Почетна страница Контакти Маркетинг Инфо
дома home avtomobili kola koli нови автомобили avtomobil kola koli половни avtomobil kola koli тестови avtomobil kola koli видеа avtomobil kola koli фотографии avtomobil kola koli форум avtomobil kola koli
  ПРОНАЈДИ НОВ АВТОМОБИЛ        НАЈНОВИ МОДЕЛИ        НАЈПОПУЛАРНИ       ТЕСТ       ПРЕМИЕРА        ВОЗЕВМЕ       СПОРЕДБИ       САЕМИ        ИДНИ МОДЕЛИ
Насловна > Новости > Тест > Тест – Suzuki Vitara 1.6 4WD
 
Spodeli
13 јули 2015, 18:49


Тест – Suzuki Vitara 1.6 4WD Suzuki Vitara Тест – Suzuki Vitara 1.6 4WD
Последнава деценија, SUV автомобилите доживеаја досега невидена експанзија, но воглавно, тоа се автомобили кои се базираат на платформа на некој патнички автомобил, малку подигнати од земјата. Не и моделите на Suzuki...
fotografii фотографии Види фотографии komentari коментари Напиши коментар

Новата Vitara е последниот модел во понудата на Suzuki, производител кој веќе долги години не убедува дека знае да направи SUV автомобил. Онаков вистински, со вклучени солидни оф-роуд својства, високо ниво на функционалност и погон на сите тркала, кој недостасува кај многу конкуренти. А покрај тоа, Vitara доаѓа и со модерен, спортски дизајн, со голема доза на робусност.

Новиот модел настапува 25 години по претставувањето на оригиналната Vitara, модел кој ги постави стандардите во класата и кој се уште го користат вистинските вљубеници во возењето надвор од патот. Но, настрана возењето на терен, има ли новата Vitara доволно адути во ракавот за задавање вистински удар на најдобрите во класата? Одговорот следува подолу...

Дизајн
Новата Vitara го следи дизајнот на претходникот и на моделот Jimny, но со целосно многу подинамичен и поспортски изглед. Особено е маркантна предната маска, изведена со трапезоиден отвор за воздухот и аглести светла, додека страничниот дел, благодарение на малите стакла и високите страници, оддава чувство на робусност. Аеродинамичниот изглед на целосната каросерија ја нагласува динамиката и спортскиот карактер.

И во внатрешноста, има доволно промени во однос на другите модели на Suzuki, за да се долови спортскиот ефект. Отворите за вентилација се кружни, додека централната конзола е изведена со специјална рамка, која го нагласува луксузот.

Целосно гледано, Vitara е вистинско освежување во гамата на јапонскиот производител – неретко случајните минувачи се свртуваа да видат за кој автомобил се работи, што за нас е доволен показател за успешниот дизајн.



На пат

Перформанси
Моделот кој го имавме на тест беше опремен со веќе добро познатиот 1,6 литарски бензинец со 120 КС при 6.000 врт/мин и 156 Nm при 4.400 врт/мин. Атмосферскиот агрегат природно бара завртување до црвеното поле за д се постигнат максималните перформанси, но и покрај тоа што нема турбо полнач, доволно е еластичен и има исклучително линеарна испорака на силата.

Бројките велат дека забрзувањето до стотка изнесува 12 секунди за моделот со сите тркала (11,5 за тој со погон само на предни), бројка која во реалноста се чини и како многу висока, односно чувството е како автомобилот да забрзува и за под 11 секунди. Максималната брзина пак изнесува 180 km/h, што е веројатно и повеќе од доволно за еден компактен SUV.

За разлика од дизелот, бензинецот е опремен со менувач со пет степени, но истите се одлично одмерени и освен ако не ги прекршувате редовно ограничувањата за брзина на автопат, 6-та брзина не недостасува.

Управливост/Удобност
Спортскиот надворешен дизајн, најавува дека Vitara е динамичен и агилен автомобил. И навистина, со изборот на режимот Sport, јапонскиот SUV е прилично забавен и дозволува брзи промени на правецот, особено поради тоа што не се навалува премногу во кривините. Во овој режим и управувањето е прецизно и директно, а моторот брзо одговара на педалата за гас.

Спомнавме режим Sport? Да, со ALLGRIP погонот на сите тркала, достапни се четири различни режими на работа. Auto е наменет за заштеда на гориво и најчесто го користи само предниот погон, но по потреба ги вклучува и задните тркала, со цел максимална безбедност. Sport повеќе ги користи задните тркала и донесува неколку други подобрувања, кои ги спомнавме погоре. Snow е наменет за лизгава подлога, како снег, кал и слично и не дозволува лизгање на возилото надвор од зададената линија. Режимот Lock константно ја пренесува силата на сите тркала и е наменет за возење на терен. Во овој режим имавме можност и да се забавуваме и надвор од патот, на макадам, како во рели автомобил, нешто што го може ретко кој друг автомобил од сегментот.



Всушност, Vitara не потсети кои се придобивките на погонот на сите тркала. Контактот со подлогата кај овој модел е апсолутно подобар од сите конкуренти кои се нудат само со преден погон, што значи дека и безбедноста е на повисоко ниво, додека при возењето на терен скоро и да нема споредба – Vitara е убедливо најдобра во сегментот.

Одличната управливост е придружена со малку потврдо подесена суспензија. На отворен пат, односно на помазен асфалт, ова не претставува проблем и Vitara лесно ги пегла малите нерамнини, но поминувањето преку поголемите дупки, кои кај нас се за жал многу чести, е недоволно удобно и се пренесуваат повеќе вибрации и удари во внатрешноста.

Рафинираност
Пријатно бевме изненадени од високото ниво на звучна изолација. Моторот се слуша само при највисоките вртежи, додека при повисоки брзини нема ниту многу звук од ветерот и тркалата. Внатрешноста е одлично изолирана и од вибрациите од моторот, кој и така работи прилично мазно.



Во кабината

Простор/Практичност
И покрај компактните надворешни димензии, во кабината има простор за возрасни патници и на предните и на задните седишта, додека багажникот брои 375 литри, што е исто така добра бројка. Низ кабината пак има доволно места за одлагање ситници и особено ни се допаднаа оние за телефоните, кои се ставени на одлично место и одлично ги држат нашите уреди. Задните седишта лесно се спуштаат и тогаш се добива рамен и употреблив под, за товарање на подолги предмети. Целосно, во поглед на практичноста и понудата на комфор, Vitara е меѓу најдобрите модели во сегментот.

Ергономија
Зад воланот, возачот лесно ќе ја најде идеалната позиција, благодарение на подесувањето на седиштето во висина, како и на воланот по висина и длабочина. Командите за мултимедијалниот и клима уредот се исто така одлично поставени и се читливи и секогаш на дофат на десната рака. Одличен е и самиот мултимедијален уред со екран на допир, кој е лесен за користење и е еден од најдобрите и најинтуитивни што сме ги пробале досега. Прегледноста е добра во сите правци, освен низ задното стакло, кое е нешто помало. Сепак, вградена е камера за возење назад, која во големо го олеснува возењето назад и паркирањето.

Опрема
Уште во основното ниво GL, Vitara е целосно опремен автомобил, со клима уред, радио со CD+MP3+USB, Bluetooth, централна со далечинско, електрични ретровизори и предни прозори, патен компјутер, возачко и совозачко седишта подесиви по висина, Stop&Start систем, серво управувач, Hill Hold, делива задна клупа, имобилизатор, аларм итн. Достапни се и многу различни можности за персонализација, кои овозможуваат Вашата Vitara да се издвои од толпата.



Финансии

Трошоци за купување и одржување, потрошувачка
Со почетна цена од 14.980 евра за GL моделската изведба со погон на предните тркала, односно 18.490 евра за моделот со исклучително богатата опрема GL Plus и погон на сите тркала 4WD со системот ALLGRIP, Vitara е една од најдостапните модели во сегментот.

Покрај коректната цена, многу силна страна на Vitara е и ниската потрошувачка, дури и кај бензинскиот модел. На тестот, потрошивме 7,6 литри во град (6,5 фабрички), односно под 6 литри на отворено, што за бензински SUV со погон на сите тркала е извонреден резултат. Доказ за ниската потрошувачка на Vitara е и неодамнешното тест возење во Suzuki, каде еден од посетителите, Александар Панов, потроши само 3,7 литри гориво на тест рутата. Импресивно во најмала рака!

Квалитет и доверливост
Веќе многу години по ред, Suzuki е меѓу најдобрите производители на испитувањата за доверливост. Особено е издржлива механиката, како бензинецот кој го имавме на тест, кој е евтин за одржување и исклучително доверлив. Заедно со долгата историја на правење максимално издржливи SUV автомобили, Vitara ветува и долговечност.

Во внатрешноста и покрај подобрувањата во однос на SX4 S-Cross, се уште има тврда пластика, која не делува квалитетно како кај некој од конкурентите. Сепак, изработката е на високо ниво и делумно ги покрива малку поевтините материјали, а истото може да се каже и за деталите, кои се изведени во пијано лак и металик финиш.

Безбедност
Уште во основниот модел, Vitara доаѓа со целосна опрема за безбедноста, која вклучува 7 воздушни перничиња, ABS+EBD, ESP+TCS и систем за ослободување на педалите при удар, додека моделот со опрема GL Plus и погон на четири тркала нуди дополнителни безбедносни системи. (RBS, ACC,  Hill Descent Control...). Моделите со погон на сите тркала и ALLGRIP системот дополнително ја зголемуваат безбедноста, особено на лизгава подлога.

Радарска подршка за сопирање (RBS) е систем кој кој звучно го предупредува возачот дека има препрека на патот и доколку возачот не реагира, автомобилот сам забавува како би бил избегнал судирот. На овој начин, системот избегнува судири при помали брзини, односно ја намалува штетата доколку дојде до несреќа. 

RBS системот може да работи и заедно со адаптивниот темпомат (ACC) и автоматски да ја одржува Vitara на одредено растојание од автомобилот напред, без никаква команда за тоа од возачот, со што драматично се зголемува безбедноста, но и комфорот на возачот при подолги патувања.

Во услови пак на движење по надолнина, кога моторното кочење не е доволно да го забави автомобилот, на сцена стапува системот Hill Descent Control, кој автоматски ги активира кочниците, за да го одржи автомобилот во безбедна брзина. Ова му овозможува многу поголема концентрација на возачот во управувањето.

Сето ова придонесе Vitara да биде најбезбедниот автомобил во класата, со чисти пет ѕвездички на испитувањата на Euro NCAP, што добива на тежина уште повеќе ако се знае дека многу од конкурентите имаат помалку ѕвездички.



Заклучок
Компактните SUV автомобили стануваат се попопуларни кај купувачите и аналогно на тоа, производителите вадат се повеќе и повеќе вакви модели, што го прави изборот многу потежок. Сепак, многу од моделите во класата се само обични компактни автомобили, малку подигнати од земја, што ја прави Vitara една од ретките која ги донесува вистинските придобивки на еден SUV автомобил, односно реалните оф-роуд можности, подобрената тракција со погонот на сите тркала и високото ниво на функционалност. И сето тоа придружено со модерен и допадлив дизајн.

Кога ќе ги сумираме сите впечатоци, моделот на Suzuki се чини е единствениот во класата кој ги задоволува и оние што сакаат високо ниво на практичност и простор, но и оние кои сакаат да уживаат во возењето на патот и надвор од него. Уникатниот спој на овие карактеристики, и покрај малите недостатоци, е доволен за да кажеме дека Vitara е на самиот врв од класата и да го препорачаме на сите кои сакаат модерен, практичен, квалитетен и забавен SUV автомобил.

Предности:
•    Пространа и функционална кабина
•    Ниска потрошувачка
•    Одлични возни својства на асфалт и на терен (модел со 4WD)
•    Добра звучна изолацијасс
•    Одлична ергономија, системот со екран на допир е меѓу најдобрите
•    Богата опрема
•    Безбедност

Недостатоци
•    Малку потврдо возење преку поголемите нерамнини
•    Тврда пластика во внатрешноста




Suzuki Vitara
 Цени и нивоа на опрема
 Дополнителна опрема (*. Pdf)
 Краток опис
 Фотогалерија
 Видео




Стари коментари
   
КОМЕНТАРИ - СТРАНА  1 од 1
 



Нашата редакција остро се противи на верски, расистички и национални коментари. Сите непристојни коментари ќе бидат отстранети.

Целосна архива на текстови од Тест



 
 
 
 






Одберете нов автомобил