Почетна страница Контакти Маркетинг Инфо
дома home avtomobili kola koli нови автомобили avtomobil kola koli половни avtomobil kola koli тестови avtomobil kola koli видеа avtomobil kola koli фотографии avtomobil kola koli форум avtomobil kola koli
  ПРОНАЈДИ НОВ АВТОМОБИЛ        НАЈНОВИ МОДЕЛИ        НАЈПОПУЛАРНИ       ТЕСТ       ПРЕМИЕРА        ВОЗЕВМЕ       СПОРЕДБИ       САЕМИ        ИДНИ МОДЕЛИ
Насловна > Новости > Тест > Тест – Mercedes B180 CDI BlueEfficiency
 
Spodeli
01 февруари 2012, 00:42


Тест – Mercedes B180 CDI BlueEfficiency Mercedes-Benz B-Class Тест – Mercedes B180 CDI BlueEfficiency
Со лансирањето на првата генерација на B класата, Mercedes храбро најави дека ќе земе од колачот на популарната А3-ка на Audi, а подоцна и од Серијата 1 на BMW...
fotografii фотографии Види фотографии komentari коментари Напиши коментар

Но, наместо со компактен автомобил, Mercedes се одлучи на квази MPV варијанта, која наместо на спортскиот дизајн, амбиции и возни својства, се потпираше на функционалноста и комфорот. Ова запали кај купувачите кои сакаа практичен Mercedes, но В класата и не предизвикуваше свртување по улиците, забава во возењето или некој особен имиџ...

Сето ова, Mercedes се обиде да го смени во новата генерација. Со многу понизок профил, помалку комби, а повеќе елегантен дизајн и ветување за подинамични возни својства, B класата ќе се обиде да им влезе под кожа и на оние кои се загрижени за стилот и повремено сакаат да си поиграат со можностите на својот автомобил. Секако, и натаму уживајќи во големиот простор во внатрешноста.

Дизајн

Од денес задолжителните LED светла напред, па се до задниот дел, новата В класа зрачи со неверојатна елеганција и флуидност. Сите линии се чини се сместени на вистинското место, оформувајќи добро извајана целина, без непотребни додатни елементи. Можеби нема да го предизвика “WOW” ефектот на премиум конкурентите, но во моментов, ова е најдобрата моноволуменска изведба во дизајнерска смисла – B Class се чини како да е обликувана од едно парче...



На пат

Перформанси
Некогаш бројките воопшто не ја доловуваат вистинската слика. Токму таков е случајот со 1,8 литарскиот турбо дизел со Common Rail технологија, кој беше вграден во тест возилото. Иако со „само“ 109 КС од 3.200-4.600 врт/мин и вртежен момент од 250 Nm достапен од 1.400-2.800 врт/мин, најмалиот дизел во понудата изненадувачки добро повлекува од ниските вртежи, не застанувајќи ни до црвеното поле, во манир на прав, спортски бензинец. Едноставно, моторот добро повлекува во сите режими на работа, влевајќи му голема доза на сигурност на возачот дека целата моќ е достапна уште на првото притискање на педалата. Тука помагаат и добро одмерените преносни односи во 6-степениот менувач. Бројките велат дека забрзувањето до стотка трае 10,9 секунди, додека максималната брзина изнесува 190 km/h… Не се спортски, но во реалноста, моторот ниту еднаш не покажува дека има недостаток на сила или момент.

Управливост/Удобност
Можеби нудеше извонредно пространа кабина, но сите се сложија, претходната генерација на B Class не беше удобна како што би сугерирала трокраката ѕвезда, а особено не беше динамична, напротив, имаше многу слаби возни својства.

Уште по првите неколку километри, можеме да потврдиме дека новата генерација е целосно различен автомобил – многу покасно пролизгува преку предните тркала, овозможувајќи многу побезбедно и постабилно возење во граничните ситуации, особено при повисоки брзини. Згора на тоа, благодарение на пониската каросерија, В класата многу помалку се навалува во свиоците, што е голем плус и за удобноста. Секако, не очекувајте динамика „а-ла“ BMW 1, но за просечниот возач, B Class вози и повеќе од доволно добро.

Суспензијата, исто така, овозможува многу поудобно возење, добро впивајќи ги дупките и ситните нерамнини и правејќи ги подолгите патувања вистинско задоволство.



Рафинираност
Во манир на вистински Mercedes, повеќе и отколку кај С класата која ја имавме на тест исто така со дизел мотор, В класата е тивка, рафинирана машина. Моторот се одгласува како татнеж слушнат од неколку километри оддалеченост, притоа предизвикувајќи многу малку вибрации. За пофалба е и намалувањето на звукот од надворешноста, благодарение на подобрената аеродинамика од 0,26 Cd (убедливо најдобра во MPV сегментот), иако и натаму се слуша повеќе ветер отколку кај нормално дизајнираните автомобили.

Во кабината

Простор/Практичност
Било дали се работи за предните или задните седишта, В класата е шампион кога е во прашање просторот за глава и колена, макар и ако го споредиме со Е класата! Една замерка сепак, дека за разлика од моноволумените на „не“ премиум производителите, тука нема дедицирано седиште за третиот патник, а и во средината тунелот е поголем од вообичаеното, па реално, во кралскиот комфор ќе уживаат само 4 лица. Дополнителен минус за практичноста е тоа што нема трет ред на седишта, а и вториот ред не се лизга напред назад... Багажникот брои задоволителни 488 литри, иако и тоа е во просекот на MPV компактната класа.



Ергономија
Се чини еден од главните проблеми на претходната генерација беше поставеноста зад управувачот. Се седеше премногу високо, а воланот беше премногу вертикално поставен, како кај спортски автомобил. Mercedes сфати дека ваквото сместување нема што да бара кај еден крстосувач, па седењето напред е многу порелаксирано, иако и натаму малку повисоко и понеудобно отколку кај „вистинските“ Mercedes-и, како C и Е класата.

Командите се логично изведени, но пречи малку пониската поставеност на оние за клима уредот. Аудио уредот, иако се чини натрупан со премногу копчиња, е лесен и интуитивен за користење, благодарение на џојстикот поставен покрај менувачот.



Опрема
Не е ништо ново ако кажеме дека кај Mercedes се доплаќа за опрема која е стандардна за истата цена кај „не“ премиум конкурентите, но основните потребштини, како целосната електрика, автоматска клима и добар аудио уред се тука. Особено е богата опремата за безбедноста, па сите модели се опремени со Attentiot Assist систем, кој со звучен сигнал предупредува доколку многу се доближите до некое возило, а во исто време не гледате на патот (на пример си играте со аудио уредот), 7 воздушни перничиња, BAS+ABS+ESP+ASR, адаптивни светла, електрична паркирна кочница, помош за тргнување по нагорнина, како и сензори кои прикажуваат истрошеност на плочките за сопирачките и притисокот во гумите.

Финансии

Трошоци за купување и одржување, потрошувачка
Со цена од 26.490 евра за стандардно опремената В класа со 1,8 дизел моторот со 109 КС, моделот од Штутгарт е најскап меѓу MPV конкурентите. Тестираниот модел беше опремен и со дополнителна опрема во вредност од 5.112 евра (31.602 евра), која вклучува комбинација од кожа и штоф на седиштата, Cirus-white бела боја, Run Flat гуми, би ксенон светла, пакет за багажник, како и Sport пакет со 17 инчни алуминиумски тркала, спортска суспензија со директно управување, украсни елементи во внатрешноста во изглед на саке и управувач во Nappa кожа, црн тапацир на кровот и пакет за комфор на седишта.

Онаму каде В класата брилира е потрошувачката... Секако, податокот за просек од 4,6 литри на 100 km не смее да се сфати премногу сериозно, но реално, може да се вози со просечна потрошувачка од околу 6 литри, односно 7,5 во град и под 5 на отворено, што во најмала рака е одличен резултат. За пофалба е и системот Stop&Start, кој покрај тоа што штеди гориво, воедно е и најрафинираниот кој сме го пробале досега.



Квалитет, доверливост и повратна вредност
Mercedes во последните неколку години се врати на старите патеки кога е доверливоста во прашање, па не би требало да има посериозни дефекти од механички карактер. Високиот квалитет е видлив и во внатрешноста – материјалите се најфини во класата, а е постигнат и голем напредок во завршната обработка.

Сепак, вредно за споменување е дека и покрај толку посакуваното лого на предниот поклопец, В класата не ја задржува толку добро цената на пазарите за половни автомобили, барем не како што би се очекувало од еден Mercedes.

Безбедност
Чисти пет ѕвездички по најновите тестирања на EuroNCAP, со одлични оценки во сите критериуми, јасно укажуваат на тоа дека В класата е лидер во сегментот кога е безбедноста во прашање. На ова се надополнува и исклучително богатата безбедносна опрема.

Заклучок

Mercedes B Class е и натаму вистинскиот избор за купувачите кои сакаат компактен премиум модел, но не сакаат да се откажат од просторот и практичноста. Перфектната мешавина од добрите возни својства, просторот, удобноста и рафинираноста, го прават новиот премиум моноволумен перфектен сопатник за подолгите патувања. Сумирано, новата В класа е многу покомплетен автомобил од својот претходник.



Од друга страна, купувачите кои бараат моноволумен, а не сакаат да платат премиум цена и не им е важен брендот, подобро ќе бидат послужени со моделите од „не“ премиум сегментот, кои нудат 7 седишта, многу подобра функционалност, побогата опрема и сето тоа за помалку пари... Но, Mercedes си е Mercedes, а сите други се само автомобили, нели?

Предности:

-  Исклучителен простор за 4 патници
-  Одличен компромис меѓу удобноста и возните својства
-  Високо ниво на механичка рафинираност
-  Одличен дизел мотор – солидни перформанси и ниска потрошувачка
-  Богата опрема за безбедноста
-  Квалитетна кабина


Недостатоци:

-  Послаба функционалност во однос на компактните моноволумени
-  Неудобно седење за петтиот патник
-  Премногу ниско поставени команди за клима уред
-  Скапи доплати за опрема
-  Висока цена


Mercedes-Benz B-Class
 Цени и нивоа на опрема
 Дополнителна опрема (*. Pdf)
 Краток опис
 Фотогалерија
 Видео




Стари коментари
   
КОМЕНТАРИ - СТРАНА  1 од 1
 



Нашата редакција остро се противи на верски, расистички и национални коментари. Сите непристојни коментари ќе бидат отстранети.

Целосна архива на текстови од Тест



 
 
 
 





Suzuki Swift


Одберете нов автомобил