Почетна страница Контакти Маркетинг Инфо
дома home avtomobili kola koli нови автомобили avtomobil kola koli половни avtomobil kola koli тестови avtomobil kola koli видеа avtomobil kola koli фотографии avtomobil kola koli форум avtomobil kola koli
  ПРОНАЈДИ НОВ АВТОМОБИЛ        НАЈНОВИ МОДЕЛИ        НАЈПОПУЛАРНИ       ТЕСТ       ПРЕМИЕРА        ВОЗЕВМЕ       СПОРЕДБИ       САЕМИ        ИДНИ МОДЕЛИ
Насловна > Новости > Тест > Тест: Toyota Auris Hybrid - со тишина и опуштеност до висока економичност
 
Spodeli
08 октомври 2015, 15:20


Тест: Toyota Auris Hybrid - со тишина и опуштеност до висока економичност Toyota Auris Hybrid Тест: Toyota Auris Hybrid - со тишина и опуштеност до висока економичност
Хибридниот погон во Toyota веќе не е ексклузивитет. Достапен е уште во моделот од ниската класа Yaris, како и во компактот Auris и е тука за да остане. ...
fotografii фотографии Види фотографии komentari коментари Напиши коментар

Хибридниот Auris го има истиот погон на Prius, кој веќе го тестиравме на нашиот портал. Ветува исклучително ниска потрошувачка и емисија на штетни гасови, на која не можат да конкурираат ниту помалите дизели, а сега и цената е веќе симната на ниво на конкуренцијата со дизел мотор и автоматски менувач.



Хибридниот погон има многу предности над традиционалниот, но и неколку „недостатоци“. Сепак, во оваа конфигурација, ни се чини дека е одлично решение за сите кои сакаат лесен за возење и штедлив автомобил, особено во градски услови, каде скоро и да нема подобро решение во моментов.

Подетално за тоа како е да се живее со еден хибриден автомобил, продолжете да скролате надолу...

Дизајн
Моделот кој го тестиравме е таканаречен фејслифт, односно има неколку подобрувања во подесувањето на шасијата, подобра звучна изолација и подобрување на материјалите во внатрешноста. Однадвор, главните промени се во предната маска, која сега делува уште толку поостро, како клин, додека задниот дел, освен промената во графиката на светлата, остана генерално ист.

За разлика од претходно, сепак, сега нема визуелни промени доколку преминете кон хибридниот модел, освен логото на Toyota кое е во сина изведба. Ова е направено за да се покаже токму дека хибридниот погон дека веќе не е ексклузивен и дека ќе има подеднаков третман меѓу трите различни погони. И како такво решение, ни се допаѓа.



Се на се, Auris не е премногу променет во однос на моделот пред фејслифтот и останува препознатлив. Можеби не е најубавиот модел, но секако е посебен и се разликува од кој и да било модел во класата. На многумина и не им се допаѓа, но барем Toyota направи нешто за да ги адресира досадните дизајни од порано...

На пат

Перформанси
Веројатно сте прочитале многу пати досега дека хибридниот погон е летаргичен и бавен и дека ако сакате перформанси, ќе треба да земете бензинец или дизел. Ваквата констатација е точна ако погонот се споредува со помоќните мотори, но доколку го споредиме Auris Hybrid со дизелите со зафатнина од 1,6 литри и околу 110 КС, излегува како победник.

Навистина, овој хибриден погон со 134 КС (комбинација од 1,8 бензинец и електричен мотор) нема да ве залепи за седиштето, но забрзува за 10,9 секунди до стотка и постигнува 180 km/h, што е и повеќе од доволно за секој фамилијарен купувач. Мора да го спомнеме и автоматскиот CVT менувач, кој константно ги менува брзините, односно го држи моторот на повисоки вртежи при забрзување. Чувството за сетилата за слух е малку чудно, но од друга страна нема никакво сецкање за менување на брзините, што е особено удобно.

А згора на тоа, овој менувач има „бесконечно“ многу степени на пренос, што го прави исклучително погоден за качување нагорнини или престигнување – секогаш ќе го избере точниот пренос. На пример, со мануелен менувач, знае да се погоди едната брзина да го врти моторот до максимум вртежи, а во повисоката брзина моторот да не сака да повлече. Овде секогаш има сила, бидејќи секогаш е избран оптималниот преносен однос.



Управливост/Удобност
Пред фејслифтот, за Auris кажавме дека е стабилен, но недоволно забавен за возење, пред се поради многу лесното управување. Сега, со промените направени во суспензијата, подобрениот модел делува многу поцврсто и помалку се навалува во кривините, што ја зголемува агилноста и динамичноста, додека управувањето е многу подобрено. Сепак, хибридниот модел е потежок од стандардните, што се чувствува во кратките свиоци, со тенденција за подуправливост.

Сите подобрувања придонесоа Auris да се доближи до конкурентите, но јапонскиот компакт и натаму не е меѓу најдобрите во класата кога е динамиката во прашање. Од друга страна, удобноста е одлична и тука е повторно меѓу најдобрите во класата, а сега суспензијата поминува подобро и преку поголемите дупки, не пренесувајќи премногу вибрации и звук во внатрешноста.

Рафинираност
Ова е делот каде Auris Hybrid е апсолутно најдобриот модел во сегментот. Секое тргање со автомобилот е исклучително меко, без сецкање и движење на автомобилот напред – назад, што го прави возењето исклучително мазно и рафинирано. Исто така, од погонот скоро и да недостасуваат вибрации, дури и кога работи бензинскиот мотор, за разлика од дизелските конкуренти.

Звучната изолација е исто така подобрена во однос на претходникот и сега може да се вози и на брзини над 120 km/h и лесно да се зборува во кабината. Погонот е исклучително тивок, особено кога возите само на струја и единствено уживањето може да го расипе константниот звук од моторот при максимално забрзување. Сепак, ова се случува ретко – при нормално возење, Auris Hybrid е фантастично тивок автомобил.

Во кабината

Простор/Практичност
Auris е еден од моделите со најмали димензии во класата. Во кабината за патниците, тоа не се чувствува премногу и простор има доволно и на предните и на задните седишта и за возрасни патници, иако некои нови конкуренти нудат по некој милиметар повеќе во сите правци. За разлика од порано, хибридниот модел има ист багажник како и обичните, со 360 литри зафатнина, но и покрај тоа, тој е еден од најмалите во класата – конкурентите веќе одат и над 400 литри.

Утеха е што со спуштањето на задните седишта се добива скоро рамен под, а низ кабината има и доволно места за одлагање ситници и дури и поголеми предмети, како поголеми шишиња во вратите. Сепак, недостаток кај хибридниот модел е тоа што нема простор пред менувачот, односно „џојстикот“, каде би го оставиле телефонот или некои други ситнурии.



Ергономија
Седењето во Auris Hybrid е ниско и удобно. Возачот лесно може да ја најде идеалната позиција, додека командите од средната конзола се секогаш на дофат на раката. Воланот одлично лежи во рака, а преку него се поставени прегледните инструменти, заедно со информативниот дисплеј во средината.

Дисплејот на допир на средната конзола е исто така лесен за користење, со брзи функции поставени надвор од него, што особено ни се допадна. Особено голем плус за комфорот на возачот е менувачот, пардон, „џојстикот“, кој се поместува буквално со еден прст и кој го прави префрлањето од возење напред, кон возење назад како видео игра. Покрај менувачот има и копче за Parking функцијата, што значи дека на семафор можете да тргнувате/застанувате само со притискање на него.

Прегледноста напред е солидна и покрај ниското седење, но во задниот дел е ограничена поради високо поставениот прозорец. Сепак, Toyota нуди камера за паркирање, која скоро и да ја анулира можноста да го удрите автомобилот на некој паркинг.

Опрема
Уште основниот Auris со ниво на опрема Terra, веќе вклучува Автоматска Клима, целосна опрема за безбедноста со седум воздушни перничиња и цел сет на контроли за стабилноста, електрични ретровизори и предни прозори, радио со CD+MP3+USB, систем за помош при тргнување по нагорнина, мултиинформациски дисплеј, Bluetooth, фарови со Follow me Home можност, управувач подесив по височина и длабочина... Во превод, уште во основниот модел, Auris е еден од најдобро опремените модели во сегментот.

Основниот хибриден модел Light, пак, вклучува плус систем за безконтактно палење на возилото на копче, систем за следење на притисокот во пневматиците, Tyre Repair Kit наместо резервна гума и секако автоматски менувач CVT. Ние на тест го имавме моделот Fancy, кој вклучува плус темпомат, мултимедијален систем со 7 инчен екран на допир, 16 инчни алуминиумски тркала, предни светла за магла, кожен управувач, електрика и на задните прозори, грејачи на предните седишта, седиште подесиво по височина и заден потпирач за раце.

Финансии

Трошоци за купување и одржување, потрошувачка
Цената на основниот хибриден модел н Auris изнесува 20.490 евра, додека моделот кој го имавме на тест чини 21.990 евра. На прв поглед, делува како висока, но ако се земе во предвид дека овој модел доаѓа стандардно со автоматски менувач, нешто што кај конкурентите се доплаќа од 1.000 до 2.000 евра.

Всушност, ако ја израмниме опремата и автоматскиот менувач и ако споредиме со конкуренцијата, доаѓаме до заклучок дека некои дизелски модели се дури и поскапи од хибридот на Toyota, што за еден модел со ваква технологија е одлично постигнување.

Но, што е со митот дека дизелите трошат помалку? Во градски услови, хибридот е апсолутно подобро решение. Додека со дизел со околу 110 КС не може да се помине со под 5,5-6 литри во град, Auris Hybrid троши фантастично ниски 4,2 литри гориво во урбаните услови, независно од тоа колку гужва има. Всушност, доколку сте полежерен возач, потрошувачката лесно може д ја спуштите и под 4 литри, на што ние успеавме во неколку мерења. Интересно, на автопат хибридот троши повеќе – околу 5-5,5 литри на 100 km, што се и натаму се добри вредности. На тестот, просечно потрошивме 4,5 литри, што е извонредно постигнување.



Како да се извади максимум од хибридниот погон?
Прва препорака е да не ја стискате педалата за гас до крај, односно да забрзувате помеко до посакуваната брзина. Auris Hybrid има и можност за возење само на струја, но за ова треба да се полни батериите и да бидете навистина внимателни со педалата за гас. Батериите се полнат преку бензинскиот мотор, односно кога автомобилот забавува.

На пример, кога се спуштате по надолнина, батериите константно се полнат, а на менувачот има и посебен B (Brake) мод, кога се користи и моторното кочење на бензинскиот агрегат за уште побрзо полнење на батериите. На овој начин, успеавме целосно да ги наполниме батериите при спуштање од Средно Водно на само половина пат и после струјата да ја искористиме за движење низ гужвата во центарот на Скопје.

Исто така, забележавме дека при возење на отворен пат со многу нагорнини и надолнини, може подолго време да се вози само на струја бидејќи на секое спуштање ги полните батериите, а на секое качување ја користите силата на струјата. Тогаш потрошувачката паѓа на околу 3 литри на 100 km, нормално со смирено и меко возење.

Квалитет, доверливост и повратна вредност
Кај фејслифт моделот, постигнат е голем напредок во квалитетот на материјалите во внатрешноста, но и на целосната обработка. Сега има и кожа на некои делови, грижливо сошиена по рабовите. Кабината делува полуксузно и попрефинето, нешто што на Auris многу му требаше.

Во однос на доверливоста и повратната вредност, Toyota секогаш е на врвот. Хибридниот модел ветува уште помалку дефекти, бидејќи поретко се користат бензинскиот мотор и кочниците, а Toyota за него дава гаранција од 5 години или 100.000 km.

Безбедност
Уште во основниот модел, Auris доаѓа со целосна опрема за безбедноста, која вклучува 7 воздушни перничиња, меѓу кои и за колената за возачот, цел сет контроли за активната безбедност (ABS+EBD, TSC+VRC, HAC), односно стабилноста на возилото и ISOFIX стандардни држачи за детско седиште. Фејслифт моделот на Auris се уште не е тестиран од EuroNCAP, но претходникот модел заработи чисти пет ѕвездички и бидејќи промените во овој дел не се големи, петте ѕвездички важат и за овој модел.



Заклучок

Auris Hybrid уште еднаш ни ги поби митовите за хибридниот погон. Иако не е најзабавниот или најбрзиот автомобил – во класата има многу други модели кои подобро ќе ви го разбудат адреналинот, компактот на Toyota со модерниот погон нуди извонредно високо ниво на рафинираност, удобност и леснотија во управувањето. И најважно од се, троши многу малку гориво, особено во градски услови.

Моделот со фејслифт има напреднато и во звучната изолација, па при нормално возење моторот скоро и да не се слуша, а подобрена е и генералната стабилност. Единствено багажникот е помал од тој на конкурентите и би можел да претставува проблем за фамилијарните купувачи, но ако тоа не пречи, Auris Hybrid е едно исклучително доверливо и економично превозно средство.

Предности:
•    Исклучително рафиниран и тивок погон
•    Многу ниска потрошувачка во градски услови
•    Добар компромис меѓу удобноста и возните својства
•    Квалитетна кабина
•    Високо ниво на ергономија и целосна леснотија во управувањето
•    Богата опрема

Недостатоци:
•    Не е „забавен“ како конкуренцијата
•    Помал багажник од просекот во класата
•    Моторот константно се слуша при силни забрзувања


Toyota Auris Hybrid
 Цени и нивоа на опрема
 Дополнителна опрема (*. Pdf)
 Фотогалерија




Стари коментари
   
КОМЕНТАРИ - СТРАНА  1 од 1
 



Нашата редакција остро се противи на верски, расистички и национални коментари. Сите непристојни коментари ќе бидат отстранети.

Целосна архива на текстови од Тест



 
 
 
 





Suzuki Swift


Одберете нов автомобил