Почетна страница Контакти Маркетинг Инфо
дома home avtomobili kola koli нови автомобили avtomobil kola koli половни avtomobil kola koli тестови avtomobil kola koli видеа avtomobil kola koli фотографии avtomobil kola koli форум avtomobil kola koli
  ПРОНАЈДИ НОВ АВТОМОБИЛ        НАЈНОВИ МОДЕЛИ        НАЈПОПУЛАРНИ       ТЕСТ       ПРЕМИЕРА        ВОЗЕВМЕ       СПОРЕДБИ       САЕМИ        ИДНИ МОДЕЛИ
Насловна > Новости > Тест > Тест – Toyota Aygo X-Wave
 
Spodeli
10 ноември 2014, 04:47


Тест – Toyota Aygo X-Wave Toyota Aygo Тест – Toyota Aygo X-Wave
Фенси, спортски, супер модерно, новото Aygo искрши изненадувачки многу вратови по скопските улици. Моделот X-Wave со панорамски покрив, кој го имавме на тест, дополнително ги заинтересира случајните минувачи и неколку од нив натера и да не прашаат за каков автомобил се работи и дали е кабрио...
fotografii фотографии Види фотографии komentari коментари Напиши коментар

Но, да се вратиме во реалноста. Покрај видливата допадливост, за да помине добро на ова тест возење, на Aygo му треба многу повеќе. Многу, многу повеќе. А особено, бидејќи конкуренцијата сега е многу подобра и пожестока отколку што беше кога Toyota го лансираше претходниот модел.

 

Дизајн

Се кај новото Aygo се врти околу X. Предната маска, која во последно време стана синоним за препознатливост кај сите нови автомобили, кај Aygo е изведена со голем X, обоен различно од каросеријата, кој се протега дури и до ретровизорите. Делува агресивно и привлекува погледи, а е одлично вклопен со LED дневните светла во долниот дел, односно фаровите во горниот (ќе бевме супер среќни ако можеа и едните и другите да светат заедно, но не успеавме во тоа). Aygo има што да покаже и отстрана и позади. Линиите се полетни и динамични, како кај ниту еден друг автомобил во класата, со голема доза на спорт. 
 
 
Модерниот дизајн продолжува и во кабината. Ја нема веќе стерилната предна конзола на претходникот, која беше скоро целата изведена во сива пластика. Сега, покрај црната пластика, има и пиано финиш на централната конзола, како и делови од арматурата обоени во бојата на каросеријата. Овие, по желба на сопственикот, може и да се сменат во друга боја, исто како и X-от на предната маска. 
 
Се на се, малиот Aygo дефинитивно влегува под кожа, и однадвор и однатре, веројатно како ниту една друга Toyota (минус GT86). Да, ќе има на некои на кои нема да им се допадне агресивниот пристап, но барем нас ни е доста од досадно дизајнирани Тојоти и го поздравуваме овој потег.
 

На пат

Перформанси

Aygo, како и претходникот, е достапен со добро познатиот 1.0 литарски мотор на Toyota со три цилиндари, кој е познат по економичноста, но не и перформансите. Развива 69 КС при високи 6.000 врт/мин, односно 95 Nm при, исто така високи, 4.300 врт/мин. Во превод, за да се добијат максималните перформанси, треба да се заврти до црвеното поле, што не е помогнато од долгите преносни односи во менувачот, кои се така направени со цел намалена потрошувачка. Сепак, забрзувањата од семафор до семафор низ градските улички се задоволителни и што е најважно, моторот не се гуши при ниските вртежи како некои други бензинци, што значи дека лесно може да се вози и во повисок степен на пренос. Бројките велат дека спринтот до стотка трае 14,2 секунди, додека максималната брзина изнесува 160 km/h, па не очекувајте многу сила за престигнување на автопат.
 
 

Управливост/Удобност

Во возење, новото Aygo се однесува исклучително удобно како за мал, градски автомобил, особено низ градските улички, при пониски брзини. Нормално, при брзини над 120 km/h, потскокнува, но тоа го прават сите полесни автомобили, без исклучок. За среќа, високото ниво на удобност не е на сметка на возните својства, кои се меѓу најдобрите во класата. Носот од автомобилот добро загризува во секој свиок и останува неутрален подолго од вообичаеното, додека навалувањето е исто така многу мало. Ова е надополнето и со солидното управување и одличниот менувач, кој лесно и прецизно лизга низ степените. Она што е најважно за секој градски автомобил е да маневрира добро низ градските улици, а Aygo, имајќи го еден од најмалите кругови на свртување во класата, го прави тоа мошне успешно, олеснувајќи го возењето низ гужвите и паркинзите. 
 

Рафинираност

Најголемите подобрувања во однос на претходникот, Toyota (и Peugeot и Citroen кога сме веќе кај развојот на тројката Aygo, C1, 108) ги направи во поглед на рафинираноста, која сега е на многу високо ниво. Единствено, малиот бензинец се одгласува при забрзувањата, кога произведува спортски звук, карактеристичен за еден мотор со три цилиндари. При константна брзина, скоро и да не се слуша во кабината, а како за мал автомобил, одлично е пригушен и звукот од ветерот и гумите и има многу малку вибрации, дури и кај тестираниот модел, кој има платнен покрив во горниот дел. 
 

Во кабината

Простор/Практичност

На предните седишта, за возачот и совозачот, простор има како во класата повисоко, што е големо подобрување во однос на претходникот. Сепак, тука завршуваат сите суперлативи. Задната клупа, иако подобрена, е меѓу најтесните во класата. Не дека не може да се смести возрасен патник, напротив, но конкуренцијата порасна значително и нуди повеќе простор. А голем минус во задниот дел е и тоа што стаклата се отвораат само делумно, со лептир, како кај автомобилите со три врати... На пролет и лето, кај тестираниот модел ова барем нема да биде проблем, бидејќи панорамскиот покрив пружа чувство скоро како кај кабрио автомобил. И багажникот е сега поголем, со зафатнина од 168 литри, но и натаму, конкурентите нудат повеќе. Практичноста е сепак на солидно ниво и во внатрешноста има доволно места за одлагање ситници и пијалаци, а и задните седишта лесно се спуштаат за зголемување на багажниот простор. 
 
Во своја одбрана, Aygo има да каже дека е меѓу најмалите автомобили во сегментот, што секако го олеснува паркирањето, но, доколку приоритет е повеќе простор во внатрешноста, модерниот Јапонец не треба да е првиот избор.
 
 

Ергономија

Возачот лесно ќе може да ја најде идеалната позиција на седење, а и командите се на дофат на раката и лесни за користење. На тест го имавме моделот со екран на допир, кој е исто така лесен и интуитивен за користење, односно еден од најдобрите во бизнисот. Голема пофалба и за седиштата, кои како да се извадени од некој поголем автомобил и се исклучително удобни, дури и при подолги патувања. Единствен проблем претставува видливоста во задниот дел, како и низ задните стакла. Моделот кој го имавме на тест беше опремен со камера за возење назад, но поевтините модели го немаат тој систем...
 

Опрема

Во поглед на опрема за безбедноста, Aygo е „фул“ опремен уште во основниот модел, X. Ова ниво вклучува и аудио систем со два звучника и влезови за AUX+USB, серво управувач осетлив на висина, LED светла во предниот дел... Моделот X+, кој е нашиот избор од гамата, вклучува и клима уред, централна со далечинско и електрика на предните прозори. Моделот кој го имавме на тест, пак, беше опремен со 15 инчни алуминиумски тркала, електричен панорамски покрив, мултимедијален систем со 7 инчен екран на допир, задна камера, хромирани рачки во внатрешноста, заден браник во пијано финиш, предна X решетка во црна боја, затемнети стакла позади итн.
 

Финансии

Трошоци за купување и одржување, потрошувачка

Со стартна цена од 7.990 евра за моделот со три врати и сиромашната опрема, Aygo е еден од поскапите модели во класата. Побогато опремените модели, иако вклучуваат навистина многу опрема, навлегуваат веќе во класата повисоко. На пример, моделот кој го имавме на тест, чини 12.590 евра. Навистина, чувството што го овозможува панорамскиот покрив е незаменливо, но за тие пари, може да се добие и некој компакт. Тука мора да ги спомнеме и многуте можности за персонализирање, кои не се евтини, но барем овозможуваат да се извлече максимум од карактерот кој го носи Aygo.
 
Toyota ветуваат пак дека Aygo е така развиен за да биде поевтин за одржување, дури и во случај на лесен судир или незгода. Агрегатот е веќе добро познат по издржливоста и пред се, економичноста. Со него, во град, со нормално возење, успеавме да постигнеме потрошувачка од само 6,3 литри, која се качува до 6,9 литри ако се вози поагресивно, односно има многу гужва. На мешан отворен пат, потрошувачката изнесува 4,6 литри, додека на автопат се качува до 5,3 литри, при брзини до околу 120 km/h. Кога го вративме автомобилот кај увозникот, борд компјутерот велеше 5,5 литри, што е одличен резултат, кој, со помирно возење, може да се симне за уште некој децилитар.
 

Квалитет, доверливост и повратна вредност

Покрај рафинираноста, најголеми подобрувања кај новото Aygo има во квалитетот на кабината. Изработката е на многу повисоко ниво, а материјалите се многу поквалитетни. Едноставно, чувството да се биде во кабината е далеку, далеку поубаво. Дека се работи за автомобил кој нема да се расипува, пак, говорат одличните резултати на претходникот на тестирањата за доверливост. Допадливиот дизајн, како и знакот во предниот дел, ветуваат и дека падот на вредноста нема да е многу голем. 
 

Безбедност

Новото Aygo освои четири ѕвездички на најновите тестирања на EuroNCAP за 2014 година. Иако не се максималните пет, вреди да се напомене дека на овие тестирања, ниту еден модел од класата се уште нема освоено пет ѕвездички (новите Hyundai i10 и Renault Twingo имаат скоро подеднакви оценки како Aygo), особено поради недостатокот на опрема за активната безбедност, како сензори за поминување преку полна лента и слично. Моделот е опремен со целосна опрема за безбедноста уште во најевтиниот модел, во превод со ABS+VSC, односно цел сет контроли на стабилноста, 6 воздушни перничиња, Isofix подготовка за детско седиште и контрола на притисокот во пневматиците.
 
 

Заклучок

Самиот надворешен и внатрешен изглед придонесоа новото Aygo брзо да ни влезе под кожа. Начинот на кој удобно лизга низ градските улици и динамиката во возењето која ја нуди, дополнително ја засилија привлечноста на малиот Јапонец. А да го имавме X-Wave моделот со панорамски покрив на пролет, или на лето, а не при овие ниски температури, веројатно и немаше да можеме да се одделиме од шармот на Aygo. 
 
 
Сепак, ова е детално тест возење, карактеристично за koli.com.mk, а не блог каде ќе ги покажуваме нашите чувства. Шармот настрана, новото Aygo има потесна задна клупа и помал багажник од конкурентите, но, веројатно најважно, повисока цена, особено ако купувачот се заборави со персонализацијата, бидејќи дотераните модели како овој што го имавме на тест, со цената навлегуваат во сегментот погоре.
 
Кога го кажавме сето ова, Aygo би го препорачале на сите оние кои сакаат модерен градски автомобил, кој има (нај)висок квалитет на возење, извонредна рафинираност и е исклучително економичен. Тука мислиме на помладите купувачи, но и на оние кои веќе имаат поголем автомобил и бараат возило само за градските улици. Од друга страна, оние кои планираат прв автомобил и бараат тој да има повеќе простор и практичност, а нема да удри многу по џебот на купувачот, треба добро да ги погледнат конкурентите.
 

Предности:

- Економичен мотор
- Возни својства
- Високо ниво на удобност и рафинираност
- Одлична ергономија и удобни седишта
- Прецизен менувач

Недостатоци:

- Потесна задна клупа и помал багажник (од конкурентите)
- Прегледност во задниот дел
- Висока цена

Toyota Aygo
 Цени и нивоа на опрема
 Дополнителна опрема (*. Pdf)
 Краток опис
 Фотогалерија




Стари коментари
   
КОМЕНТАРИ - СТРАНА  1 од 1
 



Нашата редакција остро се противи на верски, расистички и национални коментари. Сите непристојни коментари ќе бидат отстранети.

Целосна архива на текстови од Тест



 
 
 
 






Одберете нов автомобил