Почетна страница Контакти Маркетинг Инфо
дома home avtomobili kola koli нови автомобили avtomobil kola koli половни avtomobil kola koli тестови avtomobil kola koli видеа avtomobil kola koli фотографии avtomobil kola koli форум avtomobil kola koli
  ПРОНАЈДИ НОВ АВТОМОБИЛ        НАЈНОВИ МОДЕЛИ        НАЈПОПУЛАРНИ       ТЕСТ       ПРЕМИЕРА        ВОЗЕВМЕ       СПОРЕДБИ       САЕМИ        ИДНИ МОДЕЛИ
Насловна > Новости > Тест > Тест – Toyota Yaris 1.0 VVT-i Genius
 
Spodeli
30 јануари 2012, 03:48


Тест – Toyota Yaris 1.0 VVT-i Genius Toyota Yaris Тест – Toyota Yaris 1.0 VVT-i Genius
Најуспешниот модел на Toyota на европскиот пазар ја доживеа и третата генерација, која конечно ќе се обиде да го привлече и посилниот пол...
fotografii фотографии Види фотографии komentari коментари Напиши коментар

Секако, успехот на претходниците не се должеше само на „слатката“ привлечност или на „цаканоста“... Yaris беше првиот модел во сегментот што понуди вистински варијабилна и пространа внатрешност, скоро како многу поголемите и поскапи моноволумени, што го стави во преден план кај фамилиите.

На изненадување на сите, новиот Yaris веќе не е практичен како претходниците – задната клупа веќе не се лизга ниту навалува, а и внатрешноста има многу помалку места за одлагање на ситници... Ќе можат ли ветениот напредок во динамиката на возењето, подобриот дизајн и подигнувањето на квалитетот во внатрешноста да го задржат Yaris на врвот во класата? Прочитајте подолу...

Дизајн

Третата генерација на Yaris, конечно доаѓа со надворешен стајлинг кој ќе го привлече и посилниот пол. Динамичноста е изразена од секој агол, благодарение на поострите линии, иако е задржан препознатливиот облик од претходната генерација. Резултатот е многу подопадлив автомобил, со поспортски линии, но и натаму, и покрај напредокот, Yaris е далеку од врвот на класата... Многу подобар од претходникот, но се уште повоздржан дизајн – како и секогаш Toyota играше на сигурна карта...



На пат

Перформанси
На тест го имавме веќе добро познатиот 1.0 литарски бензинец со три цилиндари и сила од 69 КС и 93 Nm при релативно високи 3.600 врт/мин. Малиот мотор доволно добро се носи во градски услови – брзо достигнува високи вртежи и постигнува солидни забрзувања. Сепак, излегувањето на автопат покажува дека се работи за мал мотор – дури и помалите нагорнини предизвикуваат потешкотии. Перформансите малку ги расипуваат и подолгите односи во менувачот, кои рака на срце ја намалуваат потрошувачката. Според фабричките податоци забрзувањето до стотка изнесува 15,3 секунди, додека максималната брзина 155 km/h, што е во просекот на класата на мали мотори.



Управливост/Удобност
Претходните две генерации на Yaris беа јасно подесени со цел повисока удобност, на сметка на возните својства. Во новиот Yaris сега е обратно – инженерите велат дека големо внимание е посветено на возните својства. Затоа, удобноста веќе не е на нивото на претходникот, иако Yaris и понатаму е меѓу поудобните модели во класата. Останува карактеристичното потскокнување на поголемите нерамнини, но така е кај сите полесни мали автомобили.

Возните својства се подобрени во однос на претходната генерација, но Yaris и натаму не е возачки автомобил. Се навалува многу помалку во кривините и генерално се контролира полесно од претходникот, но и натаму е зад најдобрите во класата, Fiesta и Mazda 2. Затоа, Yaris повторно е шампион кога станува збор за возење низ град. Управувањето е лесно, менувачот лизга низ степените, а кругот на свртување и димензиите се најмали во класата... Во споредба со конкурентите, при возење во тесни улички, Yaris делува како една класа помал автомобил, во позитивна смисла секако.

Рафинираност
И покрај карактеристичниот “Porsche” звук на малиот мотор, кабината на Yaris останува тивка и при повисоки брзини, а моторот се слуша само при силни забрзувања и при повисоки вртежи. И вибрациите се добро придушени, и покрај тоа што генерално моторите со три цилиндари „тресат“ малку повеќе од оние со четири. Постигнат е голем напредок и кај звукот од ветерот и од гумите, па целосно, возењето на автопат е многу попријатно во однос на претходникот.

Во кабината

Простор/Практичност
Уште со лансирањето на првата генерација, Toyota вети дека Yaris нема само да фигурира како автомобил со пет седишта, туку и удобно ќе може да ги смести. Новата генерација додава по неколку сантиметри во сите правци на и така најпространиот автомобил во класата, па Yaris сега може да им конкурира и на некои модели од компактната класа, било дали се работи за просторот напред или назад. И багажникот доби неколку литри плус, па со 286 е меѓу најголемите во класата.

Сепак, за разлика од претходникот, низ внатрешноста нема веќе толку места за одлагање за ситници (има само една фиока во предната арматура, претходникот имаше три, две пред совозачот и една пред возачот), отворите за пијалак не се веќе сместени кај отворите за вентилација, а и задната клупа не се лизга напред назад... Да не бидеме сфатени погрешно, ниту конкурентите во класата не се подобри во овој поглед, напротив, но токму практичноста беше онаа која го правеше Yaris различен од другите модели од класата... Сега, чувството внатре е повеќе како во нормален автомобил, отколку како во моноволумен.



Ергономија

Целосно новиот распоред на инструментите во внатрешноста, придонесува и за подобрена ергономија. Сите команди се на дофат на раката, а копчињата се големи и лесно читливи. Главните команди се лесно достапни и на совозачот, особено оние на аудио уредот, а уште во основниот модел се достапни и команди на воланот, што е вистинска реткост во класата. Седењето, за разлика од претходникот е пониско, но и натаму повисоко во однос на конкурентите, што е добро за видливоста во град, а возачот лесно може да ја најде вистинската позиција благодарение на подесувањето на воланот по височина и длабочина уште во стартниот модел.

Опрема
„Најинтелигентен“ модел во класата... Така Toyota ни го претстави новиот Yaris, благодарение на достапниот мултимедијален Touch&Go уред (достапен кај Luna пакетот), кој во поскапите верзии доаѓа со апликации како кај smart телефоните, меѓу кои и апликација за Facebook. Основниот модел, кој и го имавме на тест,  не е опремен со овој систем, но и натаму нуди прилично богата опрема, која вклучува ABS+EBD+BAS, 4 воздушни перничиња, Isofix подготовка за детско седиште, централна брава со далечинско, електрични стакла напред, електрични ретровизори со греење, радио со CD+MP3 и AUX+USB приклучок со 6 звучници и команди на волан, серво управувач подесив по висина и длабочина, задна делива клупа 60:40 и висинско подесување на возачкото седиште... Тестираниот модел беше опремен и со Style пакет со 15 инчни алуминиумски тркала, заден кровен спојлер и хромирана лајсна на вратата од багажникот, кој чини 1.300 евра, но за новогодишните празници, Toyota го нуди бесплатно.

Финансии

Трошоци за купување и одржување, потрошувачка
Со стартна цена од 10.990 за моделот кој го имавме на тест, со бензинецот со 69 КС, Yaris е еден од најскапите модели во класата. Секако, се работи за нов модел и тоа е очекувано, а и стартната опрема е солидна, но, особено на нашиот пазар, цената игра главна улога, а тука Yaris заостанува зад конкуренцијата. Повисоката цена делумно ја оправдува високата гаранција од 5 години или 160.000 километри, која е највисока на пазарот.

Згора на тоа, малиот бензинец е најштедлив мотор во класата. Toyota ветува просек од 4,8 литри на 100 km, односно 5,7 во град и 4,2 на отворено. Реално, потрошувачката во град изнесува 6,4 литри, односно 4,6 на отворено, што би рекло просек од 5,2 литри, што за бензинец е во најмала рака извонреден резултат. Доказ за економичноста на моторот е и победата на UK Marathon „трката“ за економичност, каде бензинскиот Yaris победи цела плејада дизелски мотори. Малиот мотор е познат и како евтин за одржување, па така, вкупно во првите три години, односно 90.000 поминати километри, за сервис ќе потрошите 790 евра.

Квалитет и доверливост
Како и секогаш, главен адут на Toyota е квалитетот. Јапонците ветуваат дека ова особено ќе биде изразено кај новиот Yaris, благодарение на новиот процес на дизајн и производство на деловите и целосниот производ (строгата контрола за квалитет на Toyota сега е присутна и кај добавувачите на делови), кој ќе придонесе моделот на Toyota да биде најдоверлив модел во класата, што во превод значи поевтино одржување и долговечност.

Повисокиот квалитет во однос на претходникот е изразен и во внатрешноста, каде е вградена многу поквалитетна пластика, а напредок има и во завршната обработка.

Безбедност
Чисти пет ѕвездички по новите тестирања на EuroNCAP и одлични резултати во сите категории и не се изненадување – Yaris во сите генерации беше еден од најбезбедните во класата. Безбедносната опрема во стартниот модел вклучува ABS+EBD+BAS, 4 воздушни перничиња и Isofix подготовка за детско седиште.



Заклучок

Нов дизајн, но и нова филозофија. Yaris не е веќе „моноволуменот“ во класата, туку на еден начин се претопува во толпата на автомобили од ниската класа. И натаму нуди најпространа внатрешност и најмали димензии (да, внатре е најголем, однадвор најмал), исклучително е подвижен и снаодлив во град (најмал круг на свртување) и е евтин за возење и одржување. Сепак, не треба да се очекува функционалност на нивото на претходникот, а и потврдото возење не донесе којзнае колкав бенефит кога е стабилноста во прашање. Во превод, би избрале помеко подесена суспензија, бидејќи и така и вака има една дузина модели во класата кои се подобри за возење.



И покрај тоа, Yaris е добро осмислен градски автомобил. И натаму е доволно компактен однадвор и троши малку, а не крати на комфорот. Овој пат, во него сепак подобро би се пронашле помладите, односно оние кои ја следат најновата технологија (читај екран на допир)... Уште да беше и цената за околу 10-тина проценти пониска, Јапонецот повторно ќе беше меѓу најдобрите три во класата...


Предности:
-    Исклучително пространа внатрешност
-    Компактни надворешни димензии и мал круг на свртување (одличен во град)
-    Скоро дизелски ниска потрошувачка на 1.0 бензинецот
-    Одлична ергономија
-    Лесно управување, извонреден менувач
-    Подобрен квалитет на материјалите во внатрешноста
-    Богата опрема
-    Висока гаранција и евтино одржување
-    Безбедност

Недостатоци:
-    Потврдо подесена суспензија – сега Yaris не е ниту највозлив, ниту најудобен во класата
-    Послаба функционалност во однос на претходникот
-    Основниот бензинец е летаргичен при повисоки брзини
-    Недоволно прецизно и директно управување (при повисоки брзини)
-    Висока цена


Toyota Yaris
 Цени и нивоа на опрема
 Дополнителна опрема (*. Pdf)
 Краток опис
 Фотогалерија
 Видео




Стари коментари
   
КОМЕНТАРИ - СТРАНА  1 од 1
 



Нашата редакција остро се противи на верски, расистички и национални коментари. Сите непристојни коментари ќе бидат отстранети.

Целосна архива на текстови од Тест



 
 
 
 






Одберете нов автомобил