што е извонредна бројка за возило од овој калибар. Во град измеривме околу 10 литри со нормално возење, додека на отворен пат при брзини до 120 km/h фантастично ниски 5,5-6 литри на 100 km. Иако овие бројки се далечни од оние што ги ветува BMW, сепак се импресивни со оглед на силата на погонот и големината на возилото, а се резултат на пониската маса во однос на конкурентите, кои трошат повеќе гориво.



Квалитет и доверливост
Во поглед на доверливоста, Серијата 7 на BMW од претходната генерација се наоѓаше некаде на средината од класата. Сопствениците не би требало да очекуваат преголеми проблеми, но мноштвото вградена технологија знае да покаже слабости.

Од друга страна, целосниот квалитет на изработката на возилото и употребените материјали се апсолутна перфекција. Во кабината нема детаљ кој е лошо изработен или пак е од пластика – се е облечено во квалитетна кожа. Голема пофалба заслужува и целосната цврста изработка и недостатокот на зјаеви меѓу споевите, како и командите и копчињата кои го имаат она луксузно и квалитетно чувство.

Безбедност
BMW Серија 7 се уште не е тестирана од Euro NCAP, но не се сомневаме дека ќе освои максимални 5 ѕвездички. Доаѓа опремена со цела плејадана воздушни перничиња и контроли на стабилноста, како и адаптивен темпомат на отворен пат и автоматско кочење во градски услови. Со доплата може да се добијат и системи кои помагаат во возењето, односно го прават „полуавтоматско“.


Заклучок
Многу е тешко да се даде финален збор за автомобил од високата класа. Тука скоро и да не може да се згреши – сите конкуренти нудат високи нивоа на комфор и луксуз. Сепак, разлики има, во што дополнително се уверивме откако ја пробавме новата Серија 7.

За да знаете дали овој автомобил е за Вас, прво мора да се запрашате што барате од еден луксузен автомобил. Дали е тоа максимален луксуз, кофмор и удобност и во него најчесто ќе се возите на задните седишта или пак автомобил кој е добар играч на повеќе полиња и кој може да понуди и добро возачко искуство.



BMW Серија 7 се обидува да биде добар играч на повеќе полиња и постигнува една работа која не е особено очекувана во оваа класа – има за ниво подобра динамика од конкурентите и му нуди на возачот многу поинтимна врска со патот. Ќе беше добро сето ова да не беше на сметка на удобноста – S Class е и натаму поудобен, потивок и порафиниран автомобил. Овие разлики во удобноста ќе се почувствуваат на нашите патишта, кои BMW 7 не успева да ги испегла со сувереност како попознатиот конкурент.

Од друга страна, мора да се поздрави начинот на кој BMW ја има вклопено целата нова технологија во овој модел. Иако има најмногу технолошки новитети во класата, тие не го прават престојот во автомобилот потежок и позбунувачки, туку во олеснуваат. Навистина, Mercedes-Benz и Audi би можеле да научат нешто од тоа како BMW ги изведува своите мултимедијални системи.

Кога се имаат сите овие работи на ум, слободно може да кажеме дека после слабата целосна изведба на претходната 7-ка, BMW повторно има конкурентен натпреварувач во високата класа. Но, дали може да го вознемири врвот кој неприкосновено го држи S Class? Најверојатно не, но сигурно е ѓаволски близу да го направи тоа.

Предности:
• Исклучително квалитетно изведена кабина
• Кралски комфорна внатрешност
• Одлично изведен мултимедијален систем
• Многу технолошки иновации
• Најдобра динамика во класата
• Ниска потрошувачка

Недостатоци:
• Послаба удобност на прекршен асфалт и при пониски брзини
• Кабината не е тивка како во S Class
• Скапи доплати


BMW Серија 7
 Фотогалерија




Стари коментари
   
КОМЕНТАРИ - СТРАНА  1 од 1
 



Нашата редакција остро се противи на верски, расистички и национални коментари. Сите непристојни коментари ќе бидат отстранети.

Целосна архива на текстови од Тест



 
 
 
 





Suzuki Swift


Одберете нов автомобил