Почетна страница Контакти Маркетинг Инфо
дома home avtomobili kola koli нови автомобили avtomobil kola koli половни avtomobil kola koli тестови avtomobil kola koli видеа avtomobil kola koli фотографии avtomobil kola koli форум avtomobil kola koli
  ПРОНАЈДИ НОВ АВТОМОБИЛ        НАЈНОВИ МОДЕЛИ        НАЈПОПУЛАРНИ       ТЕСТ       ПРЕМИЕРА        ВОЗЕВМЕ       СПОРЕДБИ       САЕМИ        ИДНИ МОДЕЛИ
Насловна > Новости > Тест > Тест – Suzuki Swift Sport
 
Spodeli
14 јуни 2012, 16:43


Тест – Suzuki Swift Sport Suzuki Swift Sport Тест – Suzuki Swift Sport
Да појасниме тука некои работи – во Formula 1, секогаш е најдобар болидот со најдобра шасија, а не оној со најсилен мотор... Всушност, тајната секогаш лежи во кривините, а неа, од малечките спортисти, знае да ја открие само Suzuki Swift Sport....
fotografii фотографии Види фотографии komentari коментари Напиши коментар

Со 136 КС, на хартија Swift Sport и не изгледа претерано импресивно – конкурентите нудат и 50-60 КС повеќе. Но, вистинските уживатели во спортското возење, знаат дека има многу поважни работи од само силен мотор. А јапонскиот спортист има специјален спортски шалтер во менувачот, специјално подесено управување и супер избалансирана шасија – тука, се е во рацете на возачот. Буквално!

Дизајн
Уште на прво поглед е јасно – овде не се работи за обичен Swift. Можеби промените не се претерано големи, но спојлерите, крилата, црните фарови напред и големите тркала, надополнети со бојата на тест возилото, оставаат впечаток на вистински спортски автомобил. Од каде и да се погледне, Swift Sport изгледа како луто пиперче, како во секој момент да е спремен за пресметка. Внатрешноста не доживеа толку големи промени, но монотонијата успешно ја разбиваат спортските „када“ седишта, како и кожата на менувачот, воланот и рачната кочница. Доволно за да се знае дека ова не е стандардниот Swift.



На пат

Перформанси
„Па и не е многу брза колава“ – беа коментарите на некои од патниците кога ги повозевме во град, со менување на брзините до 4.000 врт/мин... Точно, до таму 1,6 литарскиот атмосферски бензинец со 136 КС се однесува како секој мотор од оваа категорија, но кога ќе се помине таа магична граница, малиот мотор како да збрлавува! Самиот звук најавува промена на карактерот – како да се буди друг мотор под хаубата, како во моментот да сте лапнале „спид“... Не, не сме пробале дрога, но тоа што Swift го прави на организмот, веројатно не може да се постигне ни со некоја хемиска супстанца... Според фабричките податоци, забрзувањето до стотка трае 8,7 секунди, додека максималната брзина изнесува 195 km/h. Но, не е се во бројките нели!

Секако, неминовна е споредбата со турбашите од класата. Swift Sport можеби нема да потегне од ниски вртежи како нив, но атмосферските мотори секогаш имаат побрз одговор на педалата за гас – моторот реагира инстантно, за разлика од турбо моторите, што е многу важно при возење во кривините – автомобилот се контролира многу полесно.



Управливост/Удобност
Онаму каде Swift Sport едноставно брилира е шасијата и возењето по кривините. Уште по првото свртување на воланот, станува јасно дека автомобилот инстантно реагира на командите, давајќи му целосна контрола на возачот точно да го пресмета влезот во секој свиок. На излез од свиоците, скоро и да нема подуправливост, а ако се претера, корекцијата е исклучително лесна. Извонредната балансираност на подвозјето најдобро се забележува во долгите свиоци – Swift Sport лесно ја држи зададената патека на движење... Добриот баланс му овозможува на возачот и да си поигра со автомобилот, на пример да го занесе задниот крај, и притоа лесно да го врати во саканата линија... Тука на големо помагаат и извонредно прецизното управување и шест степениот менувач со спортски краток од...

А за разлика од другите спортисти, Swift Sport не е претерано штетен по бубрезите. Секако, не очекувајте удобност на нивото на обичниот модел, но благодарение на одлично подесеното подвозје, се намалува потребата од тврда амортизација, па Swift Sport е поудобен од главните конкуренти и тука единствено се чувствуваат ударите од поголемите дупки.

Рафинираност
Нормално, самата намена на автомобилот најавува малку погласен мотор. Но, овој звук тешко дека на патниците нема да им се допадне, а благодарение на шестата брзина, на автопат кабината и не е претерано гласна. Моторот го карактеризира и висока рафинираност, односно работа без вибрации, па единствен звук кој може да пречи е од подвозјето при поминување преку поголеми дупки... Рака на срце, така е кај сите спортски автомобили.

Во кабината

Простор/Практичност
Пространоста е како кај обичниот модел, со напомена дека спортските седишта одземаат по некој милиметар на задната клупа, што во превод значи дека кабината нуди простор во просекот на класата. Најголема болка и кај овој Swift е багажникот од само 211 литри. Кабината сепак има доволно места за одлагање ситници.

Ергономија
Зад управувачот, лесно е да се најде идеалната позиција, а сите команди се лесно читливи и на дофат на раката. Многу поважно, воланот е помал и подебел и многу добро лежи во рака. Видливоста е солидна, како и кај стандардниот Swift.



Опрема
Опремата е фантастично богата и вклучува автоматска клима, целосна електрика, ABS+ESP, 7 воздушни перничиња, радио со CD+MP3+USB, би ксенон светла, Bluetooth, систем за влегување и стартување без клуч, грејачи на ретровизори, светла за магла, спортски седишта, 17 инчни алуминиумски тркала... Кога на ова ќе ја додадеме и просечната потрошувачка од извонредно ниски 6,2 литри (!!!), станува јасно дека Swift Sport е поисплатлив и од многу конкуренти кои не го носат предзнакот спортски...

Трошоци

Трошоци за купување и одржување, потрошувачка
Со цена од 15.900 евра и толку богата опрема, Swift Sport е најисплатливиот спортист на пазарот, без конкуренција. Всушност, за истите пари и со иста опрема, конкуренцијата нуди 20-30 КС послаби мотори, нормална шасија... Згора на тоа, Suzuki важи за еден од најквалитетните брендови, што значи и поевтино одржување.

Она што најмногу изненадува кај Swift е потрошувачката – фабричките податоци велат само 5,2 литри на 100 km!!! Реалните бројки и не се толку далеку – во град Swift Sport, со нормално возење ќе се задоволи со 7 литри, додека на отворено со околу 5 литри гориво. Просечно измеривме 6,2 литри на 100 km, што е резултат на кој можат да позавидат модели од ниската класа со 50-60 КС помалку!!! Дури и ако се вози спортски, до границите, Swift Sport троши само еден литар повеќе гориво од претходно наведеното. Навистина импресивно достигнување!

Квалитет, доверливост и повратна вредност
Кабината е стандардно добро изработена, како и кај обичниот Swift, но тука е посветено поголеми внимание на деталите и се употребени поквалитетни материјали, како кожа на некои места.

Според истражувањата за доверливост, Swift е секогаш при врвот во класата, а тоа особено важи за спортскиот модел, кој е најдоверлив во класата на мали спортисти. Цената исто така нема да има голем пад на пазарите за половни автомобили.

Безбедност
Чисти пет ѕвездички за Swift на тестирањата на Euro NCAP и особено импресивен резултат за заштита на возрасните патници од високи 94%. Дополнителен плус за безбедноста најавува и исклучително богатата безбедносна опрема од 7 воздушни перничиња и стандардните ABS и ESP.



Заклучок

Извонредно динамичен и забавен, Swift Sport е најзабавниот модел што може да се купи за 15.900 евра, без конкуренција. А згора на тоа, евтин за одржување, економичен како мал градски автомобил и доволно простран и удобен... Љубители на возењето, што чекате!?

Предности:
•    Екстремна забава
•    Извонредна динамика во возењето
•    Целосната контрола е кај возачот
•    Управувањето и менувачите се фантастично прецизни
•    Жив и агилен мотор
•    Солидна удобност и рафинираност (како за спортски модел)
•    Исклучително ниска потрошувачка
•    Одлична цена, неверојатно богата опрема

Недостатоци:
•    Малку послаби перформанси од спортските конкуренти
•    Мал багажник
•    Спортските седишта одземаат по некој сантиметар простор на задната клупа


Suzuki Swift Sport
 Цени и нивоа на опрема
 Дополнителна опрема (*. Pdf)
 Краток опис
 Фотогалерија
 Видео




Стари коментари
   
КОМЕНТАРИ - СТРАНА  1 од 1
 



Нашата редакција остро се противи на верски, расистички и национални коментари. Сите непристојни коментари ќе бидат отстранети.

Целосна архива на текстови од Тест



 
 
 
 





Suzuki Swift


Одберете нов автомобил