Почетна страница Контакти Маркетинг Инфо
дома home avtomobili kola koli нови автомобили avtomobil kola koli половни avtomobil kola koli тестови avtomobil kola koli видеа avtomobil kola koli фотографии avtomobil kola koli форум avtomobil kola koli
  ПРОНАЈДИ НОВ АВТОМОБИЛ        НАЈНОВИ МОДЕЛИ        НАЈПОПУЛАРНИ       ТЕСТ       ПРЕМИЕРА        ВОЗЕВМЕ       СПОРЕДБИ       САЕМИ        ИДНИ МОДЕЛИ
Насловна > Новости > Тест > Тест – Volvo C30 D3
 
Spodeli
09 јули 2012, 10:34


Тест – Volvo C30 D3 Volvo C30 Тест – Volvo C30 D3
Не секогаш се случува производител кој е познат по безбедноста и удобноста, да изненади со напреден, спортски и шик дизајн...
fotografii фотографии Види фотографии komentari коментари Напиши коментар

Volvo C30 изненади многумина со концептот на мешавина од купе и хечбек, навлегувајќи длабоко во срцата и желбите на помладите купувачи. Но, може ли шведскиот премиум компакт подеднакво добро да го освои срцето после првите извозени километри?

Дизајн
Агресивна предна маска, високо издигнат страничен дел со мали стакла и заден дел со големо стакло кое навлегува во долниот дел... Навистина, лесно е ваквиот дизајн да го одвлече погледот и да влезе во срцето. Тестираниот модел со R-Design пакет, дополнително го нагласува модерниот и спортски дизајн и го издвојува С30 од конкуренцијата. Велат за вкусови не се расправа, но шведскиот компакт е најубав модел во премиум класата. Точка.

На пат

Перформанси
На тест го имавме дизелскиот 2.0 литарски турбо мотор со пет цилиндари, кој произведува 150 КС и 340 Nm достапни од 1.400 вртежи во минута. Токму последниов податок покажува како се однесува моторот – потегнува силно уште од 1.400 вртежи, да не речеме и брутално, а не застанува до 4.000 вртежи во минута. Бројките велат дека забрзувањето до стотка трае 9,4 секунди, а максималната брзина изнесува 210 km/h… Во пракса, С30 се чини дури и побрз!



Управливост/Удобност
Можеби надворешниот дизајн и R-Design опремата навестуваат спортско возење, но реално, С30 не е толку спортки колку што е еден удобен крстосувач. Суспензијата не е најмеко подесена, но извонредно добро се снаоѓа и со помалите и со поголемите нерамнини, како кај автомобил од повисоката класа и, вибрациите не ги пренесува во кабината. Цврстата суспензија придонесува и за солидната стабилност – каросеријата многу малку се навалува во крвините... Сепак, прецизноста во управувањето, а и воопшто целосната динамика не е на нивото на поновите модели во класата, како Audi А3 и BMW 1… Би рекле повеќе стабилно и безбедно отколку агилно и забавно. Згора на тоа, управувачот не враќа доволно информации од подлогата, а менувачот има малку подолги одови, што донесува еден финален заклучок дека C30 не нуди спортско доживување како што најавува неговата надворешна појава.

Рафинираност
Една од најимпресивните работи што може да се почувствуваат во возење е целосната рафинираност на моторот и подвозјето. Агрегатот, иако со 5 цилиндари, е толку добро придушен во целиот распон на работа, што на некои моменти речиси и да не се слуша. Одлична е и звучната изолација – со шепотење може да се зборува на брзина од 160 km/h, што е во најмала рака импресивно за еден компакт.

Во кабината

Простор/Практичност
Купе дизајнот надвор, нормално ја зема жртвата кај просторот во кабината. На предните седишта има простор на претек, но на задната клупа е многу тесно, па ако седне некој со над 180 сантиметри напред, бидете подготвени да го гушнете предното седиште со нозете... Багажникот пак брои 251 литри и е убедливо најмал во класата, помал од оние и на моделите од ниската класа. Задната врата, која е всушност воедно и задното стакло, е многу мала, што во превод значи и мал и висок отвор за товарање... Исто така, со спуштањето на задните седишта не се добива целосно рамен под, кабината нема премногу отвори за ситници, а и полицата на багажникот е незгодна за користење, бидејќи е направена за да може да го покрие просторот, за да не можат случајните минувачи да ѕирнат што има во него. А, да, спомнавме и дека С30 е регистриран само за четири патници?



Ергономија
Можеби не е простран на задната клупа, но С30 ја има една од најдобрите возачки позиции од возилата дури и до средната класа. Многу е лесно да се најде идеалната позиција, управувачот е поставен речиси под 90 степени со нозете, како кај спортските автомобили, педалите се поставени малку подалеку за нозете да бидат поиспружени и поодморени, а менувачот легнува природно на десната рака која е потпрена на средниот потпирач. Командите од средната конзола се лесно читливи и поставени на дофат на раката... Со еден збор – совршено.

Опрема
Основниот модел е опремен со 6 воздушни перничиња и цел сет контроли за стабилноста, IDIS систем за инфомирање на возачот, аудио систем, како и целосна електрика... Сиромашно, но ниту другите премиум конкуренти не нудат многу повеќе. Тестираниот R-Design модел, покрај спојлерите и 17 инчните спортски фелни, донесува и спортски патосници, педали, инструменти, трикрак спортски управувач и целосно кожен ентериер, а од другата опрема и автоматска клима, Performance аудио систем со AUX приклучок и контроли на управувачот, преден наслон за рака, темпомат, патен компјутер,  преден наслон за рака со преграда за ситници... Се чини вреди за доплатата од 4.230 евра, особено ако се цени изгледот. За оние кои не патат од изгледот, попрепорачливо е Kinetic новото на опрема, кое има се освен стилистичките спортски додатоци и нема кожни седишта, а чини 1.560 евра повеќе од основниот модел.

Трошоци

Трошоци за купување и одржување, потрошувачка
СО цена од 28.470 евра за моделот со Kinetic опрема и R-Design пакет, односно вкупно 31.643 евра за тестираниот модел со дополнителна опрема, С30 е далеку од евтин автомобил. Сепак, доколку се наполнат со сите ситници што ги има С30, вклучувајќи и 17 инчни тркала, специјален аудио систем, Volvo Guard Alarm, греачи на седишта, би-ксенон светла со систем за миење, паркинг сензори, двозонска клима и се што може да се замисли од опрема, главните конкуренти ќе бидат поскапи за неколку илјади евра...

Моторот, покрај одличните перформанси што ги нуди, е и штедлив. Реално, може да се помине со под 7 литри на 100 km во просек (5,8 литри фабрички), што е солиден резултат. Сепак, за вистинско штедење, препорака е дизелот со 115 КС, кој троши околу 5 литри во просек (4,3 фабрички) и е еден од најштедливите модели во класата.



Квалитет, доверливост и повратна вредност
Исклучително цврст и прецизно изработен, со материјали од висок квалитет, С30 е вистински Volvo каде и да се погледне. Шведскиот производител има и добра историја на квалитетни и доверливи возила, иако не на ниво на јапонските модели. Цената при препродажба треба да е постабилна во однос на „не“премиум конкурентите, но да паѓа повеќе во однос на германските премиум конкуренти.

Безбедност
Чисти пет ѕвездички по новите тестирања на EuroNCAP, но, искрено, очекуваше некој помалку? Се знае, Volvo и безбедност секогаш одат заедно, па така овој С30 е опремен со сите контроли на стабилноста и 8 воздушни перничиња... И познатиот шведски челик секако.




Заклучок

Можеби тесната задна клупа и малиот багажник ќе оттргнат многу купувачи, но ретко кој ќе може да одолее на надворешниот дизајн. И не само тоа – Volvo C30 нуди квалитетно, рафинирано и удобно возење кое не можат да го стигнат ниту некои модели од средната класа, што и не се среќава често во модел со оваа големина.

Навистина, разумот вели дека С30 е недоволно практичен и малку скап, но, како што велат постарите, понекогаш послушајте го срцето, тоа знае најдобро! А со ова Volvo, ако го направите тоа, ќе ви се исплати, гарантирано!

Предности:
•    Солидна удобност
•    Стабилност при повисоки брзини
•    Исклучителна рафинираност и звучна изолација
•    Извонредна ергономија

Недостатоци:
•    Тесна задна клупа (регистрирана само за двајца)
•    Многу мал багажник
•    Непрецизно управување


Volvo C30
 Цени и нивоа на опрема
 Дополнителна опрема (*. Pdf)
 Краток опис
 Фотогалерија
 Видео




Стари коментари
   
КОМЕНТАРИ - СТРАНА  1 од 1
 



Нашата редакција остро се противи на верски, расистички и национални коментари. Сите непристојни коментари ќе бидат отстранети.

Целосна архива на текстови од Тест



 
 
 
 





Suzuki Swift


Одберете нов автомобил