Почетна страница Контакти Маркетинг Инфо
дома home avtomobili kola koli нови автомобили avtomobil kola koli половни avtomobil kola koli тестови avtomobil kola koli видеа avtomobil kola koli фотографии avtomobil kola koli форум avtomobil kola koli
  ПРОНАЈДИ НОВ АВТОМОБИЛ        НАЈНОВИ МОДЕЛИ        НАЈПОПУЛАРНИ       ТЕСТ       ПРЕМИЕРА        ВОЗЕВМЕ       СПОРЕДБИ       САЕМИ        ИДНИ МОДЕЛИ
Насловна > Новости > Тест > Тест: Volvo XC90 D5 – Скандинавска перфекција
 
Spodeli
11 декември 2015, 19:16


Тест: Volvo XC90 D5 – Скандинавска перфекција Volvo XC90 Тест: Volvo XC90 D5 – Скандинавска перфекција
Легендарната безбедност на Volvo, преточена во исклучително луксузен, простран и функционален SUV – XC90 е првиот модел од новата гама на шведскиот производител кој најавува многу посветла иднина...
fotografii фотографии Види фотографии komentari коментари Напиши коментар

Ваквите впечатоци ни беа доловени уште со првите неколку фотографии на моделот – однадвор изгледа толку моќно, а толку минималистички, што ако сте човек кој ги сака убавите работи, не можете да останете рамнодушен. Да, XC90 е навистина допадлив автомобил – факт кој ни го потврдија многуте погледи упатени кон него, но во оваа класа мора да понуди многу повеќе од тоа. Затоа, Volvo има посветено големо внимание на сите аспекти кои прават еден голем SUV да биде функционален за купувачот. Навистина, ова е автомобил на кој не можете да му најдете премногу недостатоци – совршено е скроен за целната група на купувачи.

Дизајн
Има некоја посебна одважност во тоа како изгледа новиот Volvo XC90 – високите страници оддаваат мускулест изглед, а од друга страна чистата странична линија делува чисто и минималистички, би рекле „скандинавски“. Резултатот е и повеќе од успешен – XC90 е перфектен пример за тоа како треба да изгледа еден автомобил кој треба да биде статусен симбол – моќно, но ненападно, нешто што Германците никогаш не успеаја да го постигнат. Навистина, тука ништо нема претерано „наџиџани“ детали – се е перфектно и елегантно склопено.



Внатрешноста одлично се надоврзува на целата приказна. Повторно чисто и минималистички, без копчиња на средната конзола и висок квалитет на изработка. Кабината на XC90 е едно навистина пријатно место за престој – не би имале проблем да поминете голем дел од денот во неа.

Тука мора да се употреби еден факт – убавиот дизајн е начин на живот во Шведска, а не луксуз. Нешто што XC90 целосно го доловува.




На пат

Перформанси
На тест го имавме моделот со 2.0 литарскиот дизел мотор со 225 КС и 470 Nm, кој според фабричките податоци забрзува до стотка за 7,8 секунди и постигнува максимални 220 km/h. Ова е инаку мотор од новата генерација на Volvo – сите отсега ќе имаат максимум 4 цилиндари и турбо полнење, а со цел намалување на потрошувачката и емисијата на штетни гасови, но задржување на високите перформанси.

Кај XC90, овој дизел е споен со автоматски менувач со осум степени и го карактеризира висока еластичност, особено на повисоки брзини. Сепак, забрзувањата не се бомбастични, дури и во Dynamic модот на возење. За ова се чини е виновен бавниот менувач, кој очигледно е повеќе насочен кон комфорот и удобноста отколку кон перформансите – менувањето на брзини не е брзо како кај менувачите со две спојки.

Секако, ова не значи дека перформансите се слаби – овој модел со сигурност без проблем ќе ги задоволи потребите на скоро сите купувачи, бидејќи лесно одржува високи брзини на отворен пат, каде овој автомобил и најчесто ќе се наоѓа, а престигнувањата се исто така течни, дури и на нагорнини.

За оние што сакаат највисоки перформанси, пак, тука е турбо бензинецот со 320 КС и хибридниот модел со 407 КС, кој спринта до стотка за само 5,6 секунди...



Управливост/Удобност
Една од главните одлики на Volvo отсекогаш била удобноста, нешто што кај новиот XC90, барем во овој модел опремен со стандардна суспензија, неочекувано недостасуваше. Да не бидеме разбрани погрешно – XC90 не е неудобен автомобил, но е доволно тврдо подесен за да се почувствуваат честите дупки и нерамнини на нашите патишта.

Од Volvo бевме уверени дека моделот со пневматска суспензија го решава овој проблем, а кратко сурфање по форумите го потврдува тоа, па затоа препорака за сите оние на кои им е важен комфорот, односно, сите оние кои имаат план да го купат овој автомобил, да доплатат за пневматска суспензија.

Големо изненадување беше и начинот на кој вози XC90, овој пат многу позитивно. Благодарение на ниската маса на малиот мотор напред, но и намалувањето на масата на целиот автомобил, заедно со употребата на челик со исклучително висока цврстина, овој SUV е исклучително динамичен и агилен автомобил.

Навистина, на моменти возачот се чувствува како да вози некој модел од средната класа – промените на правецот се брзи и автомобилот секогаш послушно реагира на насоките дадени од возачот, а управувањето е исклучително директно и прецизно. Благодарение на потврдо подесената суспензија, дури и навалувањето во кривините е многу мало, односно помало отколку што се очекува од еден SUV автомобил. Затоа, ќе се дрзнеме и да кажеме дека XC90 е еден од најдинамичните големи SUV модели, рамо до рамо со BMW X5 и Porsche Cayenne.

Секако, не очекувајте со Volvo XC90 да возите на некој тежок терен. Иако има погон на сите тркала, самиот поглед на ниско профилните 21 инчни пневматици кажува дека не треба да претерувате. Погонот на сите тркала тука е пред се за подобро држење на пат и во услови на лизгав коловоз, односно дожд, снег и кал. Во превод, со Volvo XC90 без проблем ќе можете да отидете на зимување на познатите зимски дестинации, но нема да можете да го возите по тешки терени – не е замена за теренец.



Рафинираност
Тука скоро и да нема замерки – Volvo XC90 има целосна рафинираност каква што се очекува од еден луксузен модел. Моторот работи без вибрации и е одлично изолиран од кабината, менувачот меко ги менува степените, додека на високи брзини не се слуша многу звук од ветерот и гумите. Всушност, во овој дел моделот на Volvo е еден од најдобрите во сегментот на SUV автомобили – во кабината може лесно да се разговара дури и на брзини северно од 180 km/h, што е само за пофалба.

Во кабината

Простор/Практичност
Погоре веќе кажавме дека дизајнот на кабината прави да можете цел ден да поминете во неа, но просторот е делот каде XC90 е чекор пред сите конкуренти. Тука е кралски комфорно и на предните и на задните седишта, со простор во сите правци – и за главата и за рамената и за нозете. Но, приказната не завршува тука – Volvo XC90 има и најкомфорен трет ред на седишта во класата, особено што втората клупа лесно се лизга напред, па може да се направи комбинација во која сите ќе имаат доволно простор.

Што не носи до практичноста. Покрај големата понуда на простор, Volvo XC90 е и најпрактичниот модел во класата. Кабината има многу корисни места за одлагање ситници, а со сите седум седишта багажникот и натаму изнесува корисни 451 литар, за разлика од конкурентите, кои имаат скоро двојно помалку простор кога сите седишта се во функција. Со спуштањето на третиот ред на седишта (се уште има пет места за седење), багажникот расте на импресивни 1.102 литри! Ова е апсолутен рекорд во класата, вреден за особена пофалба.

Целиот овој простор во кабината и багажникот е овозможен благодарение на употребата на погоре споменатите мотори со четири цилиндари, поставени попречно. Бидејќи Volvo веќе не вградува големи V6 или V8 агрегати во своите модели, предниот дел е пократок и ослободува многу повеќе од должината да се искористи како простор во кабината. Затоа, тука, XC90 е апсолутниот шампион во класата.



Ергономија
На средната конзола во XC90 нема копчиња – се е вградено во големиот дисплеј на допир. За многумина ова е контроверзно решение, но дефинитивно е патот кон иднината. Денес сите сме толку поврзани со интернет мрежата и нашите паметни телефони, што вакво решение е дури и логично.

За оние кои се уште не се толку убедени во ваквата технологија во автомобилите, треба само да го пробаат системот на Volvo. Исклучително е лесен за навигација и до сите функции може да се стигне многу брзо – на пример оние за клима уредот и вентилацијата се цело време поставени во долниот дел на дисплејот и се јасно одбележани. Секако, ќе треба малку подолго време да се навикнете отколку во автомобил со копчиња, но после тоа не би требало да имате проблем со навигирањето низ системот.



Системот може да се поврзе и со Apple iPhone (треба да имате iOS 9) и Android смартфоните преку Apple CarPlay и Android Auto и да ги прикажува апликациите на големиот дисплеј, што е многу корисно за оние кои често сакаат да ги проверуваат нотификациите.

Настрана овој систем, седењето во XC90 е исклучително удобно и сите команди се на дофат на раката. Возачкото седиште може да се подесува во многу правци и тука секој ќе може да ја најде идеалната позиција, но најмногу импресионира самиот комфор кој го нудат седиштата. Тука Volvo отсекогаш предничел, но овие седишта се чекор понатаму – дефинитивно најудобните во кои сме седнале досега.

Прегледноста е исто така солидна во сите правци и бидејќи се седи повисоко, можете да видите многу подалеку, а за оние загрижените за паркирањето, стандардно е вграден систем за автоматско паркирање.



Опрема
Тестниот модел беше опремен со Inscription ниво на опрема, кое вклучува апсолутно се што можете да замислите: City Safety систем за избегнување судир, систем за информирање на сообраќајни знаци, систем за контрола на притисокот во пневматиците, прибор за поправка на пневматикот, прекривка за багаж (полуавтоматска), пластичен праг во багажен простор, видливи дупли издуви, ретровизорИ во боја на каросерија, халогени светла подесиви по висина, подесиво ограничување на брзината, темпомат, сензор за дожд, резервоар за гориво со капацитет од 71 литар, Предни светла за магла, електрично отворање на багажникот, ел.склопливи надворешни ретровизори со осветлување на тлото, украсни алуминиумски детали, систем за квалитет на воздух0Т AQS, задни паркинг сензори, предна маска со висок сјај, амбиентално внатрешно осветлување, средно ниво, дигитална инструмент табла 12,3”, трокрак кожен управувач со украсен детал, дупли вградени завршетоци на издувните цевки, ел. подесива лумбална поддршка - 4 смера, држач за шишиња во багажниот простор, браници во боја на каросерија, кожени седишта Comfort, наслони со држачи за чаши од лева и десна страна(само З ред Седишта). Ел.подесиво возачко седиште со меморија, дигитална инструмент табла 12,3”, електрично подесиво совозачко седиште, перење под висок притисок на предните светла, можност за бирање на начин на возење (ЮС), LED активни главни светла, амбиентално внатрешно осветлување (високо ниво), lnscription предна маска во сребрена мат боја, lnscription кожен далечински клуч во боја на ентериерот, lnscription ознака на наслоните за глава, метални декоративни елементи, 20” алуминиумски фелни 275/45, 5У, дупли вградени завршетоци на издувните цевки, интегрирани кровни носачи во светла бор, осветлен Volvo натпис на праговите, Кожени седишта AGNES Nappa Leather Comfort.

Се изначитавте? Покрај стандардната опрема, моделот на тест имаше и плус Onyx Black металик боја, грејачи на предни седишта, 21 инчни алуминиумски тркала, затемнети стакла назад и околу багажникот, управувач обложен со дрво, украсни дрвени елементи, Amber перфорирани и вентилирани седишта, бизнис пакет Pro Premium Sound (Графичка инструмент табла, екран 12“, навигациски состав Sensus, РагК Assist Pilot +помоШ при паркирање напред и назад ,Premium Sound Bowers & Wilkins, 9” екран, Subwoofer), пакет со луксузни седишта, практичен пакет и пакет Xenium (електричен панорамски кров, Head Up дисплеј, автоматски затемнувачки ретровизори, завеси на задните прозори, кожна инструмент табла и странични делови и задна паркинг камера).

Верувам дека многумина од Вас прекинаа да читаат уште во првите неколку редови – тука од опрема има апсолутно се. Затоа, за повеќе информации за опремата и цените, кликнете тука.

Финансии

Трошоци за купување и одржување, потрошувачка
Цената на основниот модел со Kinetic ниво на опрема изнесува 81.900 евра, што е во рамките на класата на големи и луксузни SUV-а. Сепак, додавањето на многу опрема, каква што имаше моделот на тест, ја качува цената на 118.357 евра, што и натаму е во рамките на класата, но освен ако не сте многу пребирливи, препорачуваме да го одберете моделот Momentum, односно средното ниво на опрема.

Во поглед на потрошувачката, со оглед на големината на автомобилот, дизелот се покажа како прилично економичен. Секако, не очекувајте дека ќе можете да постигнете просек од 5,7 литри, колку што ветува Volvo, но во град може да се помине со околу 10 литри, додека на отворено може да се спушти на околу 7 литри, односно на автопат околу 9 литри.

Во поглед на трошоците за одржување, Volvo треба да е подобар од германските конкуренти, барем ако се гледаат досегашните искуства. Сепак, за финален заклучок за овој XC90, ќе треба да почекаме неколку години.



Квалитет, доверливост и повратна вредност
Volvo отсекогаш важел за доверлив производител и нема причина зошто да не веруваме во долговечноста и сега. Повратната вредност пак е подобра од онаа на германските конкуренти, кои имаат поголем пад на цената.

Најмногу сепак импресионира целиот квалитет на изработка и посветеното внимание на деталите. Во кабината се вградени најквалитетни материјали на секое место, независно дали таму ќе допрете со раката. Луксуз на највисоко ниво.

Безбедност
Планот на Volvo е до 2020 да нема сообраќајќи со нивно возило, а првиот модел од овој план е токму XC90. Опремен е со целосна безбедносна технологија, која не само што перфектно ќе Ве заштити во случај на судир, туку и ќе го спречи во многу случаи, за што е заслужен специјалниот систем со радар кој го предупредува возачот, а по потреба и кочи наместо него.

Благодарение на тоа, XC90 освои страшно високи оценки на Euro NCAP – дури 97% за заштита на патниците, што значи дека ако барате автомобил со максимална безбедност, не барајте понатаму.




Заклучок
Volvo ни вети дека XC90 е автомобилот кој ќе сврти нова страница за шведскиот производител, и после неколку дневното дружење, можеме да потврдиме дека тоа е така. Секако, не постои перфектен автомобил, но XC90 е ѓаволски блиску до тоа. Има супер пространа и функционална кабина, каква што само може да посака еден семеен купувач, вози како многу понизок и полесен автомобил, исклучително е тивок и рафиниран и е максимално безбеден.



Единствено би посакале удобноста да беше подобра, особено бидејќи се работи за автомобил од високата класа. Со доплата може да се добие воздушна суспензија, која би требало драматично да ги подобри работите, но да бидеме искрени, ќе беше добро и моделот со обична суспензија да биде малку поудобен (тука не помагаа ниту огромните 21 инчни тркала со гуми со низок профил).

Сепак, кога ќе се влезе во кабината на XC90, се забораваат сите недостатоци – внатре буквално мириса на луксуз и префинетост. Навистина, квалитетот на материјалите и грижливата изработка кои ги галат сетилата, целосно ја оправдуваат шестоцифрената сума (во евра), која треба да ја платите за него.

Предности:
•    Исклучително пространа кабина
•    Огромен багажник
•    Најдобра функционалност во класата
•    Извонредни седишта
•    Високо ниво на рафинираност
•    Одлична динамика во возењето
•    Луксузна кабина
•    Безбедност

Недостатоци:
•    Недоволно удобно возење
•    Менувачот е малку побавен во менувањето брзини


Volvo XC90
 Цени и нивоа на опрема
 Дополнителна опрема (*. Pdf)
 Краток опис
 Фотогалерија
 Видео




Стари коментари
   
КОМЕНТАРИ - СТРАНА  1 од 1
 



Нашата редакција остро се противи на верски, расистички и национални коментари. Сите непристојни коментари ќе бидат отстранети.

Целосна архива на текстови од Тест



 
 
 
 





Suzuki Swift


Одберете нов автомобил