Почетна страница Контакти Маркетинг Инфо
дома home avtomobili kola koli нови автомобили avtomobil kola koli половни avtomobil kola koli тестови avtomobil kola koli видеа avtomobil kola koli фотографии avtomobil kola koli форум avtomobil kola koli
  ПРОНАЈДИ НОВ АВТОМОБИЛ        НАЈНОВИ МОДЕЛИ        НАЈПОПУЛАРНИ       ТЕСТ       ПРЕМИЕРА        ВОЗЕВМЕ       СПОРЕДБИ       САЕМИ        ИДНИ МОДЕЛИ
Насловна > Новости > Тест > Тест – Lexus IS300h F Sport
 
Spodeli
11 февруари 2014, 06:01


Тест – Lexus IS300h F Sport Lexus IS  Тест – Lexus IS300h F Sport
Може ли автомобил со почетна цена од 38.500 евра да се нарече ексклузивен? Ако цениме по возачот на Audi A8, кој не застана за да не праша за автомобилот, како и многуте други заинтересирани минувачи, новиот IS300h на Lexus е вистински бисер меѓу премиум автомобилите од средната класа...
fotografii фотографии Види фотографии komentari коментари Напиши коментар

Не дека вградената технологија и хибридниот погон не можат и самите да бидат заслужни за тоа. Додека германската конкуренција и натаму користи дизелски мотори во еколошките и штедливи изведби, новиот IS доаѓа со хибриден погон, кој и покрај јавното мислење, не е поскап од еквивалентните изведби на конкуренцијата. Напротив, со опрема каква што имаше F Sport моделот кој го имавме на тест, меѓу која и ексклузивниот аудио систем Mark Levinson со 15 звучници, кој е најдобриот што сме го слушнале досега, дизел Германците со околу 180 КС и автоматски менувач се и поскапи!

Но, да не ги упростуваме до толку работите и да почнеме од почеток, може?
 
Дизајн
Нема збор, новиот IS го има најголемиот WOW фактор во класата. Всушност, кога последен пат се свртевте по новата Серија 3 на BMW? Или по новата А4-ка на Audi? По новиот IS се врти скоро секој втор минувач, буквално! Да, имаше и такви кои рекоа дека воопшто не им се допаѓа, но и покрај тоа, го искривија вратот за да го видат. А има и зошто. И покрај поконзервативните дизајни во другите класи, во средната класа Lexus секогаш бил похрабар од директните конкуренти. Само погледнете ги претходните два модели на IS и ќе видите за што зборуваме. 
 
 
Всушност, благодарение на „поодврзаните“ раце на дизајнерите од страна на новиот шеф на Toyota, Акио Тојода, тие си дадоа уште поголема слобода во новиот модел. Навистина, толку храбро дизајниран модел во оваа класа не сме виделе, па, никогаш! Сега, веројатно ќе помислите дека внатрешноста е малку поконзервативна. Погрешно. Секој што ја виде, секој што влезе и повторно, WOW. Ентериерот на IS300h како да е дојден од иднината, особено кога ќе се спореди со оној на конкурентите. Вистината е дека дизајнот е скоро целосно позајмен од супер спортскиот LFA, кој чини скоро 400.000 евра! ЛАЈК!
 
На пат
 
Перформанси
Комбинација од бензински мотор со зафатнина од 2.5 литри и 181 КС (кој работи по Аткинсон, наместо по Ото циклусот) и електричен мотор со сила од 143 КС, за заедничка максимална сила на погонот од 223 КС. Накратко, тоа се наоѓа под предната хауба на новиот хибриден IS. Силата се пренесува на задните тркала преку CVT менувач, кој континуирано го менува степенот на пренос. Реално, доколку се побара од него, погонот добро потегнува напред и стигнува до стотка за само 8,3 секунди, што го прави IS еден, па да речеме, доволно брз автомобил. Сепак, одговорот на педалата за гас не е инстантен, а и максималната брзина која е ограничена на „само“ 200 km/h, е пониска отколку кај конкурентите. После навикнувањето на работата на менувачот и целосно на погонот, во ниту еден момент не почувствувавме дека на IS300h му недостасува сила, дури и по нагорнина. Освен за оние со поспортски апетити, секако.
 
Управливост/Удобност
Еден Lexus мора да биде удобен. Тоа е така уште од првиот LS кој излезе пред две и пол децении, па се до денес. Иако „вришти“ со спортски изглед однадвор, IS е еден изненадувачки удобен автомобил. Дури и со 18 инчните тркала со пневматици со низок профил и специјално подготвената адаптивна спортска суспензија. Секако, со избирање на модот Sport S+, суспензијата станува нешто потврда, но и натаму во границите на удобното. Импресивно, навистина.
 
Спомнавме спортски мод на работа? Ги има вкупно четири. Основниот е Normal, кој претпоставувате е наменет за нормално, секојдневно возење. Eco модот е пак за оние кои сакаат да извадат максимум километри од горивото во резервоарот. Sport S модот донесува промени во однесување на управувачот, кој станува подиректен, додека Sport S+ модот, ја прави суспензијата нешто потврда... Во спортските модови, целосно се менува и инструмент таблата во голем мерач на вртежи, која е всушност еден голем TFT екран. Истата е и подвижна, како би се прикажале повеќе податоци од навигацијата и слично.
 
 
Но, може ли еден хибрид да биде спортски и забавен? И тоа како! Прво, има заден погон, што, барем по книгите за возење значи подобра динамика. Второ, батериите во задниот дел прават дополнителна тежина на задните тркала (распределба 50:50) и придонесуваат во кривини IS300h да се однесува исклучително неутрално, дури и кога ќе се испровоцира. Доволно е агилен и покрај повисоката маса, а управувачот е изненадувачки прецизен. Да, може не враќа доволно повратни информации од подлогата, но, најважното е што носот на автомобилот можете да го ставите точно каде сакате во свиокот, а тоа за нас е и повеќе од доволно. Од друга страна, кочниците, кои најмногу од времето се всушност електричен генератор кој ги полни батериите, се многу полесни за користење од хибридите што сме ги возеле досега и скоро и да не се чувствува преминот од генератор на диск кочници.
 
Единствен проблем, за поспортско и позабавно возење претставува CVT менувачот. И покрај тоа што може да се избере лажно мануелно менување на брзините, преку палките зад управувачот, контролата на погонот и натаму не е како кај конвенционалните мануелни или автоматски менувачи...
 
Рафинираност
Lexus IS300h е многу тивок автомобил. Импресивно тивок автомобил. Дури и кога ќе се „впрегне“ бензинскиот мотор, бучавата е на многу ниско ниво. Во градски услови, патниците често ќе уживаат и во скоро бесшумното возење само на струја, до околу 60 km/h, односно до 3 километри. Едно ново, смирувачко искуство, особено ако го споредиме со дизелите во класата, кои се далеку побучни. Уште поимпресивен е и недостатокот на вибрации од погонот, во големо благодарение на CVT менувачот, но и на суспензијата, која не се огласува дури и по влегувањето во најголемите дупки. Сепак, моделот кој го имавме на тест ја носи ознаката F Sport, а еден спортски модел треба да има барем некаков звук, нели? Јапонците се погрижиле и за тоа. Овој модел е стандардно опремен со Акустичен Генератор, кој произведува синтетички звук на мотор преку звучниците во кабината и кој има спортски призвук. Нема да кажеме дека целосно заменува звук на некој спортски агрегат, но и тоа како ја подобрува ситуацијата кога ќе се разбуди тркачот во вас, особено кога се користат палките зад управувачот за мануелно менување на брзините.
 
Во кабината
 
Простор/Практичност
Главниот проблем кај претходните два IS модели беше просторот на задната клупа. Благодарение на зголеменото меѓуоскино растојание кај новиот модел, на задните седишта седењето е конечно комфорно. Багажникот, и покрај батериите во задниот дел, брои одлични 450 литри, што е конкурентно со другите модели во класата. Кабината има доволно места за одлагање ситници, кои се со солидна големина, а тоа особено важи за просторот под централниот потпирач за рака. 
 
 
Ергономија
Седењето зад управувачот во новиот IS е скоро идеално. Сите команди се на дофат на раката, додека седиштата, барем во F Sport моделот кој го имавме на тест се извонредни. Клима и аудио уредот имаат одделни команди и се лесни и интуитивни за користење (особено ни се допаднаа командите за регулирање на температурата, кои се на допир), а за се друго, тука е контролерот во облик на маус, со кој се управуваат останатите функции, како на пример навигацијата. Истиот бара подолго време за навикнување, бидејќи е премногу осетлив дури и при најмалиот допир, особено споредено со вртливите контролери кај германската конкуренција, кои имаат јасен „клик“ кога ќе се завртат. Достапни се и гласовни команди за навигацијата, но тоа е само за оние со добро познавање на англискиот јазик. Прегледноста пак е одлична напред, иако делумно ограничена позади, но тоа, благодарение на сензорите и во предниот и во задниот дел, како и камерата во задниот дел, воопшто не претставува проблем.
 
Опрема
Уште основниот IS има доволно „луксузна“ опрема, која вклучува целосна електрика и опрема за безбедноста, како и 7 инчен екран во средината... Сепак, за пребирливите, препорака се моделите Luxury или F Sport, кои се опремени со веројатно најдобриот аудио систем кој сме го слушнале досега, Mark Levinson со 15 звучници, кожни седишта, одлична навигација со гласовно управување (испробано), вентилирани седишта, греен волан, систем за брзо загревање на внатрешноста (уште во првата минута по палењето во зима) и многу, многу други ставки... Повеќе можете да разгледате тука.
 
Финансии
 
Трошоци за купување и одржување, потрошувачка
Со стартна цена од 38.500 и богата опрема уште во основниот модел, а да не заборавиме и стандарден автоматски менувач, Lexus IS300h е конкурентен на моделите од класата со дизели од околу 180 КС. Достапни се пет нивоа на опрема и за разлика од германските противници, не можат да се нарачаат многу ставки на опремата засебно, што ја намалува персонализацијата, но затоа пак богато опремените модели се поевтини. Поради хибридниот погон, одржувањето е мошне поевтино, бидејќи бензинскиот агрегат се користи помалку, а истото важи и за стандардните кочници. 
 
Онаму каде хибридниот погон треба да донесе најголеми придобивки е секако потрошувачката. Сепак, ова многу зависи од тоа како се вози автомобилот, а ние се обидовме тоа да го направиме во најразлични режими на работа. Со нормално возење, во градски услови, потрошувачката е околу 8 литри, дури и во тргни – застани сообраќај, односно во големите гужви. Со избирање на Eco модот, успеавме да спуштиме и до 7,5 литри во град, а со лесно притискање на педалата за гас и многу под таа вредност. Всушност, со максимално користење на електричниот погон, може да се стигне и до потрошувачка од 5 литри, но тогаш би ве поминале и многу градски автомобили. 
 
 
На отворено, при брзини до 90 km/h, потрошувачката изнесува околу 5-5,5 литри и се качува до 7 литри доколку се вози со брзини поголеми од 120 km/h. Импресивни бројки самите по себе, особено бидејќи се работи за автомобил со 223 КС, тежок преку еден и пол тон... Од друга страна, доколку се разбуди тркачот во вас и се активира Sport S модот на работа, потрошувачката може драстично да порасне и преку 10 литри во градски услови, што секако треба да се има на ум. Lexus ветува комбинирана потрошувачка од само 4,3 литри на 100 km, бројка која, веруваме е достижна само во специјални услови, иако, вреди да се каже, дека во зима, батериите имаат помал капацитет. Исто така и големите тркала на F Sport моделот ја зголемуваат потрошувачката.
 
Квалитет, доверливост и повратна вредност
Во поглед на доверливоста, уште од почетоците, Lexus е пред своите директни противници на истражувањата. Исто така, завршната обработка е на највисоко можно ниво, со особено внимание посветено на деталите, а материјалите се со многу висок квалитет. Рамо до рамо, ако не и подобар од конкурентите во класата.
 
Повратната вредност исто така силна страна кај возилата на Lexus и тие успеваат да ја задржат вредноста дури и подобро од своите премиум германски конкуренти, веројатно поради тоа што и ги нема во голем број на европските пазари.
 
Безбедност
Уште во основниот модел, IS300h има највисоко можно ниво на опрема за безбедноста. Достапни се осум воздушни перничиња (две за колената и за возачот и за совозачот), како и цел сет контроли на стабилноста и тракцијата. Високата безбедност ја потврдуваат и тестовите на EuroNCAP, каде јапонскиот премиум седан заработи чисти 5 ѕвездички на новите, построги тестирања, со особено висока оценка за заштитата на пешаци, благодарение на активната хауба, која се подигнува при евентуален судир.
 
 
Заклучок
Технолошки многу напреден, а воедно и супер луксузен крстосувач со највисоко ниво на рафинираност, но и со благи спортски апетити, Lexus IS300h мора да биде на радарот на сите кои размислуваат за премиум модел од средната класа. Навистина, CVT менувачот можеби бара подолго време за навикнување, но, настрана од тоа, IS е навистина комплетен седан, во многу параметри подобар од BMW 3 Series, Mercedes C Class и Audi A4. И што е можеби најважно, случајните минувачи ќе се вртат повеќе по него... 
 
 
Конкуренцијата
Дизел конкурентите од Германија, нудат слична потрошувачка со хибридниот модел на IS, но се многу побучни и понерафинирани, иако имаат подобар одговор на педалата за гас и моторот е полесен за регулирање во кривините. BMW 3 Series е само за влакно подобар во свиоците, но не е удобен колку IS, додека Audi A4 заостанува и во поглед на динамиката и во поглед на удобноста. Просторот во кабината е сличен кај сите три конкуренти, додека IS заостанува со багажникот (450 литри) во однос на два конкуренти (480 литри), но не за многу. Новата C Class на Mercedes – Benz се уште не сме ја тестирале, но во однос на стариот модел во дизел изведба, IS е многу порафиниран, подинамичен и подеднакво удобен.
 
Предности:
- Извонредни возни својства
- Одлична удобност
- Највисоко ниво на рафинираност и звучна изолација
- Пространа и квалитетна кабина
- Солидни перформанси и ниска потрошувачка
- Многу богата опрема
- Коректна цена
 
Недостатоци
- CVT менувачот ги расипува перформансите и забавата во возењето
- Контролерот во облик на маус бара подолго време за привикнување
- Максималната брзина е ограничена на „само“ 200 km/h

Lexus IS
 Цени и нивоа на опрема
 Дополнителна опрема (*. Pdf)
 Краток опис
 Фотогалерија




Стари коментари
   
КОМЕНТАРИ - СТРАНА  1 од 1
 



Нашата редакција остро се противи на верски, расистички и национални коментари. Сите непристојни коментари ќе бидат отстранети.

Целосна архива на текстови од Тест



 
 
 
 






Одберете нов автомобил