Почетна страница Контакти Маркетинг Инфо
дома home avtomobili kola koli нови автомобили avtomobil kola koli половни avtomobil kola koli тестови avtomobil kola koli видеа avtomobil kola koli фотографии avtomobil kola koli форум avtomobil kola koli
  ПРОНАЈДИ НОВ АВТОМОБИЛ        НАЈНОВИ МОДЕЛИ        НАЈПОПУЛАРНИ       ТЕСТ       ПРЕМИЕРА        ВОЗЕВМЕ       СПОРЕДБИ       САЕМИ        ИДНИ МОДЕЛИ
Насловна > Новости > Тест > Тест – Toyota GT 86
 
Spodeli
26 октомври 2012, 12:59


Тест – Toyota GT 86 Toyota GT-86 Тест – Toyota GT 86
Направен од вљубеници, за вљубеници во автомобилите, GT 86 е тотална спротивност на она што досега го правеше компанијата. Со моќ да допре во најдлабоките адреналински пори, првиот спортист на Toyota по многу години, нуди неограничена забава и чувство како да се вози вистински, расен спортист. ...
fotografii фотографии Види фотографии komentari коментари Напиши коментар

Идејата на Јапонците со GT 86 не беше да го направат најбрзиот автомобил, туку да направат еден нов, култен модел, чии купувачи ќе знаат точно што да бараат од својот автомобил. А, вистинските вљубеници, секогаш бараат чисто, вистинско задоволство во возењето, непрекинато од сите модерни системи за активна безбедност. Рецептот на Toyota за ваквото уживање вклучува заден погон со диференцијал со ограничено пролизгување за подобра тракција а воедно и полесно „дрифтање“, атмосферски боксер мотор со 200 КС, без турбо, со цел побрз одговор на педалата за гас, како и пониско тежиште и секако ниска маса, под 1.200 килограми. Резултатот? Неограничена забава и чувство како да се вози вистински, расен спортски автомобил, а-ла Porsche. Дефинитивно, родена е нова легенда.
 
Дизајн
 
Ако прашате некој дизајнер, сигурно ќе ви каже дека нема нешто особено допадливо кај овој автомобил, дека нема некој детаљ кој ќе го издвои од толпата. Но, нема ниту еден друг купе автомобил во класата кој толку го забрзува срцето уште кога ќе го погледнете. GT 86 зрачи со вистинска спортска класика, како што едно дете замислува тркачки автомобил, небаре е изваден од видео игра и ставен на улица – класична купе линија со издигнат заден крај, спојлер позади, лут преден крај... Јапонското купе шири силна енергија наоколу, особено обоен во црвената боја на тест моделот. И најдобро од се, ваквиот класичен спортски дизајн, ќе биде успешен и многу години подоцна, односно ќе биде вистински evergreen. Исто како моделот на кој го базира дизајнот, еден од најбараните old timer-и, Toyota 2000 GT.
 
 
 
На пат
 
Перформанси
Рамно 200 КС, извлечени од рамно 2,0 литри зафатнина, без помош на турбо полнач. Во превод, редовно цедење до црвеното поле за извлекување на максимумот. Ова можеби е проблем за оние навикнати на еластичноста на турбо агрегатите, но вистинската забава и така е секогаш кај високите вртежи. А овој боксер мотор произведен од Subaru слободно и со невидена леснотија врти до 7.500 врт/мин, небаре се работи за некој тркачки мотор. Навистина, малку е тром при ниски вртежи, но затоа над 4.500 врт/мин како да се буди ѕвер под хаубата... А најголемата убавина на недостатокот на турбо полнач е одзивот на педалата за гас – тука моторот реагира инстантно. А, да, и неизбежните бројки – 7,6 секунди до стотка и 226 km/h максимална брзина. Но, субјективно, зад воланот? Многу повеќе од доволно за спортско, адреналинско уживање.
 
Управливост/Удобност
Перформансите на моторот настрана, она што навистина остава без здив е начинот на кој GT 86 поминува по кривините. Лесен, агилен, со неверојатен баланс на шасијата, јапонскиот спортист е еден од најпредвидливите и најинтуитивни автомобили за возење. Всушност, GT 86 вози токму како што преферира возачот – шасијата може да понуди максимум задоволство и за оние што сакаат чисто поминување низ свиоците, и за оние што сакаат дрифтање (со исклучена контрола на тракцијата, TRC, секако!). И сето тоа со возење по теорија – помалку гас и помало свртување на воланот за чисто поминување, повеќе гас и свртување и потоа контра вртење на воланот за дрифтање – многу просто и лесно, а воедно и бесконечно забавно! Тука помагаат и потенките гуми, позајмени од Prius, кои се вградени намерно, со цел да имаат послаб контакт со подлогата и возачот да може да го почувствува тој баланс и при помали брзини. И покрај тоа, стабилноста е на највисоко ниво – GT 86, речиси и да не се навалува во свиоците, било колку брзо да се влегува во кривина. И за ова има објаснување – јапонското купе има пониско тежиште од речиси сите автомобили на пазарот, вклучувајќи ги неколку пати поскапите супер спортски автомобили, како Ferrari и Porsche! Не е ни чудо што вози како еден од нив...
 
 
Импресивно е и чувството зад воланот – управувањето е исклучително прецизно и директно, како старите добри механички конфигурации, додека менувачот овозможува онакво метално чувство, како со рака да ги фаќате запчениците и директно да ги менувате брзините... Се делува толку природно, како да сте директно поврзани со автомобилот!
 
Голема придобивка од ниското тежиште е и солидната удобност – суспензијата е цврста, што е нормално, но и не е неудобна, особено споредено со некои компакти со спортска суспензија. Единствено, удобноста е нарушена при повисоки брзини – тука веќе го има она карактеристично потскокнување на автомобил со мала тежина, но, ако се земе впредвид дека се работи за спортски автомобил, и удобноста е во рамките на задоволувачки граници. Дури, во некои случаи GT86 е поудобен од некои компакти во својата најспортска изведба, како на пример Golf GTI.
 
Рафинираност
Изненадувачки, при пониски вртежи, GT 86 е доволно тивок до брзини од 140 km/h и дозволува разговарање во кабината. Рафинираноста на моторот е одлична и работи речиси без вибрации, а и подвозјето не одѕвонува при поминувањето преку поголемите дупки. Но, она што најмногу го интересира купувачот на овој модел е звукот на моторот – исклучително нервозен, со карактеристичното боксер ‘ржење при повисоките вртежи и голем распон на тоновите, од длабоки до високи, 2,0 литарскиот боксер е вистински празник за сетилото за слух!
 
Во кабината
 
Простор/Практичност
Toyota GT 86 е мал автомобил, а воедно е и купе, што веднаш укажува на потесна внатрешност. Инженерите можеби го замислиле како 2+2 конфигурација за седење, но на задните седишта не може да се седи подолго од половина час, особено поради недостатокот на простор за колената и за стапалата (под предните седишта има многу малку простор). Затоа, напред има простор добро да се испружат нозете, а и низ кабината има доволен број на места за одлагање на ситници. Багажникот брои 243 литри, што е веројатно доволно за багажот на двајца патници, бидејќи реално повеќе, и не би можеле да патуваат со GT 86…
 
 
Ергономија
Испружени нозе, вертикално поставен волан и високо поставен менувач тоа е рецептот за добра поставеност кај спортски автомобил.  Кај GT 86 сето ова е перфектно изведено – возачката позиција е совршена! Одлични се и „када“ седиштата, како и командите на централната конзола кои се секогаш на дофат на раката. Единствено што недостасува се команди на воланот...
 
Опрема
Во понудата на нашиот пазар има само еден модел и тоа највисоко опремениот Drift, ABS+EBD+BA, EPS+TRC+VSC, LSD самоблокирачки диференцијал, 9 воздушни перничиња, централна со далечинско+имобилизатор, 17" алуминиумски тркала, ел. ретровизори, рачки и браници во боја на каросерија, би-ксенон светла со автоматска регулација, LED дневни фарови, заден спојлер, тонирани стакла, 6,1 инчен екран на допир за контрола на аудио системот и патниот компјутер со CD+MP3+AUX+USB, 6 звучници, Bluetooth, темпомат, довозонски автоматски клима уред, седишта во кожа и алкантара, грејачи на седишта, внатрешен ретровизор без рамка, интелигентен систем за влегување и стартување, менувач и волан во кожа, електрични прозори напред... Но, следствено на опремата, и цената на овој модел е повисока, па не би било лошо ако го има GT 86 со помалку опрема, бидејќи, на кого му треба толку шминка во вака добар спортски автомобил?
 
Финансии
 
Трошоци за купување и одржување, потрошувачка
Можеби на хартија изгледаат повеќе од вообичаеното, но 32.900 евра не е се ништо во споредба со чистокрвното уживање кое го овозможува GT 86. Ниту еден, ама баш ниту еден спортист кој е во овој ценовен ранг, не може да и се доближи на оваа Toyota кога е во прашање задоволството во возењето! Особено, тоа важи за “квази” спортистите од компактната класа, кои, иако се многу поспортски модели од нивните оригинални изведби, во никој случај не можат да овозможат спортско ужување како ваков, вистински расен спортист. Против физиката не се може. Оваа Toyota GT 86, e доволно ниска, широка и лесна, за да ве доведе на мислење дека возите болид, а не автомобил.
 
А и покрај сите тие 200 КС под хаубата, GT 86 знае да биде и штедлив автомобил – во град просечно вози со околу 10 литри (10,4 фабрички), а на отворено со под 7 (6,4 фабрички), односно со околу 8,5 литри во просек (7,8 фабрички)... Доколку сакате да штедите (што не е намена на овој автомобил, во град може да поминете и со 9,5 литри во просек, а доколку ја возите GT 86 онака како што е замислена, во град планирајте дека би потрошиле околу 13-14 литри). Во крајни граници, ако заиграат емоциите кај возачот и стрелката за вртежите го бакнува црвеното поле, потрошувачка може да порасне и до 60%, што на крајот на краиштата е многу логично!
 
Испитаната механика и високата гаранција од 5 години, пак, ветуваат поевтино одржување, што впрочем е предност кај секоја Toyota.
 
Квалитет, доверливост и повратна вредност
Прецизно изработен токму како што се очекува од една Toyota, GT 86 ветува долговечност и доверливост. Материјалите во внатрешноста се исто така квалитетни, но не изгледаат луксузно како кај премиум конкурентите, но, идејата со ова купе и не е да се има луксуз. Со оглед на тоа што е многу баран и се чека долга редица за да се стигне до него, GT 86 ќе држи висока цена и на пазарите за половни автомобили, што е случај со сите спортски автомобили кои брзо имаат прераснато во легенди...
 
Безбедност
 
Се уште не испитан од EuroNCAP, но со цел сет контроли на стабилноста и 9 воздушни перничиња, GT 86 нуди безбедност на нивото на секој автомобил во класата.
 
Заклучок
 
Начинот на кој вози и на кој се поврзува со возачот се единствени кај GT 86. Навистина, за истите пари може да се купи многу побрз компакт, со 50-60 КС сили повеќе, турбо полнач за повлекување од пониски вртежи, со повеќе простор на задната клупа и поголем багажник, но и покрај тоа, ниту еден од нив нема да пружи уживање какво што ќе пружи јапонското купе. Тука и одот и дијаметарот на клипот во моторот имаат по 86 mm, за да се испочитува името на моделот, додека логото на автомобилот има два клипа кои се хоризонтално поставени (боксер мотор), бројка 86 во средината и четири тркала кои асоцираат на автомобил кој дрифта... 
 
 
Самиот баланс на шасијата, односно можноста за бесконечно дрифтање без поголеми корекции од возачот, агилноста, динамичноста и стабилноста карактеристични за три пати поскапите модели на Porsche, директното управување, фантастичниот менувач и моторот кој ги обожува високите вртежи, го ставаат GT 86 во кош со супер автомобилите кога е во прашање чувството зад воланот! Навистина, толку интуитивен, поврзан со возачот, избалансиран, забавен и чистокрвен возачки автомобил немало со години. Браво Toyota!
 
Легендата е родена. 
 
Предности:
Исклучителен баланс на шасијата
Извонредна агилност и стабилност
Директно и прецизно управување
Одличен менувач со кратки одови
Идеална поставеност зад воланот
Брз одзив на педалата за гас на моторот
Нервозен, спортски звук на моторот
Ниска цена, со оглед на задоволството кое го овозможува и нивото на опрема
 
Недостатоци:
Многу тесна задна клупа
Релативно мал багажник
Нема команди на воланот
Моторот треба навистина да се исцеди за да се почувствува спортското забрзување



Toyota GT-86
 Цени и нивоа на опрема
 Дополнителна опрема (*. Pdf)
 Краток опис
 Фотогалерија
 Видео




Стари коментари
   
КОМЕНТАРИ - СТРАНА  1 од 1
 



Нашата редакција остро се противи на верски, расистички и национални коментари. Сите непристојни коментари ќе бидат отстранети.

Целосна архива на текстови од Тест



 
 
 
 






Одберете нов автомобил