Почетна страница Контакти Маркетинг Инфо
дома home avtomobili kola koli нови автомобили avtomobil kola koli половни avtomobil kola koli тестови avtomobil kola koli видеа avtomobil kola koli фотографии avtomobil kola koli форум avtomobil kola koli
  ПРОНАЈДИ НОВ АВТОМОБИЛ        НАЈНОВИ МОДЕЛИ        НАЈПОПУЛАРНИ       ТЕСТ       ПРЕМИЕРА        ВОЗЕВМЕ       СПОРЕДБИ       САЕМИ        ИДНИ МОДЕЛИ
Насловна > Новости > Тест > ТЕСТ - Кога се слуша разумот… и срцето
 
Spodeli
20 април 2010, 15:56


ТЕСТ - Кога се слуша разумот… и срцето Toyota Yaris - old ТЕСТ - Кога се слуша разумот… и срцето
Најпродаваниот модел на Toyota во Европа, уште со лансирањето на првата генерација донесе свежина во ниската класа. Тоа беше првиот модел кој понуди доволно пространа и функционална внатрешност, а сето тоа спакувано во минијатурни надворешни димензии...
fotografii фотографии Види фотографии komentari коментари Напиши коментар

Новиот модел порасна значително однадвор, но се уште е најмалиот модел во класата, што го прави најлесен за маневрирање во градските гужви. Дали задоволува со просторот, удобноста и функционалноста? Да, и тоа како! На тест го имавме освежениот Yaris со основниот 1.0 литарски бензинец со 69 КС.
 
Изглед
 
Надвор – складно и компактно пред се
 
Се уште различен од конкуренцијата, со складни линии кои ја прикриваат малку повисоката каросерија, Yaris делува цврсто и многу компактно, дури изгледа и како мал моноволумен. За подинамичниот изглед кај освежениот модел, заслужни се променетите предни светла и новата задна светлосна група, и секако поголемите браници.
 
 
И покрај повеќегодишното присуство на пазарот, Yaris се уште изгледа свежо и симпатично. Не е спортски лут или динамичен како кај некои конкуренти, но ја има силната предна маска како кај речиси целата гама на Toyota. Убав е на свој, различен начин.
 
Ентериер – пофутуристички настап
 
Внатрешноста ја краси нестандардниот дизајн на средната конзола, чии команди се наредени вертикално, како и со средишно поставената инструмент табла. Многу необично и футуристички, но и тоа како со идеја. Малите Јапонци со големи идеи, инструмент таблата ја поставија во средината, подалеку од очите на возачот и ја изведоа во дигитална 3D техника, благодарение на што дополнително се добива чувство на длабочина. Целта на тоа е да се избегне де-фокусот на погледот, односно да се намали времето потребно на окото да се прилагоди од поглед напред, во поглед блиску на инструмент таблата, и потоа пак поглед напред... Вака, без оглед дали се гледа напред во патот или во инструмент таблата, се гледа далеку. На окото сега му е полесно. 
 
Одлична ергономија
 
Седењето во Yaris е малку повисоко отколку кај конкурентите, се е лесно достапно и прегледно, освен можеби копчето за патниот компјутер, кое е поставено кај инструмент таблата во средина и е подалеку од дофатот на раката. Управувачот на тестираниот модел не можеше да се подеси по длабочина, но и тоа не е пречка за да се пронајде идеалната позиција на седење. 
 
 
Интересна е и странична линија на вратите (обоена во посветол сив тон), која од предниот дел има симнувачка патека, за повторно да се издигне во задниот дел. Овој потег визуелно го заокружува внатрешниот простор, но и тој е во функција на возачот – високо поставените команди лево на вратата се полесни за ракување бидејќи за нивно достигнување е потребно многу мал напор, благодарение на фактот што се наоѓаат блиску до управувачот.
 
Практичност
 
Ако барате практичност од својот автомобил, не барајте понатаму. Yaris е вистинскиот избор, можеби и единствен во класата. Внатрешноста е полна со места за одлагање ситници – пред совозачот има две фиоки, во средната конзола отвори за мобилен телефон, лево од воланот отвор за оставање на лични документи, простор за чаши кај отворите за вентилација... Дури има и голема фиока пред возачот!
 
Приказната за високата функционалност продолжува и на задната клупа, која може да се лизга и навалува, ослободувајќи простор во багажникот или обратно. Багажникот има двојно дно, кое овозможува подобра организација на предметите... А, да, и со навалена задна клупа се добиваат 738 литри багажен простор (мерено до стаклата)... 
 
Сето ова го поседуваат само моноволумените, т.е ниту еден друг конкурент од класата.
 
Комфор
 
Високо ниво на удобност
 
Yaris е во самиот врв на класата кога е во прашање удобноста. Веднаш се забележува цврсто изведената шасија. Меко поминува преку ситните нерамнини, а цврстата каросерија придонесува и ударите од поголемите дупки да не се чувствуваат во внатрешноста. И седиштата се дел од целата приказна на удобност – овозможуваат добра потпора на телото, а интересно, и задните седишта можат да се навалат за попријатна дремка позади... Бидејќи, со Yaris и лежерните 69 КС, секако ќе се вози полека, за приспивање. 
 
Кабината е тивка и при повисоки брзини
 
Висока оценка и за звучната изолација – моторот се слуша само при повисоките вртежи, а одлично е придушен звукот од тркалата и ветерот.
 
Прегледност
 
Малите димензии на Yaris го олеснуваат паркирањето, но треба време за привикнување на високо поставеното задно стакло и моноволуменски изведениот преден дел, чии рабови не се видливи од внатрешноста. Сепак, во тесните паркинзи помагаат големите ретровизори, а работата ја олеснува и исклучително малиот круг на свртување, благодарение на што Yaris е кралот во класата кога паркирањето е во прашање. 
 
Квалитет
 
Иако разочарува тврдата пластика во внатрешноста на Yaris, висока оценка за завршната обработка – дури и при преминувањето на поголеми дупки, внатре не се слуша никакво крцкање или тропање, што е доказ за квалитетот кој го нуди секоја Toyota.
 
Простор
 
Напред
Закосеното ветробранско стакло и интелигентно дизајнираната предна конзола со вертикално поставени команди, придонесуваат патниците на предната клупа да се чувствуваат како да се возат во многу поголем автомобил. Простор има во сите правци, а посебно за главата и нозете.
 
 
Назад
Задната клупа е можеби и најпространата во класата, со доволно простор дури и за три возрасни патници, бидејќи во задниот дел ја нема средната испакнатина, слично како кај другите Toyota модели. Задната клупа може и да се лизга напред назад, а можат и да се навалат наслоните за грб... Исто како кај моноволумените! Ако веќе мораме да забележиме нешто, тоа е дека нема рачки за држење над задните врати... Ако се уште некој ги користи.
 
Багажник
Багажникот, со 272 литри е во просекот на класата, но тука не завршува приказната. Со лизгањето на задната клупа нанапред, можат да се добијат и до 363 литри простор, а функционалноста ја подобрува и двојното дно, односно полицата под која можат да се скријат ситните предмети... 
 
Возни својства
 
Динамиката во возењето кај Yaris е ограничена поради повисоката каросерија, а основниот бензинец не дозволува брзање...
 
Прецизно управување
 
Управувањето е задоволително прецизно, но недостасува повратна информација од патот, за подинамично возење. Сепак, ова не е спортски автомобил – идејата е што полесно да се маневрира со возилото и да се добие максимална удобност.
 
Каква е возната динамика?
 
Yaris е сосема агилен при нагло кочење или промена на правецот, но во класата други го држат тронот кога е во прашање возната динамика (Peugeot 207, Ford Fiesta, Mazda 2). Јапонецот повеќе го сака мирното и лежерно возење.
 
Солидна стабилност
 
Во однос на конкурентите не, но со оглед на својата висина, Yaris се однесува стабилно и успева лесно да ја држи зададената линија, но без претерување. Добро се однесува и при повисоки брзини – одржувањето на правецот не го попречуваат ниту посилни странични ветришта.
 
Слаби перформанси од основниот бензинец
 
Основниот бензинец има зафатнина од 1.0 литри и 69 КС. Истиот мотор се вградува во Aygo и iQ, а три години по ред ја добива наградата за најдобар мотор во категоријата под 1.000 cm3. Сепак, во Yaris овој мотор не овозможува добри перформанси за поенергично возење, и затоа често бара да биде завртен до црвеното поле. Бројките велат дека забрзувањето до стотка трае 15,7 секунди, а максималната брзина изнесува 155 km/h. Доволно само за низ град, но не и за отворено или за качување нагорнини или престигнување.
 
Причината лежи пред се во нискиот вртежен момент од само 93 Nm достапни при релативно високи 3.600 вртежи во минута. Но, затоа потрошувачката е екстремно ниска.  За вадење на максимумот од силата, препорачливо е држење на моторот над 3.000 врт/мин, посебно при маневри на престигнување. 
 
Исклучително прецизен менувач
 
Веќе и навикнавме кај Toyota – менувачот лесно и прецизно лизга низ степените, па менувањето на степени на пренос е вистинско задоволство.
 
Вредност
 
Коректната цена од 10.490 евра, богатата опрема и високата гаранција, го прават Yaris еден од најисплатливите модели во класата. Ниските трошоци за одржување и ниската потрошувачка, се дополнителни адути во ракавот на еден од лидерите во класата во моментов.
 
Цена/Опрема
 
Повеќе за моделските изведби и нивоата на опрема на новото Yaris можете да погледнете тука.
 
Цената на тестираниот модел 1.0 VVT-i Terra со пет врати и клима, ABS+EBD, 2 воздушни перничиња, целосна електроника и предни електрични стакла, изнесува 10.490 евра, со доплата од 150 Евра за металик воја. Ако во предвид се земе извонредната гаранција од 5 години или 160.000 километри, цената не е воопшто висока. Напротив, Yaris во моментов е еден од најисплатливите модели во класата.
 
Потрошувачка
 
Малиот трицилиндраш, токму тука покажува од каде му се наградите за мотор на годината. Според фабричките податоци, просечната потрошувачка изнесува 5 литри (6 во град и 4,5 на отворено). Реално, успеавме да го возиме Yaris со околу 6 литри во дневните скопски гужви, или со 5 литри во просек во град навечер, кога сообраќајот е порелаксиран. За на отворено, немојте да се изненадите ако потрошувачката падне и под 4,5 литри, слично како и декларираната фабричка потрошувачка. Со малку подинамично возење, потрошувачката расте и над 7 литри низ град
 
Генерално, со ваква бројки за потрошувачка не можат да се пофалат ниту некои дизели! Ниската потрошувачка е резултат и на Toyota Optimal Drive системот, кој се вградува во освежениот модел на Yaris за оваа моделска година.
 
 
Повратна вредност
 
На странските пазари за половни автомобили, Yaris држи дури и подобра цена од некои германски конкуренти. Сличен е и случајот на нашиот пазар – Yaris е ретко и барано парче половен автомобил, што секако ја крева неговата цена, во било кој момент на продавање на автомобилот.
 
Безбедност
 
Кога беше лансиран, Yaris важеше за најбезбедниот автомобил во класата. Заработи чисти пет ѕвездички (по старите тестирања на EuroNCAP), со одлични резултати пред се за заштитата на возрасните патници.
 
 
За кого е овој автомобил
 
Очигледно е. Кај Yaris одлучува пред се разумот, но и срцето. Можеби во класата има позабавни и побрзи автомобили, но Јапонецот се наметнува како паметниот избор. Просторот, удобноста, функционалноста, високата гаранција и коректната цена, го исфрлаат Yaris во преден план пред се за помладите фамилии, кои немаат да одделат за поголем автомобил, но и за сите оние кои сакаат мултивалентност од својот автомобил, односно задоволување на различните потреби и барања.
 
Предности
-Пространа внатрешност
-Високо ниво на функционалност
-Места за одлагање ситници
-Функционален багажник
-Удобно возење, добра звучна изолација
-Добра завршна обработка
-Висока гаранција
-Коректна цена
-Ниска потрошувачка
-Безбедност
 
Недостатоци
-Возните својства се во просекот на класата
-Слаби перформанси од основниот бензинец
-Тврда пластика во внатрешноста
-Прегледност
-Малку недостапно копче за патен компјутер
 
 

Toyota Yaris - old
 Цени и нивоа на опрема
 Дополнителна опрема (*. Pdf)
 Краток опис
 Фотогалерија




Стари коментари
SUM JA VOZEL I SUM SE VOZEL ZAKON E
Напишан од TOYOTA YARIS  пред  околу 73 месеци
SUM JA VOZEL I SUM SE VOZEL ZAKON E
Напишан од TOYOTA YARIS  пред  околу 73 месеци
SUM JA VOZEL I SUM SE VOZEL ZAKON E
Напишан од TOYOTA YARIS  пред  околу 73 месеци
SUM JA VOZEL I SUM SE VOZEL ZAKON E
Напишан од TOYOTA YARIS  пред  околу 73 месеци
SUM JA VOZEL I SUM SE VOZEL ZAKON E
Напишан од TOYOTA YARIS  пред  околу 73 месеци
   
КОМЕНТАРИ - СТРАНА  1 од 20
 



Нашата редакција остро се противи на верски, расистички и национални коментари. Сите непристојни коментари ќе бидат отстранети.

Целосна архива на текстови од Тест



 
 
 
 






Одберете нов автомобил