Почетна страница Контакти Маркетинг Инфо
дома home avtomobili kola koli нови автомобили avtomobil kola koli половни avtomobil kola koli тестови avtomobil kola koli видеа avtomobil kola koli фотографии avtomobil kola koli форум avtomobil kola koli
  ПРОНАЈДИ НОВ АВТОМОБИЛ        НАЈНОВИ МОДЕЛИ        НАЈПОПУЛАРНИ       ТЕСТ       ПРЕМИЕРА        ВОЗЕВМЕ       СПОРЕДБИ       САЕМИ        ИДНИ МОДЕЛИ
Насловна > Новости > Тест > Тест – Toyota Corolla D4-D
 
Spodeli
02 октомври 2013, 10:45


Тест – Toyota Corolla D4-D Toyota Corolla Тест – Toyota Corolla D4-D
Најпродаваниот автомобил на сите времиња, ја доби својата 11-та реинкарнација. Неколку пати со променет пристап во конструирањето, но секогаш со истата премиса – да биде перфектниот автомобил за фамилијарните луѓе....
fotografii фотографии Види фотографии komentari коментари Напиши коментар

Новата генерација на Corolla е најголемата досега. Всушност, по надворешните димензии сериозно конкурира и на автомобилите од средната класа. Драстично е зголемено и меѓуоскиното растојание, што треба да придонесе за повеќе простор во внатрешноста, но и за поудобно и постабилно возење. Згора на тоа, намалена е масата, што пак треба да придонесе за поагилно и подинамично возење... Не дека некој го очекува тоа од Corolla нели. Нас не интересира како стои со конкурентите во класата, како Octavia, Fluence и Astra Sedan. Прочитајте подолу.

Дизајн
Целосно новиот надворешен дизајн, со поагресивната предна маска позајмена од Auris, донесува нова свежина кај Corolla. Сличностите со претходникот се многу мали, но и натаму, се знае дека ова е седан од Toyota. Целосната каросерија делува складно, со одлични пропорции. Кај Corolla багажникот не изгледа како исфрлен или пак напумпан, што дополнително придонесува за целосната елеганција. Не, Corolla не е автомобил што ќе ги забрза срцата на случајните минувачи, но затоа е автомобил кој ќе старее добро со времето.
 
 
На пат
 
Перформанси
Добро познатиот турбо дизел, со зафатнина од 1.4 литри и 90 КС, односно 205 Nm вртежен момент, нема проблем лесно да ја движи големата каросерија на Corolla. Доволно е еластичен и дозволува лесно возење и во повисоките степени на пренос. Бројките велат дека забрзувањето до стотка трае 12,5 секунди, додека максималната брзина изнесува 180 km/h. На границата на задоволително за еден фамилијарен автомобил...
 
Тука мора да споменеме дека моментално во понудата на Corolla нема помоќен дизел агрегат, што е сериозен недостаток во оваа класа. Иако солиден, малиот дизел сепак нема да ве залепи за седиштето и се чувствува дека му недостасува сила на поголемите нагорнини. Наше мислење е дека на зголемените димензии на Corolla, многу повеќе би одговарал некој дизел со 110-130 КС, нешто што од Toyota велат ќе пристигне на почетокот од 2015 година, благодарение на соработката со BMW и можноста за користењето на нивните дизел агрегати.
 
Управливост/Удобност
Corolla отсекогаш била удобен автомобил. Всушност, тоа и секогаш било целта на инженерите и дизајнерите. Новиот модел, барем според ветувањата на Toyota, треба конечно да биде и повозлив автомобил. Споредено со претходникот, тоа навистина е така – динамичноста и агилноста се подобрени, но и натаму, во класата компактни седани, Corolla заостанува најдобрите. Најголем проблем се чини претставува управувањето, кое не дава доволно повратни информации од подлогата. Настрана забавата во возењето, Corolla се однесува стабилно при повисоки брзини, благодарение на големото меѓуоскино растојание.
 
Затоа, удобноста е на највисоко можно ниво. Дупките од подлогата скоро целосно ги впива суспензијата, а при поголемите удари скоро и да нема вибрации. Целото возење е некако смирено, релаксирано и лесно, без скоро никаков напор... Едноставно, Corolla тука е најдобриот автомобил во класата – ниту еден друг модел нема да им пружи на патниците толку удобно и комфорно патување. 
 
Рафинираност
Како надополнување на извонредната удобност, доаѓа и целосната механичка рафинираност и звучна изолација. Моторот, ветерот и гумите се одлично придушени, а во кабината влегуваат многу малку вибрации од погонот и подвозјето. Смирено и релаксирано, како што рековме претходно.
 
Во кабината
 
Простор/Практичност
Благодарение на цели 10 сантиметри продолженото меѓуоскино растојание, кабината на Corolla сега е најпространа во класата. Патниците можат добро да се рашират и на предните и на задните седишта, а благодарение на рамниот под позади и третиот патник ќе има задоволителна удобност. Дури и целосното чувство на простор е одлично, особено напред, каде предната конзола дозволува повеќе простор за маневар, односно чувството не е како во некој кокпит.
 
Багажникот брои 452, што со оглед на зголемените димензии се чини како мала бројка. Сепак, гарантирано е доволен за едно семејство, а згора на тоа да остане и плус простор. Конкурентите како Octavia можеби нудат 100-тина литри повеќе, но тоа се повеќе ни се чини како маркетиншки потег, отколку дека навистина е потребен толкав багажен простор во еден фамилијарен седан. Нормално, карактеристично за седан изведба, практичноста е на пониско ниво отколку кај хечбек конкуренцијата, читај Octavia, бидејќи задниот отвор е помал.
 
 
Ергономија
Од сместувањето зад управувачот, до поставувањето на командите, јасно е дека целта на дизајнерите била на возачот да му биде лесно за навигација и удобно при подолги патувања. Пофалба заслужува и солидниот мултимедијален уред со екран на допир, како и целосната поставеност на командите кои се близу до управувачот. Единствено, прегледноста во задниот крај е малку послаба, но затоа уште во второто ниво на опрема Toyota вградува камера за возење назад.
 
Опрема
Уште основниот модел Terra е опремен со целосна опрема за безбедноста, односно 9 воздушни перничиња и ABS+VSC контроли на стабилноста, систем за помош при тргнување по нагорнина HAC, како и целосна електрика, клима уред, аудио уред со AUX+USB приклучок, греени надворешни ретровизори, централна брава со далечинско итн. Тестираниот модел Luna е дополнително опремен со двозонска автоматска клима, предни светла со хромирани детали, мултимедијален систем со 6,1 инчен екран на допир, камера за возење назад, Bluetooth, кожен управувач и менувач, хромирани детали во внатрешноста... Еден поголем недостаток се чини се алуминиумски тркала, како и темпомат, кој воопшто не може да се набави со дизелскиот мотор, а што сметаме е сериозен недостаток со оглед на тоа дека се работи на автомобил наменет и за подолги патувања.
 
Финансии
 
Трошоци за купување и одржување, потрошувачка
Со стартна цена од 15.590 евра (-1.000 евра попуст во моментов) за бензинскиот 1.33 мотор, односно 17.590 евра (-1.000 евра попуст во моментов) за дизелскиот мотор, Corolla е еден од најскапите модели во класата. Сепак, адут во ракавот е секако гаранцијата од 5 години или 160.000 километри.
 
Она што го краси малиот дизел мотор е секако ниската потрошувачка. Според фабричките податоци изнесува 4,1 литри на 100 km при комбинирано возење, односно 3,6 литри на отворено и 4,9 литри во град. Тие бројки е тешко да се достигнат, но потрошувачката и не е толку многу повисока, односно изнесува отприлика околу литар повеќе од фабричката, што би рекло 4,5 литри на отворено и 6 литри во град. За седан подолг од 4,6 метри и повеќе од задоволително.
 
Квалитет, доверливост и повратна вредност
Како и секоја Corolla претходно и оваа е конструирана со цел полесно да го издржи текот на времето. Се е цврсто и квалитетно склопено, со материјали кои изгледаат робусно и отпорно. Corolla отсекогаш е и на врвот на истражувањата за квалитет и доверливост и ја прати глас за еден од најмалку расипливите автомобили на сите времиња.
 
Сепак, перцептивниот квалитет, иако драстично подобрен во однос на претходникот и натаму не е на нивото на европските конкуренти. Иако квалитетна и робусна, внатрешната пластика не оддава чувство на префинетост и луксуз... А можеби е и до деталите, кои кај конкуренцијата се многу посветкави, со малку повеќе кожа на некои места... Едноставно, тука се е подредено на издржливоста, пред луксузот.
 
Безбедност
Според последните тестирања на EuroNCAP, Toyota Corolla освои максимални пет ѕвездички, со оценки кои се меѓу најдобрите возила воопшто. Опремата за безбедноста е целосна уште во основниот модел, што значи дека оценката важи и за возилата на нашиот пазар.
 
 
 
Заклучок
Corolla никогаш нема да биде спортска, агилна и динамична. И покрај подобрувањата, кои лесно се забележуваат дури и при првите неколку километри, јапонскиот седан од компактната класа останува верен на сопствениците кои низ скоро 4 децении постоење, го направија најпродаваниот автомобил на сите времиња.
 
Исклучително пространата кабина и удобното, смирено и релаксирано возење, се квалитети кои и понатаму ќе ги освојуваат купувачите ширум светот. Цената можеби е малку повисока, но за сите оние кои бараат квалитетен и комфорен сопатник за целата фамилија, со карактеристики на вистински крстосувач за подолги патувања, Corolla е најдобриот избор во класата.
 
Предности:
- Исклучително пространа кабина
- Високо ниво на удобност
- Одлична звучна изолација и рафинираност
- Ергономија
- Ниска потрошувачка
 
Недостатоци:
- Непрецизно управување
- Повисока цена во однос на конкуренцијата 
- На автомобилот му одговара помоќен дизел мотор, кој го нема во понудата

Toyota Corolla
 Цени и нивоа на опрема
 Дополнителна опрема (*. Pdf)
 Краток опис
 Фотогалерија
 Видео




Стари коментари
   
КОМЕНТАРИ - СТРАНА  1 од 1
 



Нашата редакција остро се противи на верски, расистички и национални коментари. Сите непристојни коментари ќе бидат отстранети.

Целосна архива на текстови од Тест



 
 
 
 






Одберете нов автомобил