Почетна страница Контакти Маркетинг Инфо
дома home avtomobili kola koli нови автомобили avtomobil kola koli половни avtomobil kola koli тестови avtomobil kola koli видеа avtomobil kola koli фотографии avtomobil kola koli форум avtomobil kola koli
  ПРОНАЈДИ НОВ АВТОМОБИЛ        НАЈНОВИ МОДЕЛИ        НАЈПОПУЛАРНИ       ТЕСТ       ПРЕМИЕРА        ВОЗЕВМЕ       СПОРЕДБИ       САЕМИ        ИДНИ МОДЕЛИ
Насловна > Новости > Тест > Тест – Skoda Rapid 1.2 TSI
 
Spodeli
16 април 2013, 03:15


Тест – Skoda Rapid 1.2 TSI Škoda Rapid Тест – Skoda Rapid 1.2 TSI
До вчера беше Octavia, сега е Rapid. Не, чекај, па има и нова Octavia… Навистина, можеби делува малку збунувачки, но има причина зошто Skoda лансираше два различни седани со слични димензии...
fotografii фотографии Види фотографии komentari коментари Напиши коментар

Rapid ќе биде наменет за оние кои сакаат простор и голем багажник, но сепак не можат да одделат доволно средства за Octavia. Од друга страна, Octavia оди во сегмент погоре и станува многу полуксузна, како моделите од средната класа. Всушност, Rapid треба донекаде да ја замени Octavia од претходната генерација – да потсетиме, Skoda секогаш го нудеше стариот, напоредно со новиот модел, по многу пониски цени. Сега, наместо стар модел на Octavia, има нов Rapid.

Но, ајде да не кажуваме многу приказни. Големото и најважно прашање е – дали Rapid е навистина добар, или Skoda има направено многу компромиси за да ја спушти цената подолу? Прочитајте подолу...
 
Дизајн
Однадвор, се забележуваат модерни детали, преземени од Vision D концептот, а тука пред се мислиме на предната маска, која изгледа прилично маркантно и атрактивно. Сепак, целосниот изглед и не е ништо особено – не изгледа евтино како некои други седани од сегментот, но и натаму не е автомобил кој ќе го забрза срцето... Нормално, следејќи го дизајнерскиот јазик на концернот VW, предната конзола е чисто и минималистички изведена, без некои поголеми експерименти и прави солидна атмосфера во кабината.
 
 
На пат
 
Перформанси
На тест го имавме 1.2 TSI моторот со турбо полнач, директно впрскување на горивото и 85 КС при 4.800 врт/мин, односно 160 Nm достапни од 1.500 до 3.500 врт/мин, спарен со пет степен мануелен менувач. Благодарение на високиот вртежен момент, солидно повлекува од ниски вртежи, но брзо снемува сила, дури и околу 4.000 вртежи. Во превод, кога атмосферските бензинци во класата ќе се разбудат, овој мотор заспива. Сепак, за возење низ град и на автопат во повисок степен на пренос, токму таквата карактеристика на агрегатот нуди порелаксирано возење и помалку посегнување по менувачот. Бројките велат дека забрзувањето до стотка трае 11,8 секунди, додека максималната брзина изнесува 183 km/h. Повеќе и од доволно за автомобил од оваа класа.
 
Управливост/Удобност
Динамиката во возењето, нормално, не е на нивото на моделите од компактната класа. Rapid има изразита подуправливост, но се навалува многу малку, стабилен е на автопат и добро се носи и при повисоки брзини. Управувањето е доволно прецизно, како и менувачот, но изненадувачки за модерен автомобил, педалата за кочење бара добро да се притисне во потреба на нагло кочење. Од друга страна, удобноста е на многу ниско ниво. Цврстата суспензија можеби прави автомобилот помалку да се навалува, но и тоа како не одговара на нашите патишта – подолгото возење по нашите патишта може да биде и напорно! Ако не прашувате нам, ние секако би избрале помеко подесена амортизација, особено со оглед на тоа дека автомобилот ќе го возат семејни луѓе.
 
 
Рафинираност
Звучната изолација е одлична и моторот скоро и да не се слуша при пониските вртежи и работи без вибрации. Добро е изолирана и суспензијата, а единствено при повисоки брзини се слуша малку повеќе звук од ветерот. Генерално, Rapid е одличен во оваа категорија, имајќи ја предвид класата во која се наоѓа.
 
Во кабината
 
Простор/Практичност
Кабината е исклучително пространа и на предните и на задните седишта, и тоа конкурентно на некои автомобили од средната класа. Уште поимпресивен е багажникот, кој брои огромни 550 литри и има правилна форма, која овозможува внесување на поголеми предмети. Практичноста е одлична, благодарение на петтата врата, која овозможува одличен пристап до багажникот, додека кабината има доволно места за одлагање ситници. 
 
 
Ергономија
Возачот лесно ќе ја најде идеалната позиција, благодарение на подесувањето на седиштето по височина и на воланот по височина и длабочина. Средната конзола е лесно достапна и изведена со големи и читливи копчиња. Прегледноста е солидна, и напред и назад. 
 
Опрема
Основниот модел Active е сиромашен со опрема и не вклучува ниту аудио уред, ниту далечинско за централната... Повисокото ниво на опрема Ambition ги вклучува тие недостатоци, но и натаму, има некои ситници, како недостатокот на USB+AUX приклучок за аудио уредот, што денес е стандардно кај скоро сите други автомобили. 
 
Финансии
 
Трошоци за купување и одржување, потрошувачка
Со стартна цена од 10.380 евра за моделот со Active ниво на опрема и 1.2 MPi моторот со 75 КС, Rapid е еден од најдостапните „големи“ автомобили на пазарот. Сепак, препорака е да се избегне тој мотор – 1.2 TSI агрегатот е многу пополетен и троши помалку гориво, а е околку 1.000 евра поскап со истото ниво на опрема. Тестираниот модел имаше ниво на опрема Ambition и чини 12.140 евра, што е одлична цена. 
 
Потрошувачката на малиот бензинец е многу ниска – фабричките податоци велат дека троши 6,5 литри во град, 4,4 на отворено, односно 5,1 литар во просек. Реално, потрошувачката во град изнесува околу 7,5 литри со нормално возење, додека на отворено 5,5 литри, што е одличен резултат.
 
 
Квалитет, доверливост и повратна вредност
Skoda поминува одлично на тестирањата за доверливост и нема причина зошто и Rapid не би бил издржлив. Квалитетот во кабината е солиден, со оглед на цената, но е далеку од она што го нудат конкурентите од компактната класа, или пак на пример Octavia. Исто така, на пазарите за половни автомобили, Rapid нема да задржи цена како еден VW, но цената во старт е ниска, што значи дека процентуално, паѓањето на вредноста нема да се големо.
 
Безбедност
Skoda Rapid доби чисти пет ѕвездички по новите тестирања на EuroNCAP. Сепак, тие оценки важат за автомобил опремен со ESP контрола на стабилноста и воздушни перничиња отстрана и воздушни завеси, кои ги нема во основниот модел за нашиот пазар. Всушност, ESP нема ниту во најопремениот модел, а ниту воздушни завеси. Ете, токму во овој дел се гледа штедењето за нашите пазари, онаму каде најмалку треба, кај безбедноста. Штета.
 
Заклучок
 
Исклучително простран, со огромен багажник и висока функционалност, сето тоа по многу ниска цена. Rapid не е единствениот автомобил во класата на достапни „седани“ (фактички е хечбек, поради петтата врата), но има доволно адути да биде конкурентен. Моторот има солидни перформанси и е штедлив, тивок и рафиниран, додека квалитетот е мошне солиден со оглед на цената... Сепак, оние што сакаат поудобно возење, нема да бидат задоволни од Rapid, кој вози баш онака германски, на моменти и по малку грубо поминувајќи преку дупките... Нешто што со оглед на нашите патишта, може да биде и одлучувачко во изборот.
 
 
Предности:
Исклучително пространа кабина
Огромен багажник (550 литри)
Солидни перформанси и ниска потрошувачка (1.2 TSI)
Рафиниран и тивок мотор
Добра ергономија и поставеност зад воланот
Ниска цена
 
Недостатоци:
Тврдо и неудобно возење
Звук од ветерот при повисоки брзини
Многу сиромашна опрема за безбедноста (5-те ѕвездички од EuroNCAP не важат за моделот за нашиот пазар)
Некои недостатоци во опремата

Škoda Rapid
 Цени и нивоа на опрема
 Дополнителна опрема (*. Pdf)
 Краток опис
 Фотогалерија
 Видео




Стари коментари
   
КОМЕНТАРИ - СТРАНА  1 од 1
 



Нашата редакција остро се противи на верски, расистички и национални коментари. Сите непристојни коментари ќе бидат отстранети.

Целосна архива на текстови од Тест



 
 
 
 






Одберете нов автомобил