Почетна страница Контакти Маркетинг Инфо
дома home avtomobili kola koli нови автомобили avtomobil kola koli половни avtomobil kola koli тестови avtomobil kola koli видеа avtomobil kola koli фотографии avtomobil kola koli форум avtomobil kola koli
  ПРОНАЈДИ НОВ АВТОМОБИЛ        НАЈНОВИ МОДЕЛИ        НАЈПОПУЛАРНИ       ТЕСТ       ПРЕМИЕРА        ВОЗЕВМЕ       СПОРЕДБИ       САЕМИ        ИДНИ МОДЕЛИ
Насловна > Новости > Тест > Тест - Toyota Land Cruiser – храбар, моќен, незапирлив
 
Spodeli
07 јуни 2010, 23:38


Тест - Toyota Land Cruiser – храбар, моќен, незапирлив Toyota Land Cruiser Тест - Toyota Land Cruiser – храбар, моќен, незапирлив
Патот кон највисокото место во автоиндустријата, Toyota го почна токму со Land Cruiser. Популарниот теренец има историја со која може да го засрами дури и Land Rover, пред се благодарејќи на извонредните теренски способности и легендарната издржливост...
fotografii фотографии Види фотографии komentari коментари Напиши коментар

Од генерација во генерација, Land Cruiser стануваше се полуксузен и денес е дури и мерка за статусот, но јапонскиот теренец никогаш не го загуби дивото во себе. Напротив, новиот модел е едно од најдобрите возила за терен досега...

Изглед

Надвор – масивност и робусност

Тука Land Cruiser не бега од корените. И покрај модерните елементи, како предната маска и предните фарови, овој сумо борач го карактеризира пред се робусниот, масивен дизајн, кој сака да покаже за каков ѕвер всушност се работи. Всушност, на Land Cruiser подобро му стои кога е извалкан во кал отколку кога е чист...



Внатре – продолжува приказната за масивниот дизајн

И внатрешноста ја карактеризираат помалку груби линии. Веднаш се гледа дека најголем акцент е ставен на функционалноста и ергономијата, како и на чувството на квалитет и робусност. Досадата донекаде ја разбива изборот на бои и материјали, кој оддава чувство на луксуз во внатрешноста.

Ергономија на највисоко ниво

Како и кај секоја Toyota, повторно одлична позиција на управувачот. На толку простор, не е тешко секој да ја пронајде идеалната возачка позиција за себе. Командите, кои впрочем ги има многу, се секогаш на допир и се составени од големи и лесно читливи копчиња. Многу команди се поставени и на воланот, па возачот нема да треба често да го трга погледот од патот...

Практичност

На предните седишта, освен карактеристичните отвори, како фиоката пред совозачот, фиоката во средината под потпирачот (која служи и како ладилник) и отворите во вратите за пијалаци, нема ништо дополнително, како кај помалите Toyota модели на пример... Сепак, можноста за комбинациите со задните два реда на седишта, можноста за лизгање на истите напред – назад, лесно склопување, навалување на потпирачот, ја прават оценката за практичноста кај Land Cruiser исклучително висока... Со различните конфигурации на седење, овој теренец може да засрами и некои моноволумени, па дури и мини-бусчиња! Практичен може да биде за транспорт и за 7 патници, без проблем.

Комфор

Удобноста е на исклучително високо ниво

Во манир на вистински теренец, благодарение на концепцијата на шасија во долниот и каросерија во горниот дел, Land Cruiser се однесува исклучително комфорно и просто плива по патот (нормалните возила имаат самоносечка каросерија). Дополнителен придонес за ова има и адаптивната суспензија, која има три мода на работа, Comfort, Normal и Sport и три мода на висина. Во најкомфорниот мод, Land Cruiser, при патувањата на отворен пат се однесува слично како автобус . Единствена забелешка е што се чувствуваат потресите од поголемите и остри дупки на патот, но при помали брзини. Тоа е проблем кој ги прати сите возила со ваква концепција.

Моторот се слуша само при нагли забрзувања

Иако моторот има малку понемирна и погруба работа (што всушност и одговара на карактерот на возилото), звукот од моторот е одлично изолиран во кабината и се слуша само при посилни забрзувања. При рамномерно возење, кабината е неверојатно тивка. Единствено, минимално продира звук од ветерот, што е неизбежно кај толку високо возило, па целосниот впечаток во однос на звучната изолација е повеќе од задоволителен. Мирно, тивко и префинето. Како во секоја Toyota.

Прегледност – проблеми само при возење во рикверц

Благодарение на висината на седење, прегледноста е на многу високо ниво, но тоа важи само за предниот дел. Назад прегледноста е ограничена, но тест возилото беше опремено со камера за возење назад, па проблемот со возење во рикверц беше решен. Од дополнителна помош се и масивните ретровизори, кои се големи скоро колку оние на автобусите...

Но, Land Cruiser има и скриен адут во ракавот. Имено, при возење во терен, понекогаш некои делови од тереност едноставно не се видливи од внатрешноста на возилото. Затоа, вградени се и три камери во предниот дел - за гледање напред, лево и десно! Тоа значи дека на дисплејот во внатрешноста се пренесува слика поширока и од 180 степени! Заклучок е дека за моделот со највисоко ниво на опрема нема ама никакви забелешки за прегледноста – за неа се грижи високата технологија!

Квалитет – материјалите се направени да бидат пред се трајни


И покрај високата цена, внатрешноста на Land Cruiser не не разгалува со материјали какви би нашле во Lexus на пример. Тука идејата е поинаква – се што се вградува треба да биде издржливо и во најсуровите услови, макар тоа би скратило и од луксузот. За завршната обработка не ни очекувавме помалку – се е добро склопено и чувството за целосен квалитет е на највисоко ниво.



Простор

Напред
Напред има извонредно многу простор. Тука можат да се сместат и повисоки патници без никаков проблем. Простор има во должина, ширина и висина.

Назад
И вториот ред на седишта е извонредно простран. Назад може и да се прекрстат нозете, а простор има и за евентуалниот трет патник. Комфорот може да се зголеми и со лизгање на седиштата напред – назад, или со навалување на наслонот. Врвното доживување го заокружува и специјално за Land Cruiser развиениот JBL Synthesis мултимедијален систем, со монитор во задниот дел за гледање DVD филмови и 17 звучници (!), кој целосно ќе ги задоволи и најголемите аудио и видеофили. Гледањето на филм или слушањето на музика, во Land Cruiser претставува посебно доживување. Особено ако сте некаде далеку од цивилизацијата, во некоја скриена природа...

Како е во третиот ред?
На големо изненадување, и во третиот ред на седишта се седи комфорно и тоа за луѓе со раст до 180 cm. Интересно, и овие седишта имаат подесив наслон за грбот и тоа на струја... Единствена забелешка е што нема каде да се стават стапалата (вториот ред на седишта е залепен за подот), но се чини дека тоа е веќе барање игла во сено...

Багажник добар и за преселба
Со 621 литар зафатнина (со третиот ред на седишта спуштен во подот), багажникот на Land Cruiser е еден од најголемите што можат да се добијат кај кое и да било патничко возило на пазарот. Едноставно, со спуштањето на третиот ред на седишта, се добива енормно голем простор, каде без проблем ќе влезат сите куфери за на одмор или пак неколку парчиња бела техника. Ако се спушти и вториот ред, Land Cruiser се претвора во вистински товарен автомобил... Или пак во лежај за преспивање... Зависно од пригодата, нели?

Возни својства

Солидно управување

Иако не е најпрецизно, управувањето, со оглед на стилот со кој е замислено да се вози Land Cruiser, задоволува само делумно. Повратни информации од патот нема многу, но ретко кој ќе се побуни на ова – едноставно, јапонскиот теренец не е правен за брзо возење по кривулести патишта, секако не може да се бара ниту некое посебно директно или спортско управување.

Високата маса ја ограничува возната динамика

Автомобил тежок скоро два и пол тона, во никој случај не може да биде динамичен. Со Land Cruiser, запирањето треба навреме да се планира, а треба и да се биде претпазлив при наглите маневри, бидејќи инерцијата се чувствува, особено заради лажната претстава дека автомобилот се движи поспоро од реалното (бидејќи е удобен и има одлична звучна изолација може да возите 80-90 km/h, а да мислите дека возите 30-40!).

Задоволителна стабилност


Со оглед на висината на возилото, стабилноста на пат е на солидно ниво. Благодарение на адаптивната суспензија, која има и спортски мод на работа, Land Cruiser е стабилен на отворен пат како никогаш досега, влевајќи поголема самодоверба отколку своите претходници, но никако не може да се споредува со автомобил од средната или средно високата класа, ниту пак со некој моноволумен, каде стабилноста секако е на повисоко ниво.

Шампион на терен

Кога ќе се појави на некој потежок терен, сите забелешки за возните својства на асфалт паѓаат во вода. Јапонскиот теренец, со секоја нова генерација поставува нови стандарди кај теренците, надминувајќи ги вечниот ривал Land Rover, но и останатите конкурентите од земјата на изгрејсонцето.

Toyota ветува – новиот Land Cruiser е најпрооден досега. Искрено, не сме ги пробале претходните модели, но она што овој Land Cruiser може да го направи остава без здив... Опремен е со цел сет на електронски и механички системи, за помош при возење на секаков вид на терен. На возачот најчесто му останува само да го врти воланот...

Најпрво, би го споменале високиот клиренс (растојанието од подлогата до најдолниот дел на возилото), кој изнесува 220 mm. Во превод тоа значи дека Land Cruiser може да преминува и по најострите карпи, а притоа да помине и река со длабочина до 70 cm. Впрочем, доказ за висината на подлогата е и скаличката, која е поставена за полесно влегување во возилото. Дополнително, кај тестираниот модел, благодарение на адаптивната суспензија, можеше и да се избере висината, преку прекинувач во внатрешноста.

Land Cruiser е стандардно опремен со погон на сите четири тркала, со редуктор на задната оска и Torsen самоблокирачки диференцијал. Овој погон овозможува преодност и во најсуровите услови, односно во длабока кал или песок. Како дополнување на механичките системи, доаѓа и A-TRC системот за контрола на влечната сила, кој го спречува пролизгувањето на тркалата. Изборот на видот на погонот, пак, сега се одвива преку копче на средната конзола, наместо класичниот менувач во претходните генерации...



Покрај овие стандардни системи, Land Cruiser е опремен и со Multi Terrain Select системот, кој има четири предефинирани модови на работа, сите за различен тип на терен: кал и песок, нестабилни карпи, испакнатини и карпи. Овој систем на најмалку искусните им овозможува лесно возење дури и по најтешките терени. Од дополнителна помош е и Crawl Control системот, кој овозможува многу бавно движење на возилото, а има пет различни брзини. Со вклучен Crawl Control, возачот не треба воопшто да ги притиска педалите, туку само да управува со воланот – автомобилот вози сам.

Последни, но не и помалку важни, се системите за помош при тргнување и возење по нагорнина, како и за контролирано возење по надолнина, кои дополнително го олеснуваат возењето по терен.

Треба ли да споменеме дека аглите на качување, спуштање и странично навалување изнесуваат 42%?! Land Cruiser може до толку да се навали, што патниците во момент помислуваат дека ако го отворат прозорот, ќе испаднат од автомобилот! Фин детал е и навигацискиот систем, кој покрај што го покажува патот каде што треба да се оди, во „Ивица и Марица“ стил, го покажува и поминатиот пат. Така, никогаш нема да се изгубите во пустините или по планините, бидејќи секогаш можете да се вратите по истиот пат по кој сте дошле!

Накратко, со помош на сите овие системи, Land Cruiser станува вистински освојувач на пустините и планините. Она што тој го може на терен, не сме го искусиле со ниту еден друг автомобил досега... Land Cruiser овозможува едно ново доживување, исполнето со многу адреналин, иронично, и при брзини од само 10-ина km/h.

Единствена забелешка тука е што сите системи за возење по терен се добиваат само во најсилно опремениот модел, чија цена е значително повисока од таа на основниот.

Доволно силен мотор за сите услови

И покрај тоа што има зафатнина од 3.0 литри, од дизелот со четири цилиндари не треба да се очекуваат чуда. Развива 173 КС при ниски 3.400 вртежи (што ветува долготрајност), односно 410 Nm во распон од 1.600-2.800. Забрзувањето до стотка трае 11,7 секунди, додека максималната брзина изнесува 175 km/h. Со оглед на масата на возилото, повеќе и не треба да се очекува.

Во пракса, моторот одлично повлекува дури и од пониските вртежи и линеарно ја развива силата, овозможувајќи течни забрзувања. Импресионира влечната сила на моторот – дури и целосно натоварен, не покажува знаци на замор, што, заедно со масивната шасија, го прави идеален за влечење и на поголеми камперски приколки, или пак за безгрижно искачување дури и на најстрмните нагорнини.

Автоматскиот менувач е исклучително комфорен

Автоматскиот менувач се надополнува на комфорното возење. Се работи за стандарден автоматик со пет степени на пренос и турбо конвертор, кој го краси пред се мекото менување на брзините, без карактеристичните сецкања, што значително ја подобрува удобноста. Автоматскиот менувач, одлично одговара на карактерот на возилото, па шест степениот мануелен менувач се чини непотребен, а згора на тоа постигнува послаби перформанси и повисока потрошувачка.

Возачот може да избере и мануелно менувања на брзините, со туркање на палката напред или назад за постигнување на најдобри перформанси, но тоа и не е целта на возилото. Единствено, мануелниот мод би го користеле кога е потребно моторно кочење, како возење по надолнина на пример...

Вредност

Цена/Опрема


Land Cruiser апсолутно не е евтин автомобил, а и не треба да биде. Сепак, ако се спореди со другите теренци, тој е многу конкурентен, пред се благодарение на извонредно високите нивоа на опрема.

На тест го имавме најдобро опремениот модел, Luxury Premium, кој чини 69.900 евра. Листата на опрема е извонредно долга: трозонска автоматска клима, целосна електрика, меморија на подесување на воланот и седиштето, навигација со хард диск, премиум аудио систем JBL Synthesis со 17 звучници, монитор во задниот дел за гледање на DVD филмови со далечински управувач, кожни седишта, цел сет на контроли на стабилноста и контроли за возење по терен (споменати погоре), 9 воздушни перничиња, 4 камери за возење по терен, затемнети стакла... Прикажувањето на целата опрема тука би земало многу место, па за дополнителни информации за овој модел и другите моделски изведби, кликнете тука.

Потрошувачка


Дека Toyota е еден од лидерите во поглед на потрошувачката, доказ е и Land Cruiser. Според фабричките податоци, просечната потрошувачка изнесува 8,1 литар на 100 km, што за возило со вакви димензии, е извонреден резултат. Истите податоци велат дека во град потрошувачката изнесува 10,4 литри, односно 6,7 литри на отворено.

Реално, во град може да се вози со потрошувачка од околу 11,5 – 12 l/100km, а на отворено и со околу 7 l/100km. Потрошувачката на терен, во екстремни услови на возење се крева енормно високо. Во некои моменти забележавме и потрошувака од над 50 l / 100 km, но секако, тоа е при многу мали брзини и трае многу кратко. На тестот, со комбинирано возење и во град, на отворено и на терен, ние потрошивме 11,5 l/100km, што е секако задоволителна потрошувачка за ова чудовиште од автомобил.

Повратна вредност

Теренците не одат најдобро на пазарите на половни автомобили, па се очекува малку поголем пад на цената на Land Cruiser, споредено со патничките автомобили. Сепак, ако го споредиме со конкуренцијата, тој можеби има и најмал пад на вредноста, пред се благодарение на митот за нерасипливост и издржливост.



Безбедност

Toyota Land Cruiser не е тестиран од EuroNCAP. Има исклучително високо ниво на безбедносна опрема, кое вклучува цел сет на контроли на стабилноста и 9 воздушни перничиња.

При директен судир со нормален автомобил, големите теренци секогаш се во предност.

За кого е овој автомобил

Toyota Land Cruiser не е од новите, шминкерски квази-теренци. Ова е вистински, чистокрвен off-road автомобил, со извонредни теренски возни својства. Стандардно, во негов прилог одат и извонредната пространост и високите нивоа на комфор, а кај новиот модел и луксузно богатата опрема.

Навистина, дизајнерски, ни однатре ни однадвор, не изгледа префинето како SUV моделите од високата класа, но токму тоа го прави Land Cruiser посебен и единствен. Чувството на масивност и целосен квалитет е на највисоко ниво, што влева посебен тип на самодоверба.

Љубителите на авантурите и возењата по секаков терен, најдобро знаат за квалитетите на Land Cruiser. Тој е наменет за оние кои го купуваат теренецот не за да се покажат со него, туку за да уживаат во него, и секако во она што природата го нуди. Ако ништо друго, барем убава природа имаме на претек. Недостасува само еден Land Cruiser. Ако имате некој стан за продавање, можете веднаш да го огласите. Само, знајте дека во Land Cruiser нема тоалет.

Предности


-    Фантастични возни својства на терен
-    Високо ниво на удобност и тивко возење
-    Пространа внатрешност, во сите редови на седење
-    Огромен багажник
-    Практичност
-    Целосно чувство на солидност и квалитет
-    Одличен автоматски менувач
-    Солидни перформанси и ниска потрошувачка од моторот
-    Исклучително богата опрема


Недостатоци

-    Послаба возна динамика на асфалт
-    Недоволно префинет дизајн
-    Целосниот кит за помош при возење по терен е достапен само во најскапиот модел
-    Материјалите во внатрешноста не се фини како кај другите возила со оваа цена (иако нивниот квалитет е на високо ниво)


Toyota Land Cruiser
 Цени и нивоа на опрема
 Дополнителна опрема (*. Pdf)
 Фотогалерија
 Видео




Стари коментари
OVOJ VNATRE IMA DVA MENUVACA I DVA REDUKTORA.ZAKON E
Напишан од NEMA JEEP KOJ MOZE DA MU KONKURIRA OVA SE PRAVI SA  пред  околу 72 месеци
NEMA JEEP KOJ MOZE DA MU KONKURIRA TAKA DA ZNAETE
Напишан од FAN NA TOYOTA LANCRUISER  пред  околу 75 месеци
land cruiser e legenda. naj dobar djip.
Напишан од viktor  пред  околу 78 месеци
dzibot e odlicen jas imav land cruiser 2003 od ponovata seria..... ali sepak mislam deka range rover e mn podobar... land cruiser-ot vo vnatresniot del ima mn linii koj se ukradeni od roverot.... :(
Напишан од martin  пред  околу 80 месеци
bas dzip no hummer bas nekako mi e podobar
Напишан од koko  пред  околу 81 месеци
   
КОМЕНТАРИ - СТРАНА  1 од 5
 



Нашата редакција остро се противи на верски, расистички и национални коментари. Сите непристојни коментари ќе бидат отстранети.

Целосна архива на текстови од Тест



 
 
 
 






Одберете нов автомобил