Почетна страница Контакти Маркетинг Инфо
дома home avtomobili kola koli нови автомобили avtomobil kola koli половни avtomobil kola koli тестови avtomobil kola koli видеа avtomobil kola koli фотографии avtomobil kola koli форум avtomobil kola koli
  ПРОНАЈДИ НОВ АВТОМОБИЛ        НАЈНОВИ МОДЕЛИ        НАЈПОПУЛАРНИ       ТЕСТ       ПРЕМИЕРА        ВОЗЕВМЕ       СПОРЕДБИ       САЕМИ        ИДНИ МОДЕЛИ
Насловна > Новости > Тест > Тест – VW Passat 2.0 BiTDi 240
 
Spodeli
09 јануари 2015, 07:45


Тест – VW Passat 2.0 BiTDi 240 Volkswagen Passat Тест – VW Passat 2.0 BiTDi 240
Моделот од средната класа на Volkswagen, станува се поважен за производителот, пред се благодарение на можноста токму тука да ги покаже сите нови технологии на кои работи...
fotografii фотографии Види фотографии komentari коментари Напиши коментар

Всушност, бидејќи Phaeton веќе повеќе од една деценија нема добиено наследник, Passat е моделот кој ќе ја дава насоката по која ќе се движи производителот од Волфсбург, било дали се работи за дизајнот, механиката или технологијата. А најновиот Passat има технологија како најголемите патнички авиони, а згора на тоа цели и на премиум конкурентите во квалитетот на кабината и квалитетот на возењето. Или барем така кажуваат луѓето од маркетинг одделот на Volkswagen… Не се грижете, ние сме тука да откриеме!

 

Дизајн

Делов во кој новиот Passat дефинитивно напредна неколку чекори. Стариот модел беше премногу конзервативен, а се чини особено при последниот фејслифт. Делуваше неимагинативно, како да е нацртан набрзина. За среќа, овој Passat заслужува други епитети, како елегантен и премиум, со мала доза на спорт и агресивност. Особено се забележливи страничните линии, кои, иако се чини се украдени од BMW, оддаваат робусно чувство и прават автомобилот да има присуство на патот кое е карактеристично за автомобилите од повисоката класа. Освежената предна маска, како и задната светлосна група, дополнително го подобруваат и така свежиот и модерен дизајн. Големи промени доживеа и внатрешноста, но, дизајнот тука и натаму е карактеристичен за Volkswagen, со чисти и јасни линии. Тест моделот, благодарение на големиот екран пред возачот, на кој има графички инструменти (да, инструментите се всушност компјутерска графика), ноќе делуваше многу помодерно и пософистицирано, отколку што навистина е... Но, се е работа на вкус, нели.
 

На пат

Перформанси

На тест го имавме најмоќниот мотор во понудата, дизелот со две турбини и зафатнина од 2.0 литри, кој развива фантастични 240 КС (120 КС по литар зафатнина, најмногу за дизел досега) при 4.000 врт/мин, односно камионски 500 Nm вртежен момент, достапни од 1.750-2.500 врт/мин. Моторот нуди фантастични перформанси, иако во почетокот има мала турбо дупка, која одлично ја покрива 7-степениот, супер брз, DSG менувач. Забрзувањата, особено до 100 km/h се брутални, за што голема заслуга има и погонот на сите четири тркала 4Motion, кој не дозволува пролизгување при бруталните забрзувања. Бројките велат дека спринтот до стотка трае 6,1 секунда, што е побрзо од Golf GTi, додека максималната брзина изнесува 240 km/h. Бројките се и повеќе од реални, иако, за целосна екстаза при забрзувањето, се чини фали звукот на добар, спортски бензинец. Но, за оние кои не паѓаат многу на тоа, гарантираме, овој Passat може да засрами многу спортисти на семафор. Испробано.
 

Управливост/Удобност

Многу важен аспект во онаа категорија „квалитет на возењето“, која ние толку многу ја спомнуваме се токму управливоста и удобноста, односно колку еден автомобил ги прави и двете успешно. Новиот Passat, барем според зборовите на оние од Volkswagen, ќе се натпреварува во премиум сегментот, а тоа најмногу важи за моделот со 240 КС, кој го имавме на тест. Истиот беше опремен и со адаптивна суспензија, која му овозможува на возачот да избере меѓу неколку нивоа на комфор, односно цврстина на суспензијата, а следствено на тоа и возните својства.
 
Во поглед на возните својства, односно динамиката во возењето, уште веднаш ќе кажеме дека BMW 3 Series, Lexus IS, Mercedes C Class и Audi A4 (по овој редослед), немаат за што да се грижат. Иако подинамичен и поуправлив од својот претходник, Passat и натаму не е на нивото на премиум конкурентите кога е во прашање задоволството во возењето. Стабилен е, а благодарение на 4Motion погонот на сите тркала е како залепен за подлогата, но и покрај тоа, на возачот нема да му биде претерано забавно, независно од отровно забавните забрзувања овозможени од одличниот дизел мотор. Како е спореден со непремиум конкурентите? И тука, не е на врвот од својата класа. Mazda 6 и Mondeo се и натаму подинамични. 
 
 
А каков е во поглед на удобноста? Се чини добар како и секогаш. Ќе почекаме да повозиме некој модел без адаптивна суспензија за да донесеме финален заклучок, но и овој, со суспензијата наместена на Comfort, не е најудобен во класата, иако, нивото на комфор е подобрено во однос на и така одличниот претходник. Особена пофалба, како и секогаш, засллужува недостатокот на вибрации во внатрешноста при поминувањето преку поголемите и подлабоки дупки, што оддава чувство на цврстина и безбедност.
 

Рафинираност

Тука се чини се постигнати најголемите подобрувања. Моторот е одлично придушен и скоро и да не се слуша во внатрешноста, нешто на кое може да позавиди ама апсолутно секој конкурент. Радува и недостатокот на вибрации во кабината, како и на звуци од надворешноста. Единствено, поголема забелешка имаме на звукот од ветерот, кој се слуша малку повеќе при брзини над 120 km/h, нешто на кое не сме навикнале на автомобил од премиум сегментот.
 

Во кабината

Простор/Практичност

И покрај намалувањето на целосните димензии, благодарение на продолженото меѓуоскино растојание, новиот Passat има повеќе простор на задната клупа. Всушност, во внатрешноста комфорно ќе може да се сместат четири возрасни патници со поголеми димензии. Онаму каде германскиот модел се истакнува е багажниот простор, кој брои фантастични 586 литри, што е голем скок во однос на другите модели од класата. Се чини, ретко кој сопственик вистински ќе ги искористи, но добро е да се има некој литар повеќе, особено ако тоа не е на сметка на простор во внатрешноста, како кај Passat.
 
Кабината исто така изобилува со простор за одлагање ситници и помали предмети, кои се со одлична големина и се употребливи, додека задната клупа лесно се навалува за да се добијат 1.152 литри багажен простор. Како и кај сите седани, отворот позади не е најголем и не дозволува внесување на поголеми предмети.
 
 

Ергономија

Поставеноста зад воланот е драстично подобра отколку кај претходникот. Седењето е пониско, воланот поблизу, додека педалите малку подалеку, како кај спортски автомобил. Седиштето се подесува во сите насоки, како и воланот, па наоѓањето на вистинската возачка позиција е многу лесно. Средната конзола е лесно достапна за десната рака, а навигацијата со екранот на допир е една од најдобрите што сме ги пробале досега. И покрај тоа што и предните инструменти се заменети со дисплеј со многу висока резолуција, видливоста на сонце е одлична, а графиката е исклучително јасна и остра, како кај најдобрите смартфон дисплеи.
 

Опрема

Моделот кој го тестиравме беше веројатно напумпан со се што може да има во еден Passat. Климата беше четиризонска, седиштата се подесуваа на струја, имаше навигација, екран на допир, дисплеј наместо инструмент табла, а дури и радар кој автоматски ја следи брзината на автомобилот напред. Во превод, не можете да се удрите, нешто кое го пробавме на отворен пат и навистина работи, а е еден од првите вакви системи во класата. Исто така, автомобилот е целосно опкружен со камери, кои, со помош на софтвер, на централниот екран генерираат слика од птичја перспектива од автомобилот, заедно со опкружувањето, како кај постарите GTA компјутерски игри! Вака, лесно може да се избегне гребење на паркинзите, дури и од најниските столпчиња, кои се инаку невидливи за окото. 
 
Сепак, за автомобил кој чини 56.900 евра, и покрај тоа што беше опремен со се што можеме да замислиме од денешната автоиндустрија, недостасуваа некои детали, како на пример волан подесив на струја. Истите ги има и во послабите нивоа кај некои од премиум конкурентите, како на пример кај Lexus IS. Ова може немаше да го споменеме, но самите премиум аспирации на Passat и високата цена, не натераа да ја побараме иглата во сеното.
 
 

Финансии

Трошоци за купување и одржување, потрошувачка

Цената на тестираниот модел, со дизелот со 240 КС, Highline ниво на опрема и плус уште неколку ставки, е цели 56.900 евра. За Passat. Навистина, можеби опремата е многу богата, но, за истите пари, може да се купи Audi A6, автомобил од класата повисоко, макар бил и со помалку опрема. Понормалните модели се и натаму меѓу поскапите во класата на непремиум модели, иако промотивно може да се начекаат подобри понуди.
 
Во поглед на потрошувачката, новиот, ултра модерен дизел, барем на хартија ветува исклучително високо ниво на економичност, особено имајќи ги на ум 240-те КС. Сепак, во град, не успеавме ни да се приближиме до ветената потрошувачка од 6,4 литри и успеавме да спуштиме до 9,5 литри, односно над 10 литри при поголемите гужви, и покрај употребата на Start&Stop системот. И секако, зависните од бруталните забрзувања, нека не очекуваат под 11 литри. На отворено, работите се поразлични, иако, повторно, се чини е невозможно да се постигнат ветените 4,6 литри. Според нашите мерења, зависно од брзината на движење потрошувачката изнесува од 6,5-7,5 литри. Навистина, може да се вози и со 5 литри, но со брзини од 70-80 km/h, што ја убива целата намена на возилото.
 
За новиот BiTDi дизел со две турбини немаме никакви информации за доверливоста, но истиот бара многу претпазливост при одржувањето и веројатно употреба на најквалитетно гориво. Исто така, практиката покажува дека употребата на повеќе делови, значи и поголема можност за расипување на еден од нив, како што се случајот со двете турбини на овој агрегат. Како и да е, овие работи не важат за послабите агрегати, кои веќе неколку години се вградуваат во моделите на концернот, со помали измени.
 
 

Квалитет, доверливост и повратна вредност

Кабината на новиот Passat доживеа значителни промени во однос на квалитетот на материјалите, иако, забележавме некои недовршености во завршната обработка. Сепак, чувството е дека германскиот модел е најдобар во класата на непремиум конкурентите, иако, финалниот заклучок ќе го оставиме откако ќе се запознаеме со некој од поевтините модели, кои имаат различни материјали во внатрешноста.
 
Поинтересна е споредбата со премиум конкурентите, со кои токму оваа моделска изведба се обидува да се натпреварува. И искрено, нема споредба. Неодамна тестиравме Lexus IS 300h, автомобил кој има супериорен квалитет на внатрешноста, во секој поглед. За 56.900 евра, очекувавме и предната конзола да биде целосно облечена во кожа, а не само делови од потпирачите на вратите и седиштата. А квалитетот на изработката кај премиум конкурентите е на сосема друго ниво, а тоа особено важи за Audi A4, автомобил кој исто така припаѓа на концернот Volkswagen. Во превод, за вистинско премиум чувство во кабината, купете вистински премиум автомобил.
 

Безбедност

Passat е целосно опремен со цел сет на воздушни перничиња и сите контроли на стабилноста уште во основниот модел, додека поскапите модели, како овој кој го имавме на тест, имаат и адаптивен темпомат со вграден радар, кој автоматски го запира автомобилот доколку наиде на препрека, односно ја одржува брзината зависно од тоа како се движи автомобилот напред. Passat заработи и пет ѕвездички на најновите тестирања на EuroNCAP, иако резултатот за заштита на возрасните патници од 85% не е особено импресивен и е на граница со четири ѕвездички.
 

Заклучок

Самата цена на моделот кој го имавме на тест не натера да му ја извадиме маста, односно да ги најдеме сите возможни недостатоци. И навистина, доколку се двоумите меѓу Passat и, да речеме, Audi A4 со овие карактеристики, токму вториот модел ќе понуди вистинско премиум чувство, кое е толку важно за купувачите со подлабок џеб. Сепак, целата таа технологија која е вградена во овој модел, почнувајќи од моторот, кој овозможува вртоглави забрзувања, па се до адаптивниот темпомат, кој скоро и да го исклучува возачот од возењето на автопат, заслужуваат поздрав, особено зошто ги поместуваат границите на моделите во сегментот.
 
А на заклучокот дали како целосен пакет Volkswagen Passat ги помести границите во својот, непремиум сегмент, ќе почекаме додека не пробаме модел кој ќе биде поприземјен и поблизок до македонскиот купувач од средната класа. Од она што успеавме да го забележиме кај овој модел, е дека германскиот модел повторно ќе биде меѓу топ 3 натпреварувачите во класата!
 

 

Предности:

Пространа кабина
Ултра голем багажник
Солидно ниво на удобност
Високо ниво на рафинираност
Одлична ергономија
Извонредни перформанси од BiTDi дизелот
Технологија како кај модел од класата повисоко
 

Недостатоци:

Превисока цена (на тест моделот)
Внатрешноста не е луксузна како што навестува цената
Звук од ветерот при повисоки брзини
Не е особено забавен за возење по свиоците
 

Volkswagen Passat
 Цени и нивоа на опрема
 Дополнителна опрема (*. Pdf)
 Краток опис
 Фотогалерија
 Видео




Стари коментари
   
КОМЕНТАРИ - СТРАНА  1 од 1
 



Нашата редакција остро се противи на верски, расистички и национални коментари. Сите непристојни коментари ќе бидат отстранети.

Целосна архива на текстови од Тест



 
 
 
 






Одберете нов автомобил