Почетна страница Контакти Маркетинг Инфо
дома home avtomobili kola koli нови автомобили avtomobil kola koli половни avtomobil kola koli тестови avtomobil kola koli видеа avtomobil kola koli фотографии avtomobil kola koli форум avtomobil kola koli
  ПРОНАЈДИ НОВ АВТОМОБИЛ        НАЈНОВИ МОДЕЛИ        НАЈПОПУЛАРНИ       ТЕСТ       ПРЕМИЕРА        ВОЗЕВМЕ       СПОРЕДБИ       САЕМИ        ИДНИ МОДЕЛИ
Насловна > Новости > Тест > Тест – Citroen C4 Cactus 1,6 Blue HDi
 
Spodeli
29 април 2015, 13:24


Тест – Citroen C4 Cactus 1,6 Blue HDi Citroën C4 - Cactus Тест – Citroen C4 Cactus 1,6 Blue HDi
Првото прашање кое ќе го поставите за овој необичен автомобил е секако „што е ова?“. И нема да можеме да ви дадеме директен одговор. Најблизу е дека се работи за Cactus. Модел кој е единствен во светот моментално и кој нема директни конкуренти и модел кој најдобро го отсликува Citroen како производ...
fotografii фотографии Види фотографии komentari коментари Напиши коментар

Не, не е „мало џипче“. А не е ниту компактен автомобил, како што е C4. Не е ниту караван, иако не знаеме зошто некој би помислил на тоа. Необичен е, а многу функционален и практичен. Многу карактеристики од различни класи на возила, вклопени во еден автомобил. И најважно од се, со дизајн каков не сме виделе досега и идеи кои не би поминале кај ниту еден друг производител на автомобили. Урбан изглед, со футуристички и модерни елементи, кои драматично се издвојуваат од толпата. 

Citroen C4 Cactus е шик и фенси модел, кој е забавен за гледање и за возење, но е доволно практичен и за фамилијарните купувачи. И најважно од се, исклучително штедлив, бидејќи масата му е помала отколку на компактните автомобили, односно дури 200 kg од таа на C4. Скоро како кај градските возила. Што и не е чудно, бидејќи ја дели платформата со Citroen C3, иако во името носи C4. Спомнавме и дека е Unisex? Изборот на бои за каросеријата, но и деталите како ретровизорите и AirBump заштитата на вратите, дозволува максимално персонализирање и со сигурност, вашиот C4 Cactus нема да биде како другите. Ќе биде оригинален. Единствен.
 

Дизајн

Со дизајнерски елементи и детали кои се разликуваат од сите други автомобили денес, C4 Cactus привлекува погледи како ретко кој друг автомобил со толку ниска цена. Оригиналноста на идеите донесува особена свежина и модернизам, а деталите оддаваат впечаток на робусност и цврстина. Големата употреба на пластика за заштита на каросеријата најавува и SUV амбиции, иако не е понуден 4х4 модел. Но, таков погон не бил понуден ниту во оригиналниот 2CV (Спачак), а сите знаеме дека има возено и по најтешките терени. Не дека ве советуваме да правите такво нешто со C4 Cactus, секако.
 
Футуристичкото размислување продолжува и во внатрешноста. Тука, нема ниту едно копче на средната конзола и се е сместено во централно поставениот дисплеј со големина од 7 инчи во дијагонала. Кога велиме се, мислиме и на клима уредот и на аудио уредот и на борд компјутерот и на навигацијата. Се! Да, на многумина нема да им се допадне ваквиот пристап, но тоа на C4 Cactus не му е важно. Важно е да биде различен и оригинален, а со ваков ентериер, најдобро го постигнува тоа. И секако со употребата на различни бои за изработката, или пак рачките на вратите кои се целосно изработени од кожа... 
 
 

На пат

Перформанси

На тест го имавме 1,6 литарскиот дизел со 99 КС достапни при 3.750 врт/мин и максимален вртежен момент од 254 Nm достапен од 1.750 врт/мин. Како и секој HDi агрегат и овој е исклучително еластичен и лесно повлекува уште од најниските вртежи, правејќи го возењето релаксирано. Можеби му недостасува експлозивност, но тоа само би го расипало лежерното возење. Од место до стотка забрзува за 10,6 секунди и постигнува максимални 184 km/h, што се солидни бројки со оглед на класата и најавуваат дека C4 Cactus без проблем може да вози и на отворен пат. Ако бараме игла во сено, тоа ќе бидат преносните односи во менувачот, кои се малку подолги и ги има само пет, но од друга страна ваквата конфигурација придонесува за многу пониска потрошувачка.
 

Управливост/Удобност

Забавниот изглед однадвор, најавува и забавно возење. Благодарение на ниската маса, C4 Cactus е доволно динамичен и агилен, иако поради меката суспензија се навалува малку повеќе во кривините. Управувањето е исклучително лесно при ниски брзини, што го олеснува возењето низ град и одговара на карактерот на шасијата, додека при повисоки брзини станува поцврсто и овозможува лесно држење на правецот на автопат. Сепак, менувачот не е на висината на задачата – недоволно е директен и има големи одови на рачката. Меко подесената суспензија овозможува и прилично удобно возење и успешно ги пегла помалите нерамнини, иако поголемите дупки се пренесуваат како удари во кабината. Сепак, ништо од ова не е некарактеристично за возилата од оваа класа. Тука мора да вклучиме и еден детаљ, а тоа се Magic Wash бришачите, во кои е вградено каналче со течност за перење на стаклата. Ваквиот систем ја намалува масата, но исто така ја зголемува безбедноста, бидејќи возачот никогаш нема да биде заслепен од распрскана течност на стаклото.
 
 

Рафинираност

Иако не пренесува многу вибрации во кабината, дизелот кој го имавме на тест е прилично гласен при забрзувањата. На поголеми брзини, благодарение на долгите преносни односи се стишува и не пречи во кабината, а нема ниту многу звук од ветерот и гумите. Всушност, во овој сегмент, на отворен пат, се чини дека и нема толку тивок автомобил – сите имаат многу звук од ветерот. Сепак, за ултимативна рафинираност, се чини подобри ќе бидат бензинците, кои веќе ги имаме пробано во неколку модели на PSA групацијата и кои се многу потивки.
 

Во кабината

Простор/Практичност

Иновативноста на Citroen кај C4 Cactus не се покажува само во дизајнот однадвор. За прв па во светот на автомобилизмот, воздушното перниче за совозачот е вградено на покривот, кај штитникот за сонце, а со цел да се ослободи повеќе простор за колената. За разлика од другите автомобили, каде мора да ги испружите нозете, бидејќи ако ви се исправени колената ќе ви удираат во пластиката, кај C4 Cactus има буквално простор да ги прекрстите. Како во кафуле. Што одговара и на фенси ентериерот, секако. Простор има и на задните седишта, дури и за повисоки патници, додека багажникот брои многу солидни 348 литри. Сепак, функционалноста на просторот за товарање е намалена, поради тоа што задната клупа се спушта целата и не се дели во 60:40 конфигурација, но ретко кој и ќе носи многу товар со C4 Cactus. Исто така, прозорите во задниот дел не се отвараат целосно, туку само како лептир, слично како автомобилите со три врати, што е направено за намалување на масата, но се разбира дека на некои патници може да им пречи.
 
 

Ергономија

Веќе спомнавме погоре – Citroen C4 Cactus е првиот автомобил во кој сме седнале каде нема ниту едно копче на средната конзола, односно се е сместено во и околу дисплејот на допир. Ваквиот пристап нема да им се допадне на многумина, бидејќи реално, има повеќе дистракција за возачот, но од друга страна, придонесува за многу почист дизајн на ентериерот. Самиот оперативен систем е интуитивен за користење и има надворешни зони на допир, преку кои се влегува во одредени сегменти, брзо, без потреба од барање низ менија. 
 
Седењето зад воланот е инаку прилично удобно и возачот лесно ќе најде добра позиција на седење, иако недостасува подесување на воланот по длабочина. Седиштата се исклучително удобни, како домашни фотелји, но не пружаат доволно странична поддршка. Сепак, се работи за Citroen, а не за некој спортски автомобил. Прегледноста напред е солидна, но позади сметаат големите C – носачи. 
 

Опрема

Основната опрема кај C4 Cactus е исклучително богата и вклучува целосна електрика, целосна опрема за безбедноста, темпомат и екран на допир со големина од 7 инчи, кој ги вклучува сите функционалности, како аудио уредот и климата. Доплатите за дополнителна опрема исто така не се многу скапи, за разлика од многу други автомобили мои нудат високо ниво на персонализација. Кога сме веќе кај нејзе, купувачот може да порача неколку различни бои на деталите за екстериерот и ентериерот, како и различна боја на AirBump заштитата на вратите.
 

Финансии

Трошоци за купување и одржување, потрошувачка

Да се биде модерен и шик, не значи дека треба да се потрошат многу пари за тоа. C4 Cactus е вистински достапен автомобил, подостапен и од многу конкуренти кои постојат веќе неколку години на пазарот. Со почетна цена од само 13.490 евра, фенси моделот на Citroen е конкурентен не само на помалите SUV модели, како Nissan Juke и Renault Captur, туку и на компактите. Моделот кој го имавме на тест, со 1,6 литарскиот Blue HDi дизел со 99 КС и Leisure ниво на опрема, кој чини 17.990 евра, со промотивен попуст од 1.000 евра. Со оглед на целосната функционалност која ја нуди и имиџот кој го носи, C4 Cactus не е воопшто скап автомобил.
 
А сега, за најголемата придобивка од големата заштеда на маса кај C4 Cactus. Дизелот кој го имавме на тест, во просек троши околу 4 литри дизел гориво, што е бројка која конкурентите не можат ни да ја помирисаат. Во град, реално може да се вози со околу 5 литри потрошувачка, до максимум 5,4 литри при големи гужви, додека на отворено потрошувачката паѓа под 4 литри на 100 km. На автопат, при брзини околу 120 km/h, потрошувачката е околу 4,5 литри на 100 km. Се на се, извонредни резултати достојни за почит!
 
Но, како ретко кој друг модел денес, Citroen обрнал внимание и на другите трошоци во C4 Cactus. Така, со Airbump заштитата на вратите нема да треба да се грижите доколку го удрите автомобилот на паркинг, на пример кога ќе ја отворате вратата.
 
 

Квалитет и доверливост

Иако во кабината се употребени материјали со најразлични текстури, како би се доловил модерниот изглед, пластиката не е мека на допир и делува малку поевтино од таа што ја имаат на пример компактните автомобили, како Citroen C4. Сепак, ова може да се почувствува само на допир – на прв поглед, кабината делува многу полуксузно и поквалитетно. 
 
Доверливоста никогаш не била најсилна страна на Citroen, но последниве неколку години францускиот производител се качува на скалата во овој поглед, а пред се благодарение на новите мотори, што е добар знак. Исто така, бидејќи во многу детали механиката е поедноставна, како на пример за задните прозори, или пак тоа што нема ниту едно копче на средната конзола, значи дека има и многу помалку работи кои може да се расипат.
 
 

Безбедност

C4 Cactus е опремен со целосна опрема за безбедноста уште во основниот модел и вклучува 6 воздушни перничиња, цел сет контроли на стабилноста, ABS/REF/AFU/ESP/ASR, контрола на притисокот во пневматиците, а да не заборавиме и систем за перње на стаклата кој не прска и не го попречува видикот на возачот. Сепак, на Euro NCAP тестот, францускиот модел не ги освои максималните пет ѕвездички и заврши со четири ѕвездички.
 
 

Заклучок

Модерен и напреден во секој поглед, C4 Cactus донесува нова свежина во сегментот на мали SUV, но и компактни автомобили. Забавен е за гледање, забавен е за возење. Со вистинска функционалност на автомобил од C сегментот и новитети кои целосно го менуваат начинот на кој ги користиме нашите автомобили. И најважно од се, автомобил кој ќе покаже индивидуалност и став дека купувачот знае што сака во животот. И да, има неколку слабости и недостатоци, но после третиот ден возење, скоро и да заборавивме на нив... Високо препорачано!
 

Предности:

Исклучително ниска потрошувачка
Добар спој на динамичност и удобност
Пространа кабина
Тивок при повисоки брзини
Коректна цена
Големи можности за персонализација
Евтин за одржување
 

Недостатоци:

Дизелот е гласен при забрзување
Недоволно прецизен менувач
Тврда пластика во внатрешноста
Задните стакла не се отвораат целосно

 


Citroën C4 - Cactus
 Цени и нивоа на опрема
 Дополнителна опрема (*. Pdf)
 Краток опис
 Фотогалерија
 Видео




Стари коментари
   
КОМЕНТАРИ - СТРАНА  1 од 1
 



Нашата редакција остро се противи на верски, расистички и национални коментари. Сите непристојни коментари ќе бидат отстранети.

Целосна архива на текстови од Тест



 
 
 
 






Одберете нов автомобил