Почетна страница Контакти Маркетинг Инфо
дома home avtomobili kola koli нови автомобили avtomobil kola koli половни avtomobil kola koli тестови avtomobil kola koli видеа avtomobil kola koli фотографии avtomobil kola koli форум avtomobil kola koli
  ПРОНАЈДИ НОВ АВТОМОБИЛ        НАЈНОВИ МОДЕЛИ        НАЈПОПУЛАРНИ       ТЕСТ       ПРЕМИЕРА        ВОЗЕВМЕ       СПОРЕДБИ       САЕМИ        ИДНИ МОДЕЛИ
Насловна > Новости > Тест > Тест – Toyota Corolla 1.4 D4-D Terra
 
Spodeli
29 февруари 2012, 20:06


Тест – Toyota Corolla 1.4 D4-D Terra Toyota Corolla - old Тест – Toyota Corolla 1.4 D4-D Terra
Ретко кој автомобил носи товар на своите рамена како Corolla. Јапонскиот бестселер е најпродаваниот автомобил на сите времиња, со над 30 милиони продадени примероци!...
fotografii фотографии Види фотографии komentari коментари Напиши коментар

Веќе 10 генерации, овој навидум конзервативен и недопадлив автомобил, ги освојува срцата на фамилиите... Рековме срцата? Да, долговечноста, економичноста, евтиното одржување, практичноста и удобноста, прави фамилијарните купувачи и со срцето и со разумот, да ја вреднуваат повеќе од конкурентите... Дали и покрај како никогаш жестоката конкуренција, Corolla ќе успее да одолее и повторно ќе го привлече фамилијарниот човек? Прочитајте подолу...

Дизајн

Од каде и да се погледне, има нешто американско во дизајнот на Corolla. Насекаде чиста, конзервативна елеганција. Corolla го нема изгледот на „додаден“ багажник, што го имаат повеќето европски седани од компактната класа, што дополнително придонесува автомобилот да изгледа компактно и складно. Не, овој дизајн сигурно нема да предизвика случајните минувачи да го повежбаат вратот, но, кога и некоја Corolla го правела тоа?



Редизајнираниот модел кој го имавме на тест донесува неколку ситни промени во предниот и задниот дел, пред се во светлосните групи, но промените не се толку големи за претходниот модел да изгледа застарен. Можеби и тука делумно лежи тајната кај задоволството на сопствениците на Corolla…

На пат

Перформанси
Иако на хартија мал, особено ако се знае дека треба да придвижува над 4,5 метри долг автомобил, 1.4 литарскиот турбо дизел со 90 КС при 3.800 врт/мин изненадувачки динамично ја потегнува Corolla. Ова е пред се благодарение на вртежниот момент од 205 Nm достапен од 1.800 до 2.800 врт/мин, кој дозволува течни забрзувања безмалку во сите шест степени на пренос. Едноставно, автомобилот солидно потегнува секогаш кога тоа ќе се побара од него. Според фабричките податоци, забрзувањето до стотка трае 11,9 секунди, додека максималната брзина изнесува 175 km/h.

Управливост/Удобност
Никој и не го очекува тоа од Corolla, но ајде ќе кажеме, не е возачки автомобил. Да, има изненадувачки прецизно управување, одличен менувач и е исклучително стабилен на автопат, но на јапонскиот бестселер му фали динамичноста и агилноста на европските конкуренти. Затоа, она што недостасува кај динамиката е целосно префрлено во удобноста. Corolla исклучително лесно се справува со дупките на патот, впивајќи ги без да пренесе некои поголеми потреси во внатрешноста. Згора на тоа, целосната шасија се однесува цврсто и не пренесува вибрации, дури и при возење по калдрма! Сумирано, Corolla e веројатно еден од најпријатните автомобили за патување...



Рафинираност
Јапонското „дизелче“ работи како часовник – пренесува малку вибрации и потреси во внатрешноста и е исклучително добро придушен. Кабината останува тивка и на повисоки брзини, благодарение на целосно добрата звучна изолација, а дури и суспензијата е тивка при поминувањето преку поголемите нерамнини.

Во кабината

Простор/Практичност
Исто како и Auris, на чија платформа лежи, Corolla е еден од најпространите седани во компактната класа. Простор за возрасни има и напред и назад, дури и за третиот патник во средината, благодарение на целосно рамниот под. Багажникот брои солидни 450 литри, што послабо од некои конкуренти, но истиот е добро организиран и со правилна форма.



Интересно, Corolla брилира и кога е функционалноста во прашање – во внатрешноста има многу употребливи отвори за ситници и пијалаци, а пред совозачот има и две фиоки. Секако, малата врата од багажникот го отежнува внесувањето поголеми предмети, но тоа е болка на сите седани.

Ергономија
Возачот лесно ќе ја најде идеалната возачка позиција – седиштето и воланот се подесуваат во сите правци. Седењето е релаксирачко, менувачот е одлично поставен и сите команди се на дофат на раката, а прегледноста е солидна и напред и назад. Копчињата од аудио уредот се големи и јасно читливи, а истото важи и за командите од клима уредот, иако копчето за патниот компјутер е поставено на инструмент таблата и е малку незгодно за користење (раката треба да се тргне од воланот). Уште во основното ниво на опрема да имаше и команди на воланот за аудио уредот, ќе беше чиста десетка...



Опрема
На тест го имавме основниот модел Terra, кој е прилично добро опремен. Доаѓа со мануелна клима, предни електрични прозори, електрични ретровизори, радио со CD+MP3+AUX+USB и 4 звучници, делумно затемнети стакла, волан подесив по височина и длабочина, патен компјутер... Се чини покриени се сите основни потребштини, иако за додатоци, како на пример автоматска клима, треба да се порача повисокиот пакет на опрема, односно не може просто да се доплати само за една ставка од опремата. Уште еден минус е и што со моторот 1.4 D4-D не се нуди темпомат, во ниту едно ниво на опрема, иако истиот и тоа како одговара на типот на автомобилот! Оваа болка ја имаат неколку модели на Toyota од компактната и средната класа, што наше мислење е дека треба да се поправи што побрзо!

Финансии

Трошоци за купување и одржување, потрошувачка
Со цена од 17.490 евра за основниот дизелски модел (15.990 за бензинецот 1.33 со 101 КС), редизајнираната Corolla е еден од најскапите модели во компактната седан класа, скоро навлегувајќи во територијата на средната класа. Toyota ова делумно го оправдува со високата гаранција од 5 години или 160.000 поминати километри, како и со евтиното одржување, но факт е,  цената и натаму е висока.

На среќа, трошоците при експлоатација ќе бидат многу помали, пред се благодарение на економичниот дизел, кој според фабричките податоци троши 4,7 литри во просек, односно 5,7 во град и 4,2 на отворено. Реално, бројките не се разликуваат премногу од фабричките, па во град ние измеривме 6,4 литри, односно 5 литри на отворено, што би рекло просек под 6 литри! Со оглед на големината на автомобилот и понудените перформанси, ова е извонреден резултат!



Квалитет, доверливост и повратна вредност

Веќе половина век Corolla го носи епитетот најдоверлив автомобил. И покрај новите технологии, кои се вградуваат во секоја нова генерација, јапонскиот бестселер и натаму е на врвот од истражувањата за квалитет и задоволство на купувачите низ целиот свет. Високиот квалитет е видлив и во внатрешноста, каде завршната обработка е на највисоко ниво и се употребени мошне квалитетни материјали (Corolla тука е за класа подобра од Auris на пример). Затоа и препродажната цена ќе биде висока, на нивото на еден VW Golf на пример.

Безбедност
Чистите пет ѕвездички (по старите тестирања на EuroNCAP), се показател за цврстата и безбедна каросерија на Corolla, но безбедносната опрема не е на највисоко ниво. Основниот модел има 4 воздушни перничиња и ABS+EBD+BA, но се доплаќа за ESP+TRC.

Заклучок

Corolla и натаму е (скоро) перфектниот фамилијарен автомобил. Удобна е и пространа како автомобил од средната и економична како автомобил од ниската класа, а го носи епитетот и на најдоверлив автомобил на сите времиња. Всушност, ако ја тргнеме високата цена настрана, јапонскиот седан ќе биде еден од најдобрите автомобили во класата, ако не и најдобар, што доволно кажува за каков автомобил се работи. Па, белки не направиле грешка преку 30 милиони фамилии изминативе 50-тина години...


Предности:

- Високо ниво на удобност
- Рафинираност и одлична звучна изолација
- Простор и напред и назад, дури и за третиот патник во средината
- Одлична ергономија, добро поставени и читливи команди
- Прецизен менувач
- Места за одлагање ситници во внатрешноста
- Солидни перформанси
- Ниска потрошувачка


Недостатоци:

- Висока цена
- Не е динамична и агилна како конкурентите
- Копчето за патниот компјутер е на инструмент таблата
- Не се нуди темпомат со 1.4 дизелот


Toyota Corolla - old
 Цени и нивоа на опрема
 Дополнителна опрема (*. Pdf)
 Краток опис
 Фотогалерија
 Видео




Стари коментари
   
КОМЕНТАРИ - СТРАНА  1 од 1
 



Нашата редакција остро се противи на верски, расистички и национални коментари. Сите непристојни коментари ќе бидат отстранети.

Целосна архива на текстови од Тест



 
 
 
 





Suzuki Swift


Одберете нов автомобил