Почетна страница Контакти Маркетинг Инфо
дома home avtomobili kola koli нови автомобили avtomobil kola koli половни avtomobil kola koli тестови avtomobil kola koli видеа avtomobil kola koli фотографии avtomobil kola koli форум avtomobil kola koli
  ПРОНАЈДИ НОВ АВТОМОБИЛ        НАЈНОВИ МОДЕЛИ        НАЈПОПУЛАРНИ       ТЕСТ       ПРЕМИЕРА        ВОЗЕВМЕ       СПОРЕДБИ       САЕМИ        ИДНИ МОДЕЛИ
Насловна > Новости > Тест > Тест – Peugeot 308 1.6 HDi
 
Spodeli
08 јули 2014, 12:10


Тест – Peugeot 308 1.6 HDi Peugeot 308 Тест – Peugeot 308 1.6 HDi
Поставен на целосно новата платформа на PSA групацијата, новиот конкурент во компакната класа на Peugeot, го задржа само името од претходникот, што, барем досега, не беше пракса, но со ветување дека ќе биде најдобриот модел во класата...
fotografii фотографии Види фотографии komentari коментари Напиши коментар

За разлика од претходниците, 307 и 308, овој модел ќе ја има истата нумеричка ознака како претходникот, но освен тоа, нема ама баш ниту една допирна точка со него. Всушност, со овој модел, Peugeot очекува да рипне токму на самиот врв во класата, односно е сигурен дека го има најдобриот модел во класата. 308 ја доби и ласкавата награда за Автомобил на годината во Европа, но по обичај, ние не се ослонуваме на тие награди и ќе се обидеме, во текстот подолу, да образложиме зошто 308 е, или пак, не е најдобриот модел во класата.

 
Дизајн
 
Новата 308-ка има драстично поразличен дизајн од претходникот. Веќе нема експериментални, нејасни линии, туку се е чисто изведено, дури и малце Golf-овски. Затоа, новиот модел има многу покомпактен дизајн, како да е извајан од едно парче глина. Едноставните линиии, делуваат уште поробусно во живо – 308 е еден навистина убав автомобил. Деталите, како предните и задните светла, се исто така како слеани со каросеријата, што дополнително го подобрува целото визуелно исксутво.
 
 
Внатрешноста е исто така драматично подобрена. Се е чисто и минималистички изведено и в поскапите модели, скоро и да нема копчиња на централната конзола. Ваквиот дизајн прави кабината да делува многу смирувачки на патниците, што нормално, е од особена важност за оние то сакаат да патуваат подолго со својот автомобил.
 
На пат
 
Перформанси
На тест го имавме основниот дизелски агрегат, со зафатнина од 1.6 литри, максимална сила од 92 КС при 4.000 врт/мин и највисок вртежен момент од 230 Nm, достапен од 1.750 врт/мин. Добро познатиот HDi турбо дизелаш, е еден од најдобрите во класата во начинот на кој ја развива силата. Автомобилот добро потегнува при секое притиснување на педалата за гас и реално, нема потреба моторот да се цеди непотребно до високите вртежи. Единствено, сила недостасува во петтиот степен на пренос, кој е подолг, бидејќи нема шести степен на пренос. Генерално, со забрзувањето до стотка за 12,4 секунди и максималната брзина од 181 km/h, според нас, овој мотор е сосема доволен за повремени излети и надвор од градот, па дури и за подолги патувања.
 
 
Управливост/Удобност
Новата 308-ка лежи на целосно новата модуларна платформа на PSA групацијата, која носи намалена маса и многу поголема цврстина на каросеријата. Ова се чувствува во возење – автомобилот помалку се навалува во кривините и многу подобро ја држи зададената линија на управување. Можеби не како кај најдобрите во класата, но дефинитивно, подобрување во однос на претходникот. Единствено, разочарува малку непрецизното и недоволно директно управување, иако малиот волан е вистинско задоволство да се држи во рака. 
 
Поцврстата каросерија, дозволи инженерите да ја направат помека суспензијата, без тоа да има ефект на возните својства. Затоа, 308 е еден од најудобните модели во класата и суверено ги пегла сите нерамнини, од градските дупки до ситните имперфекции на отворен пат. Всушност, во овој дел, францускиот компакт вози скоро како 508, кој е автомобил од повисоката класа!  
 
Рафинираност
Високото ниво на удобност е надополнето со веројатно најрафинираната и најтивка кабина во класата. Од подвозјето скоро и да нема вибрации, а агрегатот е исклучително тивок на константна брзина. Одличната аеродинамика, покрај тоа што ги подобрува перформансите и ја намалува потрошувачката, има и ефект на целосната тишина во автомобилот, што е надополнето со отсуството на звук и од гумите. Сумирано, за долги патувања, 308 е веројатно најдобриот автомобил во класата. Тивок, без вибрации, исклучително удобен. Како во повисоките класи!
 
Во кабината
 
Простор/Практичност
Пространоста и на предните и на задните седишта е солидна, иако, 308 не е најкомфорниот автомобил во класата. Сепак, ниту еден патник нема да се пожали дека му е тесно, а со 470 литри, багажникот може да голтне многу, многу товар, односно, повеќе отколку скоро сите конкуренти. И сето ова е постигнато во каросерија која е долга само 428 сантиметри, односно, една од најкомпактните во класата. Низ кабината има доволно места за одлагање ситници, кои се со солидна големина, додека со спуштањето на задните седишта се добива рамен под, што дополнително ја зголемува функционалноста на и така големиот багажник.
 
 
Ергономија
Зад управувачот, глетката е како кај ниту еден друг автомобил во класата. Инструмент таблата е поставена над воланот, кој пак е со многу мали димензии, додека средната конзола е чисто изведена, со многу малку копчиња. Поскапите модели дури и целосно се потпираат на големиот екран на допир, за скоро сите команди во автомобилот, додека моделот кој го имавме на тест, имаше повеќе хардверски копчиња. Кој модел и да се одбере, навикнувањето е многу лесно и сите команди се секогаш на дофат на раката, додека малиот волан одлично лежи во раце и го подобрува маневрирањето особено во тесните градски паркинзи. Единствено, проблем претставува видливоста на инструмент таблата, што е поизразено кај пониските возачи. 
 
Опрема
Основниот модел кој го имавме на тест, со нивото на опрема Access, вклучува мануелен клима уред, 6 воздушни перници, ESP + ABS + REF + AFU , електрични стакла напред, електрични греени ретровизори, дневни LED светла, патен компјутер, радио со CD+MP3 итн... Солидна основна опрема, со напомена дека и доплатите за побогатите Active и Allure, не се многу големи.
 
Финансии
 
Трошоци за купување и одржување, потрошувачката
Основниот бензинец со 82 КС и ниво на опрема Access, се нуди по цена од 12.400 евра, додека дизелот кој го имавме на тест, со истото ниво на опрема, чини 14.060 евра. Ова го прави 308 еден од поевтините компакти на пазарот, иако, за волја на вистината, во класата има и некои подобро опремени модели.
 
Од друга страна, Peugeot може да се пофали со одличен сервис и коректна цена на резервните делови, додека најмалиот дизел агрегат троши извонредно малку гориво. На тестот, во град, измеривме потрошувачка од 6 литри на 100 km, додека на отворено 4,5 литри на 100 km, дури и при повисоки брзини, што е за помалку од литар над она што го ветува производителот, односно во превод, извонреден резултат!
 
 
Квалитет, доверливост и повратна вредност
Каде и да се погледне, било дали во изработката на каросеријата или пак финалната изработка во внатрешноста, 308 зрачи со германска прецизност и робусност. Материјалите во кабината се исклучително квалитетни, како кај најдобрите модели во класата, што дополнително го подобрува перцептивниот квалитет и алудира на луксуз и префинетост. Според поновите истражувања за доверливост, Peugeot има подобри резултати и се придвижува кон најдобрите. Сепак, факт е дека француските возила не ја задржуваат вредноста на пазарите за половни автомобили како германските или јапонските, иако кај нас тоа не е толку изразено како на странските пазари.
 
Безбедност
Целосна опрема за безбедноста уште во основниот модел, која вклучува  6 воздушни перници и ESP + ABS + REF + AFU контроли за активната безбедност, како и чисти пет ѕвездички на тестирањата на EuroNCAP, се доказ за целосната безбедност која 308 ја нуди на своите патници.
 
Заклучок
Во поглед на квалитетот на возењето, нешто што ние во koli.com.mk најмногу го вреднуваме, 308 е еден од трите најдобри модели во класата. Исклучително е рафиниран и тивок, француски удобен, а згора на тоа и доволно стабилен и агилен при побрзо возење. Едноставно, во него е уживање да се патува. Што значи, дека наградата за најдобар во Европа и не е незаслужена. Напротив.
 
Во дизел верзијата, која ја имавме на тест, 308 е и исклучително економичен автомобил, со потрошувачка на која може да позавидат и многу градски автомобили, а притоа доволно брз за семејни излети и надвор од патот... Има и голем багажник, убава и квалитетна внатрешност и исклучителен надворешен дизајн. Како што би рекле постарите, одлично скоцкан автомобил!
 
Предности:
Високо ниво на удобност
Одлична рафинираност
Голем багажник
Звучна изолација
Економичен дизел мотор
Ниска цена
 
Недостатоци
Недоволно директно управување
Инструмент таблата не е целосно видлива за пониските возачи
Послаба опрема во основните модели

Peugeot 308
 Цени и нивоа на опрема
 Дополнителна опрема (*. Pdf)
 Краток опис
 Фотогалерија
 Видео




Стари коментари
   
КОМЕНТАРИ - СТРАНА  1 од 1
 



Нашата редакција остро се противи на верски, расистички и национални коментари. Сите непристојни коментари ќе бидат отстранети.

Целосна архива на текстови од Тест



 
 
 
 






Одберете нов автомобил