Почетна страница Контакти Маркетинг Инфо
дома home avtomobili kola koli нови автомобили avtomobil kola koli половни avtomobil kola koli тестови avtomobil kola koli видеа avtomobil kola koli фотографии avtomobil kola koli форум avtomobil kola koli
  ПРОНАЈДИ НОВ АВТОМОБИЛ        НАЈНОВИ МОДЕЛИ        НАЈПОПУЛАРНИ       ТЕСТ       ПРЕМИЕРА        ВОЗЕВМЕ       СПОРЕДБИ       САЕМИ        ИДНИ МОДЕЛИ
Насловна > Новости > Тест > Тест: Fiat Tipo 1.3 MJT – перфектниот автомобил за македонскиот купувач
 
Spodeli
01 април 2016, 15:10


Тест: Fiat Tipo 1.3 MJT – перфектниот автомобил за македонскиот купувач Fiat Tipo Тест: Fiat Tipo 1.3 MJT – перфектниот автомобил за македонскиот купувач
Fiat се враќа на своите корени со новото Tipo, кое покрај побудувањето на носталгија, нуди исклучителен сооднос на вложено – добиено, со особено голем печат на просторот, функционалноста и удобноста....
fotografii фотографии Види фотографии komentari коментари Напиши коментар

Tipo е дел од новата офанзива на европскиот пазар, со која Fiat ќе ја дополни гамата која воглавно се состои од тренди градски автомобили и SUV модели, наменети за помладата публика.



Пристапот кон дизајнирањето на овој модел е особено интересен и за нашите фамилијарни купувачи – новиот Tipo е првенствено развиен како седан, а подоцна од него ќе бидат изведени и други каросериски верзии, поточно хечбек и караван.

Tipo ќе биде своевидна замена за моделите од компактната класа на Fiat, со тоа што овој модел сега ќе има и многу конкурентна цена, која опасно навлегува во сегментот на седаните од ниската класа, како Citroen C Elysee, Peugeot 301 и Skoda Rapid.

Но, дали Tipo испорачува во реалниот свет? Одговорот е неколку параграфи подолу...


Дизајн
Првите импресии од новото Tipo гледано однадвор се дека Италијанците повторно одлично ја завршиле својата работа. Новиот седан е елегантен и доволно робусен, а со вклучените алуминиумски тркала на возилото делува дури и малку спортски.

Особено е атрактивна предната маска, но за разлика од повеќето конкуренти, тука и задниот дел е елегантно изведен, без да изгледа како багажникот да е додаден на каросеријата.

За нас доволен показател за одличниот дизајн е што случајните минувачи го згрешија за многу поскап автомобил од средната класа – Tipo изгледа маркантно и оддава впечаток на сериозен автомобил.

Внатрешноста е дизајнирана со карактеристичните разиграни линии на Fiat и делува свежо и модерно, а солиден е и изборот на материјали, особено во деловите каде ќе допираат рацете на патниците.




На пат

Перформанси
На тест го имавме моделот со 1,3 литарскиот MultiJet турбо дизел агрегат со 95 КС и 200 Nm достапни уште од 1.500 врт/мин. Од овој агрегат секако дека не може да се очекуваат експлозивни перформанси, но доволно е еластичен и одлично прилега на фамилијарниот карактер на возилото. За оние кои сепак сакаат нешто пополетно, достапен е и 1,6 литарски дизел со 120 КС.

Според бројките, забрзувањето до стотка трае 11,7 секунди, додека максималната брзина изнесува 180 km/h, што се респектабилни перформанси и во рамките на класата на седани со дизел агрегати со слична моќност и зафатнина.

Управливост/Удобност
Уште првите неколку километри не убедија дека при подесувањето на суспензијата, инженерите на Fiat на ум ги имале пред се пазарите со нерамни патишта. Суспензијата одлично ги впива дупките и попречните нерамнини и не испушта премногу звук во внатрешноста, додека возењето на порамен асфалт, како на пример на автопат е исклучително удобно, без поголеми движења на каросеријата нагоре – надолу. Се на се, еден навистина удобен автомобил кој е одлично прилагоден на секој тип на патишта кои ги сретнуваме во нашава земја.

Возната динамика е сепак малку послаба, што е очекувано во еден фамилијарен автомобил. Нас особено не радува тоа што не страда целосната стабилност на автомобилот – возењето е безбедно, без занесување на предниот и задниот крај, освен во граничните ситуации кога предницата бега надвор од свиокот, што може да се коригира со отпуштање на педалата за гас.

Во превод, од Fiat Tipo не треба да очекувате дека ќе имате забава во возењето – не е наменет ниту дизајниран за таа намена. Затоа, удобноста и безбедноста во возењето се на највисоко ниво, што се карактеристики кои го издвојуваат од конкурентите, кои не успеваат да постигнат толку добар баланс меѓу овие две карактеристики.



Рафинираност
Дизел моторот во Tipo се е малку погласен при посилните забрзувања, но се смирува на повисоки брзини. Звукот од ветерот и гумите е добро изолиран, особено со оглед на класата и патниците нема да имаат проблем да разговараат нормално во кабината дури и при брзини од 130-140 km/h. Агрегатот има малку вибрации додека работи во место, но се смирува во возење, додека суспензијата не пренесува многу вибрации во внатрешноста. Со оглед на класата, Tipo е еден прилично рафиниран автомобил, повторно, подобар од сите конкуренти во неговиот ценовен ранг.


Во кабината

Простор/Практичност
Tipo е специјално дизајниран за да понуди максимум простор и практичност за возачот и патниците. Затоа, кабината е исклучително пространа и на предните и на задните седишта – назад ќе можат без проблем да се сместат и повисоки патници. Багажникот има 520 литри, што според нас е сосема доволно за една четиричлена фамилија и за сите куфери за летните одмори.

Она што особено импресионира се местата за одлагање на ситници во внатрешноста. Сите се поставени на вистинското место – на пример место за паметниот телефон има пред менувачот, што е бесконечно подобро решение од ставање на смартфонот во потпирачот за рака или во некоја фиока, што го прават многу други производители. Да бидеме реални, сите сакаме да ни биде достапен телефонот во секој момент.

Прилично се достапни и големи и другите места, како централно поставеното под предниот потпирач за рака и оние во вратите. Се на се, едноставно и функционално изведена кабина, која ќе ги задоволи потребите на скоро сите возачи и патници!



Ергономија
Едноставноста во кабината продолжува и во распоредот на командите – сите се одлично поставени, големи и читки и секогаш на дофат на рацете. Дисплејот на допир, иако има послаба графика и не делува толку модерно, исклучително е лесен и интуитивен за користење, а за оние кои сакаат хардверски копчиња, тие се поставени околу него и дополнително го олеснуваат користењето.

Солидна е и самата поставеност зад управувачот – тука скоро секој ќе ја најде идеалната позиција. Седиштата се удобни и за подолги патувања и единствен недостаток во целосната ергономија е малку послабата прегледност напред и назад, па препорака се паркинг сензори.

Опрема
Основната опрема на Fiat Tipo вклучува цел сет на електронски контроли на стабилноста (ABS+EBD, VSC со Hill Holder, TMPS систем за контрола на притисок во пневматиците), четири воздушни перничиња, клима уред, централна со далечинско, предни електрични стакла, висинско и длабинско подесување на управувачот, преден потпирач за рака, лумбална поддршка на предните седишта, подесување по висина на возачко седиште, делива задна клупа, радио со MP3, USB, AUX и контроли на волан. Според цената и класата и основниот модел е одлично опремен и реално нема поголеми недостатоци во опремата.

Моделот кој го имавме на тест имаше плус воздушни завеси, темпомат, сензор за дожд, сензор за светлина, 17 инчни алуминиумски тркала, задни електрични прозори, електрични и греени ретровизори, предни светла за магла.


Финансии

Трошоци за купување и одржување, потрошувачка

Основниот модел со 1,4 литарски бензински мотор со 95 КС почнува од 11.900 евра, што е навистина поволно. Дизел моделот кој го имавме на тест чини 15.100 евра (спуштен од 19.140 евра), што за дизел седан со толку опрема е супер исплатливо.

На ниската цена се придружува и супер ниска потрошувачка од моторот – малиот дизел е исклучително штедлив. Во просек, ние измеривме околу 5 литри потрошувачка (4,2 фабрички), во град измеривме од 6 до 6,2 литри (5,2 фабрички), зависно од сообраќајот, а на отворено измеривме 4,2 литри (3,5 фабрички), односно на автопат 5 литри. Импресивно за семеен седан.

Трошоците за одржување исто така би требало да бидат многу мали – целата механика во Tipo е веќе проверена и особено моторот важи за доверлив и долговечен.



Квалитет и доверливост
Кабината на Tipo е изработена од солидни материјали, кои иако не се претерано меки на допир, оддаваат чувство на долговечност, што е од голема важност за автомобил во кој често ќе патуваат деца. Изработката е солидна и ние не наидовме на крцкање во текот на возењето, нешто што се уште се случува кај многу седани од ниската класа.

Безбедност
Целосната активна опрема за безбедноста и 4-те воздушни перничиња, достапни уште во основниот модел, влеваат чувство на сигурност и безбедност. Tipo се уште не е тестиран од Euro NCAP, но кога ќе се случи тоа, ќе го обновиме овој дел во тестот.


Заклучок
Многу често низ тестовите на најразлични автомобили, новинарите посветуваат особено големо внимание на возачката динамика и на тоа колку некој автомобил е „забавен“ за возење, вклучувајќи не и нас. Но, вистината е дека на поголемиот дел на купувачи ова е најмалку важно, а тоа особено важи за класата на семејни седани.



И да, Tipo не е особено забавен автомобил за возење. Но, кому му треба забавен семеен седан? Веројатно никому. Затоа, италијанската лимузина е одлична во сите други аспекти. Прилично е удобна и рафинирана, има многу простор во внатрешноста и голем багажник, има корисни места за одлагање ситници во кабината, има мотор со многу ниска потрошувачка...

Сите овие карактеристики, придружени со ниската цена и богатата основна опрема, прават да го препорачаме Tipo на секој купувач кој сака доверлив, простран и удобен седан. Всушност, за истите пари, во моментов и нема подобар автомобил во оваа класа – Fiat Tipo е вистинскиот избор за македонскиот купувач!

Предности:

•    Пространа кабина и голем багажник
•    Удобно и рафинирано возење
•    Тивка кабина на повисоки брзини
•    Солидна стабилност и безбедност
•    Исклучително економичен мотор
•    Ниска цена, богата опрема

Недостатоци:
•    Послаба динамика во возењето
•    Прегледност
•    Моторот е бучен при забрзување




Fiat Tipo
 Цени и нивоа на опрема
 Дополнителна опрема (*. Pdf)
 Краток опис
 Фотогалерија
 Видео




Стари коментари
   
КОМЕНТАРИ - СТРАНА  1 од 1
 



Нашата редакција остро се противи на верски, расистички и национални коментари. Сите непристојни коментари ќе бидат отстранети.

Целосна архива на текстови од Тест



 
 
 
 






Одберете нов автомобил