Почетна страница Контакти Маркетинг Инфо
дома home avtomobili kola koli нови автомобили avtomobil kola koli половни avtomobil kola koli тестови avtomobil kola koli видеа avtomobil kola koli фотографии avtomobil kola koli форум avtomobil kola koli
  ПРОНАЈДИ НОВ АВТОМОБИЛ        НАЈНОВИ МОДЕЛИ        НАЈПОПУЛАРНИ       ТЕСТ       ПРЕМИЕРА        ВОЗЕВМЕ       СПОРЕДБИ       САЕМИ        ИДНИ МОДЕЛИ
Насловна > Новости > Тест > Тест – Peugeot 508 2.0 HDi
 
Spodeli
30 декември 2014, 04:37


Тест – Peugeot 508 2.0 HDi Peugeot 508 Тест – Peugeot 508 2.0 HDi
Знаменосецот на францускиот бренд, го доби и првиот фејслифт, кој донесе нов и посвеж дизајн, но и подобрувања во квалитетот на возењето и внатрешноста, нешто што имавме можност да го тестираме претходниве неколку дена...
fotografii фотографии Види фотографии komentari коментари Напиши коментар

Во текстот, ќе се обидеме да откриеме дали 508 успешно го помина тестот на времето и дали ќе може да се носи со поновите конкуренти, како VW Passat и Ford Mondeo, нешто што Peugeot успешно го прави веќе три децении. На тест го имавме најпопуларниот HDi мотор со одлични 163 КС, кој би требало да ги задоволи потребите дури и на најпребирливите за перформанси.

Дизајн

Промените кај освежениот модел се однесуваат главно на предната маска, која го носи дизајнерскиот потпис на новата 308-ка и делува многу поагресивно, давајќи доза на сериозност, без притоа да ја наруши целата елеганција. Отстрана и назад, промените се минимални, односно се однесуваат на променета светлосна група во задниот дел, која свети многу поатрактивно навечер. Се на се, промените придонесуваат за многу подинамичен и ќе се дрзнеме да кажеме, попремиум изглед, што е карактеристика која ја бараат се повеќе и повеќе купувачи во сегментот. Да, можеби промените не се толку големи, но, според нас, доволни за да го осигураат местото на 508 меѓу најатрактивните модели во сегментот.
 
 

На пат

Перформанси

На тест го имавме добро познатиот HDi дизелски агрегат, со зафатнина од 1.997 cm3, сила од 163 КС при 3.750 врт/мин и максимален вртежен момент од 340 Nm при 2.000 врт/мин. Бројките велат дека забрзувањето до стотка трае 9.2 секунди, додека максималната брзина изнесува 225 km/h, кои се бројки достојни за почит во средната класа и се чини доволни се за експресно, бизнис возење.
 
Во пракса, агрегатот е исклучително еластичен и лесно потегнува дури и при најниските вртежи, иако нема брз одговор на педалата за гас. Особено добро му прилегаат високите брзини на отворен пат, кога влече и во највисоките степени на пренос, олеснувајќи го престигнувањето на поголемите возила. Фактот дека нема потреба од често менување на брзините дава нова димензија во возењето и истото го прави посмирено и, како што би рекле ние Македонците, погосподско, за разлика од бензинецот кој претходно го имавме на тест. Новиот HDi дизел дури и го краси релативно убав звук при забрзувањето!
 

Управливост/Удобност

Во споредба со моделот пред фејслифтот, не можевме да забележиме значајни подобрувања во однос на возните својства, но тоа и не беше многу потребно, бидејќи 508 и натаму е меѓу најдинамичните модели во класата! Подуправувањето е генерално отсутно и носот лесно влегува во свиоците, како кај многу полесен автомобил (и покрај потешкиот дизел напред), додека во граничните ситуации, автомобилот се враќа во посакуваната линија со лесно одземање на педалата за гас. Да, можеби на управувачот му недостасуваат малку повеќе повратни информации од подлогата, но истиот е доволно прецизен. Единствено менувачот не дозволува премногу брзо менување на степените, но, да не заборавиме дека 508 сепак не е спортски автомобил...
 
Во поглед на удобноста, иако Французин, 508 не е најудобен во класата, што не значи дека на патниците ќе им биде неудобно. Поцврстата суспензија можеби пренесува малку повеќе од патот во внатрешноста, но никогаш до ниво да биде неудобно. Особено задоволува фактот што во кабината нема многу вибрации од поситните нерамнини, кои најчесто го расипуваат уживањето во возењето. 
 

Рафинираност

Дизелите на групацијата PSA (Peugeot – Citroen) отсекогаш биле меѓу најтивките и тоа се нема променето ни во 508. Моторот е добро придушен и не се одгласува со незгоден звук дури ни при посилното притискање на педалата за гас, додека при повисоки брзини, добрата звучна изолација од тркалата и ветерот овозможува зборување во кабината без надвикување. Единствено, моторот работи со малку вибрации во место, но ова беше барање игла во сено... Peugeot 508 нуди навистина премиум доживување во овој поглед!
 

Во кабината

Простор/Практичност

Peugeot 508 e 4.830 милиметри долг автомобил, со меѓуоскино растојание од 2.817 милиметри. Ова влегува скоро во класата погоре, но, за купувачот многу поважно, пружа многу, многу простор во внатрешноста. Едноставно, седењето е релаксирано и на предните и на задните седишта, со завидни нивоа на комфор и за колената, и за рамената, и за главата. Багажникот брои 473 литри (515 со сет за поправка на гумите), што е под просекот во класата, но, повеќе од доволно за едно четиричлено семејство.
 
Единствено, во поглед на практичноста, 508 се чини малку заостанува зад поновите конкуренти. Низ кабината има доволно места за одлагање на ситници, но, освен фиоката пред совозачот, другите се со помали димензии, како на пример просторот под средниот потпирач за рака и отворите во вратите напред и назад... Сепак, како и кај претходникот, многу ни се допаднаа отворите за пијалаци, кои се поставени високо и близу до отворите за вентилација, како би ги задржиле пијалаците топли/ладни, но и би биле близу на дофат на десната рака на возачот.
 
 

Ергономија

Седењето зад воланот на 508 е релаксирачко, со лесна можност за наоѓање на идеалната позиција. Командите се добро распределени, додека копчињата се големи и лесно читливи, како кај ретко кој друг автомобил. Воланот има исто така мноштво команди, на кои возачот се навикнува после првите 100-тина километри, што е релативно краток временски период. Единствена забелешка кај новиот модел имаме на поставеноста на екранот на допир, кој е многу далеку од дофатот на раката и бара наведнување напред, иако, за волја на вистината, истиот може скоро целосно да се управува преку одлично поставените копчиња. 
 

Опрема

Уште основниот модел Access вклучува целосна опрема за безбедноста, што е секогаш за пофалба, како и мануелен клима уред, целосна електрика, радио со CD+MP3+USB, патен компјутер, дневни LED светла, помош за тргнување при нагорнина, висинско подесување на возачко седиште, делива задна клупа (2/3 на 1/3), тонирани стакла итн. Моделот кој го имавме на тест е со второто ниво на опрема Active, кое вклучува плус автоматска двозонска клима, монохроматски внатрешен ретровизор, систем follow me home, 7 инчен екран на допир, кожен управувач и менувач, лумбална поддршка со електрично подесување, 16 инчни алуминиумски тркала, помош при паркирање и склопливи ретровизори. Ова ниво на опрема би било и нашиот избор меѓу моделските изведби, освен за оние пребирливите, за кои има уште две нивоа на опрема, Allure и GT, кои можете да ги погледнете тука.
 

Финансии

Трошоци за купување и одржување, потрошувачка

Освежениот 508 е меѓу најскапите модели во класата, но тоа е оправдано со богатата опрема, особено во исплатливото ниво на опрема Active. Моделот кој го имавме на тест, чини 27.180 евра, што е фер цена за така опремен и моќен дизел од средната класа. 
 
Онаму каде брилира дизелот во однос на трошоците е секако потрошувачката, која изнесува од 8,5-9 литри во град со поагресивно возење или во екстремна гужва, односно до минимум од 7,5 литри со помирно возење или кога нема многу гужва (7,2 литри фабрички податок). На отворено, при брзини од 120 km/h, лесно може да се постигнат од 5-5,5 литри, односно под 5 литри доколку се вози на регионален пат, при брзини од 90 km/h. Над брзини од 120 km/h, потрошувачката се качува и до 6,5 литри. Накратко? Еден од најекономичните дизели, особено земајќи ги во предвид перформансите кои ги нуди!
 
 

Квалитет, доверливост и повратна вредност

И покрај тоа што немаше да се побуниме на малку повеќе хромирани елементи во внатрешноста на освежениот модел, квалитетот на материјалите е на многу високо ниво, како кај најдобрите модели во класата. Висока оценка заслужува и завршната обработка, која е на многу високо ниво. Во поглед на доверливоста, француските модели никогаш не ги биел добар глас, но Peugeot се покажува одлично на поновите тестирања. Исто така, сервисот на Euroimpex подолго време важи за еден од најдобрите во регионот, со голема одговорност и ефикасност. Единствено, недостаток во однос на германските и јапонските конкуренти е падот на вредноста на пазарите за половни автомобили.
 

Безбедност

 
Чисти пет ѕвездички на EuroNCAP тестовите и целосна опрема за безбедноста уште во основниот модел (6 воздушни перничиња, ABS+ASR+ESP+EBFD+EBA). Но, навистина, очекуваше некој помалку?
 

Заклучок

Пространата внатрешност, високото ниво на рафинираност и целосното возачко доживување, го прават 508 одличен сопатник за подолгите патувања. Згора на тоа, под предниот поклопец има дизел мотор кој е еден од најдобрите на планетава во поглед на понудените перформанси и ниската потрошувачка, како и исклучително тивката работа, која не е карактеристика дури ниту на премиум брендовите.
 
Дали 508 и натаму е на врвот од класата? Можеби не, но и натаму е многу близу. Целосниот спој на квалитетот во возењето и понудената комоција, му овозможуваат на францускиот знаменосец посебно место во сегментот кое се чини подолго време нема да биде нарушено. Било дали се работи за бизнис или фамилијарни купувачи, 508 треба секогаш да биде во потесната листа на избор. А ако не ни верувате нам, повозете го сами!
 
 

Предности:

Многу, многу простор во внатрешноста
Динамично возење
Одлични перформанси
Ниска потрошувачка
Високо ниво на рафинираност
Одлична звучна изолација
 

Недостатоци:

Помал багажник од директните конкуренти
Екранот на допир е далеку од дофатот на раката
Местата за ситници низ кабината не се доволно големи

 


Peugeot 508
 Цени и нивоа на опрема
 Дополнителна опрема (*. Pdf)
 Краток опис
 Фотогалерија
 Видео




Стари коментари
   
КОМЕНТАРИ - СТРАНА  1 од 1
 



Нашата редакција остро се противи на верски, расистички и национални коментари. Сите непристојни коментари ќе бидат отстранети.

Целосна архива на текстови од Тест



 
 
 
 






Одберете нов автомобил