Почетна страница Контакти Маркетинг Инфо
дома home avtomobili kola koli нови автомобили avtomobil kola koli половни avtomobil kola koli тестови avtomobil kola koli видеа avtomobil kola koli фотографии avtomobil kola koli форум avtomobil kola koli
  ПРОНАЈДИ НОВ АВТОМОБИЛ        НАЈНОВИ МОДЕЛИ        НАЈПОПУЛАРНИ       ТЕСТ       ПРЕМИЕРА        ВОЗЕВМЕ       СПОРЕДБИ       САЕМИ        ИДНИ МОДЕЛИ
Насловна > Новости > Тест > Тест – Peugeot 208 1.6 HDi
 
Spodeli
31 јули 2012, 09:00


Тест – Peugeot 208 1.6 HDi Peugeot 208 Тест – Peugeot 208 1.6 HDi
Неодоливо достапен, неодоливо шармирачки. Ова ги краси скоро сите модели во серијата „200“ на Peugeot...
fotografii фотографии Види фотографии komentari коментари Напиши коментар

Можеби претходникот, 207, не дигна толку прашина, но новиот модел настапува веројатно најхрабро досега. 208 донесува целосно изменет дизајн, но и целосно ново размислување – многу полесен и попростран, со многу повеќе шарм и по некое решение кое му личи само на еден француски инженер... Тука, за прв пат инструмент таблата е поставена над воланот!

Дизајн
Кога е дизајнот во прашање, расправање за вкусовите и кажување експертизи нема, но и нема некој кој ќе рече дека едно мало Peugeot не е убаво. Уште со 206-ката, овој производител потегна ново движење во класата, кое другите само се обидоа да го следат. Новиот модел сега повторно прави квантен скок, поставувајќи нови мерила.



Било каде да се погледне, ја има онаа француската посебност, елеганција, а во некои делови дури и претераност во деталите. Но, токму она го прави 208 да се издвојува од толпата... Покрај него, дури и смело дизајнираната Fiesta изгледа толку нормално и секојдневно! И внатрешноста доби посвеж и пофенси дизајн и истата лесно може да се згреши со некоја на премиум автомобил... Не е толку „наџиџана“, но секој детаљ е поставен на вистинското место, како би се добила воочлива и елегантна целина.

На пат

Перформанси
На тест го имавме 1,6 литарскиот дизел e-HDi со 92 КС, кој е веќе добро познат од концернот PSA. Го карактеризира силно повлекување уште од 1.500 врт/мин, што кај овој модел е особено изразено, благодарение на пониската маса во однос на претходникот. Бројките велат дека забрзувањето до стотка трае 10,9 секунди, додека максималната брзина изнесува 185 km/h, што е и повеќе од доволно за еден автомобил од ниската класа. Но, бројките и не кажуваат колку релаксирано може да се вози со овој мотор – повлекува и во 5-тиот и во 6-тиот степен без некој поголем напор...



Управливост/Удобност
На пат, благодарение на пониската маса, 208 е подинамичен и поагилен од својот претходник, но тоа се уште не на нивото на најдобрите во класата. Управувањето е директно, а ултра малиот волан дополнително придонесува за таквото чувство. Сепак, менувачот не е меѓу најпрецизните и е карактеристично гласен при менувањето степени на пренос..

Суспензијата е малку потврдо подесена, но возењето е доволно удобно, а особено на автопат е како во автомобил од повисоката класа – 208 одлично се справува со ситните импрефекции на патот и се тркала стабилно и суверено. Генерално, неверојатно пријатно возење, дури и при повисоки брзини, како кај ретко кој друг автомобил од ниската класа!

Рафинираност
Peugeot можеби го ослабе 208 за околу 100 kg, но дефинитивно не на сметка на звучната изолација. Моторот е добро придушен и генерално работи без вибрации, а и целосната изолација од надворешните звуци е меѓу најдобрите во класата – 208 е тивок дури и при брзини до 150 km/h, што за автомобил од оваа класа е одличен резултат. Единствено, подвозјето испушта посилни звуци при поминувањето преку поголемите нерамнини...

Во кабината

Простор/Практичност
208 е можеби помал од својот претходник, но Французите успеале да извлечат многу повеќе од неговата внатрешност. Сега, простор има и на задната клупа... Всушност, задните седишта се едни од најпространите во класата, особено во просторот за колената. Внатрешноста има и доволно места за одлагање ситници, додека багажникот брои одлични 285 литри. Сепак, со спуштањето на задните седишта не се добива целосно рамен под, а и делива задна клупа нема во основното ниво на опрема.



Ергономија
Зад малиот волан, кој одлично лежи во рацете, лесно е да се најде идеалната позиција, а сите команди се секогаш на дофат на раката, во било која конфигурација. Но, инструмент таблата, која на хартија звучи добро (не бара оттргнување на погледот од патот), е најчесто блокирана од горниот дел од воланот, па понекогаш е тешко да се види која е брзината на возење, односно колкава е потрошувачката на борд компјутерот... Ниту прегледноста не е најдобра – предните „А“ столбови често го ограничуваат видикот при влез во кривина, а истото делумно важи и за големите „С“ носачи во задниот дел.

Опрема
На тест го имавме највисокиот пакет Allure, кој вклучува автоматски двозонски клима уред, 16” алуминиумски тркала, сензори за дожд и светло, екран на допир со аудио систем со USB+Bluetooth и 6 звучници, дневни LED светла, затемнети стакла назад, монохроматски внатрешен ретровизор, хромирани лајсни на прозорите, електрични стакла напред, електрични ретровизори, централна со далечинско, висинско подесување на возачко седиште, кожен управувач и менувач, магленки, делива задна клупа, 6 воздушни перничиња, ABS+ESP, Start&Stop систем… Навистина, опрема која може да посрамоти и некои модели од две класи погоре! Една напомена само, за вистинските аудиофили – аудио системот во ова ниво нема CD плеер, па музика може да се пушта само преку USB или Bluetooth (во помалку квалитетниот MP3 формат)!

Финансии

Трошоци за купување и одржување, потрошувачка

Цената од 17.490 евра за тестираниот модел се чини прилично висока, особено што се работи за автомобил од ниската класа, но овој модел доаѓа со исклучително богата опрема, па многу конкуренти со еквивалентен мотор и опрема се поскапи. Послабо опремените модели, со послаби мотори се секако поевтини и реално поисплатливи, а тоа особено важи за новите бензинци со три цилиндари, кои се економични скоро како дизел агрегатите... Peugeot има и добро развиена сервисна мрежа низ земјава, што во големо ќе го олесни одржувањето.

Кога е во прашање потрошувачката, дизелот кој го имавме на тест едноставно сјае. Реално, просекот изнесува 4,8 литри (3,8 литри фабрички), односно 5,4 литри во град (благодарение на одличниот Start&Stop систем) и 4 литри на отворено, што е извонреден резултат за перформансите кои ги нуди моторот. Ваквите резултати и не се изненадување – 208 ослабе преку 100 kg во однос на претходникот!

Квалитет, доверливост и повратна вредност
Целосниот квалитет кај 208 е на многу високо ниво. Употребените материјали се мошне солидни, а изработката е врвна. Peugeot е се подобар и на испитувањата за доверливост, но се уште не држи цена на пазарите за половни автомобили како јапонските или германските конкуренти.

Безбедност
Чисти пет ѕвездички на новите тестирања на EuroNCAP и стандардна опрема која вклучува 6 воздушни перничиња и ABS+ESP, доволно говорат за посветеноста на Peugeot кога е во прашање безбедноста, како и за целосната безбедност на 208.



Заклучок

Peugeot 208 е дефинитивно еден од најконзистентните модели во класата (секаде е при врвот), со одличен спој на позитивни особини и ситни недостатоци како чудно поставената инструмент табла, односно послабата прегледност. А, ако го прашаме срцето, дури и тие исчезуваат! Само погледнете го!


Предности:

•    Пространа внатрешност и голем багажник
•    Солидна удобност и одлична рафинираност
•    Одлични перформанси и ниска потрошувачка
•    Богата стандардна безбедносна опрема
•    Дизајн

Недостатоци:
•    Попречен видик кон инструмент таблата
•    Просечна прегледност


Peugeot 208
 Цени и нивоа на опрема
 Дополнителна опрема (*. Pdf)
 Краток опис
 Фотогалерија
 Видео




Стари коментари
   
КОМЕНТАРИ - СТРАНА  1 од 1
 



Нашата редакција остро се противи на верски, расистички и национални коментари. Сите непристојни коментари ќе бидат отстранети.

Целосна архива на текстови од Тест



 
 
 
 





Suzuki Swift


Одберете нов автомобил