Почетна страница Контакти Маркетинг Инфо
дома home avtomobili kola koli нови автомобили avtomobil kola koli половни avtomobil kola koli тестови avtomobil kola koli видеа avtomobil kola koli фотографии avtomobil kola koli форум avtomobil kola koli
  ПРОНАЈДИ НОВ АВТОМОБИЛ        НАЈНОВИ МОДЕЛИ        НАЈПОПУЛАРНИ       ТЕСТ       ПРЕМИЕРА        ВОЗЕВМЕ       СПОРЕДБИ       САЕМИ        ИДНИ МОДЕЛИ
Насловна > Новости > Тест > Тест - Lexus GS 450h - Потрага по перфекција
 
Spodeli
29 ноември 2012, 08:25


Тест - Lexus GS 450h - Потрага по перфекција Lexus GS Тест - Lexus GS 450h - Потрага по перфекција
“Pursuit of perfection” или „Во потрага по перфектното“... Така маркетинг агентите на Lexus ги претставуваат автомобилите на брендот...
fotografii фотографии Види фотографии komentari коментари Напиши коментар

Да се постигне перфекција е невозможно. Најновиот спортски хибрид од средно високата класа на Lexus ѓаволски се доближува до неа, воедно трезнејќи ја германската конкуренција со постигнувањата во технологијата, особено во хибридниот погон.

Новиот GS, благодарение и на желбата на челникот на Toyota, Акио Тојода, сега доби драстично подобрени возни својства, со кои сериозно прети на BMW 5, но и натаму е исклучително рафиниран и доволно удобен, како другите два германски конкуренти. Најдоброто од двата света? Одлуката ќе ја оставиме за заклучокот.

Дизајн
Надворешниот изглед се чини отсекогаш беше главната болка на Lexus. Не дека моделите не изгледаа елегантно, спортски и луксузно, туку ја немаа онаа препознатливост која ја има светото германско тројство. Ова се се менува токму со новиот GS, благодарение на предната маска за воздух, која се стеснува кон средината. Исклучително агресивен, предниот дел дава спортска нота на инаку елегантниот страничен дизајн, карактеристичен за моделите на Lexus од минатото, додека освежување е и задниот дел, кој изгледа некако поодважно. Внатрешноста е исто така драстично променета – дизајнот веќе не потсетува на некој модел од Toyota, туку во многу детали и на британските луксузњаци... Придружен со ултра големиот дисплеј од 12,3 инчи, најголем во автомобилската индустрија, ентериерот на Lexus GS остава луксузен и футуристички впечаток.



На пат

Перформанси
Прво што паѓа на памет кога ќе се спомне хибриден погон, секако е ниска потрошувачка. Поважно од тоа, забрзувањата  кај GS 450h едноставно се дефинираат со „исфрлен од катапулт“.  Да, хибридниот Lexus GS е вистински куршум и има сила достапна уште од првото притискање на педалата за гас, благодарение на електричниот мотор, чиј вртежен момент е достапен буквално од 0 вртежи во минута. А тука ни вградениот бензински мотор не е за потценување – 3,5 литарски V6 со 292 КС. Заедно со 200-те КС на електричниот мотор, ова е доволно за комбинирана сила од 345 КС.

Бројките велат дека забрзувањето до стотка трае 5,9 секунди, додека максималната брзина секако е ограничена на 250 km/h. Ако бројките се импресивни, уште поимпресивен е начинот на кој овој модел забрзува – во почеток, кога работи само електричниот мотор, целосно нечујно, а потоа се слуша само благ звук од бензинскиот мотор, дури и кога тој работи под полна пареа. Менувачот е CVT, односно без степен автоматски менувач, со седум предефинирани степени, како би се задоволиле апетитите на спортски расположените возачи...



Управливост/Удобност
Уште пред да седнеме зад возачкото седиште на новиот GS, зборувавме за тоа како моделите на Lexus отсекогаш биле удобни и рафинирани, но никогаш спортски на нивото на еден BMW, па дури и Mercedes. Можеби предрасудите и се оправдани, но можеме со сигурност да потврдиме дека овој модел е тотална спротивност на она што некој го мисли во поглед на тоа дали и колку Lexus може да биде спортски. Всушност, доколку се избере модот Sport S+ (се менува дури и инструмент таблата - наместо Eco хибридниот мерач, сега има мерач на вртежи), овој јапонски бисер станува толку остар и прецизен, веројатно подобар и од бенчмаркот во класата, BMW 5. Се, од управувањето до агилноста и динамичноста, целосно ги задоволуваат апетитите на пребирливите возачи! Lexus GS дури и кочи како неколку стотици килограми полесен автомобил (а брои високи 1.825 kg), што само го зголемува уживањето.

Од друга страна, со селектирање на модот Normal, или пак, Eco, благодарение на адаптивните амортизери, хибридниот GS се претвара во удобен крстосувач, особено при повисоки брзини, кога суспензијата едноставно ја голта секоја нерамнина. Можеби амортизацијата во град делува за нијанса поцврста од она што би се очекувално, но тоа никако не пречи на целосното уживање на патниците.



Рафинираност
Дојдовме до делот каде најдобро се чувствува онаа потрага по перфектното. Lexus GS 450h е еден од неколкуте најрафинирани автoмобили достапни на пазарот моментално! Сите звуци, од оние на електричните моторчиња на прозорите, до оние на копчињата, бришачите, ролетната за сончевиот покрив итн. се исклучително добро придушени. А и треба да бидат, бидејќи самиот погон е толку многу тивок (и при највисоките вртежи, бензинскиот мотор е тивок), што секој дополнителен звук само ќе вознемири. Кога работи само електричниот мотор, до брзини од 50 km/h, звук речиси и да нема, па се слуша само нежното галење на ветерот по каросеријата на автомобилот, односно звукот на дувањето од клима уредот... Навистина, едно различно искуство.

Во кабината

Простор/Практичност
Големите надворешни димензии, логично, придонесуваат и за пространа внатрешност, и на предните и на задните седишта, иако рака на срце Lexus GS е малку потесен од конкурентите, што можат да го почувствуваат оние повисоките од 1,9 метри. Кај хибридниот модел, големината на багажникот, брои 482 литри, односно 465 литри кај моделот со мало помошно тркало. Ова е доста повеќе во однос на претходникот, но и натаму под нормата на класата од 500 литри, а за што виновни се Ni-Mh батериите во задниот дел (нив нормално ги нема во обичниот GS 250).



Ергономија
Седењето зад управувачот е многу опуштено, за што голема заслуга има можноста за местење на седиштето во 16 правци. Дека возачот секогаш ќе е перфектно наместен, гарантира и можноста за меморирање на возачката позиција – само седнете, ставете го клучот и електрониката ќе го направи останатото - седиштето ќе се помести онака како што сте го меморирале претходно. Командите паѓаат природно на десната рака, небаре конзолата е правена околу возачот. Сепак, системот за навигација „а-ла“ компјутерски маус, со сложениот мултимедијален систем на големиот 12,3 инчен екран, бара подолго време за навикнување, особено за оние што не се големи фанови на напредната технологија. Од друга страна, можноста екранот да се подели на два дела и да прикаже две информации во исто време, се голема предност во однос на конкуренцијата, која нуди драстично помали LCD-а... Прегледноста е солидна во предниот дел, но помалку во задниот дел... Не дека ова е проблем кај GS – стандардно се вградува камера за возење назад, која се прикажува на гигантскиот екран напред. Вреден да се спомене е и системот за проекција на информации  на предното ветробранско стакло, како моменталната брзина или потрошувачка,... Lexus GS е вистински Airbus во поглед на вградената технологија.



Опрема
Аххх, опрема. Сериозно, ќе треба многу скролање надолу за да наброиме се што имаше тестираниот модел со Luxury ниво на опременост. Тука, се, ама баш се е електроника, сите информации се достапни на екран, се е облечено во кожа, климата е трозонска со Nano технологија за прочистување на воздухот, задната клупа има посебни контроли за аудио уредот, озвучувањето е Mark Levinson со 835 вати и 17 звучници кои трошат 50% помалку енергија, седиштата имаат грејачи и вградено ладење, предните светла не се Bi Xenon, туку Bi Led…

Финансии

Трошоци за купување и одржување, потрошувачка
На прв поглед, цената од 76.500 евра делува многу висока, но, ако добро се размисли и се направат пресметките, испаѓа дека германските конкуренти со дизел мотори и еквивалентна опрема, чинат неколку илјади евра повеќе. Секако, првата помисла е дека тие дизели ќе трошат многу помалку гориво, но вистината е далеку од тоа. Напротив, GS 450h, особено во градски услови, е конкурентен на согорувачите на нафта, притоа нудејќи подобри перформанси и многу порафинирано возење. Со нормално возење низ град, може да се извлече потрошувачка од 7,5 литри, а со избирање на модот Eco и со лесна нога на педалата за гас, потрошувачката може да падне и под импресивни 7 литри! Предноста кај GS особено се чувствува во најголемите гужви, кога автомобилот вози само на струја и до 3 километри – не троши воопшто гориво, а воедно е драстично порафиниран и смирен, токму како што му треба на возачот во тие напнати моменти... На отворено, потрошувачката е многу слична, иако забележавме дека со понервозно возење истата може и да порасне над 10 литри на 100 km, што и натаму е прифатливо за автомобил што има 345 КС и тежина над 1,8 тони. Импресивни резултати, нема што.



Квалитет, доверливост и повратна вредност
Досега тврдевме дека Audi A6 ја има најквалитетната кабина во класата, но по седнувањето во внатрешноста на GS, тоа веќе не можеме да го говориме со сигурност. Вниманието на деталите и изборот на материјалите се на највисоко ниво, а изработката безгрешна, веројатно на истото ниво со А6... Но, Lexus е неприкосновен кога е во прашање доверливоста – со години е најдоверлив бренд во светот на автомобилизмот, далеку пред германските премиум конкуренти.  GS добро ќе се држи со нив и на пазарите за половни автомобили, но барем на нашиот пазар, продажбата ќе оди малку потешко – никој не бара Lexus на старо, да бидеме реални.

Безбедност
Новиот Lexus GS не е тестиран од EuroNCAP, но се освен пет ѕвездички би било максимално изненадување. Опремата за безбедност е фантастично богата и вклучува цел сет на контроли за стабилноста, адаптивна суспензија и 10 воздушни перничиња.


Заклучок

Доволно беше да пробаме и еден Lexus за да се урнат сите предрасуди кои ги имавме кон овој луксузен јапонски бренд. GS 450h е фантастичен автомобил, достоен конкурент на секој автомобил од средно високата класа, а во повеќето сегменти и подобар од светото германско тројство. Вози супер динамично и удобно, ултра брзо и економично, а има и луксузна и квалитетна внатрешност. Епитети кои ги содржат само уште неколку други модели на пазарот, што за GS е само препорака повеќе.



Во однос на изборот на дизел или хибрид? На хартија, перформансите и потрошувачката се многу блиски, но субјективно, рафинираноста на хибридниот погон е светлосни години подобра, особено при тргни – застани во градски услови. А она што мора да го поседува еден бизнис седан од средно високата класа, е секако рафинираност на највисоко ниво. Затоа, заинтересираните за таков автомобил, нека не забораваат да појдат и да го пробаат и технолошкото чудо од Јапонија, макар било и само заради хибридниот погон.


Предности:

•    Најдобри во класата рафинираност и звучна изолација
•    Супер квалитетен ентериер
•    Динамично, а воедно и удобно возење, благодарение на адаптивната суспензија
•    Исклучително богата опрема
•    Одлично забрзување
•    Удобно сместување зад воланот
•    Ниска потрошувачка

Недостатоци:
•    Малку потесен на задната клупа од конкурентите
•    Мултимедијалниот систем со управувачот како маус, бара долго време за навикнување




Lexus GS
 Цени и нивоа на опрема
 Дополнителна опрема (*. Pdf)
 Краток опис
 Фотогалерија
 Видео




Стари коментари
   
КОМЕНТАРИ - СТРАНА  1 од 1
 



Нашата редакција остро се противи на верски, расистички и национални коментари. Сите непристојни коментари ќе бидат отстранети.

Целосна архива на текстови од Тест



 
 
 
 






Одберете нов автомобил