Почетна страница Контакти Маркетинг Инфо
дома home avtomobili kola koli нови автомобили avtomobil kola koli половни avtomobil kola koli тестови avtomobil kola koli видеа avtomobil kola koli фотографии avtomobil kola koli форум avtomobil kola koli
  ПРОНАЈДИ НОВ АВТОМОБИЛ        НАЈНОВИ МОДЕЛИ        НАЈПОПУЛАРНИ       ТЕСТ       ПРЕМИЕРА        ВОЗЕВМЕ       СПОРЕДБИ       САЕМИ        ИДНИ МОДЕЛИ
Насловна > Новости > Тест > Тест – Citroen C4 1.6 HDI
 
Spodeli
17 ноември 2011, 18:40


Тест – Citroen C4 1.6 HDI Citroën C4 - нова гама Тест – Citroen C4 1.6 HDI
Ако бензинецот не импресионираше со лежерното возење, дизелската С4-ка тоа го прави уште подобро...
fotografii фотографии Види фотографии komentari коментари Напиши коментар

Благодарение на повисокиот вртежен момент, достапен на ниски вртежи, дизелот повлекува порано и овозможува уште помрзливо и полежерно возење. Во превод, стави на автопат во 6-та брзина и препушти се на глетката...

Дизајн

Во поглед на надворешниот дизајн, новиот C4 не сака да биде екстравагантен како својот претходник, едноставно, сега формата максимално е посветена на функцијата. Делува робусно, со забележително моќна и лута предна маска, но и со многу логично изведени страничен и заден дел – се во функција на поголема понуда на простор, прегледност и влез на светлина во кабината. Како кај Golf, на пример.

Многу значајно, C4 никако не потсетува на друг автомобил. Нема евтини дизајнерски трикови, па веројатно затоа има загарантирана безвременска убавина – автомобилот е убав како целина, тоа е она што е најбитно. Едноставно, се издвојува од толпата.



Вистинската иновација во поглед на дизајнот се забележува кога се анализира ентериерот, каде веднаш се забележува дека е напуштен принципот на централно поставена контролна конзола, па главните инструменти со поставени веднаш пред возачот, во една спортско - елегантна изведба, со изглед кој асоцира дека се работи за автомобил од повисока класа.

Она што новиот Citroen C4 со сигурност ќе му го донесе на секој свој сопственик е висок имиџ. Самиот ентериер кажува дека возачот сака да ги следи светските трендови и да биде во чекор со модата, нешто што го овозможуваат само премиум автомобилите... На новиот С4, веројатно повеќе би му одговарала и DS ознака, што не би можело да се каже за многу автомобили од неговата класа.

На пат

Перформанси
Иако бројките велат дека дизелот со 112 КС (0-100 km/h за 11,2 сек, 190 km/h max) има послаби перформанси од бензинецот со 120 КС (0-100 km/h за 10,8 сек, 193 km/h max), во пракса, согорувачот на нафта дава подобри перформанси. Ова се должи пред се на високиот вртежен момент од 270 Nm достапен при 1.750 врт/мин, благодарение на кој, автомобилот многу побрзо повлекува и има перформанси кои се секогаш достапни на првото стискање на педалата за гас.

Максималната моќност од 112 КС се развива при 3.600 врт/мин, што значи дека моторот не мора претерано да се цеди за да се постигнат високи брзински просеци. Сепак, нешто што забележавме во однос на конкурентските дизели, францускиот агрегат не ја развива брутално снагата, туку потегнува полинеарно. Ова делумно се должи и на подолгите преноси во менувачот, кои се заслужни пак за пониската потрошувачка.



Управливост/Удобност
Citroen со новата С4-ка се враќа на корените. Францускиот компакт е исклучително удобен автомобил, поудобен се чини и од некои автомобили од средната класа. Амортизацијата добро ги впива сите нерамнини на патот, па дури и поголемите дупки не одѕвонуваат многу во внатрешноста (што не е карактеристично за автомобил со мека суспензија). Удобноста е висока и на автопат – ситните нерамнини скоро да не се пренесуваат внатре, а големите неправилности на патот, С4 ги препливува како делфин... Едноставно, возењето во него е вистинско уживање! Дефинитивно одлично решение за нашите патишта преполни со дупки.

Удобноста кај С4 не одзема ниту на возните својства, па Французинот стабилно се држи на патот, иако малку повеќе се навалува во кривините. Единствен поголем недостаток се чини е недоволно прецизното и директно управување, кое е наменето пред се за лежерно возење, а ни менувачот не е најлесен и прецизен. Во споредба со бензинецот, дизелот покажува малку поголема подуправливост, што е сепак за очекување поради потешкиот нос. Сепак, тоа не е толку многу изразено за да претставува некој поголем проблем.

Рафинираност
Бензинецот го пофаливме како исклучително рафиниран и тивок, па истото донекаде важи за дизелот. Овој вториот малку повеќе се слуша при забрзување, но затоа е потивок на автопат, веројатно благодарение на 6-тиот степен во менувачот. Импресионира и недостатокот на звуци од надворешноста, како звук од ветерот или гумите.

Високата рафинираност, карактеристична пред се за премиум автомобилите, ја надополнува и недостатокот на вибрации од моторот и подвозјето, што остава впечаток на цврсто и солидно изработен автомобил – голем напредок во однос на претходната генерација.

Во кабината

Простор/Практичност
Простор не недостасуваше ни во претходната генерација, но кај овој модел, особено на задната клупа, пространоста е речиси како во средната класа. Багажникот, со 408 литри е меѓу рекордерите во класата и има правилен, правоаголен облик, што го олеснува распоредувањето на товарот. Висока оценка за понудениот простор во внатрешноста особено доаѓа до израз ако во обзир се земат помалите надворешни димензии на С4 во однос на повеќето модели во класата.



Сепак, и покрај големата функционалност, заклучок е дека нема премногу места за одлагање ситници во внатрешноста (има само два држачи за пијалаци, поставени на многу незгодно место –доколку ставите шише, истото пречи при менувањето на брзините), а и оние што ги има се со помали димензии, што доведува до заклучок дека практичноста не е како кај најдобрите во класата. Задните седишта, иако се склопуваат, не прават рамен под, а забелешка е и дека кај тестираниот модел, (иако солидно опремен), недостасува потпирач за раце на задната клупа, нешто што дополнително би ја зголемило удобноста.

Ергономија
Како никогаш досега во Citroen, зад управувачот на С4 чувството е како во некој кокпит. Средната конзола е благо свртена кон возачот, што го олеснува работењето со командите, кои се многу интуитивно изведени, со големи и читливи копчиња.

Интересно,  инженерите во Citroen се одлучиле голем дел од командите да ги вградат и на самиот управувач – толку копчиња на управувачот се чини имаат само уште F1 болидите. Ова бара подолго време за навикнување, но штом се научат командите, рацете речиси и да не се тргаат од воланот.

Високата ергономија ја надополнува и лесното наоѓање на идеалната позиција – управувачот и седиштето се подесуваат во сите правци. И прегледноста е одлична, иако, карактеристично за класата, задното стакло е многу мало и не овозможува добар видик назад.



Опрема
Од двозонска автоматска клима, преку целосно опремен аудио систем (USB+AUX) и целосна електрика, до сензори за дожд – тестираниот модел беше опремен како премиум модел. И основниот модел не треба да се срами – нуди мануелна клима, електрика на предни стакла, централно со далечинско, 8 воздушни перничиња, радио со CD+MP3 и 6 звучници...

Моделот кој го имавме на тест, со 1,6 литарски дизел со 112 КС и Seduction ниво на опременост вклучува: ABS + REF + AFU, предни воздушни перничиња за возач и совозач напред, странични воздушни перничиња, воздушни перничиња во вид на завеси напред и назад, светла за магла напред со странично осветлување, регулатор / ограничувач на брзина со меморирање, ESP, централно заклучување со далечинско управување, варијабилен серво управувач со висинско и длабинско подесување, автоматско придружно осветлување - follow me home, електрика на предни стакла со секвенцијално подигнување и заштита од штипнување, електрика на задни стакла со секвенцијално подигнување и заштита од штипнување, повеќефункционален борд компјутер, надворешни ретровизори со електрично подесување, возачко седиште со висинско подесување, совозачко седиште со висинско подесување, кожен волан, аудио систем CD RDS MP3 6 Hp со команди на волан и приклучок на централна конзола, рачки на вратите во боја на каросерија, ПAKET "Автоматска клима" - автоматски клима уред, сензор за дожд и светло, регулатор / ограничувач на брзина со меморирање, внатрешен полихрон...

Во највисокото ниво на опрема, C4 нуди и 220V приклучок, што за сите tech-зависници е како измислено – за крај на грижите за полна батерија на мобилен, лаптоп или фотоапарат.

Финансии

Трошоци за купување и одржување, потрошувачка
Моделот кој го имавме на тест, со 1,6 HDI дизелот со 112 КС и Seduction ниво на опременост, чини 17.790 евра, плус 390 евра за металик боја. Во моментов на истиот модел Citroen нуди попуст од 1.300 евра, што цената ја спушта на прифатливи 16.880 евра. Така, главната болка што ја имаше новата С4-ка во почетокот од продажбата е искоренета и сега цената е на нивото на конкурентите од класата.

Онаму каде брилира дизелскиот С4 е потрошувачката. Според фабричките податоци, просекот изнесува извонредни 4,6 литри на 100 km, односно 3,9 на отворено и 5,8 во град. На тестот, ние потрошивме 4,4 литри на отворено, односно 6,6 литри во град (околу 5,3 литри просек), што се извонредни бројки! По брзини, овој модел троши 4,2 литри при 90 km/h, 5,1 литри при 120 km/h, односно 6,2 литри при 140 km/h. Поради не многу повисоката цена во однос на бензинецот, дизелот се чини како многу поисплатливо решение на долгорочен план, особено што истиот нуди и подобри перформанси.

Оние кои поминуваат многу километри, особено во градски услови, добро е да размислат и за e-HDI моделот кој има вграден Stop&Start систем и систем за регенеративно кочење и троши околу литар помалку гориво во урбани услови (4,7 литри според фабричките податоци). e-HDI моделот, со истото ниво на опрема, чини 18.490 евра (+700 евра).



Квалитет, доверливост и повратна вредност
Од каде и да се погледне, новиот С4 зрачи со квалитет и оддава чувство на премиум автомобил. Внатрешноста е облечена во најквалитетните материјали, а обработката и вниманието на деталите се извонредни. Однатре, тешко е да се каже дека се работи за автомобил од компактната класа.

А, и според последните истражувања, Citroen има доста добри резултати во однос на доверливоста и задоволството на купувачите. Најавите од компанијата се дека доверливоста ќе биде уште понагласена кај новата С4-ка, особено заради целосно високиот квалитет на изработка.

Во поглед на загуба на вредност, во Македонија С4 не доживува голем пад на цените како на странските пазари, но факт е дека се уште не држи цена како јапонските конкуренти или VW на пример.

Безбедност
Чисти пет ѕвездички и високи резултати во скоро секој поединечен дел на тестирањето на EuroNCAP, јасно укажуваат дека Citroen е и натаму еден од лидерите кога е во прашање безбедноста.

Заклучок

Констатацијата дека нуди највисоки нивоа на удобност во класата останува и за дизел варијантата, но уживањето и лежерното возење тука е уште повеќе изразено. Можноста на моторот да потегне од пониски вртежи, бесшумноста на автопат и ултимативно, драстично пониската потрошувачка, го прават дизелот подобар избор од бензинскиот модел.

Секако, особено дизел моделот нема да успее да го крене адреналинот како што тоа го прави Mazda 3 на пример, но како крстосувач на С4 му нема рамен во класата. Дефинитивно, инженерите од Citroen отсекогаш знаеле што треба да направат за да се чувствувате одморени и после многу часа патување.

Ако размислуваме за кого најмногу одговара еден ваков удобен и смирувачки автомобил, првата помисла би била постарите возачи и секако семејствата, но... Без разлика на возраста, секој би посакал едно нежно галење и милување, нели? И, секако чувство дека секој ден има парламентарни избори, па дупки на патиштата има се помалку.

Предности:
•    Извонредно високо ниво на удобност
•    Премиум рафинираност
•    Пространа внатрешност и напред и назад
•    Супер квалитетна внатрешност
•    Високо ниво на ергономија
•    Робусен, динамичен дизајн
•    Голем, употреблив багажник (со оглед на класата)
•    Богати нивоа на опременост
•    Ниска потрошувачка (на HDI моторот)

Недостатоци:
•    Недоволно директно и прецизно управување
•    Функционалноста не е на нивото на најдобрите во класата (нема доволно отвори за ситници)
•    Тестираниот модел е без потпирач за рака на задните седишта
•    Отворите за пијалаци се поставени на незгодно место (евентуалното шише би пречело во менувањето на брзините)


Citroën C4 - нова гама
 Цени и нивоа на опрема
 Дополнителна опрема (*. Pdf)
 Краток опис
 Фотогалерија
 Видео




Стари коментари
   
КОМЕНТАРИ - СТРАНА  1 од 1
 



Нашата редакција остро се противи на верски, расистички и национални коментари. Сите непристојни коментари ќе бидат отстранети.

Целосна архива на текстови од Тест



 
 
 
 






Одберете нов автомобил