Почетна страница Контакти Маркетинг Инфо
дома home avtomobili kola koli нови автомобили avtomobil kola koli половни avtomobil kola koli тестови avtomobil kola koli видеа avtomobil kola koli фотографии avtomobil kola koli форум avtomobil kola koli
  ПРОНАЈДИ НОВ АВТОМОБИЛ        НАЈНОВИ МОДЕЛИ        НАЈПОПУЛАРНИ       ТЕСТ       ПРЕМИЕРА        ВОЗЕВМЕ       СПОРЕДБИ       САЕМИ        ИДНИ МОДЕЛИ
Насловна > Новости > Тест > Тест – Volvo V40
 
Spodeli
04 јануари 2013, 12:25


Тест – Volvo V40 Volvo V40  Тест – Volvo V40
Денес, кога ќе се помисли на премиум компакт, прво што ќе падне на ум се веројатно трите германски конкуренти, но не и Volvo. Неоправдано секако – Volvo неколку пати се обиде во овој сегмент, дури и пред три децении, кога германските конкуренти во понудата имаа само големи седани...
fotografii фотографии Види фотографии komentari коментари Напиши коментар

Најновиот компакт од Шведска е пофункционална и попрактична верзија на одличниот C30. Повторно со карактеристичен дизајн, но и натаму со традиционалните премиум карактеристики на Volvo, како удобното и рафинирано возење, безбедноста и супер високиот квалитет, V40 влегува во жесток клинч со конкурентите. Како се носи со нив, прочитајте подолу, со напомена дека во неколку сегменти им нанесува тежок нокаут!
 
Дизајн
Флуиден, како извајан од едно парче, Volvo V40 е вистинско дизајнерско ремек дело. Од каде и да се погледне, шведскиот компакт зрачи со посебност и модерна елеганција, со одлично вклопени ретро-футуристички елементи, како задниот дел изведен во двојно стакло со големи VOLVO букви... Навистина, ваквиот дизајн можеби нема да предизвика многу “WOW” ефект кај минувачите, како на пример новата A Class, но тоа не значи дека V40 не е убав автомобил, напротив. И внатрешноста го има истиот ефект – изгледа исклучително елегантно, додека елементите како „летачката“ средна конзола само додаваат на премиум чувството. 
 
 
На пат
 
Перформанси
На тест го имавме најслабиот дизелски мотор, со зафатнина од 1,6 литри и максимална сила од 115 КС. Тоа најслаб не значи дека е спор – благодарение на високиот вртежен момент од 270 Nm, силно повлекува над 1.500 врт/мин, овозможувајќи солидни забрзувања дури и во повисоките степени на пренос. Забрзувањето до стотка трае 12,3 секунди, додека максималната брзина изнесува 190 km/h, што е доволно за еден семеен компакт.
 
Управливост/Удобност
V40 вози извонредно удобно, веројатно најдобро од сите модели во класата, точка. Но, големото прашање е, каков е по свиоците? Извонредно компетентен, иако не како трите германски конкуренти. Му фали малку динамичност и агилност при брзи промени на правецот, но на високи брзини се однесува стабилно и е како залепен за патот. 
 
Можеби некој би посакал малку поагилно возење од еден премиум компакт, но суспензијата е како измислена за овој мотор – и така, со 115 КС под хаубата, V40 не може да биде спортски автомобил, па логичен е изборот на инженерите да го направат поудобен. Едноставно, на овој мотор му одговара ваквото возење. 
 
 
Рафинираност
Извонредно придушен мотор, малку вибрации од подвозјето, тивка кабина и при повисоки брзини... Премиум карактеристики кои кај Volvo V40 се повеќе изразени од кај конкурентите – дефинитивно, вака треба да вози еден скап компакт, префинето и мазно.
 
Во кабината
 
Простор/Практичност
Извонредно простран и на предните и на задните седишта – Volvo V40 е рекордер во класата кога е во прашање пространоста. Посебна пофалба треба да добијат и седиштата, кои се исклучително ергономски и удобни, а имаат доволно странична поддршка. Кабината има и доволно места за одлагање на ситници, но багажникот брои само 335 литри, што е помалку отколку што нудат конкурентите во компактната класа. 
 
 
Ергономија
Автомобилите на Volvo отсекогаш ги красела одлична ергономија. Поставеноста зад воланот кај V40 е извонредна и сите команди паѓаат природно на раката. Возачот единствено ќе има малку повеќе проблем да се навикне на големиот број на команди на средната конзола, но после тоа, се е на свое место. Единствено поголем проблем претставува прегледноста, особено во задниот дел, поради високо поставеното и мало стакло.
 
Опрема
За разлика од Mercedes, BMW и Audi, кои наплаќаат ,премиум и за најобичните ставки од опремата, во Volvo многу работи доаѓаат стандардно. Доплатите главно се однесуваат на спортски, шминкерски пакети, додека целосната електрика, мултимедијален систем со колор екран од 5 инчни и автоматската клима доаѓаат стандардно.
 
Финансии
 
Трошоци за купување и одржување, потрошувачка
Со цена од 24.411 евра за дизел моторот со 115 КС и основното ниво на опрема, V40 ценовно е под главната премиум конкуренција. Тоа особено важи за поопремените модели, кои имаат повеќе опрема а чинат неколку илјади евра помалку од германските премиум компакти.
 
Благодарение на Start&Stop системот, кој доаѓа стандардно кај дизелскиот мотор, потрошувачката е исклучително ниска, небаре се работи за некој мал, градски автомобил. Фабричките податоци сепак велат дека во просек таа изнесува 3,6 литри, што е и малку претерано. Реално, може да се помине со околу 6,5 литри во град, односно со 4,2 литри на отворено, што би рекло малку над 5 литри во просек. 
 
Квалитет, доверливост и повратна вредност
Педантност до највисоки граници – така може да се опише изборот на материјалите и изработката кај Volvo V40. Секој детаљ е грижливо дизајниран и изработен од избрани материјали, додека завршната обработка е на највисоко ниво, како кај моделите од повисоките класи. Кабината дури и мириса на нешто квалитетно, на нешто премиум... Перцептивниот квалитет само ја надополнува традиционалната доверливост на Volvo, воспеана во многу генерации на возила кои без поголеми проблеми се уште се тркалаат по улиците. 
 
Безбедност
Највисока оценка на EuroNCAP досега и најбогата стандардна опрема за безбедноста, која вклучува дури и воздушно перниче за пешаците, прво во светот! Во овој дел, шведскиот производител поставува нови стандарди, не само во класата, туку во целиот свет на автомобилизмот. Убаво е да се знае дека некој сепак се грижи за сите учесници во сообраќајот. Капата доле, Volvo!
 
 
Заклучок
После неколку стотици километри поминати со Volvo V40, едно е јасно – шведскиот компакт е вистински бенчмарк во класата кога се во прашање квалитетот, удобноста, рафинираноста и  безбедноста. Додека конкурентите се обидуваат да извлечат малку повеќе динамика со секој нов модел, Volvo го направи спротивното, односно извлече многу посмирено и порелаксирано возење. За разлика од некои конкуренти, V40 не е „изгубен во преводот“ – моторот и суспензијата работат во перфектна синергија за чисто уживање во патувањата! Високо препорачано за секој што размислува за премиум компакт!
 
Предности:
Удобно возење и висока рафинираност
Пространа внатрешност
Висок перцептивен квалитет
Ниска потрошувачка
Најдобра безбедност во автомобилизмот досега
Исклучителен дизајн
 
Недостатоци:
Мал багажник
Не е динамичен како конкурентите (иако, со тестираниот мотор и не е потребно)
Послаба прегледност, особено во задниот дел

Volvo V40
 Цени и нивоа на опрема
 Дополнителна опрема (*. Pdf)
 Краток опис
 Фотогалерија
 Видео




Стари коментари
   
КОМЕНТАРИ - СТРАНА  1 од 1
 



Нашата редакција остро се противи на верски, расистички и национални коментари. Сите непристојни коментари ќе бидат отстранети.

Целосна архива на текстови од Тест



 
 
 
 






Одберете нов автомобил