Почетна страница Контакти Маркетинг Инфо
дома home avtomobili kola koli нови автомобили avtomobil kola koli половни avtomobil kola koli тестови avtomobil kola koli видеа avtomobil kola koli фотографии avtomobil kola koli форум avtomobil kola koli
  ПРОНАЈДИ НОВ АВТОМОБИЛ        НАЈНОВИ МОДЕЛИ        НАЈПОПУЛАРНИ       ТЕСТ       ПРЕМИЕРА        ВОЗЕВМЕ       СПОРЕДБИ       САЕМИ        ИДНИ МОДЕЛИ
Насловна > Новости > Тест > Тест – Mercedes-Benz A-Class - 2012
 
Spodeli
29 октомври 2014, 00:40


Тест – Mercedes-Benz A-Class - 2012 Mercedes-Benz A-Class  Тест – Mercedes-Benz A-Class - 2012
„Еј, види новата A класа!“ -ова беа извиците на многу минувачи по улиците, но многу од нив и не ја препознаа. Многу коментари беа „види, ново Mercedes купе“... Епа, не е купе, ама личи ѓаволски блиску до едно. Всушност, изгледа побесно и од многу од нив!...
fotografii фотографии Види фотографии komentari коментари Напиши коментар

Различниот пристап и целосно различната концепција, за разлика од двата претходници, направија новата A-Class да потпалува многу повеќе срца, но, од друга страна, ги задржа ли овој купе компакт вистинските Mercedes-Benz вредности? 

Дизајн
Агресивна, набиена, новата A-Class зрачи со спорт и беснотило од сите страни! Купе линиите се исклучително добро вклопени и прават една целина на која можат да позавидат и спортските купеа. Многу интерсно, за дизајнот е заслужен и македонскиот дизајнер Славчо Таневски – негов е предниот отвор за ладилник кај посилните и поскапи верзии (не и кај тест возилото).



На пат

Перформанси
Иако на хартија звучи скандалозно еден мотор што се вградува во Dacia, да се вградува и во Mercedes-Benz, во пракса, 1,5 литарскиот турбо дизел, добиен од соработката со Renault, работи задоволително. Не е брз, ама повлекува од ниски вртежи и има доволно вртежен момент за да се вози релаксирано без да се менува брзина подолу. Бројките велат дека забрзувањето до стотка трае 11,3 секунди, додека максималната брзина изнесува 190 km/h. Сето ова сепак е задоволително за еден фамилијарен автомобил, но никако за автомобил со ваков изглед... Всушност, на AMG суспензијата која беше вградена на тест моделот, моторот и воопшто не одговара...

Управливост/Удобност
Во споредба со претходникот, новата А-Class е целосно различен автомобил по начинот на кој вози – сега компактот на Mercedes-Benz во кривините се држи и со BMW Серија 1, што е голема пофалба во најмала рака! Новата шасија и пониската силуета драстично го намалуваат навалувањето во кривините, а инженерите направиле и подуправливоста да биде помала – предниот крај е мирен и при повисоки брзини... Солидно е и управувањето, но менувачот не е на истото ниво...



Тест моделот беше опремен со AMG пакет, кој значи и спортска суспензија. Ова дополнително придонесува за возните својства, но никако за удобноста! Вака опремена А класа е тврд и целосно неудобен автомобил на сите, освен на најмазните патишта. Внатре добро се чувствуваат сите нерамнини, а особено оние поголемите, кои се пренесуваат и како вибрации и како погласен, трескав звук... Дефинитивно, ова не е возење кое го очекуваме од еден Mercedes-Benz!

Рафинираност
Дизел моторот од Renault (и Dacia) работи прилично мирно, но и натаму се слуша во внатрешноста при пониските вртежи. При повисоки брзини има и малку повеќе звук од ветерот, а и подвозјето често одѕвонува на поголемите дупки... И тука, сосема неочекувано за еден Mercedes-Benz!



Во кабината

Простор/Практичност
Попростран од едно купе, но и потесен од конкурентите во компактната класа, особено на задната клупа. Малите стакла надвор дополнително ја зголемуваат клаустрофобијата, но даваат чувство на безбедност. Багажникот брои солидни 340 литри, додека внатрешноста има доволно места за одлагање на ситниците...



Ергономија

Тука, Mercedes-Benz A-Class едноставно брилира. Седењето е како во спортски автомобил, со испружени нозе и одмара на подолги патувања, додека сите команди се на дофат на раката. Прегледноста сепак е послаба, особено назад, но тоа е болка на речиси сите компактни модели. Забелешка и за дисплејот, кој некако „штрчи“ од предната табла. Ќе беше подобро да можеше да се собере, за да не пречи на возачот навечер.

Опрема
Стандардните ставки, како клима и целосна електрика ги има во секој модел, но кај Mercedes-Benz дебело се доплаќа за дополнителна опрема, особено за ксенон светла, навигација, козметички додатоци...

Финансии

Трошоци за купување и одржување, потрошувачка
Со стартна цена од 22.950 евра за бензинскиот модел А180, односно од 24.450 евра за моделот со 1.5-литарскиот дизел, Mercedes-Benz A-Class е далеку од евтин автомобил. Тестираниот модел чини речиси 33.000 евра, што е во најмала рака, скапо, макар бил опремен и со AMG суспензија, односно поголеми бандажи...

dCiмоторот на Renault пак е познат по својата економичност, а тука е опремен и со Start&Stop систем. Троши околу 5 литри во просек (3,8 фабрички), односно 6,5 литри во град (4,5 фабрички) и нешто над 4 литри на отворено (3,3 фабрички). Резултатите се во рамките на класата на компактите со мали дизел мотори.

Квалитет, доверливост и повратна вредност

Внатрешноста изобилува со квалитетни материјали, но изработката не е на нивото на Audi A3. Доверливоста треба да е солидна, барем ако се гледаат резултатите на Mercedes-Benz на истражувањата, но треба да се има на ум дека моторот потекнува од Renault. Како и секогаш, Mercedes-Benz ќе задржи повисока цена на пазарите за половни автомобили, но процентуално, цената повеќе паѓа отколку кај „непремиум“ конкурентите, бидејќи и во старт е драстично повисока.

Безбедност
Новата А-Class се уште не е тестирана од EuroNCAP, но нема простор за сомнежи во безбедноста. Стандардно се вградени цел сет активни контроли на стабилноста, како и радар кој го предупредува возачот за препрека, односно автомобил напред.



Заклучок
Mercedes-Benz A-Class е еден од најубавите автомобили на пазарот во моментов – факт, бидејќи искриви толку вратови и украде толку погледи по улиците. Исто така и вози како што изгледа, исклучително динамично, небаре е некој тврдокорен спортски автомобил! Од друга страна, ја загуби практичноста на својот претходник, а барем моделот со AMG пакет е тврд и целосно неудобен за секојдневно возење... Вистинските љубители во брендот, исто така ќе имаат забелешка на малку потесната задна клупа, како и на рафинираноста, која може да се дозволи секаде, но не и кај Mercedes – во однос на рафинираноста, подобри се и многу модели од „непремиум“ сегментот!

Чуден автомобил е новата A-Class на Mercedes-Benz. Предизвикува побрз ритам на срцето уште кога ќе го видите, а особено кога ќе го пробате по некој кривулест пат. Но, еден компактен автомобил треба да понуди многу повеќе за да биде најдобар. Во прва рака, пониска цена – на крајот на краиштата, моторот е од Renault и Dacia и може да се добие за двојно помалку пари.

Но за да не споредуваме „баби и жаби“, еве, ќе кажеме дека цела шака компакти од германските, јапонските и француските производители се покомплетни автомобили во секој поглед, а воедно имаат и драстично пониска цена. Всушност, за цената на тест моделот (32.000 евра), може да се купи еден добро опремен спортски компакт со над 250 КС (па и вистинско спортско купе) и целосна опрема, или пак модел од средната класа со дизел мотор со преку 150 КС и автоматски менувач!


Предности:
•    Бесен, агресивен дизајн
•    Исклучително добри возни својства
•    Прецизно управување
•    Безбедносна опрема

Недостатоци:
•    Претерано тврдо возење (со AMG пакетот)
•    Renault моторот воопшто не одговара на карактерот на тест возилото
•    Слаба рафинираност
•    Висока цена
•    Скапи доплати




Mercedes-Benz A-Class
 Цени и нивоа на опрема
 Дополнителна опрема (*. Pdf)
 Краток опис
 Фотогалерија
 Видео




Стари коментари
   
КОМЕНТАРИ - СТРАНА  1 од 1
 



Нашата редакција остро се противи на верски, расистички и национални коментари. Сите непристојни коментари ќе бидат отстранети.

Целосна архива на текстови од Тест



 
 
 
 






Одберете нов автомобил