Почетна страница Контакти Маркетинг Инфо
дома home avtomobili kola koli нови автомобили avtomobil kola koli половни avtomobil kola koli тестови avtomobil kola koli видеа avtomobil kola koli фотографии avtomobil kola koli форум avtomobil kola koli
  ПРОНАЈДИ НОВ АВТОМОБИЛ        НАЈНОВИ МОДЕЛИ        НАЈПОПУЛАРНИ       ТЕСТ       ПРЕМИЕРА        ВОЗЕВМЕ       СПОРЕДБИ       САЕМИ        ИДНИ МОДЕЛИ
Насловна > Новости > Тест > Тест – Ford Mondeo 2.0 TDCI Titanium
 
Spodeli
02 март 2015, 12:29


Тест – Ford Mondeo 2.0 TDCI Titanium Ford Mondeo Тест – Ford Mondeo 2.0 TDCI Titanium
За прв пат, натпреварувачот од средната класа на Ford ќе настапи како глобален модел, кој ќе треба да ги задоволи вкусовите на купувачите на сите континенти. Со поагресивен дизајн, нова моторизација и целосно преработена суспензија, новото Mondeo ќе се обиде да се задржи на тронот во класата и покр...
fotografii фотографии Види фотографии komentari коментари Напиши коментар

Почетокот на новиот модел, барем кога се во прашање европските пазари, не беше најсјаен. Стариот Континент чекаше цели две години на лансирање на моделот – како Fusion, истиот автомобил беше лансиран во САД веќе поодамна. Но, од Ford тврдат дека чекањето вреди, особено бидејќи времето е потрошено на подобрување и на најситните детали во подвозјето, како целосно би се задоволил европскиот купувач. Сепак, може ли две години стар модел да им конкурира на поновите конкуренти? 
 

Дизајн

Aston Martin маската веќе е попрепознатлива за Ford, отколку за британскиот луксузен бренд и тоа е секако добра работа, бидејќи предниот дел на Mondeo изгледа спортски и агресивно како што заслужува еден автомобил од оваа класа. Веројатно уште поимпресивен е страничниот дизајн, со мали стакла, кој прави автомобилот да делува динамично и како да е извајан од едно парче, а истото важи и за одважниот заден дел на автомобилот, кој одлично ја завршува целината. Погодени се и деталите, како LED осветлувањето – предните трепкачи трепкаат по целата должина, од почеток до крај! Дали е најубав однадвор во класата нема да се дрзнеме да кажеме, бидејќи е сепак субјективно размислување, но, изгледа навистина добро, нели?
 
Сепак, идеите како да завршиле во внатрешноста. Од чиста дизајнерска гледна точка, нема ништо лошо во ентериерот на Mondeo, но се чини можеле да направат малку повеќе околу деталите, односно, да го доловат она луксузно, премиум чувство кое го имаат се повеќе и повеќе модели од класата. Навистина, амбиенталното осветлување на кое можат да му се сменат боите дава добро чувство, но и натаму како да има нешто што недостасува... Можеби малку повеќе употреба на кожа или метал...
 
 

На пат

Перформанси

На тест го имавме добро познатиот 2.0 TDCI турбо дизел со 180 КС при релативно ниски 3.500 врт/мин и вртежен момент од 400 Nm достапен од 2.000-2.500 врт/мин. Агрегатот одлично прилега на карактерот на возилото и овозможува високи перформанси дури и при повисоки брзини и во повисоки степени на пренос, но има мала и забележителна турбо дупка. Бројките велат дека забрзувањето до стотка трае 8,3 секунди, додека максималната брзина изнесува 223 km/h, што е веројатно доволно за сите, освен за најпребирливите, за кои има и помоќни мотори во понудата.
 

Управливост/Удобност

Mondeo отсекогаш беше познат по исклучителната управливост и агилност, која потсетуваше на многу спортски автомобили. Но, да бидеме реални, на многу од купувачите на Mondeo, забавата во возењето и не им беше најважна, бидејќи сепак се работи за автомобил кој треба да голта многу километри и тоа треба да го прави најудобно што може. 
 
Новиот модел го постигнува токму тоа. Удобноста е значително подобрена и сега Mondeo е еден од најудобните автомобили во сегментот. Суверено ги впива и малите, ситни нерамнини, како и поголемите дупки на патот, правејќи го патувањето вистинско уживање. Како автомобил од повисоката класа.
 
 
Но, дали Mondeo загуби на забавата во возењето? Би рекле, само малку. И натаму е многу стабилен и управлив автомобил, на самиот врв во класата, но се чини се загуби онаа поврзаност на автомобилот со возачот – управувањето веќе не е толку прецизно и директно, а и менувачите не се најпрецизни.
 
Сепак, она што секогаш го бараме кај ваков автомобил, е одличниот баланс меѓу стабилноста и удобноста, а Mondeo, тоа го прави најдобро во класата. Тука, можат да уживаат и патниците и возачот, без компромис. Веројатно како ниту еден друг модел во сегментот. Браво за Ford!
 

Рафинираност

Помеката и поудобна суспензија, секогаш оди и со целосно порафинирано возење. И во овој сегмент Mondeo е еден од најдобрите – кабината е одлично изолирана од надворешните звуци и останува тивка дури и при повисоки брзини. Единствено, дизелот кој го имавме на тест се одгласува малку повеќе при забрзување и е еден од побучните, но овој проблем го нема при константно возење на автопат. За голем поздрав е и целосното отсуство на вибрации и од погонот и од подвозјето. Повторно, како во многу поскап автомобил.
 

Во кабината

Простор/Практичност

Просторот не беше проблем ниту кај претходникот, но не пречи што тука се додадени по неколку сантиметри во делот за просторот за колената и рамената. Се додека некој повисок не седне позади, каде просторот за главата е поограничен во однос на другите конкуренти. Настрана од тоа, просторот за колената назад е на највисоко ниво, а и целосната ширина на автомобилот овозможува многу простор и за рамената и воопшто, покомфорно возење со тројца патници во задниот дел. Низ кабината има и доволно корисни места за одлагање ситници, па дури и поголеми предмети.
 
Багажникот брои одлични 525 литри и може да проголта многу багаж, иако практичноста е ограничена поради седан конфигурацијата. За сите оние кои сакаат попрактичен автомобил, со поголем отвор за товарање во задниот дел и поголем багажник (550 литри), наскоро треба да пристигне и хечбек верзијата (која според нас и изгледа поубаво).
 
 

Ергономија

Возачот лесно може да ја најде идеалната позиција зад управувачот и сите команди се добро поставени и на дофат на раката. Единствено, системот за управување со системите во автомобилот, кој е на допир, бара малку подолго навикнување, иако има можности како прикажување до четири главни информации на еден екран. Прегледноста, поради помалите стаклени површини е малку послаба и паркирањето не е толку лесно како кај некои други конкуренти.
 

Опрема

Уште во основниот модел Trend, Mondeo е опремен со целосна активна и пасивна опрема за безбедноста, двозонски автоматски клима уред, целосна електрика, темпомат, аудио систем со 8 звучници, хромирани делови во внатрешноста итн. Моделот кој го имавме на тест, во нивото Titanium беше опремен и со инструмент табла со 10 инчен екран во боја, 16 инчни алуминиумски тркала, хромирани лајсни и прагови во ентериерот, предни спортски седишта со вградени грејачи и LED предни светла со целосно LED осветлување, а од дополнителна опрема имаше и 18 инчни тркала, премиум аудио систем од Sony со специјален софтвер од Microsoft и 8 инчен екран на допир, адаптивни LED светла, предни и задни сензори и затемнети задни стакла.
 

Финансии

Трошоци за купување и одржување, потрошувачка

Со стартна цена од 23.900 евра, Mondeo е еден од најскапите модели во сегментот, иако во своја одбрана може да се пофали со прилично богата опрема уште во најевтиниот модел. Моделот кој го имавме на тест, пак, целосно опремен чини 35.900 евра, што е во категоријата на премиум моделите.
 
Дизел моторот доживеа неколку промени во новото Mondeo и сега е еден од најекономичните во сегментот. Ние измеривме дека троши од 7,5 до 8 литри во град (5,1 фабрички), што е делумно благодарение на Stopt&Start системот, кој го гаси моторот кога автомобилот е стационарен. На отворен пат, потрошувачката се спушта на 5,5 литри, односно до околу 6 литри на автопат, што е исто така одличен резултат за автомобил кој има 180 КС под хаубата. 
 

Квалитет и доверливост

Иако кабината е облечена во квалитетна пластика, која е мека на допир, деталите се онаму каде Mondeo заостанува зад најдобрите. Едноставно, се чини дека недостасува малку повеќе употреба на метал или некои други ексклузивни материјали за да автомобилот делува полуксузно. 
 
Во поглед на доверливоста, Mondeo секогаш беше меѓу послабите во сегментот. Сепак, новиот модел е глобален, што значи дека ќе се прави во поголем број и дека ќе се стандардизира производството и се очекува подобрување на доверливоста и издржливоста.
 

Безбедност

Целосната опрема за безбедноста уште во основниот модел, која вклучува цел сет за контроли на стабилноста и 7 воздушни перничиња, ветуваат високо ниво на заштита, кое го потврдуваат и петте ѕвездички на најновите тестирања на EuroNCAP.
 
 

Заклучок

Она што Ford отсекогаш го правел најдобро кај своите модели, подесување на шасијата, најдобро се докажува кај новиот Mondeo. Иако стана многу поудобен и порафиниран, не загуби многу на возливоста и управливоста и повторно е на самиот врв од својата класа и во двете категории, што е извонредно достигнување. Единствен поголем недостаток е се чини помалку луксузната внатрешност и високата цена, но и покрај тоа, знаменосецот на Ford во Европа треба да е на радарот на секој кој сака сериозно добар автомобил од средната класа, кој нуди високи нивоа на комфор, рафинираност, удобност и одлична управливост и динамичност.
 
Всушност, ако го гледаме целосниот квалитет на возењето, односно спојот на удобноста со стабилноста и агилноста, Mondeo не само што е на врвот од својата класа, туку конкурира и на премиум натпреварувачите од сегментот и тоа повеќе од успешно. Високо препорачано.
 

Предности:

- Извонреден спој на удобност со агилност
- Високо ниво на рафинираност и одлична звучна изолација
- Пространа внатрешност
- Голем багажник
- Економични дизел мотори
- Богата опрема
 

Недостатоци:

- Внатрешноста не е луксузна како кај најдобрите во сегментот
- Моторот е малку погласен при нагли забрзувања
- Висока цена

Ford Mondeo
 Цени и нивоа на опрема
 Дополнителна опрема (*. Pdf)
 Краток опис
 Фотогалерија
 Видео




Стари коментари
   
КОМЕНТАРИ - СТРАНА  1 од 1
 



Нашата редакција остро се противи на верски, расистички и национални коментари. Сите непристојни коментари ќе бидат отстранети.

Целосна архива на текстови од Тест



 
 
 
 






Одберете нов автомобил