Почетна страница Контакти Маркетинг Инфо
дома home avtomobili kola koli нови автомобили avtomobil kola koli половни avtomobil kola koli тестови avtomobil kola koli видеа avtomobil kola koli фотографии avtomobil kola koli форум avtomobil kola koli
  ПРОНАЈДИ НОВ АВТОМОБИЛ        НАЈНОВИ МОДЕЛИ        НАЈПОПУЛАРНИ       ТЕСТ       ПРЕМИЕРА        ВОЗЕВМЕ       СПОРЕДБИ       САЕМИ        ИДНИ МОДЕЛИ
Насловна > Новости > Тест > Тест – Volvo XC60 D5
 
Spodeli
15 август 2012, 08:54


Тест – Volvo XC60 D5 Volvo XC60  Тест – Volvo XC60 D5
За оние што сакаат премиум SUV, а не сакаат ниту еден од развиканото германско тројство, тука е Volvo XC60...
fotografii фотографии Види фотографии komentari коментари Напиши коментар

Да не биде нејасно - шведскиот SUV не е само алтернатива на германските конкуренти – во многу елементи е и подобар од нив! 
 
Дизајн
Без поголеми изненадувања, со линии како од караван моделите на брендот, но сега и со многу поагресивен пристап, XC60 има сличен настап на конкурентите. Шведскиот модел изгледа свежо и динамично, а воедно и препознатливо Volvo, што е она што го бараат купувачите од оваа класа на возила. Внатрешноста е исто така препознатлива за производителот, со „летечка“ средна конзола и чист, минималистички дизајн, како и премиум материјали и елементи.
 
На пат
 
Перформанси
Со 215 КС под хаубата, логично е да се очекува дека Volvo XC60 ќе има силни забрзувања и покрај повисоката маса. Турбо дизел моторот со пет цилиндари и зафатнина од 2,4 литри, влече уште од ниските вртежи и не застанува до високите... Автоматскиот менувач со шест степени сепак не е брз како конкуренцијата со двојна спојка, но затоа е поудобен и помеко ги менува брзините, а и неколку стотинки во забрзувањето значат само на тркачка патека, нели? Се на се, со забрзување до стотка за 8,5 секунди и максимална брзина од 205 km/h, моделот со 215 КС е доволен за се биде меѓу најбрзите на патот...
 
 
Управливост/Удобност
Иако стабилен и со добар контакт со подлогата, во поглед на динамиката на возењето, секој од германските конкуренти (особено Х3) е подобар од XC60. Шведскиот модел малку повеќе се навалува во свиоците и не дозволува толку брзи промени на правецот, а разочарува и недоволно прецизното управување. Секако, не очекувајте ни којзнае какви возни својства на терен, впрочем како и кај скоро сите модели од оваа класа.
 
Затоа пак, удобноста е на многу високо ниво – суспензијата лесно се справува и со поголемите и со помалите нерамнини на патиштата, како кај седан од средно високата класа!
 
Рафинираност
Во поглед на целосната рафинираност, XC60 е веројатно најдобриот модел во класата. Звучната изолација е перфектна – звук речиси и да нема, ниту од ветерот, ни од гумите ни од моторот, дури и на повисоки брзини, а и подвозјето ретко одѕвонува во внатрешноста. Дизел моторот, иако со пет цилиндари, работи речиси без вибрации, а произведува и убав звук... Како за дизел...

Во кабината
 
Простор/Практичност
И напред, и назад, XC60 е веројатно најпространиот автомобил во класата, со доволно простор и за патници со поголеми димензии. Одличен е и багажникот, кој брои 495 литри и е меѓу најголемите во класата, а со спуштањето на задните седишта се добива и целосно рамен под, односно огромни 1.455 литри багажен простор! 
 
 
Ергономија
Дека Volvo отсекогаш посветувал внимание на ергономијата не е голема тајна. XC60 има исклучително удобни седишта со одлична странична поддршка, одлична поставеност зад воланот и команди кои се секогаш на дофат на раката... Уште командите за аудио уредот да се разликуваа од оние за климата и копчињата да беа малку поголеми, се ќе беше за пет... Вака, треба малку подолг период за навикнување.
 
Опрема
За разлика од германските конкуренти, кај Volvo нема штедење на опрема во основните модели, па така целосна електрика, автоматска клима, аудио систем со 5 инчен LCD екран, темпомат, преклоплива задна клупа, алуминиумски тркала и цела плејада опрема за безбедноста доаѓаат стандардно. Моделот кој го имавме на тест, со ниво на опрема Summum, беше уште побогато опремен, со  High Performance аудио систем, сензори за влага и дожд, електрично возачко седиште со меморија, електрохроматски ретровизор, активни биксенон светла со систем за миење, кожен ентериер, кожен волан и менувач, сјајни кровни држачи, задни паркинг сензори... Од дополнителната опрема, моделот беше опремен и со затемнети стакла, Volvo Guard аларм, сигурносни завртки на тркалата и боди кит.
 
Финансии
 
Трошоци за купување и одржување, потрошувачка
Со стартна цена од 39.780 евра за моделот со погон на предните тркала и Kinetic ниво на опрема, XC60 е конкурентен на моделите во класата, односно на BMW X3, Audi Q5 и Mercedes GLK. Цената лесно се качува доколку се побара побогато ниво на опрема, но пресметките велат дека токму тие модели се поевтини од еднакво опремените германски конкуренти. Тестираниот модел, со ниво на опрема Summum чини 53.980 евра (плус 2.920 евра додатна опрема). 
 
Потрошувачката кај дизел моторите во XC60 е солидна, па така тестираниот модел со дизелот со 215 КС и автоматски менувач со шест степени, во просек троши 8,4 литри дизел гориво (7 литри фабрички). За SUV модел со погон на сите тркала и автоматски менувач, тоа не е многу.
 
Квалитет, доверливост и повратна вредност
Цврсто изработен каде и да се погледне, XC60 оддава чувство на вистинска шведска солидност и прецизност во изработката. Материјалите во внатрешноста се од многу висок квалитет, дури и на места кои не ги допираат рацете, а квалитетот се препознава и по солидните резултати на XC60 на испитувањата за доверливост. Згора на тоа, Volvo е многу ценет на пазарите за половни автомобили и нема голем пад на вредноста дури и по повеќе години.
 
Безбедност
Навистина, има ли некој што треба да се сомнева во безбедноста на еден Volvo автомобил? Чисти пет ѕвездички со најмногу освоени бодови (по старите тестирања) на EuroNCAP и опрема која вклучува 6 воздушни перничиња, цел сет на контроли за стабилноста, систем за помош при тргнување по нагорнина, City Safety систем за помош низ градско возење, WHIPS систем за заштита од повреда на вратни пршлени... Доволно? Ако не, XC60 има дури и светла под ретровизорите, кои го осветлуваат подот навечер... За случајно да не има некој под автомобилот!
 
 
Заклучок
 
Исклучително удобен и рафиниран, со многу простор во внатрешноста и висока безбедност, XC60 е вистински избор за фамилиите кои често патуваат, како и за сите оние кои бараат класичен SUV автомобил, кој ќе може да го собере сиот багаж и удобно и брзо да ги пренесе до саканата дестинација. Всушност, за крстосување по патиштата му нема рамен во класата! 
 
Предности:
Висока удобност и рафинираност
Пространа кабина и голем багажник
Ергономија
Мек, „удобен“ автоматски менувач
Безбедност

Недостатоци:
Динамиката во возењето не е на нивото на конкурентите
Треба време за навикнување на командите на средната конзола

Volvo XC60
 Цени и нивоа на опрема
 Дополнителна опрема (*. Pdf)
 Краток опис
 Фотогалерија
 Видео




Стари коментари
   
КОМЕНТАРИ - СТРАНА  1 од 1
 



Нашата редакција остро се противи на верски, расистички и национални коментари. Сите непристојни коментари ќе бидат отстранети.

Целосна архива на текстови од Тест



 
 
 
 






Одберете нов автомобил