Почетна страница Контакти Маркетинг Инфо
дома home avtomobili kola koli нови автомобили avtomobil kola koli половни avtomobil kola koli тестови avtomobil kola koli видеа avtomobil kola koli фотографии avtomobil kola koli форум avtomobil kola koli
  ПРОНАЈДИ НОВ АВТОМОБИЛ        НАЈНОВИ МОДЕЛИ        НАЈПОПУЛАРНИ       ТЕСТ       ПРЕМИЕРА        ВОЗЕВМЕ       СПОРЕДБИ       САЕМИ        ИДНИ МОДЕЛИ
Насловна > Новости > Тест > Тест – Toyota Verso 1.8 Luna
 
Spodeli
25 октомври 2011, 09:01


Тест – Toyota Verso 1.8 Luna Toyota Verso Тест – Toyota Verso 1.8 Luna
Според статистиката, во Јапонија живеат преку 128 милиони луѓе и тоа на територија од само 377.944 km2, што ја прави една од најгусто населените земји во светот...
fotografii фотографии Види фотографии komentari коментари Напиши коментар

Затоа, веќе навикнавме во скоро секој јапонски автомобил што ќе го возиме да е извадено максимум од просторот, нешто во кое нема ни да се сомневаме за новото Verso, моделот кој ја наследува Corolla Verso во гамата на најголемиот производител од земјата на изгрејсонцето...

Но, уште при претставувањето на моделот во 2009 година, инженерите на Toyota, се пофалија дека покрај просторот и функционалноста, овој модел ќе понуди и добри возни својства. Се извинуваме, исклучително добри возни својства! Како за еден моноволумен се разбира. Згора на тоа, традиционалните квалитети за една Toyota, како на пример удобноста, се уште се тука...

Дизајн

Динамично, полетно и елегантно, без непотребна доза на агресивност. Новото Verso ги следи донекаде линиите на своите претходници, претворајќи ги во пофлуиден и помодерен дизајн, кои му даваат покомпактна целина. Особено добро делува линијата во долниот дел на каросеријата која позади нагло се дигнува нагоре и која јасно ја обележува кабината, нагласувајќи го искористениот простор.



Во целина, Toyota повторно направи автомобил кој нема да импресионира по улиците, но кој има сензибилен дизајн кој трае повеќе години и никогаш не станува досаден, а што е најважно, му се допаѓа скоро на секој. Тоа е старата школа на јапонскиот производител, која придонесува за високите продажни резултати и големото задоволство на купувачите и по долги години користење.

На пат

Перформанси
Тестираниот модел беше опремен со новиот 1.8 литарски атмосферски бензинец со Valvematic технологија за контролирано отворање на вентилите. Агрегатот развива солидни 147 КС при високи 6.400 врт/мин, односно 180 Nm при 4.000 врт/мин.

Карактеристично за атмосферски бензинец од јапонско потекло, силно се буди при високите вртежи и добро потегнува напред, иако недостасува посилно повлекување од пониските вртежи на кое навикнавме кај турбо моторите. Сепак, развивањето на силата е линеарно и моторот никогаш нагло не избувнува со сила, што е добар знак во поглед на безбедноста, па и удобноста.

Потенцијалот на моторот се чини е малку придушен со шест степениот менувач, кој има долги преносни односи кои не дозволуваат вртежите брзо да се качат во горниот реон, но ова е направено со цел пониска потрошувачка и ултимативно ниска бучава на автопат.

Според фабричките податоци, забрзувањето до стотка трае 10.4 секунди, додека максималната брзина изнесува 190 km/h, се чини сосема доволно за еден фамилијарен моноволумен.



Управливост/Удобност
Моноволумен што вози добро во кривините? Вакво нешто прв во класата внесе Ford со S-Max, но право изненадување е што Toyota го направи истото со Verso. Јапонскиот моноволумен исклучително неутрално, без многу навалување поминува низ кривините и пружа чувство на сигурност и безбедност, слично како кај некој компакт автомобил. Не му пречат ниту брзите промени на правецот, а во граничните случаи малку пролизгува преку предните тркала, за да го врати контролата на стабилноста. Управувањето не е најпрецизно и е премногу лесно на повисоки брзини, но треба да се има на ум дека зборуваме за семеен автомобил. Од друга страна, менувачот е многу прецизен и со кратки одови. Сумирано – Verso вози изненадувачки добро како за еден моноволумен.

А уште повеќе задоволува фактот што добрите динамички својства не се на сметка на удобноста. Verso е одличен сопатник на подолгите патувања, добро впивајќи ги и ситните и големите нерамнини.

Рафинираност
Модерниот бензинец во Verso е исклучително рафиниран, работи многу тивко и скоро без вибрации. Кабината останува тивка и на повисоки брзини, благодарение на добрата звучна изолација, а добро е изолиран и звукот од ветерот, нешто што неретко е болка на моноволумените, а веројатно е заслуга на нискиот отпор на воздухот од само 0.29 Cd.

Во кабината

Простор/Практичност
Благодарение на зголемените димензии во однос на претходникот, Verso е исклучително простран на предната и на задната клупа (долу има рамен под, веќе заштитен знак на Toyota), иако во третиот ред и натаму ќе можат да седат само мали деца. Рака на срце, скоро сите моноволумени од оваа класа имаат недоволно широка трета клупа.



Затоа, практичноста е на највисоко можно ниво – отвори за ситници има низ целата кабина, пред совозачот има две фиоки, има остава во подот на задната клупа (под нозете), патниците на задната клупа имаат и масичка со отвор за пијалак (како во автобусите), а отвори за пијалаци има дури и за патниците на третиот ред на седишта. Згора на тоа, задната клупа може да се лизга напред – назад и има наслон кој може да се навали (за дремнување на подолг пат), а со спуштањето на вториот и третиот ред на седишта се добива целосно рамен под...



И багажникот брои задоволителни 440 литри (до полицата), односно 699 литри (до покривот), кога пет седишта се во функција, иако е многу мал кога е дигнат третиот ред и брои само 155 литри. Доколку се спуштат задните два реда на седишта, пак, Verso може да собере извонредни 1.696 литри товар и да послужи како товарно возило, благодарение на рамниот под.

Ергономија
Возачот лесно ќе ја најде идеалната позиција, благодарение на можноста за подесување на седиштата и воланот во сите правци. Инструментите се поставени централно, но се високо издигнати и свртени кон возачот и интересно не бараат големо тргање на погледот од патот. За пофалба е и високата поставеност на менувачот, како и централната конзола со големи и читливи копчиња кои се близу на дофат на раката. И прегледноста не е лоша, со оглед на тоа што се работи за моноволумен, иако малку пречи малото задно стакло.



Опрема
На тест го имавме моделот Luna, кој доаѓа со целосна опрема за безбедноста, како и целосна електрика, автоматска двозонска клима и радио со CD+MP3+AUX (интересно, без приклучок за USB)… Сепак и покрај богатата опрема во внатрешноста, Luna не доаѓа со алуминиумски тркала, а ниту со темпомат (достапен само со највисокото ниво на опрема), кој и тоа како е потребен за вакво возило. Интересно, по разгледувањето на ценовниците на Toyota, воочивме дека и Avensis и Auris имаат темпомат само во поскапите модели... Оваа комоција многу од конкурентите ја нудат стандардно и во најниската класа, па навистина е нејасно зошто е изоставена кај Verso.

Финансии

Трошоци за купување и одржување, потрошувачка
Со цена од 23.490 евра за основниот модел со 1,6 литарскиот бензинец со 132 КС и ниво на опрема Terra, Verso е еден од најскапите модели во класата. Тестираниот модел, со повисокото ниво на опрема Luna и 1,8 бензинецот со 147 КС чини 25.490 евра (+500 евра за металик боја), што реално не е малку, особено ако се погледне цената на конкурентите во класата. Затоа, одржувањето, благодарение на квалитетот и доверливоста на Toyota, како и гаранцијата од 5 години или 160.000 километри, барем овозможуваат поевтино одржување.

Потрошувачката исто така е силна страна на 1,8 бензинецот, кој според фабричките податоци троши 6,9 литри во просек, односно 8,9 во град и 5,7 на отворено. И реалните резултати не се многу далеку, па во град потрошувачката изнесува од 9-9,5 литри, односно од 6-6,5 на отворено, што би рекло околу 7,5 литри во просек, што е солиден резултат за бензинец со 147 КС вграден во моноволумен. Ако гледаме по брзини, Verso троши 5,7 литри во просек при 90 km/h, 6,8 при 120 km/h, односно 7,8 литри при 140 km/h.



Квалитет и доверливост
За доверливоста на Toyota нема да кажуваме многу приказни – јапонскиот производител се уште е на врвот на испитувањата на запад. Високиот квалитет го доловува и врвната завршна обработка, иако пластиката во внатрешноста се уште не е мека на допир.

Безбедност
Чисти пет ѕвездички по новите тестирања на EuroNCAP и богата опрема за безбедноста, која вклучува 9 воздушни перничиња, ABS+EBD+BA, TRC+VSC (систем за стабилност), HAC (систем за помош при тргнување по нагорнина) и ISOFIX подготовка за детско седиште, гарантираат дека добро ќе биде заштитена целата фамилија.



Заклучок

Удобноста, пространата кабина и високата функционалност кај Verso се на највисоко ниво, но она што навистина го издвојува од конкурентите се врвните возни својства. Самиот спој на сите овие карактеристики, го прават јапонскиот моноволумен еден од најдобрите модели во класата, ако не и најдобар, но високата цена е голема пречка тој да биде и најисплатлив.

Имајќи го тоа на ум, би го препорачале на купувачите кои сакаат семеен сопатник од висок калибар, а немаат проблем со издвојувањето неколку илјади евра повеќе и кои ќе ги ценат пост продажните квалитети на една Toyota, како ниските трошоци за одржување, добрата цена при препродажба и високата гаранција.

Предности:
-    Супер пространа кабина
-    Високо ниво на практичност и функционалност
-    Удобно возење
-    Одлични возни својства
-    Високо ниво на механичка рафинираност
-    Тивка кабина
-    Добра ергономија
-    Ниска потрошувачка

Недостатоци:
-    Недоволно прецизно управување
-    Висока цена
-    Темпомат и алуминиумски тркала има само во највисокото ниво на опрема
-    Долгите преносни односи во менувачот ги расипуваат перформансите




Toyota Verso
 Цени и нивоа на опрема
 Дополнителна опрема (*. Pdf)
 Краток опис
 Фотогалерија
 Видео




Стари коментари
   
КОМЕНТАРИ - СТРАНА  1 од 1
 



Нашата редакција остро се противи на верски, расистички и национални коментари. Сите непристојни коментари ќе бидат отстранети.

Целосна архива на текстови од Тест



 
 
 
 






Одберете нов автомобил