Почетна страница Контакти Маркетинг Инфо
дома home avtomobili kola koli нови автомобили avtomobil kola koli половни avtomobil kola koli тестови avtomobil kola koli видеа avtomobil kola koli фотографии avtomobil kola koli форум avtomobil kola koli
  ПРОНАЈДИ НОВ АВТОМОБИЛ        НАЈНОВИ МОДЕЛИ        НАЈПОПУЛАРНИ       ТЕСТ       ПРЕМИЕРА       ВОЗЕВМЕ       СПОРЕДБИ       САЕМИ        ИДНИ МОДЕЛИ
Насловна > Новости > Возевме > Ексклузивно: возевме Ford Focus ST
 
Spodeli
16 март 2015, 10:00


Ексклузивно: возевме Ford Focus ST Ford Focus ST Ексклузивно: возевме Ford Focus ST
Koli.com.mk имаше ексклузивна можност да ја проба новата жешка изведба на Ford Focus во Келн, Германија. Спортската изведба на Focus стана икона меѓу жешките компакти благодарение на исклучително високата управливост и високи перформанси, особено во забавата во возењето која ја овозможува....
fotografii фотографии Види фотографии komentari коментари Напиши коментар

Ford ни вети дека новиот модел е уште позабавен од порано и дека се сигурни дека ќе биде најуправливиот модел во класата. А за пребирливите, за прв пат е достапен и 2.0 TDCi турбо дизел агрегат со 185 КС, покрај новиот 2.0 EcoBoost бензинец со 250 КС, како и караванска верзија за татковците. Во околината на Келн ги пробавме и двата модели, по најразличен тип на патишта, од познатиот автопат без ограничување на брзината, до мали кривулести планински патчиња. Еве ги нашите импресии:

Кој мотор е подобар?

Навистина, бензинецот е поимпресивен – има 65 КС повеќе, па и покрај тоа што заостанува со вртежен момент, нуди поексплозивни перформанси. Но, не би рекле дека е подобар мотор, туку дека можеби повеќе одговара на карактерот на возилото.
 
Она што ме импресионираше, како возач кој сака пред се атмосферски бензинци кај еден спортски автомобил, е инстантниот одговор на педалата за гас на кај бензинецот и недостатокот на турбо дупка. Едноставно, моторот реагира на секој благ допир на педалата, како старите, добри атмосферски турбо мотори. Со таа разлика што турбо моторот произведува извонреден вртежен момент од 366 Nm, кој буквално ве лепи за седиштето. Тајната во брзиот одговор на педалата кај бензинецот е малата турбина со променлива геометрија, која има мала инерција и може многу лесно да се заврти и да го постигне идеалниот Boost, но и одличниот менаџмент на горивото во цилиндарот преку директното впрскување. Агрегатот ја има буквално секоја најнова технологија на Ford и е едно високо инженерско достигнување.
 
 
Спецификациите велат дека забрзува до стотка за 6,5 секунди и постигнува 248 km/h. Можеби овие бројки не се на нивото на некои помоќни компакти од класата, но Focus ST оди ѓаволски добро и се чини дури и најпребирливите не би рекле дека е спор мотор. Напротив – повисок број на отчукувања на срцето се секогаш загарантирани. Особено во комбинација со фантастичниот звук на моторот кој е пренесен директно од издувот преку специјални канали во кабината.
 
Но, ова е првиот Focus ST со дизел мотор и ќе биде неправедно да не ги пренесеме импресиите и од него. Се работи за истиот агрегат кој неодамна го возевме во новото Mondeo. Има 185 КС и висок вртежен момент од 400 Nm, кои овозможуваат ракетни забрзувања и во повисоките степени на пренос. Иако експлозивен, му недостасува сила на повисоките вртежи во однос на бензинецот и спринтот до стотка трае 8,1 секунди, додека максималната брзина изнесува 217 km/h. 
 
Уште во првите неколку километри забележавме голема разлика во однос на моторот во Mondeo. Оваа верзија, многу полесно развива високи вртежи и реагира многу побрзо на педалата за гас, правејќи го возењето многу поинтуитивно. Забрзувањата се многу течни и овозможуваат широка насмевка на лицето. Ford има дури и вградено генератор на звук, со цел поспортско доживување. И најдобро од се, дизелот може да биде исклучително лесен и релаксиран за возење, особено на отворен пат.
 
 
Најголемата разлика меѓу двата агрегати, настрана подобрите перформанси на бензинецот, е потрошувачката. На двата дена возење, кое вклучуваше брзи делници на автопат, брзо возење по кривулести патчиња, градска гужва, но и многу километри релаксирано возење, измеривме од 7,7 литри просечна потрошувачка кај дизелот, односно околу 13 литри кај бензинецот. Веројатно самиот карактер на турбо бензинецот не тераше да притиснеме повеќе на педалата за гас, но факт е дека дизелот е многу поекономичен.
 

Управливост и забава за возачот на највисоко ниво

Во кратките разговори кои можевме да ги направиме со одговорните инженери за развојот на новиот Ford Focus ST, ни беше кажано дека кај овој модел, поважно им било да направат автомобил во кој ќе ужива возачот, отколку автомобил кој ќе биде најбрз на некоја патека. И после подолго време на бркање на подобри бројки за забрзување и максимална брзина, мило ни е кога ќе чуеме дека некој производител се погрижил за тоа како возачот ќе ги почувствува сите тие перформанси. А кај Focus, чувството има само едно име: Забава!
 
Причината за тоа? Како ретко кој друг спортски компакт со преден погон, Focus ST скоро и да нема подуправливост. Едноставно, предниот крај на автомобилот инстантно влегува во секој свиок, скоро како кај автомобил со заден погон, на наше позитивно изненадување. Дури и задниот крај може лесно да се испровоцира во благ дрифт, односно занесување кон надворешниот дел од кривината (што е полесно кај бензинскиот модел) со одземање на педалата за гас, што секогаш предизвикува насмевка на лицето. 
 
Ваквиот начин на однесување во кривините одлично ја прикрива и масата на автомобилот и прави истиот да се однесува како картинг. А тоа е забавно. Многу забавно! И најважно од се, ова не значи дека Focus ST е небезбеден автомобил. Напротив, одличната подесеност на шасијата и суспензијата, овозможува одлична контрола над автомобилот и во граничните ситуации. А бидејќи можевме да возиме и на автопат без ограничување на брзината, ја пробавме и стабилноста при брзини од 230 – 240 km/h, која е на многу високо ниво.
 
 
Ford го подобри и управувањето, кое е многу попрецизно и побрзо, но и натаму без да враќа многу информации од подлогата. И двата модели беа опремени со мануелни менувачи со шест степени, кои имаат прецизен и механички од на рачката.
 
Единствен дел каде Ford се уште не успеа да ја победи физиката е т.н. “Torque Steer”, односно неможноста на предните тркала да ја пренесат целата сила на моторот и притоа да го управуваат автомобилот. Кај посилниот RS од претходната генерација, Ford го вгради иновативниот “Revo Knuckle” преден механички диференцијал со ограничено лизгање, кој го намалуваше таквото однесување на предните тркала, но истиот го нема во ST. Наместо тоа, вграден е “Torque Vectoring” систем, кој го закочува тркалото кое пролизгува повеќе. Иако дефинитивно помага, овој систем не го решава целосно нервозниот преден крај.
 
Но и ова не претставува особен проблем – едноставно, треба само малку помашко држење на воланот при максималните забрзувања, со цел да се задржи автомобилот на саканата линија. Ќе се дрзнеме дури и да кажеме дека дури и ова ја зголемува забавата и уште толку го забрзува чукањето на срцето!
 

Може да се вози како обичен автомобил?

Идејата на секој жежок компакт е токму целосната функционалност која ја нуди, како на пример просторот во внатрешноста и големиот багажник, односно солидната удобност во возењето. Тука, особено брилира дизел моделот, кој е порелаксиран за секојдневно возење, како и секој друг побрз дизел автомобил. Истиот Ford ни го презентираше во караванска изведба, што дополнително асоцираше на секојдневна функционалност, иако и хечбек верзијата не би требало да се засрами со практичната кабина. Всушност, освен малку намалениот простор на задните седишта, а поради поголемите предни, спортски Recaro седишта, и двата Focus-и нудат подеднаква функционалност како и обичните модели. 
 
 
Иако германските патишта се со многу повисок квалитет од нашите, на малиот број на дупки на кои наидовме, забележавме дека и суспензијата не е претерано тврда, односно е помека отколку очекувавме, што е уште една предност во секојдневното возење. Рафинираноста е исто така на високо ниво и моторите се слушаат само при забрзување, но не и при високи брзини на автопат, а има и малку звук од ветерот и од гумите. 
 

Новиот Focus ST изгледа многу, многу подобро

Затегнувањата кои ги направи Ford во оваа верзија на Focus ST, придонесоа за многу поостар и поагресивен изглед, за разлика од претходниот модел, кој имаше многу помек преден крај. Подобрен е и задниот дел – задните светла се сега со многу помали димензии и помалку навлегуваат во страничниот дел на автомобилот, што во нашите очи е големо подобрување. Резултатот, особено кај моделот со портокалова боја и 19 инчни тркала е дури и Германците, кои гледаат многу вакви автомобили секој ден, да се свртат по него. 
 
Големи подобрувања има и во кабината. Материјалите се многу поквалитетни и средната конзола е конечно лесна за користење, пред се благодарение на подобрениот SYNC 2 систем на Microsoft со 8-инчен екран на допир, но и на многу подобро организираните копчиња на средната конзола. Лесно можевме да најдеме и добра позиција за седење, додека Recaro седиштата одлично го опфаќаат телото и имаат исклучително силна странична поддршка, што не потсети дека треба да изгубиме некој килограм, но тоа сега не е тема на муабет.
 
 
Подобрувањата не завршуваат само во дизајнот. Ford вгради и неколку нови технологии, како на пример адаптивното предно осветлување, кое ги ја подесува јачината на bi-xenon светлата, зависно од брзината на движење на автомобилот, потоа системот за означување на мртвата точка во ретровизорите, како и системот кој кажува кога некој автомобил наближува одзади, а вие се обидувате да излезете од паркинг простор. Подобрен е и Active City Stop системот, кој може целосно да го сопре возилото доколку наиде на некоја препрека во градски услови и кој сега оперира до брзини од 50 km/h.
 

Може да замени вистински спортски автомобил?

Не очекував дека некогаш ќе го кажам ова за автомобил со преден погон, но Focus ST овозможува ѓаволски добра забава за возачот. Вози скоро како автомобил со заден погон во свиоците, а има бензински мотор кој реагира на педалата како атмосферец. Перформансите се таман погодени – забрзувањата се доволни да го забрзаат срцето на секој кој ќе седне зад воланот или ќе патува во него. И да не заборавиме и на дизелскиот модел, кој нуди солидни перформанси и извонредна економичност.
 
Но, се чини главната порака која ја испраќа Focus ST е дека Ford и натаму е најдобар меѓу конкурентите кога е во прашање подесеноста на шасијата и целосната управливост на автомобилот. А како најдобро да го покажат тоа, ако не во еден од најдобрите жешки компакти моментално на пазарот. А можеби и најдобар!

Ford Focus ST
 Цени и нивоа на опрема
 Дополнителна опрема (*. Pdf)
 Фотогалерија




Стари коментари
   
КОМЕНТАРИ - СТРАНА  1 од 1
 



Нашата редакција остро се противи на верски, расистички и национални коментари. Сите непристојни коментари ќе бидат отстранети.

Целосна архива на текстови од Возевме



 
 
 
 





Suzuki Swift


Одберете нов автомобил