Почетна страница Контакти Маркетинг Инфо
дома home avtomobili kola koli нови автомобили avtomobil kola koli половни avtomobil kola koli тестови avtomobil kola koli видеа avtomobil kola koli фотографии avtomobil kola koli форум avtomobil kola koli
  ПРОНАЈДИ НОВ АВТОМОБИЛ        НАЈНОВИ МОДЕЛИ        НАЈПОПУЛАРНИ       ТЕСТ       ПРЕМИЕРА        ВОЗЕВМЕ       СПОРЕДБИ       САЕМИ        ИДНИ МОДЕЛИ
Насловна > Новости > Тест > Тест – Ford Kuga 2.0 TDCi 4WD
 
Spodeli
10 јуни 2015, 14:24


Тест – Ford Kuga 2.0 TDCi 4WD Ford Kuga MCA Тест – Ford Kuga 2.0 TDCi 4WD
Моделот кој ја донесе динамиката и агилноста на компактите во SUV класата, стигна и до втората генерација. Новата Kuga ветува многу поголема функционалност и простор во внатрешноста, која недостасуваше кај претходникот и беше голема пречка во вистински успех на пазарот....
fotografii фотографии Види фотографии komentari коментари Напиши коментар

Покрај тие подобрувања, Kuga сега доаѓа и со поекономични и помоќни агрегати, како и целосно нов систем со погон на сите тркала, со вградена посебна контрола на стабилноста наречена Curve Control, која помага при побрзо влегување во свиоците. Но, во меѓувреме, сите конкуренти исто така доживеаја нова генерација и новата Kuga има многу потежок пат до успехот. Дали е се уште конкурентна? Прочитајте подолу. На тест го имавме моделот со дизел моторот со 150 КС и богатото Titanium ниво на опрема.

Дизајн
И покрај тоа што делува допадливо од некои агли и има робусно присуство на патот, нас ни се чини дека претходникот и натаму е поубав автомобил. Делуваше многу подинамично, поспортски, па дури и помодерно. Навистина, ваквиот дизајн веројатно ќе им се допадне на поголема група на купувачи – не секој сака спортски дизајниран автомобил, но останува чувството дека е малку загубено од забележителноста на претходникот. Позитивна критика заслужува препознатливоста – Kuga непогрешливо потсетува на Ford.



Внатрешноста е пак дизајнирана по дизајнерскиот јазик на Fiesta и Focus, односно не го следи трендот кој го постави новото Mondeo, што не е воопшто недостаток. Напротив, полетните линии даваат чувство како да седите во некој кокпит...

На пат

Перформанси
Досега на неколку наврати можевме да се убедиме во еластичноста на дизелските мотори на Ford и овој во Kuga, со 140 КС и 320 Nm не е воопшто различен. Повлекува добро уште од пониските вртежи и не застанува до повисоките, нудејќи целосно задоволителни перформанси за SUV од оваа класа. Бројките велат дека забрзувањето до стотка трае 10,6 секунди, додека максималната брзина изнесува 190 km/h. Според нас, сосема доволно за семеен купувач од овој сегмент.

Управливост/Удобност
Ова е делот каде скоро секој Ford брилира, односно буквално им покажува на другите како се подесува подвозјето и суспензијата. Рековме скоро? И покрај тоа што е прилично стабилна на повисоки брзини, новата Kuga е далеку од забавна. И фали динамиката и агилноста на претходникот и се навалува во свиоците повеќе од многу од конкурентите, што е изненадување за еден Ford, иако управувачот и менувачот се солидни.

Удобноста е солидна на отворен пат и Kuga лизга по асфалтот, но на пониски брзини, во град, при поминувањето преку поголеми дупки, се чувствуваат повеќе вибрации во внатрешноста отколку што би сакале, придружени со незгоден звук.



Иако не е лоша, далеку од тоа, Kuga не вози по стандардите кои ги постави Ford кај Fiesta, Focus и Mondeo. Што е веројатно и главниот проблем – Ford не разгали со квалитетот во возењето со тие три модели и сега границите ни се многу повисоко поставени.

Иако изгледа како да може да помине повеќе типови на терен, Kuga не е меѓу најдобрите во сегментот надвор од патот. Сепак, погонот на сите четири тркала е одлично решен и овозможува одличен контакт со подлогата дури и на лизгави подлоги, како на пример кал, што ја прави Kuga исклучително безбедна во повеќе различни ситуации, како при дожд или снег.

Рафинираност
Овде немаме поголеми забелешки – моторот е добро пригушен дури и при посилните забрзувања, а нема ниту многу звук од ветерот и гумите. Дизел моторот во место произведува малку повеќе вибрации, но тоа не е претерано и скоро незабележително. Генерално, Kuga овозможува прилично тивко и рафинирано возење.

Во кабината

Простор/Практичност
Иако динамичен и забавен за возење, претходникот го биеше глас за недоволно практичен и недоволно простран SUV. Затоа, во  овој модел, Ford посвети поголемо внимание на внатрешноста и сега простор има и на предните и на задните седишта и за поголеми патници, додека багажникот брои одлични 456 литри. Низ кабината има и доволно места за одлагање ситници, додека полицата во багажникот може да се подигне за да се направи целосно рамен под при спуштањето на седиштата. Браво Ford!



Ергономија
Зад воланот, секој возач ќе може лесно да ја најде идеалната позиција за седење. Командите се добро позиционирани и особена пофалба заслужува високо поставениот менувач, кој е близу до воланот и одлично лежи во рака. Копчињата на средната конзола се исто така лесно достапни за десната рака, но ги има премногу на број и бараат многу долго време за навикнување.

Всушност, начинот на кој е управува со мултимедијалниот уред е делумно застарен (исто како кај мобилните од пред 7-8 години) и на Kuga во овој дел дефинитивно и треба освежување со некое попаметно решение со екран на допир и слично. Позитивна страна е инструмент таблата, која вклучува голем број на информации и која се користи интуитивно со копчињата поставени на воланот.

Опрема
Уште во основното ниво на опрема Trend, Kuga е одлично опремена и вклучува 7 воздушни перничиња, цел сет на контроли за стабилноста, целосна електрика, полуавтоматски клима уред, аудио систем со 6 звучници со команди на волан, седиште подесиво во 6 правци, темпомат, тонирани стакла итн. Titanium моделот донесува и Roll Stability Control, двозонска автоматска клима, автоматски светла, 17 инчни алуминиумски тркала, лумбарна поддршка на возачкото седиште ICE-PACK 3 аудио систем со Bluetooth и гласовни команди итн. за доплата од само 2.000 евра.

Финансии

Трошоци за купување и одржување, потрошувачка
На тест го имавме моделот со ниво на опрема Titanium, но со стариот дизел мотор со 140 КС, кој веќе не е достапен. Наместо него, Kuga сега се нуди со подобрениот дизел со 150 КС, кој ветува подобри перформанси и уште пониска потрошувачка. Цената на овој модел е 29.990 евра, што делува многу, но опремата е реално многу богата. Сепак, според нашето искуство, на оваа цена може да се добие попуст и до неколку илјади евра, што ја прави Kuga многу поконкурентна во сегментот.

Потрошувачката кај дизел моторот е во рамките на класата, но како што рековме, поновиот мотор, кој се нуди сега на пазарот, треба да троши неколку децилитри помалку. На тестот, ние измеривме потрошувачка од 7,6 литри, односно околу 9 литри во град и 6,5 литри на отворено. Со оглед на тоа што се работи за модел со погон на четири тркала, потрошувачката е солидна.

Квалитет и доверливост
Кабината на Kuga изгледа како да е целосно преземена од Focus, кој е автомобил од една класа подолу. Иако делува фамилијарно и познато, заостанува зад конкурентите кога е квалитетот во прашање. Горната пластика е мека на допир и оддава квалитетно чувство, но во секој друг дел материјалите се послаби. Исто така, на неколку места изработката не е на нивото на најдобрите во класата, ниту на пример на нивото на Mondeo, автомобил кој е најблизок до цената на Kuga во гамата на Ford.

Безбедност
Новата Kuga уште во основниот модел доаѓа со целосна опрема за безбедноста, која вклучува 7 воздушни перничиња и цел сет контроли на стабилноста. Моделите со погон на сите тркала се уште побезбедни, особено на лизгав пат. На Euro NCAP тестовите, Kuga заработи чисти пет ѕвездички.



Заклучок
И покрај тоа што претходникот постави нови критериуми во класата кога е забавата во возењето во прашање, новата Kuga е многу покласичен SUV. Динамиката и агилноста се сега заменети со поголема функционалност и простор во внатрешноста, што секако дека не е недостаток, бидејќи купувачите и навистина го бараат тоа. Да, новата Kuga и натаму има некои други ситни недостатоци, како помалку квалитетната кабина и малку застарениот мултимедијален систем, но и покрај тоа, сите кои сакаат простран и доверлив SUV, треба да ја имаат во потесниот избор.

Предности:
•    Пространа кабина
•    Употреблив и функционален багажен простор
•    Одличен погон на сите тркала
•    Високо ниво на рафинираност
•    Одличен дизел мотор

Недостатоци:
•    Послаба динамика во возењето
•    Квалитетот во кабината не е на нивото на најдобрите во класата
•    Мултимедијалниот систем има застарен интерфејс


Ford Kuga MCA
 Цени и нивоа на опрема
 Дополнителна опрема (*. Pdf)
 Краток опис
 Фотогалерија
 Видео




Стари коментари
   
КОМЕНТАРИ - СТРАНА  1 од 1
 



Нашата редакција остро се противи на верски, расистички и национални коментари. Сите непристојни коментари ќе бидат отстранети.

Целосна архива на текстови од Тест



 
 
 
 





Suzuki Swift


Одберете нов автомобил