Почетна страница Контакти Маркетинг Инфо
дома home avtomobili kola koli нови автомобили avtomobil kola koli половни avtomobil kola koli тестови avtomobil kola koli видеа avtomobil kola koli фотографии avtomobil kola koli форум avtomobil kola koli
  ПРОНАЈДИ НОВ АВТОМОБИЛ        НАЈНОВИ МОДЕЛИ        НАЈПОПУЛАРНИ       ТЕСТ       ПРЕМИЕРА        ВОЗЕВМЕ       СПОРЕДБИ       САЕМИ        ИДНИ МОДЕЛИ
Насловна > Новости > Тест > Ретро заведувач за адреналинските возачи
 
Spodeli
28 јануари 2010, 13:11


Ретро заведувач за адреналинските возачи  Ретро заведувач за адреналинските возачи
Половина век во минатото, Mini беше изборот на сите кои сакаа евтин превоз, а притоа не сакаа да си скратат на уживањето во возењето....
fotografii фотографии Види фотографии komentari коментари Напиши коментар

50 години подоцна, под капата на BMW, новиот Mini ја продолжува традицијата на врвно возачко доживување, но веќе не е евтин. Напротив. Да се поседува Mini во денешно време е вистински луксуз. Оправдано или не? 
 
На тест ја имавме спортската изведба на Mini, Cooper S со 175 КС – Наместо класичен тест за автомобил, првичната идеја за тест ни беше само да ви покажеме листа со адреналин од матичен лекар, како илустрација за автомобилот. Отидовме на лекар, ни измерија адреналин, им пукна машината, ни се развикаа докторките... Сепак, ќе мора да напишеме, се по ред... 
 
Изглед
 
Ретро надворешен изглед
 
И покрај тоа што не доби некои посебни измени во однос на првиот реинкарниран модел, Mini е се уште омилен автомобил на трендсетерите. Уникатниот спој на ретро елементи со модерни линии и набилдана силуета, предизвикуваат воодушевување. Широк, краток, симпатичен, единствен.

 
Ова, заедно со бескрајните можности за персонализација, придонесува Mini да биде главна фаца низ градските улици. Моментално, во светот не постои автомобил кој може на толку многу начини да се персонализира, а со тоа да биде секогаш уникатно убав, на свој начин. 
 
Уште поносталгичен внатре
 
Уникатниот ретро дизајн е уште понагласен во внатрешноста, со интересни ретро прекинувачи за командите како во возилата од пред половина век. Фенси, нема што! Внатрешноста ја карактеризираат многуте хромирани детали и секако големиот круг поставен централно во кабината, на кој се прикажува брзината на движење.
 
 
Интересни се и амбиенталните светла поставени централно горе, кои ја менуваат бојата и доловуваат дополнително различно чувство. Високо ниво на персонализација особено има во внатрешноста. Тест моделот имаше седишта со сина кожа, речиси идентична сина боја како таа на екстериерот. Различно од се друго, дефинитивно. Тоа е Mini.  
 
Возни својства 
 
Тука Mini Cooper S е брилијантен. Турбо моторот со 175 КС, цврстата шасија и извонредно избалансираното подвозје, овозможуваат невидена забава во возењето.
 
Прецизно управување
 
Хируршки прецизно и со многу повратна информација од патот – управувањето во Mini е идеално за брзо и динамично возење. 
 
Колку е динамичен за возење?
 
Mini е исклучително динамичен – брутално кочи, лесно забрзува и лесно прифаќа брза промена на правецот. За него како да важат други закони на физиката. 
 
Извонредна стабилност
 
Извонредниот баланс на подвозјето го прави Mini еден од неколкуте најуправливи автомобили со преден погон на денешницата. Влегување во свиоците со Cooper S е вистинска шала, дури и при поголеми брзини. И покрај тоа што е возило со преден погон, кај Cooper S се јавува мала преуправливост, што овозможува прецизно влегување во секој свиок.
 
 
Автомобилот инстантно одговара на секое барање на возачот за промена на правецот на движење. Mini одлично се снаоѓа и со серија свиоци, кога може да се вози како картинг, лево десно... Едноставно, секој излет на свиоклив пат ќе предизвика гласна насмевка кај возачот – уживањето е загарантирано!  
 
Секој метар поминат со Mini е трка со другите на патот, но повеќе со самите себе, бидејќи другите се веќе далеку позади... Секоја кривина е предизвик повеќе, да се закочи подоцна и да помине побрзо. 
 
Турбо бензинецот овозможува извонредни перформанси
 
Турбо бензинецот со зафатнина од 1,6 литри и 175 КС е конструиран во соработка меѓу BMW и PSA, истиот оној кој се вградува во Peugeot 308 RC. За него веќе имаме поделено многу пофални зборови. Благодарение на максималниот вртежен момент од 260 Nm, достапен во дијапазонот од 1.700-4.500 врт/мин, моторот брутално потегнува нанапред секогаш кога тоа ќе се побара од него. До стотка забрзува за 7,1 секунда, додека максималната брзина изнесува 225 km/h. 
 
За одличните перформанси заслужен е и менувачот, кој има добро одмерени степени на пренос – првите три се многу кратки и овозможуваат инстантно забрзување при излез од кривина, додека петтата и шестата се подолги, со цел за помала потрошувачка. 
 
Одговара ли и менувачот на возните својства?
 
Менувачот е прецизен, но мала забелешка би упатиле тука заради фактот што не дозволува перфектно брзо менување на степените на пренос.
 
Комфор
 
Заборавете на удобност
 
Спортски автомобил и не може да биде многу удобен. Така е и кај Mini. Особено се чувствува цврстата шасија, при секоја нерамнина на патот. Mini е компактен автомобил, кај него се чувствува една целина, но подолго возење со него може да биде и заморно. При динамично и спортско возење, повратните информации од патот се добредојдени, но во услови кога автомобилот се вози порелаксирано и кога од него се бара удобност, возачот веќе доаѓа до борба со управувачот, кој реагира на се што се случува на патот, што во секој случај, не е секогаш пријатно и за возачот, и за останатите патници.
 
Простор
 
Има ли простор напред?
На предните седишта во Mini се седи исклучително комфорно, дури и за луѓе со кошаркарски димензии.
 
Назад мора да е тесно?
Токму така. Проблемите настануваат кога ќе се седне на задната клупа. Тука е ограничен просторот во сите правци, па препорака е истата да се користи само за пократки патувања.
 
Колку собира багажникот?
Ако има некој храбар и веќе се одлучи да оди на подолг пат со Mini, седејќи на задната клупа, ќе треба да се откаже од багажот – во задниот дел има минимални 160 литри простор, доволни веројатно само за багаж за двајца патници.  
 
Каква е ергономијата, малку збунуваат командите!?  
 
Сместувањето за возачот е перфектно, седењето е ниско и спортско, педалите се поставени малку подалеку како во секој спортски автомобил, а менувачот е секогаш на дофат на раката. Командите за системите во возилото се одлично поставени, а единствено треба време за навикнување на не-стандардните ретро прекинувачи.
 
Звучна изолација
 
Во задниот дел од автомобилот се вградени два спортски издуви, чиј звук лесно влегува во ушите... Навистина, гласно е, но веројатно тоа нема никому да пречи, впрочем тука е вистинското уживање, да се слуша спортскиот звук. Кај спортските автомобили често и намерата на инженерите е да произведат спортски звук.
 
Прегледност
 
Прегледноста е на солидно ниво, благодарение на класичните контури на каросеријата. Можеби подобро ќе беше ако беше малку попрегледно позади пречи малото задно стакло, посебно при возење во рикверц, без ретровизор.
 
Квалитетот внатре не одговара на цената
 
Квалитетот на материјалите, па ниту завршната обработка, не одговараат ниту имиџот, ниту на цената која ја има Mini, па и на фабриката од каде излегува. Пластиката е тврда на допир, а на поголемите дупки дури се слуша и мало крцкање. Во овој премиум сегмент, конкурентите се чини од нудат поквалитетни кабини.
 
Практичност
 
Во ентериерот нема многу места за оставање ситници, а ниту со преклопувањето на задните седишта не се добив доволно простор. Mini не е автомобил кај кого треба да се бара практичност
 
Вредност 
 
На сите им се допаѓа и сите сакаат да го имаат, но ретки се оние кои ќе можат да си го дозволат Mini, посебно во Cooper S варијантата.
 
Цена / Опрема  
 
Повеќе за моделските изведби и нивоата на опрема за Cooper S, можете да погледнете тука.
 
Со попуст, цената на Cooper S со Camden ниво на опрема, е навистина богата, но за речиси истите пари може да се купи еден Golf GTI со 211 КС, или Civic Type R... Факт е дека Mini е технолошки совршен и дека има неверојатен шарм, но... Одговор на прашањето дали цената е висока или не, може да барате во  вас самите и во вашата потреба да го доживеете вистинското чувство на тркач низ градските улици. Само тогаш ќе го оправдате секое Евро што фабриката го бара за Mini. Во спротивно, ако повторно го мерите автомобилот на метар, како што тоа вообичаено е случај во Македонија, Mini сигурно ќе биде скап автомобил.  Во развиените Европски земји и особено САД, каде парите се помал проблем, да се има Mini значи да се биде култен.
 
 
Потрошувачка
 
И покрај врвните перформанси, во поглед на потрошувачката, турбо бензинецот навистина изненадува, но само доколку се вози претпазливо. Фабричките податоци велат дека просекот изнесува 6,9 литри на 100 km, односно 8,9 во град и 5,7 на отворено.
Сепак... Со нормално возење, во град може да се помине со околу 10 литри гориво на поминати 100 km додека на отворено потрошувачката многу ретко се случува да падне на просечни 7 литри на 100 km. Сепак, ако до крај се цедат можностите на моторот, потрошувачката лесно знае да порасне и до 15-ина литри на 100 km… А, бидејќи е тешко да се контролира нагонот и желбата за многу адреналин, нема да чуди ако овие бројки често се појавуваат на патниот компјутер на Mini Cooper S., 

Повратна вредност
 
Mini е ретко парче на пазарот за половни автомобили во Македонија, па затоа и ја задржува високата цена. 
 
Безбедност
 
Mini Cooper S не е тестиран од EuroNCAP, но од безбедносната опрема има 9 воздшни перничиња, ABS и контрола на стабилноста на возилото, па не би тербало да се сомневаме во високата безбедност која ја нуди.
 
За кого не е овој автомобил 
 
Mini не е евтиниот градски народен автомобил од пред половина век, со кој Мистер Бин пробува да помине на рампа за паркинг без да плати. Не е автомобил за секој ден. Ако барате мирно и релаксирано возење, со Mini тоа апсолутно нема да го добиете. 
 
За кого е овој автомобил 
 
Mini е екстаза за организмот, еден вид дрога за вистинските уживатели во брзото возење. Технички, кај него се е доведено до совршенство, од брилијантото подвозје до феноменалниот турбо бензинец. Малку се оние што вистински ќе знаат да ги ценат неговите квалитети. За некого цената е висока, но задоволството кое го овозможува шармантниот Британец со BMW крв е немерливо со бројки. Кај Mini, мерна единица се чувствата што тој ги предизвикува. 
 
Предности
Врвни возни својства
Директно управување со многу повратни информации од патот
Прецизен менувач
Феноменален турбо мотор
Перформанси
Потрошувачка (при понормално возење)
Неодолив ретро дизајн, и внатре и надвор
 
Недостатоци
Висока цена
Тесна задна клупа
Мал багажник
Помалку квалитетна пластика во внатрешноста




Стари коментари
Во глобала тестовите ви се тапа.Ако стварно ги тестирате дајте податоци за забрзување,меѓузабрзување,кочење(ладни-топли),реална потрошувачка во град и отворено,како се однесува на угорнини,на автопат.Вие само ни давате каталошки вредности помешани со ваше лично мислење,дали вам ви се допаѓа или не.Вие треба да ни презентирате бројки и факти за пореално да добиеме слика за возилата.
Напишан од Giugaro  пред  околу 87 месеци
SIMPATICNO E
Напишан од ATANASOV LJUPCO  пред  околу 89 месеци
IMA MOTOR OD BMW
Напишан од ATANASOV LJUPCO  пред  околу 90 месеци
ДРЖИ ЦЕНА
Напишан од АТАНАСОВ  пред  околу 91 месеци
OVA KOLICE SE POJAVI VO 16-TA EPIZODA NA 1001 NOK GO VOZI BENNU ATAMAN.SUPER E I NE VOOPSTO GRDO MENE MIE SIMPATICNO
Напишан од LJUPCO ATANASOV  пред  околу 91 месеци
   
КОМЕНТАРИ - СТРАНА  1 од 3
 



Нашата редакција остро се противи на верски, расистички и национални коментари. Сите непристојни коментари ќе бидат отстранети.

Целосна архива на текстови од Тест



 
 
 
 





Suzuki Swift


Одберете нов автомобил