Почетна страница Контакти Маркетинг Инфо
дома home avtomobili kola koli нови автомобили avtomobil kola koli половни avtomobil kola koli тестови avtomobil kola koli видеа avtomobil kola koli фотографии avtomobil kola koli форум avtomobil kola koli
  ПРОНАЈДИ НОВ АВТОМОБИЛ        НАЈНОВИ МОДЕЛИ        НАЈПОПУЛАРНИ       ТЕСТ       ПРЕМИЕРА        ВОЗЕВМЕ       СПОРЕДБИ       САЕМИ        ИДНИ МОДЕЛИ
Насловна > Новости > Тест > Тест – Audi A4 2.0 TDI S Tronic – господинот во класата
 
Spodeli
14 март 2016, 12:08


Тест – Audi A4 2.0 TDI S Tronic – господинот во класата Audi A4 Тест – Audi A4 2.0 TDI S Tronic – господинот во класата
Ова е новиот Audi A4. Многумина од вас тоа веројатно и нема да може да го забележат, а може и да згрешат дека се работи за Audi A6 или пак A3 седан. Сепак, тоа не значи дека овој модел не е скок во однос на претходникот. Напротив...
fotografii фотографии Види фотографии komentari коментари Напиши коментар

Како и секогаш досега, при дизајнирањето на новата A4-ка, Audi ги слушаше купувачите, поточно што тие сакаат од својот премиум автомобил. И резултатот не е воопшто изненадување – комфорот, удобноста, рафинираноста и квалитетот се на прво место и дури потоа доаѓа забавата во возењето. Што значи дека и треба да очекуваме дека кога се во прашање возните својства, Audi повторно заостанува зад конкуренцијата. Но, што е со останатите категории и дали A4-ката е навистина толку добра како што ветува Audi? Одговорот следи подолу...


Дизајн
Пристапот на руски „Матриошка“ кукли (сите изгледаат исто, но имаат различна големина) во дизајнирањето на сите модели на Audi станува се проприсутен. A3 седан, А4, А6 и A8 толку многу личат на друг, што разликите може да ги забележи само истренираното око. Всушност, со растот на димензиите на новиот модел, разликата во однос на A6-ката е навистина мала.

Секако, ова не значи дека А4 не е убав автомобил. Напротив, оваа генерација делува уште посериозно и поелегантно и има дизајн кој дефинитивно ќе трае низ годините*, но останува фактот дека веќе не се дистанцира од конкуренцијата, односно има прилично стандарден дизајн на кој се веќе навикнати очите на публиката.

Додека карактеристичната предна маска со голем отвор за воздух и LED дневни светла беа откритие пред 10-тина години, сега секој конкурент од класата (BMW 3 Series, Mercedes C Class, Jaguar XE и Lexus IS) изгледа позабележително. И пак ќе кажам – тоа можеби не се поубави автомобили, но дефинитивно ќе привлечат повеќе погледи на патиштата.



Внатрешноста е друга приказна. Предната конзола има различен дизајн, со некои елементи кои потсетуваат на новиот VW Passat и некои елементи кои потсетуваат на Audi TT. Резултатот е ненаметлив и зрачи со тивок луксуз, за разлика од претерано „наџиџаните“ ентериери на конкуренцијата. Всушност, внатрешноста на A4 е веројатно најдоброто место да се помине подолго патување од сите автомобили во класата – дизајнот и изборот на бои и материјали се доведени скоро до совршенство.

Со една мала забелешка – дисплејот не може да се собере во конзолата, за разлика од A6 и A8. Да, сигурно ќе речете дека ова е веќе барање игла во сено, но навистина мислиме дека малку го нарушува елегантниот изглед на целата конзола.

*Моделот кој го имавме на тест беше опремен со S-Line пакет, но алуминиумските тркала не се истите кои доаѓаат со пакетот, туку се ставени поради задолжителните зимски гуми.


На пат

Перформанси
На тест го имавме добро познатиот 2.0 TDI турбо дизел агрегат со 150 КС (3250-4200 врт/мин) и 320 Nm (1500 – 3250 врт/мин), спарен со DSG автоматски менувач со две спојки и седум степени на пренос. Резултатот е многу солиден – автомобилот добро потегнува напред дури и од пониските вртежи, додека DSG менувачот ги менува брзините исклучително брзо и меко.

Всушност, после толку многу години усовршување, слободно ќе кажеме дека ова е најдобрата комбинација на автоматски менувач и дизел мотор во класата – двата како да се создадени еден за друг. Во ниту еден момент не се чувствува сецкање при менувањето на степените, враќањето на степените при “kick down” е исклучително брзо и генерално, целото искуство е многу рафинирано.

Менувачот има и можност за мануелно менување преку палките зад воланот (кои ќе беше добро да се од метал, а не од пластика), но се сомневаме дека возачот на А4 ќе посегне кон нив, бидејќи и во автоматски мод, менувачот и моторот работат скоро совршено.

Бројките велат дека забрзувањето до стотка трае 8,7 секунди, додека максималната брзина изнесува 219 km/h, што е сосема респектабилно и е резултат на намалената маса од околу 100 килограми во однос на претходникот.



Управливост/Удобност
Ако очекувате високо ниво на забава во возењето во Audi со преден погон, многу сте погрешиле. Да, новата А4-ка е подобра во овој дел од претходната, но автомобилот и натаму не комуницира со возачот како конкурентите со заден погон (особено BMW 3 Series и Jaguar XE), но дури и од некои конкуренти со преден погон, како Ford Mondeo и Mazda 6.

Да не бидеме разбрани погрешно, стабилноста при високи брзини е на исклучително високо ниво, навалувањето во свиоците е многу мало и А4 е перфектно безбеден автомобил, но агилноста и динамичноста се за влакно послаби од најдобрите во сегментот. Quattro моделите се сигурно подобри во овој аспект, па затоа финалниот заклучок ќе го задржиме додека не пробаме таков модел.

Затоа, Audi A4 целосно ги надополнува овие „недостатоци“ во целосната удобност која ја нуди. Суспензијата е таман подесена за да се справи со честите нерамнини на нашите патишта и покрај тоа што се работи за S-Line модел со спуштена суспензија за 20 mm, но уште повеќе импресионира недостатокот на удари и звуци во внатрешноста – поминувањето преку длабоките дупки на патот во Audi A4 е скоро бесшумно, што е многу важно за целосното премиум и луксузно доживување. Тука, ниту еден од конкурентите не може да го допре новиот модел од Инголштад.

Рафинираност
Високото ниво на удобност е надополнето и со исклучителна рафинираност. 2.0 TDI агрегатот е дефинитивно најтивкиот дизел во класата и работи скоро без вибрации, а тука е одлично изолиран и звукот од ветерот и гумите при повисоки брзини – тимот на koli.com.mk немаше проблем нормално да разговара во кабината дури и при брзини од 180 km/h, што е импресивно за модел од оваа класа. Луксузното чувство е само надополнето со мекиот менувач и одличниот Start&Stop систем, кој го стартува автомобилот скоро без вибрации.

Рековме дека Audi A4 е најрафиниран во класата? Ако од текстот погоре не го сфативте тоа, еве и потврда – одговорот на прашањето е „ДА“.


Во кабината

Простор/Практичност
Во средната премиум класа, недостатокот на простор, особено на задните седишта за среќа е веќе минато. Audi A4 нуди високо ниво на простор и напред и назад, дури и по некој милиметар повеќе од конкурентите, што особено ќе го почувствуваат високите патници позади. Багажникот има зафатнина од 480 литри, што можеби не е на нивото на „непремиум“ моделите во класата, но е перфектно употребливо дури и за четири члена фамилија на летен одмор.

Сепак, местата за одлагање на ситници низ кабината не се доволно големи, а тоа особено важи за местото под потпирачот за рака, што ја ограничува практичноста. Од друга страна, задните седишта се спуштаат за ослободување повеќе простор во багажникот уште во основниот модел (не се деливи, ова се доплаќа) – за ова кај BMW 3 Series и Mercedes C Class се плаќа дополнително.



Ергономија
Позицијата зад воланот и поставеноста на командите, во А4-ката се доведени скоро до совршенство. Секој возач тука може да ја најде идеалната позиција, додека со мултимедијалниот систем се управува многу интуитивно. Да, MMI системот нема дисплеј на допир, но тоа и не е потребно – управувањето со вртливиот џојстик е усовршено до перфекција од страна на инженерите на Audi и што е најважно, не бара премногу оттргнување на погледот од патот. Високо е и нивото на удобност за возачот – S-Line моделот има одлични седишта, кои се перфектни за спортско возење во свиоците, но и доволно удобни за подолги патувања.

Опрема

Основниот модел на Audi A4 доаѓа со сите стандардни „потребштини“ за купувачите на оваа класа, како целосна безбедносна опрема, автоматска клима и целосна електрика. Сепак, скоро секој купувач секако ќе посегне по дополнителна опрема, која во Audi е претерано скапа, всушност исто како во BMW и Mercedes-Benz – треба навистина добро да размислите што се од листата ќе додадете на вашиот иден автомобил, зошто цената може да се искачи и над 50% од почетната.


Финансии

Трошоци за купување и одржување, потрошувачка
Цената на Audi A4 кај нас почнува од 31.344 евра за моделот со 1.4 TSI бензинецот со 150 КС, односно 33.179 евра за 2.0 TDI дизелот со 150 КС, кој го тестиравме тука. Моделот на тест имаше многу дополнителна опрема, како комбинација на кожа и штоф во внатрешноста, трозонска автоматска клима, делива задна клупа, S-Line пакет со 18 инчни алуминиумски тркала (не се ставени на возилото, туку има заменски со зимски гуми), спортска суспензија пониска за 20 mm, спортски седишта, осветлени лајсни на праговите, додатен резервоар од 24 литри, целосна опрема за безбедноста, Start&Stop систем, Xenon светла итн. Овој навистина богато опремен модел чини 47.034 евра, што е доказ за она што го спомнавме погоре, дека додатната опрема чини многу пари.

Возењето и одржувањето на Audi A4 би требало да се многу поевтини од друга страна. Дизел моторот со 150 КС е добро познат по штедливоста и тоа се покажува во пракса. Како и секогаш, резултатите кои ги има „постигнато“ Audi апсолутно се недостижни во пракса – Германците навистина мора да бидат пореални во бројките кои ги даваат, кои велат дека просекот изнесува 4 литри на 100 km, односно возењето на отворено 3,6 литри и возењето во град 5 литри.

Реално, тимот на koli.com.mk измери околу 8 литри потрошувачка во градски услови, што и натаму е одлична бројка за дизел со 150 КС и автоматски менувач, додека на отворено потрошувачката паѓа на околу 5,5 до 6 литри при брзини до 120 km/h, благодарение на долгиот седми степен во менувачот. Просечно на тестот извадивме потрошувачка од 7 литри, но со вклучено поагресивно возење, инаку таа може да се спушти за половина литар подолу.



Квалитет и доверливост
Кабината на Audi A4, а и целосната изработка на возилото, се на највисокото ниво во класата – дефинитивно, конкуренцијата би можела да научи нешто од нив. Материјалите се исклучително квалитетни, иако не делуваат така на прв поглед – кабината на Mercedes-Benz C Class на пример изгледа многу попривлечно од тој аспект.

Доверливоста е сепак друга работа – Audi и натаму заостанува зад најдобрите кога се во прашање бројот на дефекти, но од друга страна, има голем број на задоволни купувачи, што е секогаш добар знак.

Безбедност
Чисти пет ѕвездички на EuroNCAP и високо ниво на безбедносна опрема во основниот модел, која вклучува 8 воздушни перници и цел систем на контроли на стабилноста, како и достапен систем за автоматско кочење во град доколку возачот не реагира навреме, се доказ за високото ниво на безбедност за патниците кое го нуди новиот Audi A4.




Заклучок

Во средната премиум класа, последниве неколку години е особено тешко да се избере најдобар модел. Тука скоро и да нема лош автомобил – сите нудат по нешто карактеристично и се наменети за различни групи на купувачи. Сепак, има една категорија во која Audi никогаш не бил на првото место во оваа класа, а тоа е забавата во возењето. Да, за оние што сакаат да бидат целосно поврзани со својот автомобил, BMW 3 Series секогаш ќе биде најдобар избор, а истото донекаде важи и за останатите конкуренти и причината за тоа е едноставна – сите имаат заден погон, додека A4 има преден (Quattro моделите со погон на сите тркала се поскапи).



Но, да бидеме реални, многумина од возачите не се претерано импресионирани од тоа како автомобилот ќе реагира на секое завртување на воланот и притискање на педалата за гас и сакаат пред се смирено возење, со подвозје кое овозможува стабилност и леснотија во управувањето. И Audi A4 тука испорачува – исклучително е лесен за управување, со висока стабилност на големи брзини и неверојатна механичка рафинираност на моторот, менувачот и подвозјето.

И не е дека Audi A4 нема други адути – технологијата која се нуди, макар била и со доплата, е за чекор пред најдобрите конкуренти во класата, а кога во оваа равенка ќе ја ставиме и прилично пространата внатрешност и удобното возење, добиваме еден компетентен производ од средната класа, кој можеби нема да ви го забрза срцето кога го возите, но дефинитивно ќе ги погали сите други ваши сетила. Ако сте за автомобил од кој го барате токму тоа, A4 секако треба да биде на највисокото место на вашата листа.

Предности:
•    Исклучителна механичка рафинираност и одлична звучна изолација
•    Удобно возење дури и кај S-Line моделот со спуштено подвозје
•    Квалитетна внатрешност со највисоко ниво на завршна обработка
•    Пространа кабина
•    Високо ниво на ергономија, одличен MMI мултимедијален систем
•    Одлично впарени мотор и менувач – работат во перфектна синергија

Недостатоци:
•    Динамиката и агилноста се зад главните конкуренти
•    Дисплејот не може да се собере во предната конзола
•    Мали места за одлагање ситници во внатрешноста
•    Скапи доплати




Audi A4
 Цени и нивоа на опрема
 Дополнителна опрема (*. Pdf)
 Краток опис
 Фотогалерија
 Видео




Стари коментари
   
КОМЕНТАРИ - СТРАНА  1 од 1
 



Нашата редакција остро се противи на верски, расистички и национални коментари. Сите непристојни коментари ќе бидат отстранети.

Целосна архива на текстови од Тест



 
 
 
 






Одберете нов автомобил